ФПЛ.мк најава за шеснаесетто коло

Забрзаното темпо не застанува, па овојпат без ни ден пауза продолжуваме понатаму. Вчера заврши Боксинг деј, а веќе денес влегуваме во последното коло од оваа календарска (и тешка) 2020 година. Во него без големо дерби, но сепак со доста интересни натпревари.
Ние ви посакуваме мирно да ја завршите 2020-та, малку да одморите, и потоа спремни да ја дочекате новата 2021-ва година. Во неа, имајте многу здравје пред сѐ, бидете посреќни и поуспешни на сите полиња. Во меѓувреме, уживајте со Премиер лигата и не го занемарувајте ФПЛ во овие празнични денови, бидејќи се враќаме со ново коло веќе на први!

*Важна напомена: сите што ја немаат одиграно својата прва вајлд карта, шеснаесеттото коло е последно во кое ќе можат да го сторат тоа.

понеделник, 28 декември 2020, 16:00h

КПА 1 2 Лестер
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Варди
Медисон
Барнс
Најава

Лестер го преживеа Манчестер Јунајтед, иако Роџерс по натпреварот изјави дека реми е најмалку што требало да обезбеди неговиот тим. Вистината е дека Јунајтед водеше на двапати, и реално беа поблизу до победата. Но бодот ги остави Лисиците пред Црвените Ѓаволи, и во топ 4 екипите на табелата. Во ова коло тие ќе гостуваат во Лондон кај Кристал Палас, екипата која по високата победа над ВБА, и херојското реми со Спарси, е во еден слободен пад, кое веруваме дека е одраз и на големиот домашен пораз од Ливерпул. По него следуваше уште еден студен туш, пораз од 3:0 кај Астон Вила, кој можеше да биде и доста повисок доколку Воткинс не се изнапромашува, иако домаќините половина меч играа без исклучениот Мингс. Тежок период е овој за Хоџсон и екипата, па поради моменталната форма, Лестер влегува како фаворит за трите бода, и ние им даваме минимална предност на гостите.

Додатни ФПЛ белешки

Варди постигна гол за израмнување на 2:2 против Манчестер Јунајтед, но потоа тој му беше одземен, и препишан како автогол на Туанзебе. Тоа го остави Џејми на делба на второто место на листата на стрелците, но и тоа како мора да се рачуна на него во секое коло, и против секој противник. Разнишаната одбрана на Палас, ќе биде примамлива опција за сите ФПЛ менаџери да го поседуваат англискиот ветеран. Одлично за Лестер е што Медисон се враќа во потребната и препознатлива форма, а по пауза од 4 натпревари конечно погоди и Барнс. Ова трио ќе биде ударно и на Селхурст парк. Од Палас не би препорачале никого засега, бидејќи и Заха и Изи не играат во добра форма.

понеделник, 28 декември 2020, 18:30h

Челзи 3 1 АВЛ
ФПЛ опции
Пулишиќ
Абрахам
ФПЛ опции
Грилиш
Најава

Челзи можеби неочекувано (лесно) загуби на Емирејтс кај Арсенал, па Лампард луто побара одговорност и кај него, но и кај играчите. Челзи навистина лошо го одигра дербито, па можеше лесно да загуби и со повисок резултат доколку противникот ги искористеше сите шанси. Тоа беше еден од најлошите натпревари сезонава на Сините, па затоа веднаш ќе мора да го исправаат впечатокот против Астон Вила, екипа која 4 натпревари не знае за пораз (клиншит на сите!), а од нив победи на 3. Но, тука започнува потешкиот распоред за Смит и екипата, бидејќи им следуваат 4 незгодни натпревари, каде добро ќе се види нивната моќ сезонава. На првиот, ние типуваме победа на Челзи, бидејќи мораат да се искупуваат за трите порази на последните четири натпревари, и да се вратат во Топ 4, каде несомнено планираат да завршат на крајот на сезоната.

