ФПЛ.мк најава за 33+ коло

Во забрзаниот распоред, следува едно класично премиерлигашко коло, кое ќе се игра за време на викендот, и ќе биде затворено со понеделничка вечерна средба. Секако дека ќе уживаме сите, но се чини најмногу навивачите на Ливерпул, кои за прв пат во историјата на Премиер лигата ќе стапнат на својот Енфилд како шампиони. Секоја чест, уште еднаш им честитаме.
Црвените си го направија своето за сезонава, но ФПЛ менаџерите до самиот крај ќе водат тешки битки со ривалите во своите лиги, особено отежнати со збиениот распоред, почестите повреди, непредвидливите ротации… Но тоа е убавината во оваа игра. А на вас, доколку ви треба некоја насока за претстојното коло, прочитајте ја нашата најава:

сабота, 04 јули 2020, 13:30h

Норич 1 1 Брајтон
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
/
Најава

Се чинеше дека Брајтон се обезбеди за прволигашки статус и догодина, особено по победата над Арсенал, и ремито кај Лестер, но тогаш следуваше треснување од земја, од залетаниот Манчестер Јунајтед. Пораз од 0:3, што можеше да биде и многу поголем. Затоа Галебите сега ќе бараат бодови против отпишаниот Норич. Канаринците пак, откако им пропадна шансата за изненадување во ФА купот (пораз исто од Манчестер Јунајтед), сега ќе настојуваат што покоректно и подостоинствено да ја привршат сезоната. Очекуваме реми.

Додатни ФПЛ белешки

Реално и искрено, ниту една опција од обата тима не е примамлива за нашиот, а се надеваме и за вашиот фпл состав. Единствено можеби еден одбранбен од Брајтон, со надеж дека момците на Потер, како и во Лестер, нема да примат погодок.

сабота, 04 јули 2020, 16:00h

Лестер 1 0 Кристал Палас
ФПЛ опции
Варди
Барнс
Сојунчу
Џастин
ФПЛ опции
Ван Анхолт
Најава

По рестартот на сезона, и двете екипи немаат забележано победа. Лестер забележа две нерешени и еден пораз, а пак Палас по првичната победа, доживеа два порази. Ок, едниот од Ливерпул на Енфилд, но особено болен беше вториот, дома од Барнли, поготово што Палас беше подобар противник и имаше повеќе од играта. Но шансите на лондончани за европска есен се сѐ помали, а Лестер мора да победи доколку сака да игра Лига на шампиони догодина.

Додатни ФПЛ белешки

Очекуваме тврд натпревар без многу голови, поконкретно очекуваме Лестер минимално да добие, со клиншит. Затоа константниот сезонава Сојунчу, и секако коректната замена за Переира – Џастин. И, секако, време е Варди повторно да погоди. Искусниот напаѓач беше невидлив против Брајтон, а сега од стартот ќе го има на помош и Медисон, но и најдобариот асистент кај Лисиците – Барнс, кои очекуваме да бидат главна врска помеѓу средината и нападот на Роџерс.

сабота, 04 јули 2020, 16:00h

Манчестер Јунајтед 3 0 Борнмут
ФПЛ опции
Рашфорд
Марсијал
Бруно
Ван Бисака
Де Хеа
ФПЛ опции
/
Најава

Манчестер Јунајтед е во серија од 15 натпревари без пораз (11 победи и 4 нерешени). По рестартот на сезоната и ремито со Тотенхем, момците на Оле им дадоа по 3 парчиња на Шефилд Јунајтед и на Брајтон, а слично би требало да помине и Борнмут. Тие грчевито се борат за опстанок, но Јунајтед лета на крилата на Бруно, па на Олд Трафорд не очекуваме ништо друго освен сигурна и висока победа на домашните.

Додатни ФПЛ белешки

Едноставно, во моментов морате да имате барем двајца играчи од Јунајтед во своите тимови. Барем двајца од триото БруноРашфордМарсијал, ако не и сите тројца. Сите тројца се потенцијални капитени ова коло. Или во поинаква варијанта, двајца од ова трио, и еден одбранбен играч (најдобро Ван Бисака) или можеби голманот Де Хеа. Црвените ѓаволи имаат одличен распоредот до крајот на сезоната.

