ФПЛ.мк најава за 34+ коло

Само дваесетина часа по крајот на 33+ коло ни доаѓа 34+ – и тоа со еден клучен „европски“ натпревар (Арсенал-Лестер) и неколку убави ФПЛ деликатеси: Сити го пречекува Њукасл, а Ливерпул, Тотенхем и Јунајтед одат на гости кај Брајтон, Борнмут и Астон Вила. Кога би било стандардно коло и би имало неколкудневна пауза, единствената потешкотија би била на чија рака да се стави капитенската трака; вака, има и една побазична: колку играчи од тимовите воопшто и ќе ни стартуваат? Ќе одмора ли нови тројца Клоп колово и ако да – кои? Кој ќе изротира сега во рулетот на Пеп? Може ли Оле да игра со истите единаесетмина сиве осум кола? Тешко дека некој освен тројцата менаџери ги знае одговорите на овие прашања. Пред да преминеме на нашите претпоставки, ние ќе додадеме уште едно што, најискрено, длабоко нè мачи: како успеале Ворд-Праус и Деклан Рајс да ги издржат сите 2970 минути сезонава и зошто, побогу, баш тие двајца ФПЛ не-ентитети се единствените недефанзивци со оваа статистика? Сè би било поинаку и полесно за планирање да беше таков случајот со Салах, Мане, ТАА, Де Брујне, Фоден, Марсијал, Рашфорд, Бруно, Гринвуд… 

вторник, 7 јули 2020, 19:00h

Кристал Палас
0 2 Челзи
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Вилијан
Пулишиќ
Аспиликуета
Најава

Изгледаше дека Кристал Палас почна одлично по победата со Борнмут, ама не било до нив, туку до нивните противници. Вистината е дека Палас нема за што да игра, па не треба никого да го чуди што, по рекордните 4 победи со клиншит, примија 8 гола во последниве 3 натпревари без да дадат ниеден. Тешко дека ќе ја поправат статистиката со Сините од Лондон – колку и да е нивната одбрана пропустлива. Речиси и да нема интерес кај Орлите. Челзи, пак, се бори за излез во Европа и тешко дека ќе дозволи да изгуби бодови на гостувањето на Селхуст парк.

Додатни ФПЛ белешки

Вилијан имаше 5 гола во првите 29 кола од сезонава – а веќе даде 4 по рестартов. Ама внимателно: сите голови на Бразилецот му се од прекини, а статистиката на Пулишиќ е далеку подобра. Веројатно ќе се израмни во текот на наредниве кола, но во моментов двајцата изгледаат како најдобри опции; а и не изгледа дека им треба одмор. Истото важи и за Аспиликуета кој е најсигурниот влез во одбраната на Челзи; а како што видовме против Вотфорд – Шпанецот е способен да собира поени и на другата страна. Има и неколку други добри опции кај Челзи – но овие три, во моментов, се најнеризичните.

вторник, 7 јули 2020, 19:00h

Вотфорд
1 0 Норич
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
/
Најава

Натпревар за 6 бода. Ако Вотфорд победи, ќе може многу да се опушти до крајот; Норич, и со победа, веројатно пак ќе биде на 4 бода од опстанок. Ама за таа да дојде требаат Канаринците да почнат да даваат голови – што никако да се случи. Пуки го изгуби магичниот допир од почетокот на сезоната, а како тој да беше единствениот напаѓач на Норич. Поради огромниот влог, ова ќе биде тврд натпревар што веројатно ќе биде одлучен од еден гол. Барем врз основа на моментните показатели – тој би требало да заврши во мрежата на Тим Крул

Додатни ФПЛ белешки

Натпревар од огромно значење во борбата за опстанок, но практично од никакво во ФПЛ рамки. Ако го имате Кико Фемениа како петти дефанзивец – еве ви можност да го стартувате. Подалеку од другите.

