Better FPL: најдобрата ФПЛ екстензија за Гугл Хром

Ако сте заразени со Фантази премиер лига, Better FPL е екстензија што едноставно мора да ја имате. За жал, достапна е само за корисници на Гугл Хром; за среќа, тоа е пребарувачот што го користат четири петтини од интернет корисниците, па веројатно и најголем дел од читателите на оваа статија. Малку е да се рече дека Better FPL ги решава оние ситни проблеми што веројатно сте ги имале досега при користење на официјалната страница на Fantasy – на моменти се чини дека решава и некои што воопшто и не сте знаеле дека ви се проблеми.

Откако ќе ја инсталирате (само клик тука и потоа „Add to Chrome“ во горниот десен агол), ќе ви се појави логото на Better FPL од десната страна на адрес-барот. Не грижете се ако е сиво: такво е секаде освен на официјалната страница на Фантази премиер лига каде, доколку е екстензијата правилно инсталирана, треба веднаш да се обои во жолто (тоа е единствената страница до која Better FPL има пристап):

Доколку сега се логирате со вашите податоци на официјалната страница, вашиот тим ќе изгледа видливо различно. Дел од промените би требало да ги забележите веднаш, а дел по малку чепкање. Ова се клучните четири на кои ќе се навикнете многу брзо и без кои потоа ќе ви изгледа страницата на Фантази премиер лига малку недоработена.

#1. Тежина на наредни пет натпревари

Највоочливата промена по инсталирањето на Better FPL е тоа што веднаш под секој играч во вашиот тим (и веднаш до играчите во страничната лента при правење на трансфери) – како што можете да видите на сликата погоре – ќе се појави низа од пет квадратчиња чија боја ја симболизира претпоставената тежина на наредните пет натпревари на соодветниот фудбалер (црвено – најтешко, зелено – најлесно).

Доколку, пак, го поставите покажувачот врз некое од квадратчињата, како коментар над него ќе се појави конкретниот натпревар, заедно со информација (во заграда) дали истиот, конкретниот играч го игра на домашен или на гостински терен.

Не мора да се посочува колку ова го олеснува правањето трансфери, особено во мигови кога немате време да истражувате подлабоко или за време на двојните и празни кола при крајот на сезоната.

#2. Трансфери и менување на капитен

Втората работа што ја овозможува Better FPL е брзо и лесно менување на вашиот капитен и заменик-капитен – особено погодно во дванаесет-и-дваесет-и-девет случаи кога немате време да го чекате поп-ап прозорецот што вообичаено се јавува и што додава еден чекор во процесот:

Откако ќе го инсталирате Better FPL, горниот прозорец нема да го видите никогаш повеќе. Наместо тоа, при донесувањето на покажувачот врз кој и да е од играчите во вашиот тим, Better FPL автоматски ќе ви ги прикаже во горниот десен агол на соодветниот играч иконите C и V. Можете само да притиснете на нив и играчот веднаш потоа ќе стане ваш капитен или заменик капитен, без притоа да треба да ја потврдите уште еднаш одлуката.

Кога сме веќе кај ова, Better FPL го елиминира и често здодевниот дијалог за потврда при правење трансфер. Годинава, би требало истиот да се појавува поретко и на официјалната страница, но, независно: искуството со Better FPL пак ни изгледа поглатко и понеоптоварено.

#3. Мини-лигата како што треба да изгледа

Единствените податоци што се достапни кога сакате да ја проверите состојбата во вашата мини-лига се подредена табела и вкупниот број на бодови до секој од играчите. На пример:

Со Better FPL, истата страница ќе ви се прикаже вака:

Како што можете да видите и од овие две постари фотографии (бидејќи не е почната уште Фантази сезоната, сè уште не можеме да ви покажеме како ќе изгледа оваа сезона), со Better FPL, табелата на вашата мини-лига е многу поинформативна и поупотреблива, бидејќи содржи податоци од секаков вид: од вредност на тимот до пари во банка, од трансфери за колото до нивната цена, од избрани капитени па до одиграни чипови. Имајќи предвид колку слободен простор има официјалната табела, навистина е чудно зошто Фантази премиер лига сè уште го нема интегрирано овој дел од Better FPL и на својата официјална страница.

#4. Проширен преглед и преглед на стари сезони

Последниот бенефит од Better FPL е повеќе за Фантази фанатиците и Пеп-стил менаџерите: многу попроширен и подобро структуриран информативен прозорец за секој од играчите:

Не само што веќе нема да има потреба да скролате постојано и горе-долу и лево-десно, туку по инсталирањето на оваа екстензија, ќе можете да видите детален коло-по-коло преглед на секоја сезона што еден играч ја одиграл во Премиер лигата. На официјалната страница од Фантази ова е возможно само за конкретната сезона, а за другите има само компактен преглед:

Со Better FPL ќе можете да видите и многу други статистики што ги нема на официјалната страница, независно дали се работи за тековната или за некоја постара сезона:

Најдоброто од сè е што, за разлика од многу други екстензии, Better FPL е континуирано надградувана (последниот апдејт е направен пред само неколку дена), така што секогаш ќе ги имате најактуелните и најточни информации. Па, направете си услуга и инсталирајте ја веднаш. Во најлош случај, ако не ви се допаѓа, можете да ја деактивирате. Ама, верувајте ни, ако сте посветен ФПЛ менаџер, веќе никогаш нема.