ФПЛ.мк најава за 32+ коло

Уште откако беше најавен рестартот на Премиер, посветените Фантази менаџери го издвоија 32+ коло како најтешкото за планирање и предвидување. Причините се бројни.

Прво и основно, зашто доаѓа после две кола што беа многу соодветни за користење џокери, па голем број играчи на ФПЛ сега сигурно се без многу простор за ротирање. Второ и побитно, зашто пресконференциите за сите натпревари (со исклучок на двата можеби и најнебитни) ќе се одржат после крајниот рок за финализирање на тимовите. Трето и можеби најстрашно – зашто на сред коло ќе се изигра и четртфиналето на ФА купот, па дури 8 тима (5 од нив од големата шестка) ќе играат 2 натпревари во нареднава седмица (читај: непредвидени ротации, повреди, црвени картони).

Како капак на сè, дојде и поразот на Сити од Челзи вчера после кој Ливерпул и математички ја освои титулата и инстантно ги направи многу помалку привлечни сите скапи опции од двата водечки тима во лигата – со кои се преполни многу ФПЛ тимови.

И покрај сиве непознаници и варијабли, ние мораме да си ја исполниме обврската и да го најавиме колово најдобро што знаеме. Минатото имавме погодено два точни резултати и уште три-четири точни типа – но би се зачудиле од самите себеси ако имаме и приближно така добар резултат и овој пат.

сабота, 27 јуни 2020, 13:30h

Астон Вила
0 2 Вулвс
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Хименез
Траоре
Доерти
Боли
Жота
Најава

На хартија, Астон Вила има право да гаи надежи за останување во лигата: само заради гол-разлика е во зоната на испаѓање; во пракса, тимот на Дин Смит има толку тежок распоред што сè освен Чемпионшип наредна сезона би било рамно на подвиг. Првиот натпревар во пеколниот јунско-јулски распоред на Лавовите е со Вулвси – кои се сигурно еден од најобожаваните тимови меѓу неутралните навивачи на Премиер. НЕС не само што направи револуција во екипата, туку создаде – во повеќето случаи, безмалку од никаде – неколку исклучителни фудбалери што тешко дека ќе останат меѓу Волците во блиска иднина: Хименез, Траоре, Доерти, Боли… Откако се врати последниов, Вулверхемптон речиси и да не прима голови (10 клиншита во 17 натпревари со Боли во тим); од Астон Вила некако и нема како: никој нема креирано повеќе шанси од Хурихејн (11) и Грилиш (8) по рестартот, а Астон Вила одвај даде 2 гола на 3 натпревари од кои требаше да очекува поени.

Додатни ФПЛ белешки

Многу тимови го имаат Грилиш, но одличниот Англичанец нема ниту еден шут на гол во 270 минути по рестартот. Едновремено, не се нашол во ниту една голема шанса; што ако има создадено 8 шанси за своите соиграчи кога никој од нив не може да даде гол! Од другата страна, врската ТраореХименез работи повеќе од совршено; едновремено, Боли и Саис нудат евтин влез во гранитна одбрана (ничија не е подобра од онаа на Вулвси по рестартот), а Доерти уште и напаѓачки потенцијал (ублажен, додуша, кога стартува и Траоре како минатата). Ние би ви го понудиле и Жота како differential: никој немаше повеќе допири во противничкиот шеснаесетник од него минатото коло, а одигра само 60 минути.

недела, 28 јуни 2020, 17:30h

Вотфорд
1 1 Саутемптон
ФПЛ опции
Сар
ФПЛ опции
Ингс
Најава

Вотфорд не прима голови под новиот менаџмент, ама некако, во последно време, не може ниту да даде. Ќе мора – ако сака да опстане, макар што како што тргнале Норич, Вила, Борнмут и Вест Хем, може и да го остварат тоа без премногу труд. Саутемптон баш и нема за што да игра, ама па и не игра воопшто лошо во вториов дел од сезоната. Ќе бидат Светците одбранбено ослабени за Стивенс кој доби црвен со Арсенал, но тоа не би требало да е преголем проблем против Вотфорд. Реми со малку голови.

Додатни ФПЛ белешки

Освен ако веќе ги немате Сар и Ингс во тимовите, не е паметно да инвестирате сега во Вотфорд или Саутемптон. Нивните дефанзивни редови нудат евтини опции за клиншит, па ако играте FH или WC може да размислите за некој како Кико Фемениа за петти дефанзивец: Вотфорд има добар распоред до последните две кола; Саутемптон, пак, обратно.