Додатни ФПЛ белешки

Челзи има длабок и одличен ростер, но тоа многу не ни помага, кога ќе треба да издвоиме добри ФПЛ пикови. Од сите, најопасен делува Пулишиќ. Вернер е во голгетерски пост од 7 натпревари, а на Емирејтс беше заменет уште на полувремето. Хаверц е сѐ уште на само еден постигнат гол, па затоа многумина си го поставуваат прашањето за тоа како Лампард навистина ги вклопи новите засилувања во својот тим. Зијеч нејверојатно ќе го пропушти и ова коло, па останува опцијата Абрахам, кој постигна 3 гола на последните 2 меча, очекувајќи повторно да добие предност пред Жиру. Од одбраната, неочекувано брзо се вратија Џејмс и Чилвел во стартните единаесет, па тие заедно со Зума и Силва се одлични опции, бидејќи може да се очекува и клиншит од домашните. Кај Вила, реална опција е Грилиш, околу кој се врти сѐ, иако мораме да спомнеме дека Ел Гази и Траоре се наоѓаат во многу добра форма. Воткинс, во минатото коло на трипати асистираше за своите соиграчи, но и трипати промаши одлични шанси, со што не освои ни поен бонус, и го продолжи голгетерскиот пост, кој сега изнесува шест натпревари.

понеделник, 28 декември 2020, 21:00h

Евертон 1 1 МСИ
ФПЛ опции
ДКЛ
ФПЛ опции
КДБ
Стерлинг
Диас
Најава

Можеби не големо дерби, но секако еден од најинтересните натпревари ова коло. И двете екипи влегуваат со победи во овој дуел, Евертон потешко од очекувањата на гостувањето кај Шефилд, а Сити рутински 3 бода дома против Њукасл. Евертон сѐ уште ја држи втората позиција на табелата, додека пак Сити продолжува да се искачува на табелата, нешто што како позитивен факт го посочи и Пеп. Ова ќе биде големо надмудрување и на клупите, па сметаме дека не очекува еден тврд натпревар без многу голови, иако Сити е четврти а Евертон се осми според ОГ. Ова е важен натпревар и за двете екипи, во кој повеќе ќе се внимава да не се загуби, па поради тоа нема да може ни многу да се ротира, иако забрзаното темпо си го зема данокот. Затоа, реми со по еден гол, дури и без голови, е нашиот тип за овој меч.

Додатни ФПЛ белешки

Пеп рулет. Многумина очекуваа Кун конечно да заигра од првата минута, и да се најде меѓу стартните единаесет, дома со Њукасл, но за жал на многу ФПЛ менаџери тоа не беше така. Уште поголемо изненадување беше што трет натпревар со ред Махрез го започнува од клупата, и на терен помина само 18 минути. Добро е што Стерлинг почнува континуирано да носи напаѓачки поени, на секоја од последните 3 средби, а време е такво нешто да прикаже и КДБ – кој на последните 4 меча има само една единствена асистенција. Премалку за 11,8. Диас продолжува да биде најстандарден во одбраната на Сити, па од 12 натпревари само еднаш не ги изигра сите 90 минути, и притоа „фати„ 7 клиншита,  5 на последните 6 натпревари! Кај Евертон веројатно повторно ќе отсуствува Хамес, а Калверт-Луин малку запна со головите, па тој не се запиша во листата на стрелците веќе 4 кола, на кои сепак забележа 3 асистенции.

вторник, 29 декември 2020, 19:00h

Брајтон 1 2 Арсенал
ФПЛ опции
Велбек
ФПЛ опции
Мартинели
Сака
Најава

Арсенал тешко губи дома на Боксинг деј, па пред дербито со Челзи изглезе податок дека 12 натпревари не загубил еден таков меч. А Топџиите не само што не загубија, туку и конечно по пауза од скоро два месеци забележаа премирлигашка победа. Тогаш Јунајтед, сега Челзи. И тоа доминантно и сосема заслужено, иако на крајот можеа повторно да направат од готово – вересија. Сепак Артета конечно симна дел од притисокот врз себе, и тотално храбро реши да излезе во бој со голем број млади играчи. Натпревар во кој Арсенал беше без своите најдобри играчи од секој дел на теренот (Габриел – одбрана, Парти – средина и Обамејанг – напад), Артета тоа го замени со полетноста на Сака, Мартинели и Смит Роу, а ризикот се исплатеше. Но Арсенал, сега мора да продолжи да победува, особено што барем на хартија му претстои еден поблаг распоред, па доколку не победи и против Брајтон, тогаш победата против Челзи нема нешто многу да значи. Затоа, титпуваме три бода и против Галебите на Потер.