сабота, 04 јули 2020, 18:30h

Вулвс 1 1 Арсенал
ФПЛ опции
Хименез
ФПЛ опции
Обамејанг
Пепе
Мартинез
Најава

Еден од најинтересните натпревари викендов, од аспект на борба за европските позиции догодина. Вулвси газат, со 3 од 3 во продолжението на сезоната, додека пак Топџиите врзаа две првенствени победи, и поминаа во 1/2 финалето на ФА купот. Со овој дуел, гостите влегуваат во серија од четири тешки натпревари, со екипи пред нив на табелата, па доколку момците на Артета се надеваат на европска есен, мора да собираат бодови од овие средби. Но Вулвси тешко губат, уште потешко дома, па така очекуваме тврд натпревар, без победник.

Додатни ФПЛ белешки

Би напишале „Хименез против Обамејанг“, и нема да згрешиме, но се чини дека клучни за оваа средба ќе бидат средините на двата тима, задржувањето и дистрибуцијата на топка. Одбраната е сепак посилна страна на домашните, но во моментов Мартинез е најпримамлив голман, со оглед на цената и двата врзани клиншита во серија.

сабота, 04 јули 2020, 21:00h

Челзи 2 0 Вотфорд
ФПЛ опции
Вилијан
Пулишиќ
ФПЛ опции
/
Најава

По двете победи на стартот, особено голема онаа со Сити, кога и официјално го промовираа Ливерпул во нов шампион, сините на Лампард беа совладани во западен Лондон, од Вест Хем. Сега играат повторно со екипа која се наоѓа на самата црта, а Вотфорд не знае за победа овие три кола. Тешко дека жолто-црните ќе се надеваат на бодови на Стенфорд Бриџ, особено што Челзи е во потера по местото на Лестер.

Додатни ФПЛ белешки

Со двата гола против Вест Хем, Вилијан го израмни својот најдобар голгетерски учинок во една премиерлигашка сезона, кој изнесува 8 гола. Веруваме дека вакви натпревари се погодни за истиот да го подобри. По рестартот, во феноменална форма игра Пулишиќ, кој забелажа два гола и исто толку асистенции во овие три кола. Што се однесува до играчите на Вотфорд, скокнете ги ова коло, но ќе може да ги размислите за следните три.

недела, 05 јули 2020, 13:00h

Барнли 0 0 Шефилд Јунајтед
ФПЛ опции
Поуп
Тејлор
ФПЛ опции
Xендерсон
Најава

Барнли е на два бода од својот противник, на табелата. Две врзани победи за Дајш, додека пак два порази за Вајдер, кој ги залечи раните со големата победа над Мурињо. Згора на тоа, Сечилата испаднаа и од ФА купот, од Арсенал, по шокантниот погодок на Себаљос при крајот на 90-те минути. Реми, помалку или повеќе би им одговарало и на двете екипи, а и двајцата менаџери ги краси добрата дефанзивна тактика, така да реми без голови е можеби најочекувано од ова средба.

Додатни ФПЛ белешки

Можете да инвестирате во Поуп кој сѐ уште е најкорисен голман, или во добра евтина дефанзивна опција – Тејлор. Шефилд има проблеми во одбраната, па во отуство на Ландстрам, можеби Хендерсон е најсигурна опција.

недела, 05 јули 2020, 15:15h

Њукасл 1 1 Вест Хем
ФПЛ опции
Сен-Максиман
Гејл
Ласелс
ФПЛ опции
Антонио
Боуен
Најава

На Њукасл му се погоди распоредот по паузата, па нанижа 7 бода во три средби. Во претходното коло го декласираше Борнмут на гости, и можеби му го трасираше патот кон Чемпионшип. Вест Хем пак одигра градска дерби пресметка со Челзи, во која можеби неочекувано ги собра сите 3 бода. Со тоа Чеканите избегаа на 3 бода од опасната зона, но до крајот секој бод ќе биде и тоа како драгоцен. Особено осоколени по една дерби победа.

