ФПЛ.мк најава за четврто коло

По завршување на првите три кола, единствено очекуван е максималниот учинок на Ливерпул, со што најавија дека повторно се претендент број еден за титулата. Но, последното коло отвори многу нови непознаници, и таргетираше одредени слабости кај екипите, кои пак ќе настојуваат тоа да го „испеглаат“ до понеделник (крајот на преодниот рок). Меѓу другото, сведоци сме и на „новото нормално“ кога се во прашање пеналите, па така по три кола се досудени дури 20 пенали(!), што во овој ритам, до крајот на сезоната оваа бројка би се претворила во безмалку 300?! Оправдано? Тоа ќе го оставиме на луѓето во црно, доле на теренот, но и на оние „фраери“ (изјава на Славен Билиќ) во ВАР просториите, а ние ќе се насочиме кон четвртото коло, по кое ќе следува нова репрезентативна пауза.

сабота, 03 октомври 2020, 13:30h

Челзи 2 0 КПА
ФПЛ опции
Вернер
Хаверц
Маунт
ФПЛ опции
Заха
Најава

Челзи има проблеми. Проблеми со „староседелците“, проблеми со вклопувањето на новите играчи. Впрочем, Лампард лута, барајќи ја првата единаесеторка. Но се надева дека по репрезентативната пауза, сите ќе бидат во строј. Затоа поразот од Ливерпул и ремито со ВБА мора да се заборават, бидејќи следува мало градско дерби, со добриот сезонава Палас. Орлите по двете воведни победи, беа приземјени дома од Евертон, натпревар по кој Хоџсон имаше многу што да каже за правилото „секоја игра со рака во шеснаесетникот е пенал“. Оттука, и двете екипи ќе сакаат бодови по минатонеделните неуспеси, но се чини е време да го видиме Челзи во право светло, па ќе типуваме сигурна единица.

Додатни ФПЛ белешки

Рис Џејмс е единствена светла точка во сината одбрана. Младиот англиски репрезентативец во минатото коло освои бонус поен, и покрај тоа што немаше гол/асистенција, доби жолт картон и неговата екипа прими 3 гола. Сепак, неговите проигрувања и уфрлања на противничката половина ги забележува ФПЛ алгоритамот. Од останатите, Хаверц прв пат одигра цел премирлигашки меч, и веднаш забележа асистенција, но веруваме дека е крајно време да проработи Вернер. За тие што сè уште не го продадоа Германецот, би им препорачале колово да го испробаат и како капитен. Тој во ЕФЛ купот, го постигра својот прв гол во синиот дрес. Кај Палас најопасен е нормално Заха, но почекајте колово. Потоа му следува интересен распоред. Се разбира, доколку остане во Палас.

сабота, 03 октомври 2020, 16:00h

Евертон 2 1 Брајтон
ФПЛ опции
Калверт-Луин
Ричарлисон
Х.Родригез
ФПЛ опции
Мопе
Тросар
Најава

Карло и Евертон имаат три од три, и го делат врвот на табелата со Лестер и Ливерпул. Сигурно Карамелите ќе сакаат да го продолжат овој успешен низ, со оглед на тоа што на гости им доаѓа незгодниот, но и несреќен Брајтон. Галебите играат отворен фудбал, и прикажаа одлични игри, но сепак два пати загубија дома од топ 6 екипите, притоа примајќи 6 гола. Но мораме уште еднаш да ја спомнеме нивната среќа, бидејќи таа им го сврте грбот со Челзи (зицер на Данк за 2:2) и дури 5 (пет!) погодувања на конструкцијата на голот на Де Хеа. Згора на тоа и пораз од пенал, по истекот на 90-те минути со Јунајтед. Но што е тука е, и сметаме дека ќе биде тешко на Гудисон да се бараат изгубените бодови.

Додатни ФПЛ белешки

Калверт-Луин игра во страшна форма. Пет погодоци во три кола, со еден хет-трик. Нема зошто да не продолжи оваа негова гол серија и овој пат. Похрабрите ќе одат со Англичанецот и како капитен. Во листата стрелци се запиша и Ричарлисон, а ФПЛ менаџерите дознаа кој ќе биде прв пеналџија во Евертон. И се разбира, зад нив, мајсторот Хамес. На другата страна имаме уште еден пеналџија, Мопе, кој веќе е на три погодоци. Најголема поддршка од средината му е Тросар, кој му даде гол на Челзи, и ги „искрши“ пречката и стативата на Манчестер Јунајтед.