Додатни ФПЛ белешки

Обамејанг преседе на клупата, во текот на сите 90 минути со Челзи, но сега може да очекуваме и да биде стартер, со оглед на тоа дека Лаказет многу се потроши во овие неколку натпревари, па очекувано е Артета да изротира во нападот. Сепак, таму повторно очекуваме да бидат Мартинели и Сака, кои му дваваат нова димензија на лондонскиот тим, па затоа планирајте ги и двајцата, особено бразилецот за 4,9, можеби како петти средњак во вашите тимови. Отсутни (поради ковид протикол) повторно ќе бидат другите тројца бразилци: Вилијан, Луиз и Габриел. Повреден и натаму е Парти.

вторник, 29 декември 2020, 19:00h

Барнли 1 1 Шефилд
ФПЛ опции
Вуд
ФПЛ опции
/
Најава

Шефилд сѐ повеќе изгледа како второлигаш, а поразот во минатото коло од Евертон беше дури шести што момците на Вајлдер го загубија со минимални 1:0. Убедливо први на таа непопуларна листа, што педантните англичани веднаш ја составија. Ова е еден од оние натпревари каде можеби Шефилд ќе се надева на бодови, иако повторно ни делува дека пораз од 1:0 некако е најреален епилог. Барнли е претпоследен сопред коефициентот на ОГ, па не е за очекување дека момците на Дајш ќе постигнат повеќе од еден. Ајде, да не им ги одземеме шансите на Шефилд за бодови, дури и за опстанок, па ќе речеме реми, со по еден гол, надевајќи се дека борбата за спас ќе биде сѐ поинтересена и понеизвесна во иднина.

Додатни ФПЛ белешки

Скромни, прескромни ФПЛ потенцијали од овој натпревар. Шефилд во минатото коло излезе со Бурк и Брустер во нападот, но и двајцата не го доиграа натпреварот, првиот изгледувајќи уште на полувремето. Барајте такви играчи (едниот средњак од 4,4, другиот напаѓач од 4,5), само доколку сакате да ја пополните клупата со играчи што можеби и ќе добиваат какви-такви минути во иднина. Кај Барнли – Вуд е една и единствена опција за вашите ФПЛ тимови, највеќе поради поволниот распоред во наредните два меча, доколку такво нешто може да се каже за екипа како Барнли.

вторник, 29 декември 2020, 19:00h

САУ 1 2 ВХЈ
ФПЛ опции
Че Адамс
ФПЛ опции
Соучек
Најава

Саутемптон – можеби и не толку изненадувачки, имајќи предвид дека Фулам игра сè подобро – изигра реми на Боксинг деј и нанижа трет натпревар со ред без победа. Како последица на тоа, веќе се (барем визуелно на табелата) далеку од врвот – макар што сепак имаат 25 бода и се на само 7 бода од лидерот Ливерпул. Вест Хем се веднаш зад нив: имаат три поени помалку и се наоѓаат во речиси иста форма: немаат победа три натпревари со ред, на кои (исто како и Светците) имаат две ремија и еден пораз измеѓу нив. На хартија, ова треба да биде израмнет натпревар и да заврши со нерешен исход. Сепак, ние ќе прогнозираме изненадувачка гостинска победа зашто (како што добро дозна и Клоп на Боксинг Деј) не е лоша идеја да се типува на традицијата во вакви периоди. А таа е, како ретко кога, прилично еднострана: Чеканите имаат пет победи на последните пет меча против Саутемптон.