понеделник, 29 јуни 2020, 21:00h

Кристал Палас
0 0 Барнли
ФПЛ опции
Ван Анхолт
ФПЛ опции
Поуп
Најава

Против Ливерпул, Кристал Палас оствари неславен рекорд: стана првиот тим откако Опта ја води таа статистика (2008-9) без ниеден допир во противничкиот шеснаесетник! Ама, добро – тоа беа Ливерпул, овогодинешните убедливи шампиони, а сега Орлите треба да играат со Барнли – тим кој се опорави по бруталниот пораз од Сити со 1:0 победа над Вотфорд. Како последица на неа, овие два тима се сега на делба на десеттото место. И двата тима тешко примаат голови против екипи што не се во Топ 6 – и двата тешко даваат голови против кои било екипи. После рестартот, Кристал Палас има втор најлош ОГ (0,95) коефициент во лигата, а Барнли четврт (1,07). Едните и натаму се без напаѓачкото дуо, другите сега се и со повреден Заха; оттука – 0:0 изгледа како многу веројатен резултат.

Додатни ФПЛ белешки

Поуп собра 10 поени против Вотфорд и би можел да повтори нешто слично и овде – ако Кристал Палас се потруди да шутне некоја топка накај неговиот гол. А ако тоа се случи, ништо чудно оној што го упатува ударот да е Патрик Ван Анхолт – кој е веројатно еден од најдобрите играчи што може да ги имате колово. Ветува и клиншит – и можни поени на другата страна (не заборавајте, повремено изведува и слободни удари и корнери).

вторник, 30 јуни 2020, 21:15h

Брајтон
0 2 Манчестер Јунајтед
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Рашфорд
Марсијал
Бруно
Ван-Бисака
Најава

Да не беа Манчестер Јунајтед тимот што можеби е во најдобра форма во лигата, ова воопшто немаше да биде лесен натпревар за предвидување. Што ако се Брајтон 15-ти: ниту имаат примено премногу голови, ниту пак, премногу изгубени натпревари. Ги смирија и Лестер и Арсенал напаѓачки по паузата, а пред неа ги задржаа и Вулвси на 0:0. Ама Јунајтед се некој друг тим по доаѓањето на Бруно Фернандеш кој, и покрај мизерните 3 бода кога Марсијал и Рашфорд растурија, е статистички еден од најдобрите играчи во лигата. Сега, кога и Погба нема обврска да се враќа – навистина изгледа тешко дека Брајтон ќе може да ги спречи Црвените Ѓаволи да постигнат повеќе од 1 гол (колку што обично примаат Галебите). Ако тоа се случи рано – и 0:2 може да не биде конечен резултат.

Додатни ФПЛ белешки

Манчестер Јунајтед игра во сабота со Норич во ФА купот, но Солскјер навистина не би изиграл мудро ако не одмори поголем дел од првотимците (иако Погба би можел да почне). Меѓу многуте статистики што може да се издвојат за Бруно: има, по рестартот, повеќе пасови во последната противничка третина (62) од кој и да е друг играч во лигата – вклучително и КДБ и Ливерпуловците! Веројатно не е единствен изведувач на пеналите, ама исто така веројатно е прв. По првиот хет-трик во постфергусоновската ера за Јунајтед, Марсијал одеднаш изгледа како совршена опција за средина: и е најевтин од опасната Манчестеровска четворка, а и најистурен. Рашфорд е најскап – ама е најжив и најдиректен. Сите овие се одлични опции и за капитени. Но, не заборавајте и на одбраната на Манчестер: Ван-Бисака и Мегваер нудат можности и за клиншит и за напаѓачки поени.

среда, 1 јули 2020, 19:00h

Арсенал
3 0 Норич
ФПЛ опции
Обамејанг
Сака
Нкетија
Мартинез
ФПЛ опции
/
Најава

И двава тима имаат ФА куп за викендов: Арсенал во недела со Шефилд, а Норич во сабота против Манчестер Јунајтед. Барем на прва, изгледа дека и Артета, како и Оле, може да ги одмори првотимците: Шефилд веќе не е опасен тим за да треба да се имаат проблеми против него макар и со втор тим. Згора на сето тоа, Шефилд – како и Норич – нема ниту како да ротира. Оттука, Норич би требало да дојде преморен на Емирејтс – а и во ужасна форма. Арсенал, дури и изморен, не би смеел да пропушти поени тука. И нема: како за промена, од Топџиите очекуваме висока победа со клиншит.