вторник, 7 јули 2020, 21:15h

Арсенал
1 1 Лестер
ФПЛ опции
Обамејанг
Сака
ФПЛ опции
Варди
Барнс
Најава

Пазете го сега овој податок: само Ливерпул има освоено повеќе поени од Арсенал во премиерлигашката 2020 (31 vs. 25). Само Манчестер Јунајтед (24/10) и Манчестер Сити (27/11), пак, имаат дадено повеќе и примено помалку голови од Арсенал (23/11). Со ваква статистика, многу почудно од гостинската победа кај Вулвси колово треба да ни изгледа оној убедлив пораз на Арсенал од Сити веднаш по рестартот. Наспроти неа, изгледа по малку чудно и нашиот предлог-резултат. Причината е еден човек: Џејми Варди. Англичанецот го остави гол-постот зад себе викендов и влезе во клубот 100 против Палас – токму пред натпревар против својот омилен противник. Има 9 гола на 9 натпревари против Топџиите – 3 на четирите гостински. Арсенал на Артета е многу подобар од Арсенал на Емери – ама веројатно и не е толку добар како Лестер на Брендан Роџерс. Да се играше овој натпревар минатото коло, поради лошата форма на Лисиците, ќе прогнозиравме победа на домаќините; вака, одиме со реми – иако блага предност им даваме на гостите.

Додатни ФПЛ белешки

Варди толку редовно им дава гол на Арсенал што навистина почудно би било да не даде отколку да даде гол утре. Во отсуство на Медисон, Барнс стана негов најдобар проигрувач. Кај Арсенал, Сака полека се гради во одличен, одличен играч: голот против Вулвси беше навистина ремек-дело на одмереност и чувство за фудбал. Обамејанг го има второво на тони – ама игра топло-ладно. Но можеби после релативно тивкиот натпревар со Волците, против Лестер ќе се покаже во најдобро светло. Норич си знае најдобро.

среда, 8 јули 2020, 19:00h

Манчестер Сити
2 0 Њукасл
ФПЛ опции
Де Брујне
Фоден
Менди
ФПЛ опции
/
Најава

Не може да се предвиди ниту со кого ќе стартува Пеп во среда, ниту кого ќе го извади во 59-та минута, ниту, пак, дали ќе ги остави своите најдобри играчи до 90-та и покрај водство од 5:0. Ама може со сигурност да се предвиди – ова, всушност, и не е предивдување – дека поседот на топка на Сити-Њукасл ќе биде ист како принципот Парето: 80/20. Но, така некако беше и со Саутемптон, па Сити не даде гол – дури и големите шанси беа навистина ретки. И Њукасл нема некоја голема мотивација за остатокот од сезоната, ама – како што рече Стив Брус – имаат желба за надигрување во новиот, опуштен систем. Со други зборови, нив отсуството на мотивација конечно ги натера да играаат. Кога имаат мотивација, Сити може да ги победи и Ливерпул 4:0; ама кога немаат – може да изгубаат и од Саутемптон 1:0. Двете нешта се случија во минативе 4 дена. Па, сепак, би било чудо да примат гол од Њукасл – а и да не дадат 2-3.

Додатни ФПЛ белешки

Де Брујне и Фоден играа само триесетина минути против Саутемптон, па тешко дека нема да стартуваат со Њукасл. И Махрез би требало да почне уште еднаш – ама Стерлинг веројатно ќе одмори. Кај Пеп и одбраната непредвидено ротира, ама очекуваме Менди да почне против Њукасл, да извлече клиншит, да не направи грешка – па и да асистира еден погодок.

среда, 8 јули 2020, 19:00h

Шефилд Јунајтед
1 2 Вулвс
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Хименез
Доерти
Најава

Шефилд Јунајтед теоретски сè уште се во игра за Европа Лига, ама фактички, откако ги помина Арсенал, веќе малку кој верува дека ќе се изборат за место; аналогно, Вулвси сè уште се во игра за Лига на шампиони, ама фактички поразот со Арсенал ги врати неколку чекори наназад. До пред него беа единствениот тим со 3 победи по рестартот (и со 3 клиншита), ама со Арсенал беа неутрализирани на секое поле и на секаков начин. Во подобрите денови, Шефилд веројатно ќе можеше да направи нешто слично, ама по рестартот Сечилата само еднаш ја зачуваа нечепната својата мрежа – и тоа со Астон Вила. На останатите 4 натпревари, примија 8 гола (3 од Њукасл!) Ќе примат уште два во среда – а тешко да дадат повеќе од еден.