Додатни ФПЛ белешки

Хаселхутл нема да може да смета на Дени Ингс, а многу веројатно ниту на Редмонд и Вестергор. Во нивно отсуство, во натпревар на кој не очекуваме клиншит за Саутемптон, единствената привлечна ФПЛ ни се чини дека е Че Адамс. Не дека кај Вест Хем е различно: Бауен некако се изгуби, Алер никако да се најде, па – кога не очекуваме клиншит – ајде барем да не го занемариме Соучек. Чехот ни дава сè повеќе причини за тоа.

вторник, 29 декември 2020, 19:00h

ВБА 0 3 Лидс
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Бамфорд
Рафиња
Родриго
Далас
Најава

Како играат сезонава против најдобрите англиски екипи, неизбежен е впечатокот дека ВБА (кој е главен кандидат за испаѓање) да играше во лига само со Топ 6 екипи, веројатно ќе се бореше за прво место. Нивната одбрана беше пробиена со судни маки од Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Ливерпул и Сити, а последниве два не го завршија натпреварот со чиста мрежа (по вина на истиот човек: Аџаји). Но, тоа е и проблемот на ВБА: тие знаат само да се бранат против екипи кои ќе ги присилат на тоа. Доволно е само малку да се отворат и одма наидуваат проблемите. А, фала богу, не се останува во лига ако не се нападне барем повремено. Лидс, под Биелса, има потполно обратна стратегија: да напаѓа и против Ливерпул и против ВБА со истото темпо. После шестката од Јунајтед, додуша, со Барнли престанаа да го прават тоа во второ полувреме и покажаа дека можат и да се одбранат против екипи со тап напад. Таква е и ВБА. Така што, очекуваме лесна и убедлива победа на гостите – веројатно со клиншит.

Додатни ФПЛ белешки

Бамфорд одеднаш испадна и изведувач на пенали. Треба ли да кажеме нешто повеќе? Небитно е дали имаше удел во тоа полупромашениот пенал на Клих – битно е дека еден од луѓето што се наоѓаат во најмногу шанси во Премиер лигата, сега ќе има и плус. Со други зборови, не ви препорачуваме да го немате – особено не за овој натпревар. Имајќи го предвид распоредот на Лидс, одете и подлабоко: Рафиња и Родриго се најпаметните опции во моментов. Исто и Далас – играчот без позиција.

вторник, 29 декември 2020, 21:00h

МЈУ 1 1 Вулвс
ФПЛ опции
Бруно
Рашфорд
Марсијал
ФПЛ опции
Силва
Нето
Најава

Манчестер Јунајтед пропушти шанса да му се доближи на Ливерпул на Боксинг деј, а Вувлерхемптон му ја одзема истата шанса на Спарс. И едниот и другиот натпревар покажаа нешто што сме заборавиле да го очекуваме во Премиер: блискост во квалитет и можности на многу, дури и премногу екипи. Ливерпул и натаму се издвојува пред сите, но како оди сезонава, нема зошто да не се надеваат на нешто поголемо и сите зад нив. Можеби и особено Манчестер – кој некако изгледа најконстантно и најдинамично. Ама Вулверхемптон не се екипа со која баш и уживаат да играат: имаат само една победа во последните 7 меча со нив. Сите тие завршија со многу малку голови и најголем дел беа реми. Кога Вулвси победуваа (два пати) победуваа со 2:1 и со пресврт. Не веруваме дека такво нешто би можеле да изведат против Јунајтед во вторник (и сигурно не со пресврт против кралевите на пресвртот за сезонава), ама дека би можеле да им ги поматат сметките на Црвените Ѓаволи – и тоа како. Веќе го направија истото со Челзи и Тотенхем.

Додатни ФПЛ белешки

Нето станува сè попривлечна и попривлечна ФПЛ опција. Не само заради тоа што за половина цена има исто толку поени колку КДБ. Туку заради тоа што е играчот од кој Вулвси мора да очекуваат да направи нешто. Згора на сето тоа, тестот на окото го положува редовно со високи оценки, па навистина не ни изгледа дека во скоро време ќе престане да собира бодови. Напротив. Фабио Силва е млад, но сè додека е главен напаѓач на Вулвси, вреди да се размисли. Кај Јунајтед, си знаеме веќе: Бруно е „обавезен“, а Рашфорд и Марсијал сè попривлечни. Но, внимавајте и на Кавани: малку му фали на Уругваецот да стане и прв напаѓач на Јунајтед. Тогаш ќе биде одличен differential.