Додатни ФПЛ белешки

Норич веројатно веќе отпаднаа, па нема што веќе да ги размислувате за на ФПЛ. Арсенал сè уште има некои мали шанси за петто место – без кое тешко е да се замисли дека ќе го задржат Обамејанг. Токму тој изгледа како најдобрата опција за капитен за колово: уште нема постигнато гол по рестартот, но имаше и поништен гол поради благ офсајд и пречка и 3 креирани шанси – од кои 1 голема. Статистиката вели дека и повеќе од време е да врати некој бод: никогаш, во целата своја кариера, не изиграл 4 врзани натпревари без да даде гол. Норич е одлична шанса за да не си ја расипе традицијата. Ако Оба не даде досега гол, Нкетија даде – и изгледа како сигурен стартер под Артета. Исто таков (и тоа сосема заслужено) е и Сака – кој, ако не игра во купот, би можел да биде одличен differential. Подобар голман од Мартинез за 4,2 нема да најдете – а, како и минатото, и колово треба да ви е прв – па кој и да е другиот голман во вашата екипа.

среда, 1 јули 2020, 19:00h

Борнмут
0 0 Њукасл
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
/
Најава

Борнмут се во слободен пад веќе некое време и никој не е во полоша форма последниве 5 кола од нив. По рестартот ништо различно од пред КОВИД-19: во двеве кола имаат само 1 шут во рамките на противничките голови (и тој против Кристал Палас; имаа 0 против Вулвси) и ужасен ОГ коефициент од 0,56 (најлош во лигата). Ај што останаа без Фрејзер кој не го продолжи договорот, ај што Кинг се повреди, сега Црешите ќе бидат и без Вилсон наредниве два натпревари откако Калум собра 10 жолти сезонава. Ќе им биде претешко да се изборат за опстанок. Њукасл, пак, е пријатно изненадување последниве две кола – и игра живо и дава голови. Единствено што можеби оди во прилог на Борнмут е што Њукасл не се бори за нешто особено, а има и ФА куп натпревар против Сити во недела; ама и така ни изгледа дека има повеќе изгледи тој да даде гол отколку Борнмут.

Додатни ФПЛ белешки

Поради сè погорекажано, најпаметно е да го прескокнете овој натпревар. Ако веќе инвестирате – инвестирајте во одбраната на Њукасл. А од таму најдобрата опција, Ричи, излезе поради блага повреда на претходниот натпревар. Па, сепак, би требало да се опорави до среда. Поради добрата одбрана на Њукасл и неговите должности при прекини, дури може и да ја оправда високата цена до крајот на сезоната.

среда, 1 јули 2020, 19:00h

Евертон
0 0 Лестер
ФПЛ опции
Дињ
Холгејт
ФПЛ опции
Чилвел
Џастин
Најава

И покрај тоа што се среќаваат два одлични напаѓачки тима на Гудисон Парк во среда, некако ни изгледа дека би можел овој натпревар да биде здодевно реми – дури и без голови. Лестер ќе дојде уморен во Ливерпул после тежок натпревар против Челзи во ФА купот, а и без тоа не изгледаат напаѓачки прерасположено по рестартот: имаат креирано само 1 голема шанса и шутнато само 4 пати во рамки на противничките голови. Но, истото важи и за Евертон – кој успеа да му даде само еден гол на Норич (кој, пак, против Саутемптон изгледаше како да се нуди за дебакли). И двата тима се одлични и одбранбено – Евертон ги задржа и Ливерпул и Норич на 0 (не дозволувајќи ниедна голема шанса и само 4 шута кон сопствениот гол), а Лестер единствениот гол го прими со Вотфорд во 95-та минута.

Додатни ФПЛ белешки

За промена, ни изгледа дека попаметно е за колово да се поседуваат дефанзици од Лестер и Евертон отколку напаѓачи. Не дека Калверт-Луин и Ричарлисон на едната, и Варди, Медисон и Барнс на другата страна не се способни да дадат гол на кој и да е натпревар – ама овде против себе ќе имаат многу добри одбрани. Па, можеби е подобро да се вложи во тркачките бекови на тимовите – Чилвел, Џастин и Дињ – зашто тие нудат можност за поени на двете страни.

среда, 1 јули 2020, 21:15h

Вест Хем
1 3 Челзи
ФПЛ опции
Антонио
ФПЛ опции
Пулишиќ
Маунт
Алонсо
Најава

Челзи му ја донесе титулата на Ливерпул, а сè поблиску е да осигура и пласман во ЛШ наредна сезона. Само Сити имаат благо повисок ОГ коефициент од нив по рестартот – и покрај тоа што одиграа цел натпревар повеќе! Челзи е далеку пред Јунајтед меѓу оние со два одиграни натпревари (5,18 vs. 4.55). Со други зборови, иако веќе дадоа четири гола и извојуваа две победи, требало да дадат и повеќе. А Вест Хем е совршен тим за тоа – зашто тој има најлош ОГП коефициент од сите тимови што изиграа два натпревари (3,37). И уморни би требало да немаат проблеми со Вест Хем кој, сепак, би можел да даде гол на Сините – зашто Челзиевата одбрана не е никогаш доволно стабилна за да може да се ослоните на неа.

Додатни ФПЛ белешки

Пулишиќ и тоа како го надигра Сити – да паднеше, ќе добиеше и пенал кога Вокер ја извади топката од гол-линија – и тешко дека ќе остане на истата цена за наредна сезона. Истото важи и за Маунт кој е неуморен на теренот и кому му фали само малку поголема ефикасност за да одразува неговата статистика и многу попривлечен ФПЛ скор. Алонсо конечно си го врати местото на бековската позиција, а тоа значи и огромен ФПЛ потенцијал; особено за оние што бркаат, ете ви добар differential. Избегнувајте ги Вест Хем, ама ако го имате Антонио, нема зошто да го продавате: Челзи има пропустлива одбрана, а Англичанецот е опасен и во контри и при прекини.

четврток, 2 јули 2020, 19:00h

Шефилд
0 2 Тотенхем
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Сон
Кејн
Орије
Најава

Шефилд по рестартот е бледа сенка на Шефилд од пред КОВИД-19: настрана повредите, како да не се ниту старите играчи на старото ниво. Згора на сето тоа, во моментов се наоѓаат на средина од многу тежок распоред: меѓу Манчестер и Тотенхем имаат ФА куп натпревар со Арсенал – а баш и немаат играчи за ротација. Спарси, од друга страна, играат далеку постабилно во споредба со деновите што претходеа на паузата, и офанзивно и, многу поважно, дефанзивно. Второво – знаеме – е фортето на Мурињо и онака, а против Шефилд треба да има и уште полесна задача да го организира тимот за клиншит, зашто Шефилд – и покрај 3 одиграни натпревари – имаат трет најлош тимски ОГ коефициент по рестартот. Згора на сето тоа, никој нема подолг одмор од Тотенхем.

Додатни ФПЛ белешки

Иако е играч што секогаш може да даде гол, Кејн баш и не изгледа како најдобрата ФПЛ опција од Тотенхем: Сон е поевтин, а се чини и попробивен. Згора на сето тоа, на Кејн како потешко да му паѓа враќањето назад отколку на Кореецот – а тоа знаеме дека е задолжително кога тренер ви е Мурињо. Бергвајн, Али, Ламела, Лукас Моура – секој од овие четири уште поевитни опции има потенцијал да изненади, но за разлика од претходните двајца, овие и ротираат и рано го напуштаат теренот ако почнат. Со Шефилд можеби и како уште подобра опција од напаѓачите се отвораат бековите: Дејвис и Орије. Вториов, ако не добие некој црвен, ветува и повеќе од еден двоцифрен скор до крајот на сезоната. Можеби првиот ќе биде уште во четврток.

четврток, 2 јули 2020, 21:15h

Манчестер Сити
1 1 Ливерпул
ФПЛ опции
КДБ
ФПЛ опции
ТАА
Салах
Мане
Најава

Веројатно најтешкиот натпревар за предвидување колово – а можеби и сезонава. Дали Пеп ќе даде предност на ФА купот – каде, сепак, сè уште се бори за титула – и ќе го жртвува овој, реално, небитен натпревар за тимот давајќи им предност на второтимците или, пак, ќе сака да му ја расипе прославата на Клоп па ќе излезе со најјакиот тим и во шпалир и на терен? Ливерпул, од друга страна, има 8 дена за одмор пред Сити и нема зошто да одмора кого и да е, па сигурно ќе излезе со препознатливата единаесетка. А таа, дури и кога нема мотиви, е подобра од речиси секоја единаесетка во светот. Згора на сето тоа, на Ливерпул му одговара стилот на Пеп, а на Пеп не му одговора оној на Ливепрул. Ние ќе прогнозираме реми од 1:1, но многу нешта ќе зависат од составот со кој ќе излезе Сити.

Додатни ФПЛ белешки
За Агуеро заврши сезоната, ама уште е рано да се инвестира во Жезус. Махрез и Фоден веќе изгледаат како подобри опции од Стерлинг, што поради цена, што поради минутите кои би можеле да ги одиграат. Ама од Сити, само Де Брујне изгледа како играч од кој не треба да се откажувате независно од сè: колово стана првиот ФПЛ играч сезонава со над 200 поени; тоа што собра 2 бонус поени во пораз е доказ дека прави толку многу на теренот што секогаш може да собере некој бонус-поен, независно од противникот или резултатот. И од Ливерпул се ретчат добрите опции по освојувањето на титулата: дури и Салах и Мане да продолжат да се борат за златната копачка, тешко дека и натаму ќе ја оправдуваат цената. Со ТАА не веруваме дека тоа ќе биде случај: кога и да игра, тој ќе биде добра опција.