Додатни ФПЛ белешки

Сен-Максиман е најопасен играч во домашната екипа, и можеби најконстантен сезонава. Гол и три асистенции во овие три кола. Со два врзани гола можете да размислите и за Гејл, но кај него се проблем минутите поминати на теренот, и опасноста од ротација со Џоелинтон. На другата страна, некако по дефиниција очекуваме најопасен да биде Антонио (гол и асистенција со Челзи), но и Боуен кој е еден од најзабележителните во офанзивните акции на Чеканите.

недела, 05 јули 2020, 17:30h

Ливерпул 3 0 Астон Вила
ФПЛ опции
Салах
Мане
ТАА
ФПЛ опции
/
Најава

Новиот Англиски првак доби шампионски шпалир, но и четири парчиња на Итихад. Се чини во опуштено издание, но останува фактот дека Клоп излезе со прва постава, со намера да се надигрува. Но Гвардиола машки им покажа дека не е толкава разликата во квалитет, како што покажува табелата. Сеедно, Црвените се шампиони, тие би требало да го кренат пехарот на Енфилд, па ротирал Клоп или не, на тоа би требало да претходи лесна и висока победа против Вила.

Додатни ФПЛ белешки

Првата постава излезе на Итихад. Клоп најави ротации до крајот на сезоната, но се чини дека во вашите тимови сепак не би смееле да немате некој од Салах и/или Мане. Тие до крај ќе играат и за своите статистики, и исто како лани, до крајот ќе се борат за наградата „златна копачка“ во Премиер. Одбраната на Астон Вила вели дека можеби е добро колово да ги имате и двајцата.

недела, 05 јули 2020, 20:00h

Саутемптон 1 2 Манчестер Сити
ФПЛ опции
Ингс
ФПЛ опции
КДБ
Стерлинг
Махрез
Фоден
Најава

Саутемптон е безбеден, а Манчестер Сити е сигурно втор. Натпревар без големо значење за двата тима, едноставно можност за надигрување и приведување на сезоната до крај. По победата во дербито над новиот шампион Ливерпул, Пеп можеби повеќе ќе изротира, и ќе ги помрси сметките на фантази менаџерите. Сепак каков тим и да извади, тој ќе биде одличен и способен да извојува победа на Сент Мерис.

Додатни ФПЛ белешки

Знаеме дека Пеп можеби ќе одмори некои од главните ѕвезди, но гледајќи ги Сити, како да се откажете од некој од КДБ, Махрез и Стерлинг? Тројцата се во топ 7 најкорисни средњаци на ФПЛ до овој момент. А знаете дека Фоден има 4 гола на 4 натпревари по паузата? Од другата страна нема дилеми. Доколку ставате некого, само Ингс. Англичанецот е трет напаѓач по скор, и има 3 гола на 3 натпревари по паузата.

понеделник, 06 јули 2020, 21:00h

Тотенхем 1 0 Евертон
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Орие
ФПЛ опции
Калверт-Луин
Најава

Мурињо беше бесен како рис по поразот од Шефилд Јунајтед. Особено по чудно поништениот гол на Кејн, за 1:1 во тој момент, што можеше да го однесе натпреварот во друг правец. На крајот Спарси доживеаја пораз, со кој паднаа на табелата и под нивниот минатонеделен противник, и под нивниот најомразен градски ривал. Со тоа ЛШ е многу тешко достижна, но сега е прашање и ЛЕ. Од друга страна, екипата на Анчелоти игра далеку подобро во продолжението на сезоната, па по ремито со Ливерпул, врзаа две победи по ред, од кои особено надмоќна и сигурна (иако не резултатски изразена) беше последната против Лестер. Но сепак сметаме дека бодовите ќе им бидат попотребни на домаќините, па минимална победа и кратко залечување на раните на Жозе, е некој наш тип за оваа средба.

Додатни ФПЛ белешки

Кејн се враќа во форма, врза два гола на последните две средби, а и уште еден се чини дека неоправдано му беше поништен. Втора најопасна опција е секако Сон, кој пак врза две асистенции на последните два натпревари. Можеби е време и да погоди Кореецот. Истото важи и за Калверт-Луин на спротивната страна. Деветката на Карамелите игра одлична сезона, но по рестартот нема постигнато гол, а сега можеби и без помошта на Ричарлисон, ќе биде главна закана по голот на Лорис.