Додатни ФПЛ белешки

Хименез има одиграно најмногу минути од сите напаѓачи во Премиер сезонава, па може да го сметаме за отпорен на ротација. Сосема спротивното важи за Адама Траоре кој, многу веројатно, со Шефилд ќе влезе во 60-та минута: изгледа многу поопасен тогаш отколку кога почнува од прва минута. Жота би требало да го заземе неговото место, а статистичките показатели велат дека некоја комбинација меѓу него и Хименез е веќе неизбежна. Доерти би можел и да одмори – ама излезе порано против Арсенал, па тоа е добар знак за оние ФПЛ менаџери што го имаат во своите тимови.

среда, 8 јули 2020, 19:00h

Вест Хем
1 1 Барнли
ФПЛ опции
Антонио
Соучек
ФПЛ опции
Поуп
Ми
Тарковски
Најава

Можеби на мускули, но Барнли и натаму си извлекува ремија со малку голови против кого и да сака – и напаѓачи изгледа не му се потребни за да го постигне ова. Вест Хем, пак, конечно почна да заличува на нешто: постигна 5 гола во последниве 2 натпревари. По 2 од нив се на Соучек и Антонио – а Бауен оствари 3 асистенции. Против Барнли на хартија треба да им биде потешко да дадат голови отколку против Челзи и Њукасл, но во составите во кои почнаа да излегуваат, Чеканите како да се поспремни за цврста игра. Мојс изгледа сфати дека креативците се немотивирани и се неутрализираат едни со други, па им дава сега редовно предност на технички помалку изверзираните, но физички поподготвените играчи. Барнли секогаш игра така, па не веруваме дека ќе има многу убавина на оовј натпревар: реми со малку голови.

Додатни ФПЛ белешки

Поуп е во битка за златната нараквица, па инвестирање во него или во одбраната на Барнли (Ми, Тарковски, Тејлор) не е лош чекор. Но, Антонио и Соучек се во добра форма и ќе им биде тешко на Кларетсите да извлежат клиншит со Вест Хем.

среда, 8 јули 2020, 21:15h

Брајтон
0 2 Ливерпул
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Ван Дајк
Салах
ТАА
Најава

До пред крајот на првото полувреме со Астон Вила, Ливерпул имаше точно 0 шутови кон противничкиот гол. Не во рамки на голот – туку сумарно. Не треба да си голем познавач на фудбалот за да знаеш дека такво нешто е возможно само ако Ливерпул одлучи да не се замара. Па, и така, новокрунисаните шампиони извојуваа победа против фенерџиите. Сега играат против уште една екипа што до неодамна им правеше друштво. Брајтон нема многу што да бара против нормален Ливерпул, ама овој изгледа млитаво и незаинтересирано веќе два натпревари со ред. И така би требало да победи против тимот на Потер – но, барем во овој момент, некако ни изгледа тешко да очекуваме дебакли од Ливерпул. А Брајтон и онака не се екипа што лесно прима многу голови (она со Јунајтед беше аномалија).

Додатни ФПЛ белешки

Дури и немотивиран Ливерпул е еден од најтешките противници што може да се имаат. Оттука, прескокнете ги Брајтоновците за колово – но, ако ви треба петти дефанзивец од 4,0 за да овозможите друг трансфер, не го превидувајте Тарик Ламти. Фирмино одмори; дали им доаѓа ред на Салах и Мане? Реално, Ливерпул играше како Ливерпул со Вила само во својот класичен состав, последните 20 минути. Ќе почне ли со него Клоп? Зашто исто така, реално, не изгледаше ова како некој заморен натпревар за да треба да останат на клупа Египќанецот и Сенегалецот во среда – или, пак, ТАА и Робертсон. Ван Дајк сигурно ќе стартува – и сега, а и на сите натпревари до крај.

четврток, 9 јули 2020, 19:00h

Борнмут
1 3 Тотенхем
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Орије
Најава

До крајот на сезоната, Борнмут има само еден полесен противник: Саутемптон во претпоследното коло. Другите се Тотенхем, Лестер, Манчестер Сити и Евертон – по тој редослед. И да беа екипите од долниот дел од табелата, ќе беше тешко да се очекува Борнмут да извлече макар и бод од натпреварите со нив; вака, сè освен Чемпионшип наредна сезона ќе биде рамно на подвиг. Аналогно, подвиг ќе биде и доколку Тотенхем се избори за Лига на шампиони – ама изгледа дека Спарси веруваат во таа можност и помалку отколку Црешите во можноста да бидат прволигаши и шеста сезона со ред. Иако домаќините треба да имаат многу повеќе мотивација да победат со Тотенхем отколку обратното – и иако Тотенхем не игра ништо особено – ретко кој се сомнева во убедлива победа на гостите; ете, толку се лоши Борнмут.

Додатни ФПЛ белешки

Сон изгледа далеку пожив од Кејн – со Евертон вториов речиси и да не се виде – но Англичанецот изгледа како подобра ФПЛ опција кога играат двајцата заедно. Орије е толку често на противничката половина што при секој клиншит би можел да донесе и бонус поени – а со Борнмут Тотенхем треба да има поголема шанса да не прими гол отколку со Евертон. Кај Црешите се враќа, по суспензијата од два меча, Калум Вилсон – ама ни тој не е веќе привлечна ФПЛ опција.

четврток, 9 јули 2020, 19:00h

Евертон
2 1 Саутемптон
ФПЛ опции
Калверт-Луин
Ричарлисон
ФПЛ опции
Ингс
Најава

Евертон игра релативно добро по рестартот, но можеби уморот ги стигна против Тотенхем: одвај три млитави шута на гол и практично ниедна вистинска шанса за израмнување. Саутемптон, пак, игра уште подобро и по рестартот има три победи и само еден пораз од Арсенал; минатово коло Светците успеаја, наспроти сите очекувања, да ги испратат Граѓаните на Пеп дома без ниту еден бод. Згора на сето тоа, и Че Адамс конечно се запиша во листата на стрелците – и тоа со каков гол! Иако Евертон под Анчелоти игра одлична одбрана, веројатно ќе прими гол од Саутемптон, но би требало да поседува доволно квалитет и искуство за да надомести со два. Победа – ама многу тешка – за Карамелите од Ливерпул.

Додатни ФПЛ белешки

Калверт-Луин е незаменлив во тимот на Анчелоти и изгледа е отпорен на ротација; Ричарлисон би можел да ротира само поради умор – но не изгледаше уморен против Тотенхем. Саутемптон, изненадувачки, имаат во својата единаесетка играч што се бори за златната копачка: Дени Ингс. Толку е клиничен Англичанецот што нема да му треба повеќе од полушанса за да се запише во листата на стрелците. Сезонава, за него изгледа не е битен ниту противникот, ниту формата на неговиот тим.

четврток, 9 јули 2020, 21:15h

Астон Вила
0 3 Манчестер Јунајтед
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Бруно Фернандеш
Марсијал
Рашфорд
Гринвуд
Ван-Бисака
Најава

Што да се каже за Манчестер Јунајтед? 12 гола на 4 натпревари по рестартот – и уште многу шанси за да го поправат контото! Згора на сето тоа, головите како рамномерно да се распределуваат меѓу сите нивни напаѓачки опции. Да можеше да се има четири играчи од Јунајтед на ФПЛ – веројатно сите ќе имавме четири во моментов. Па, и пет – зашто исто така никој нема примено помалку голови од Црвените Ѓаволи во 2020-та (10). Астон Вила ќе има многу проблеми во четврток навечер да се спасува од дебакл – за нешто повеќе, во моментов тешко е и да се дискутира.

Додатни ФПЛ белешки

Кого и да немате од Марсијал, Бруно Фернандеш и Рашфорд е опасно во моментов. За да биде уште пострашно, Гринвуд изгледа не смееме да го гледаме како попатен, трет ФПЛ напаѓач – колку повеќе игра, толку повеќе изгледа дека разликата меѓу него и другиве тројца е само во цената; потенцијалот е ист. Арон Ван-Бисака е сè почест гостин на противничките половини и дава сè подобри и подобри пасови, па може да очекувате и асистенција. Клиншитот е речиси загарантиран: Астон Вила не можеше да му даде гол на заспан Ливерпул, па како ли би му дала на разјарениов Јунајтед?