ФПЛ се враќа… Исто и ФПЛ.мк

Одамна нè нема. Ама па одамна и немаше премиерлигашки фудбал. А сега – е, сега нè очекува фудбалски месец каков што сме немале ниту во најдобрите декемвриско-јануарски денови: почнувајќи од утре па до 26-ти јули (кога треба да заврши сезоната), само шест дена нема да гледаме премиерлигашки фудбал. Па, дури и тие денови може да бидат исполнети со по некој натпревар од ФА купот. Со други зборови, ако се смилува коронавирусот, паузирајте животите уште малку: Премиер лига се враќа на голема врата.

Ваквиот распоред – во комбинација со петте дозволени замени – и тоа како ја отежнува задачата на ФПЛ менаџерите. Кој ќе игра и по колку минути? Ќе им даде ли шанса Клоп на младинците откако Ливерпул и математички ќе ја осигура титулата или ќе им дозволи на Салах и Мане да ја бркаат златната копачка, пробувајќи да го сруши рекордот на Сити? Кога сме веќе кај нив; Пеп беше непредвидлив и вака. Што сега со опоравен Сане, густ распоред и пет дозволени измени? Може ли да се случи двојното коло да биде вистински двојно само за Де Брујне – и речиси никој друг? Што, пак, со Тотенхем и Јунајтед – конечно целосни? Кејн и Сон сигурно ќе му дадат ветер во едра на Мурињо, ама дали опоравувањето на Погба ќе влијае на ФПЛ потенцијалот на Бруно Фернандеш? Ќе играат ли Гринвуд и Нкетија повеќе или помалку сега кога Рашфорд и Лаказет се целосно спремни? Што, пак, со бековите од Топ 6? Ако некој одмора, тоа сигурно ќе се баш најагресивните; за жал, тие се и оние со најголем ФПЛ потенцијал?

https://e0.365dm.com/20/05/1600x900/skysports-premier-league-return_5000805.jpg

Нема ни да ја спомнуваме битката за опстанок или интересот на тимовите од средината на табелата да се вложуваат на стадиони без публика непосредно пред почеток на трансфер-период и нова сезона. Ниту пак некои поспецифични проблеми од типот на како да се води сметка за промени на цените кога колата траат по четири-пет дена и веднаш се слеваат во нови; или, битно уште сега, како да се изиграат останатите џокери? Некои профитираа од новодадената вајлд-карта; други, пак, кои ги спремаа неколку кола наназад тимовите за празното 31-во коло беа, многу веројатно, драстично оштетени. ФПЛ не беше милостива ниту кон оние што правеа трансфери за време на карантинот – сето тоа им падна во вода сега.

А некако и нашите планови за до крајот на сезоната ни се пореметија. Поради густината на распоредот и безмилосното темпо, нема да бидеме веќе во можност да објавуваме по пет-шест статии по коло. Којзнае колку ќе можеме и да си ги средуваме нашите тимови – а камоли да даваме добри совети за туѓи. Ама, не ве оставаме на цедило. Само малку ќе ја смениме тактиката. Имено, наместо да пишуваме повеќе статии, ќе се фокусираме само на најавите на колото – кои, некако и беа најчитаните од вас. И наместо да мачиме други луѓе – којзнае колку и би се сложиле да склопат нешто набрзина од денес за утре? – сите најави до крај на сезоната ќе ги правиме ние, уредниците на ФПЛ.мк. Но, малку ќе ги видоизмениме – за да бидат поинформативни, во нив ќе вметнуваме не само наши типови-резултати, туку и привлечни ФПЛ опции и информации што не смее да не се земат предвид. Веќе ја имате првата на увид овде. Во меѓувреме, ќе споделуваме со вас и некоја информација плус на Фејсбук – тим на колото, анкета, состојба на табелата во ФПЛ.мк лигата и сè што може да ни се види интересно и услужно.

Па, следете нè! Ако во нешто сме сигурни, ние и натаму посветено ќе следиме Премиер лига и исто толку посветено ќе играме Фантази. Бидејќи веќе се знаеме и истото го очекуваме од вас – не се сомневаме дека и ќе си помогнеме уште понекој пат. Со среќа! Погодувајте капитени, мудро тактизирајте со џокерите и освојувајте ги вашите мини-лиги – освен оние што сте во нашите, секако.

https://resources.premierleague.com/photos/2020/06/08/8e506927-5b6c-43d5-b2ee-99506a5d30db/FantasyLaunch-EditorialLead-Graphic1-002-.png?width=930&height=620