среда, 30 декември 2020, 19:00h

ТОТ 1 1 Фулам
ФПЛ опции
Кејн
Сон
ФПЛ опции
/
Најава

Откако практично го надигра Ливерпул и му извлече бод, Фулам нареди уште три ремија во исто толку натпревари – против Брајтон, Њукасл и Саутемптон. И во ниеден од овие натпревари не играше подредена улога. Како се случи тоа – не можеме да ви кажеме. Но, можеме да ви кажеме дека статистиката вели дека Фулам игра многу подобра одбрана и многу поорганизиран напад во минатиов период. Така што, сметајте го за аутсајдер на ваша одговорност. Ние, барем периодов, ќе си го сметаме за екипа од малку повисок ранг и ќе внимаваме при изборот на играчи од нивните противници. Во случајот со Тотенхем, особено, зашто како што Ливерпул беше позитивна пресвртница за момците на Паркер, така тој натпревар влијаеше многу негативно врз момците на Мурињо. Тотенхем има само два бода во последните четири меча, на кои има дадено само три гола. Со Фулам сигурено ќе сакаат Спарси да наплатат, ама досега може имаат развиено и проблем со самодовербата. А Фулам играат сè подобро.

Додатни ФПЛ белешки

Можеби подзаборавивме малку на Кејн и Сон, но со оглед на тоа во колку тимови се наоѓа барем еден од нив, нема да се бунат премногу ФПЛ менаџери ако Англичанецот и Кореецот нè потсетат зошто се сè уште во тимот на сезоната на два три дена пред Нова година. Би сакале да ви препорачаме и некој дефанзивец на Спарси за натпреварот со Фулам, ама и многу ротираат и некако знаат да зачуваат клиншит само до 85-та. А не знаеме кој би излегол пред тоа. Би сакале да ви препорачаме и некој играч од Фулам, ама не е баш најлесно на свет да се направи тоа: подобрувањата во нивната игра не значеа баш премногу подобрувања на ФПЛ план.

среда, 30 декември 2020, 21:00h

Њукасл 0 3 ЛИВ
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Салах
Мане
Робертсон
Најава

Њукасл пред КОВИД-19 беше многу подобра екипа. Ама како и не би било различно сега кога нивниот најдобар играч (Ален Сен-Максиман) сè уште не може да се опорави од короната! Такви нешта, реално, и многу деморализираат, па не е чудно што Њукасл изгледа полужив на теренот последниве четири меча во кои има само еден бод против Фулам и три порази со Лидс, Сити и со Брентфорд во купот. Она што е чудно е дека Ливерпул има три ремија во последните пет натпревари, и тоа со Митјиланд, Фулам и ВБА! Навикнавме тоа да бидат рутински и убедливи победи за Црвените, ама, ете, сезонава, тие не се ни обични, ниски победи, туку ремија од 1:1. Не можеме ниту да замислиме уште еден таков резултат на Ливерпул – особено не против Њукасл, екипа со која редовно победуваат (на последните пет меча имаат исто толку победи). Баш напротив: мислиме (како и цел свет веројатно) дека Ливерпул ќе даде многу голови, а Њукасл ниеден.

Додатни ФПЛ белешки

Мане се врати во листите на стрелци со Палас, а со ВБА покажа и дека планира да остане на нив подолг рок. Салах беше необично тивок против фенерџијата, а не е тој играч што останува тивок на неколку врзани натпревари. Минативе две сезони истиот впечаток го имавме и за ТАА, ама сезонава ништо не му оди од рака: се изиграа 15 кола, а Анличанецот има само 2 асистенции. Неговиот партнер од другата страна на теренот е многу подобар, па ако ви се даваат 7,2-7,3 за дефанзивец, инвестирајте ги во Робертсон. Белки со Њукасл ќе извлече Ливерпул барем клиншит?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *