ФПЛ.мк најава за 31+ коло

По тримесечната пауза, Премиерлигата се врати. Мораме да признаеме дека помалку чудно изгледаат празните трибини во Англија, потсетувајќи нѐ на сликите кои се редовна појава кај нас. За жал. Но, што е – тука е. Ќе навикнеме на ова чувство како да гледаме две добри екипи на термин во балон, слушајќи ги извиците на самите фудбалери, и довикувањата од клупите. На судиските паузи за освежување и ние ќе тркнеме до фрижидерите, или пак ќе ја „рефрешираме“ ФПЛ страната за да си ги видиме моменталните поени. Во секој случај, радосни сме што фудбалот се врати, и што ќе имаме едно продолжено летно издание на најдобрата светска фудбалска лига.

вторник, 23 јуни 2020, 19:00h

Лестер 2 0 Брајтон
ФПЛ опции
Варди
Медисон
Чилвел
ФПЛ опции
/
Најава

Лестер останува да се бори т.е. да се обиде да ја задржи третата позиција на табелата, која води до директен пласман во ЛШ догодина. Во минатото коло, во судиското продолжение испуштија 3 бода, а сето тоа го валоризираше Челзи, кој со нова победа дојде до 3 бода зад тимот на Роџерс. Колово, сметаме дека бодовите нема да бидат испуштени, иако Брајтон доаѓа осоколен по пресврт победата над Арсенал. Галебите избегаа 5 бода од опасната зона, но нивната клучна трка би била некаде во последните три кола. Во меѓувреме, доста тежок распоред.

Додатни ФПЛ белешки

Колово не започнувајте без Варди. Најдобриот лигашки стрелец во моментов не успеа да стрела против Вотфорд, но не се сомневаме дека тоа ќе го стори против Брајтон. Брајтон е тврд во одбрана, дефанзивци кои прават многу фаули (Арсенал добро го почувствува тоа), па можеби и Медисон ќе биде опасен по прекините. Земете ги во предвид и одбранбените играчи, зошто очекуваме и клиншит од Лисиците.

вторник, 23 јуни 2020, 21:15h

Тотенхем 2 0 Вест Хем
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Орие
ФПЛ опции
/
Најава

Спарси беа тотално неубедливи пред паузата. Но, на натпреварот против Манчестер Јунајтед покажаа многу подобри перформанси. Се вратија Кејн и Сон, а за Вест Хем се враќа и казнетиот Али. И Лукас Мура не е далеку. Одбраната делуваше стабилно, а Вест Хем и така тешко постигнува голови. Очекуваме сигурна победа за Мурињо и момците во бело, зачинета со клиншит.

Додатни ФПЛ белешки

Веруваме дека Кејн, по дваесеттото коло, повторно ќе се запише во листата на стрелците, но неговата цена прави да мислиме дека Сон е можеби поисплатлива опција. Двајцата се особено примамливи и за капитени ова коло. Инвестирајте и во одбраната на Спарси, особено би го издвоиле Орие, кој беше одличен против Манчестер, често продирајќи на противничката половина, при што беше и асистент на голот за својот тим.

среда, 24 јуни 2020, 19:00h

Манчестер Јунајтед 3 0 Шефилд Јунајтед
ФПЛ опции
Рашфорд
Марсијал
Бруно Фернандес
ФПЛ опции
/
Најава

Јунајтед извлече бод на Вајт Харт Лејн, а според шансите се чини дека и не заслужи да загуби. Тимот на Солскјер лесно добива пенали (16 сезонава), па да не беше ВАР, ќе си заминеше и со 3 бода од Лондон. Сепак, се врати Погба, и веднаш тоа се почувствува, па сега сите едвај чекаме да ја видиме конекцијата со разиграниот Бруно. А на спротивната страна доаѓа ранетиот Шефилд, како од поразот од Њукасл, така и од проблемите со одбраната. Ќе фалат стандардните О’Конел и Иган, а право за настап ќе нема ни феноменалниот сезонава Хендерсон, кој е позајмен токму од Црвените ѓаволи. Чиста единица!

Додатни ФПЛ белешки

Ќе бидете на слатки маки да одберете некој од тројцата понудени манчестеровци. Рашфорд е најдобар тимски стрелец, Марсијал беше главна ударна игра во периодот кога Англичанецот беше отсутен (а и најопасен против Тотенхем), но се чини дека Јунатед во вториот дел од сезоната игра по нотите на Бруно, кој е главен плејмејкер, но и изведувач на сите прекини. А тоа е особено важно кога е во прашање црвениот тим од Манчестер.

среда, 24 јуни 2020, 19:00h

Њукасл 1 0 Астон Вила
ФПЛ опции
Сен-Максиман
Ричи
Ласелс
ФПЛ опции
Грилиш
Најава

Њукасл неочекувано го растури Шефилд Јунајтед, и уште понеочекувано постигна три гола на еден натпревар. За волја на вистината, тоа беше реализирано со играч повеќе. Во секој случај, тоа позитивно ќе влијае врз тимот за кој читаме дека може да игра важна улога од следната сезона, секако растеретен и од опасноста наречена Чемпионшип. Тоа не може да се каже и за Астон Вила, која се чини дека полека ја губи битката, па и ние ја сместуваме помеѓу трите најсериозни кандидати за второлигашки статус догодина.

Додатни ФПЛ белешки

Њукасл има три клиншита на последните три натпревари, а натпреваров е накако створен за да направат и 4/4. Затоа Ласелс и Ричи. Џоелинтон конечно постигна гол по третото коло, но доколку сакате некој офанзивец од црно-белите, само Сен-Максиман. Тој секогаш делува најопасен, а врза и два гола по ред. Гостите од Бирмингем се во многу тешка позиција. Грилиш игра одлично, Мекгин се врати, но распоредот на Вила вели да избегнувате нивни играчи.

среда, 24 јуни 2020, 19:00h

Норич 0 2 Евертон
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Ричарлисон
Калвер-Луин
Дињ
Најава

Норич веќе извесно време неофицијално е испаднат, па и нивното залагање не е на нивото на некои нивни натпревари годинава, кога покажаа дека можат многу повеќе. Сега некако предадени, доживеаја лесен пораз дома од Саутемптон, па некако очекуваме дека ќе бидат лесни 3 бода до крајот, особено за сите екипи кои се борат за нешто. Евертон можеби не е во тие екипи, игра топло-ладно, но не дозволи Ливерпул да дојде уште поблизу до титулата. Напротив, можеби Карамелите беа и поконкретен противник.

Додатни ФПЛ белешки

Од погоре наведеното сметаме дека двоецот РичарлисонКалверт-Луин се особено привлечни за колово. Првиот е најдобар играч кај Евертон, но вториот под водство на Анчелоти и тоа како прераснува во опасен напаѓач. Од останатите – Дињ, за прекините, и за евентуален клиншит.

среда, 24 јуни 2020, 19:00h

Вулвс 2 0 Борнмут
ФПЛ опции
Хименез
Жота
Траоре
Доерти
Саис
ФПЛ опции
/
Најава

Волците продолжуваат да го живеат сонот за нова европска сезона. И не само ЛЕ, тие тоа го имаат и сезонава. ЛШ е сонот кој ќе продолжат да го сонуваат овие преостанати кола, особено доколку УЕФА одлучи дека и петтото премиерлигашко место ќе води во ЛШ догодина. Борнмут ни е една од тие екипи, најзрели за испаѓање сезонава. Тимот на Хау се одлучи и да ја доигра сезонава без услугите на еден од нивните најдобри играчи – Рајан Фрејзер, кој не го продолжи договорот со Црешите, и летово станува слободен играч.

Додатни ФПЛ белешки

Очекуваме сигурна единица, а очекуваме и Хименез да го продолжи голгетерскиот скор, со кој годинава стигна до бројката од 14, и го помина Чичарито по бројот на постигнати голови од еден Мексиканец во една премиерлигашка сезона. Можеби и капитен во 31+? Жота е непредвидлив кога ќе блесне, а Траоре еден од најтешките играчи за чување во лигата. Петте клиншита на последните шест меча велат да селектирате и во одбраната на НЕС, Саис поевтина а Доерти поскапа варијанта. Нема да згрешите ни со Боли, па ни со Патрисио.

среда, 24 јуни 2020, 21:15h

Ливерпул 2 0 Кристал Палас
ФПЛ опции
ТАА
Салах
Мане
Ван Дајк
Гомез
ФПЛ опции
/
Најава

Ливерпул не успеа во Мерсисајд дербито да дојде уште еден чекор поблиску до пехарот, но тоа несомнено многу брзо ќе се случи. На Енфилд доаѓа залетаниот Палас, кој има четири победи по ред, и тоа без примен гол! Но на момците на Клоп им фалат 5 бода до официјализирање на тронот, а колово Сити му гостува на Челзи, па трофејот може да блесне уште оваа среда, на празниот Енфилд. Палас го престигна Арсенал, и се изедначи со Тотенхем, па зошто да не се надева на европска есен?

Додатни ФПЛ белешки

Црвените не одиграа во препознатливиот ритам на дербито кај својот сосед. Клоп имаше и проблеми, па Робертсон воопшто не беше во комбинација, а расплетот на настаните (повредите на Милнер и Матип) не дозволија минути за Салах. Но го очекуваме Египетскиот крал на терен, па и на листата на стрелци. Тој е еден од нашите пикови за капитен во ова коло. На гостите од Лондон тешко им се дава гол во последно време, но Ливерпул брза да ја завери долгоочекуваната титула.

четврток, 25 јуни 2020, 19:00h

Барнли 1 1 Вотфорд
ФПЛ опции
Поуп
ФПЛ опции
Сар
Најава

Барнли игра за што повисок пласман, а Вотфорд игра за гол живот. Домашните секогаш се екстра мотивирани на својот стадион, и се тврд орев дури и за најсилните противници. Но сега, пред празни трибини, можеби Вотфорд ја гледа својата шанса. Досон спаси бод во 93-та минута против Лестер, но на гостите им се потребни уште бодови, како би ги зголемиле оние +1 од моментално првото место кое води во Чемпионшип догодина.

Додатни ФПЛ белешки

ФПЛ опции од овој натпревар нема на претек. Дефинитивно Поуп, кој иако прими 5 од Сити, моментално е втор најкорисен голман според собраните поени, и во топ 5 според листата на најтрансферирани играчи за ова коло. Шанса за негово матирање гледаме кај Сар, кој беше во одлична форма пред паузата, а секако и сега ќе биде еден од главните актери во својот тим, во тешката борба за опстанок.

четврток, 25 јуни 2020, 19:00h

Саутемптон 1 2 Арсенал
ФПЛ опции
Ингс
ФПЛ опции
Обамејанг
Сака
Најава

Се шегуваат со Артета, дека поголема штета по неговото здравје е менаџирањето на Арсенал, отколку што тоа беше со Ковид-19. Но и сериозно, Арсенал прикажа ужасна игра по паузата. Тимот, и стратегијата против Сити може беа „пуштање низ вода“ на тој натпревар, но поразот и од Брајтон буквално го отсликува нивното моментално „расуло“во екипата. Саутемптон лесно го прегази Норич во минатото коло, па сега растеретен ќе се надигрува против фаворитот на хартија. А Арсенал ако сѐ уште сонува за Европа, мора веднаш да почне да победува.

Додатни ФПЛ белешки

Ингс против Обамејанг, ги дели само еден првенствен гол. И двајцата се голема опасност за противничките голмани. Кај домашните тој е единствениот кој би го посочиле, а кај Топџиите можете да ги разгледате и Пепе и Сака. Првиот, иако не игра најдобро, сепак е човек од потег, и почна да стрела и асистира како одминува сезоната. Вториот, па можеби е еден од најконстантните играчи во тимот, а вреди само 4,7. Секако сега би го спомнале и Мартинез, кој ќе брани по повредата на Лено.

петок, 25 јуни 2020, 21:15h

Челзи 1 1 Манчестер Сити
ФПЛ опции
Маунт
ФПЛ опции
КДБ
Едерсон
Најава

Челзи изигра онолку колку што беше потребно да ја победи Астон Вила. Можеби и ја испрати во втора лига. Сега сигурно ќе се обиде и официјално да го тргне Сити од тронот. Граѓаните пак имаа убава пауза по првичниот натпревар со Арсенал, а и тогаш не се потрошија премногу, играјќи скоро пола натпревар со играч повеќе. Против Барнли пак, им беше еден полесен тренинг. Сметаме дека нѐ очекува еден тврд натпревар, без многу голови, кој на крајот би завршил и без победник. Бодовите, сепак, повеќе му требаат на домаќинот, иако и Пеп ќе сака што е можно повеќе да го одложи крунисувањето на Клоп.

Додатни ФПЛ белешки

Двајцата најдобри напаѓачи, на двете екипи, беа на клупите во воведните натпревари од продолжението на лигата. Во вториот натпревар за десетката на Сити, кога беше стартер и кога очекувавме да блесне, се повреди и излезе при крај на првото полувреме. Значи, напаѓачите настрана ова коло, и доколку очекувате реми без голови, размислете за Аспиликуета и Едерсон. Секако, КДБ, секогаш.
П.С. Знаете дека претходното коло најкорисен играч беше Фоден? Или дека Махрез има донесено 14 поени повеќе од Стерлинг, иако има одиграно 600 минути помалку сезонава?