сабота, 03 октомври 2020, 18:30h

Лидс 1 3 МСИ
ФПЛ опции
Бамфорд
ФПЛ опции
КДБ
Стерлинг
Махрез
Најава

Шокот од неочекуваниот домашен пораз од Лестер, Пеп ќе мора да го исправа на Иланд Роуд. А таму нема да му биде лесно. Впрочем тоа го осети и Клоп во првото коло. Лидс, по првите „ГГ3+“ натпревари, покажа дека знае да одигра и на резултат, па се врати со гостинска победа од Шефилд. Минимални 0:1, но доволни за три бода, и прв клиншит. Но Гвардиола мора да победи. Не смее да дозволи да му се повтори минатогодишната сезона, кога Ливерпул „избега“ и повеќе немаше стигнување. Затоа и сметаме дека ова е чиста двојка. Секоја чест за фудбалот на Бјелса, но бодовите заминуваат за Манчестер.

Додатни ФПЛ белешки

Бамфорд е играчот кој ќе создава главоболки на неубедливата одбрана на Сити. Деветката на Лидс запиша по еден гол на секоја од трите средби, и сè уште е прв избор пред Родриго. Но како и Сити, и Лидс нема гранитна одбрана, со посебно посочување на Кох како најпроблематична алка. Затоа и Пеп ќе мора да го знае и таргетира тоа. А Каталонецот ќе мора да смисли нешто подобро во нападот, бидејќи без Кун и Жезус ќе биде тешко. Дали ќе почне младиот Делап од првата минута, или повторно Стерлинг ќе ја има улогата на „лажна деветка“, останува да видиме.

сабота, 03 октомври 2020, 21:00h

Њукасл 1 0 Барнли
ФПЛ опции
Вилсон
ФПЛ опции
/
Најава

Неинтересен натпревар во најава. Њукасл со црвено-жолто-зелено, односно победа-пораз-па нерешено, што лесно можеше, и требаше да биде пораз. Незаслужен бод од Вајт Харт Лејн, за кој призна и самиот Брус. Барнли пак стартуваа од второто коло, и досега забележаа два порази, што најави тешка сезона за Дајш, особено што неговиот борд не е активен на трансфер пазарот. Има време за уште некое засилување, бидејќи само Стивенс нема да биде доволен, во извесната борба за опстанок сезонава. Њукасл се засили, и ќе сака да го искористи овој лош период на Барнли, за втора победа сезонава. Сметаме дека ќе успее во намерата.

Додатни ФПЛ белешки

Скромен ФПЛ избор од овој натпревар, зошто скоро никој (освен Вилсон) не нè убеди во својот ФПЛ потенцијал. Новиот напаѓач на Страчките ќе биде задолжен и за пеналите, и веќе постигна два гола сезонава. Доколку го имате, чувајте го и колово. Доколку не, размислете убаво пред да го земете, бидејќи после ова коло, му следува доста потежок расоред.

недела, 04 октомври 2020, 13:00h

Лестер 2 1 Вест Хем
ФПЛ опции
Варди
Барнс
Медисон
ФПЛ опции
Антонио
Боуен
Соучек
Најава

Лестер го декласираше Сити, на Итихад во минатото коло, и докажа дека е тим кој може да победи било кого. Докажа и Варди, по којзнае кој пат, дека е еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лигата во последните десетина години. Максимални три од три за Лисиците во првите три натпревари. Сега, против Вест Хем на Мојс. Некои експерти тврдат дека Вест Хем нема никогаш да испадне, додека е тренер Шкотот. И можеби се во право. Чеканите ја креваат формата од коло во коло, па по првиот пораз од Њуксал, следуваше уште еден (несреќен) од Арсенал, но на кој покажаа одлична игра. Таа одлична игра ја пренесоа и против Вулвси, за силна и голема победа од 4:0. Затоа, нè очекува отворен и возбудлив натпревар, со голови, но поради домашниот терен, предност и даваме на екипата на Роџерс.

Додатни ФПЛ белешки

Спротивно од претходната средба, на оваа имаме голем ФПЛ потенцијал. Секако би започнале со Варди, но мораме да почекаме со него, бидејќи има проблеми со колкот. Доколку целосно се опорави за викендот, ќе биде еден од најчестите избори за капитен. Кај Лисиците би ги додале и Барнс и Медисон. Првиот е еден од најзабележителните во својот тим, а вториот се враќа од повредата со несреќна статива против Арсенал во купот, и ефектен гол против Сити во првенството. На спротивната страна го имаме најистурениот Антонио, и одличниот од втор план Боуен. И за крај, еден од најдоминантните скокачи во Премиер лигата – Соучек, кој претставува опасност буквално при секој прекин на својата екипа.

недела, 04 октомври 2020, 13:00h

С’тон 2 0 ВБА
ФПЛ опции
Ингс
Че Адамс
ФПЛ опции
Переира
Најава

Славен Билиќ може да биде разочаран што во четвртото коло не влегува со три бода: не само што Вест Бромвич Албион имаше 3:0 на полувреме со Челзи, туку и прими гол во 93-та минута по игра со рака на Каи Хаверц. Сеедно, новолигашот не смее да биде незадоволен од ремито со Лондончани и мора да влезе со висока самодоверба во натпреварот со Саутемптон во недела. Светците имаат веќе освоено три бода по победата над Барнли, но впечатокот е дека не влегоа во сезоната онака како што сакаа и можеа: никој не очекуваше да изгубат против Палас, да испадат од Брентфорд во Лига купот и да бидат целосно разбиени од Мурињовиот Тотенхем. Резултатите – на нивна среќа или несреќа – не ги одразуваат ниту квалитетите на Саутемптон, ниту пак она што тимот го прикажа на првите три натпревари. Не може да се рече истото за ВБА: во моментов, пулените на Билиќ изгледаат дека веќе од наредна сезона ќе ги гледаме одново во Чемпионшип.

Додатни ФПЛ белешки

Никој нема повисок ОГ коефициент од Че Адамс (1,84) без да даде гол сезонава. Всушност, ако се изземат пеналите, низ цела Премиер, само пет играчи (Калверт-Луин, Мане, Кејн, Лаказет и Антонио) имаат повисок ОГ коефициент од Че. Тие пет досега имаат заедно дадено 13 гола. ВБА е одличен противник за Че да го отвори сезонското голгетерско конто. Неговиот колега од нападот, Дени Ингс, сезонава продолжи таму каде што застана лани: брутално ефективен, и на ОГ коефициент од 1,68 (со сè пенали!), Ингс веќе има постигнато 3 гола. Материјал и за капитен колово – секако, за похрабрите.

недела, 04 октомври 2020, 15:00h

Арсенал 2 1 Шефилд
ФПЛ опции
Оба
Лаказет
Вилијан
ФПЛ опции
Ландстрам
Најава

Шефилд е единствениот тим што сè уште нема дадено гол сезонава. Ама не е тоа заради тоа што не заслужиле, туку заради тоа што пулените на Вајлдер немаат среќа: ниту еден тим во лигата нема ни приближно толку лош негативен скор на дадени голови (0) – очекувани голови (3,5). Да биле претворени во гол, овие 3,5 ОГ би резултирале со убедливо најмногу поени за Лорд Ландстрам кој игра одлично, но кого не го служи среќата (не само што промаши пенал, туку и минатото коло Меслие му одбрани стоотстотен зицер). Не ни личи на играч кому ова би му влијаело на самодовербата, па ние очекуваме двоцифрен број поени од Ландстрам секое коло – и покрај тоа што Шефил има ептен тежок распоред во наредниве пет. И Арсенал нема полесен, па оттука ќе мора да го победи својот гостин во недела, како знае и умее. Ќе влезе во натпреварот мотивиран откако уште еднаш го победи Ливерпул на пенали (и му се одмазди за лигашкиот пораз од минатото коло), а и одморен откако најголем дел од првотимците играа малку или воопшто не влегоа во игра во ЕФЛ купот. Па, сепак, не заборавајте дека Шефилд е добро организирана екипа и дека може да имаат проблеми Топџиите да ја пробијат нивната одбрана. Иако има три порази, Шефилд не изгуби ниту еден од натпреварите убедливо – па Арсенал ќе треба да се помачи ако сака да доппише три бода на своето конто.

Додатни ФПЛ белешки

Обамејанг не влезе во игра против Ливерпул, а тој е, по правило, најопасниот играч во екипата на Арсенал. Но, статистички, Лаказет засега е подобар во речиси секоја можна категорија: Французинот даде по еден гол во секое од изминатите три кола, а можеше со Ливерпул да додаде барем уште еден. Неговиот ОГ коефициент (2,32) е седми највисок во лигата (зад ДКЛ, Варди, Мопе, Мане, Салах и Кејн), а тоа што е доста поевтин од Обамејанг почнува да го прави навистина привлечна опција. Како таква изгледаше и Вилијан првото коло, но после се стиши. Сепак, има и премногу квалитети во Бразилецот за да заборавите на него така лесно. Од Шефилд, веќе пишавме: избегнувајте ги поради тешкиот распоред, но имајте ги предвид и Ландстрам и Бурк – преевтини средњаци што играат истурено и што секогаш може да се вмешаат во некој гол.

недела, 04 октомври 2020, 13:00h

Вулвс 3 1 Фулам
ФПЛ опции
Хименез
Траоре
Саис
ФПЛ опции
Митровиќ
Најава

Зачудувачки, засега само двајцата новајлии – Лидс (6,24) и ВБА (9,48) – имаат повисок ОГП коефициент од Вулверхемптон (6,08)! Практично само во овие три кола, Вулвс им имаат дозволено на противниците поголем број на големи шанси (9) отколку во цел период пост рестартот (8). Како најдобрата одбрана лани стана една од најлошата сезонава не е прашање на кое може да се даде лесен одговор: да, ги нема Доерти и Џони, но не е дека Марсал/Винагре и Нелсон Семедо се слаби играчи. Можеби сè уште НЕС не го склопил тимот како што сака или можеби она со Вест Хем беше само лош ден. Тешко да се повтори против Фулам. Тимот на Скот Паркер е во слободен пад – не зашто не се снаоѓа во Премиер, туку зашто не може да одигра достоен натпревар ниту против довчерашните второлигашки конкуренти (Лидс, Астон Вила, Брентфорд). И Вулвс и Фулам влегуваат во лоша форма во меѓусебниот дуел и со навистина несредени одбрани, па изгледа реално да се очекуваат голови на двете страни. Повеќето би требало да завршат во мрежата на Ареола.

Додатни ФПЛ белешки

Кога напаѓа, Фулам напаѓа за Александар Митровиќ, па српскиот напаѓач има повеќе удари со глава во шеснаесетник отколку кој и да е друг играч во Премиер лигата. Ама, па, ретко кој од тие удари е вистинска шанса: повеќето се благи и не ги загрозуваат противничките голмани. Со Вили-Боли и Саис ќе му биде на Србинот уште потешко да се изборува за простор и квалитетни можности; но не би нè чудело и од неизградена позиција да го совлада Патрисио и да го избрише очекуваниот клиншит на Вулверхемптон. Од другата страна, ниту на Хименез ниту на Траоре не би требало да им е некаков проблем да најдат простор во разредената одбран на Фулам. Всушност, Раул е материјал и за капитен колово – макар што ни се чини дека има доста подобри опции од него. Но, имајќи го предвид распоредот на Волците, Хименез треба да ви е во тим и ова, а и наредните три кола.

недела, 04 октомври 2020, 17:30h

МЈУ 1 1 Спарс
ФПЛ опции
Бруно
Рашфорд
Марсијал
ФПЛ опции
Кејн
Региљон
Најава

Тотенхем се пласираше во Европа Лига после уште еден исклучително убедлив триумф: Макаби Хаифа им даде два гола, ама затоа, пак, прими дури седум. Три од овие седум дојдоа благодарение на Кејн кој, од некоја причина, играше сè до 75-та минута – и покрај тоа што Спарси се на средината од исклучително истоштувачки и преседантно густ период. Дали ова ќе се одрази на неговата кондициона подготвеност во недела останува да видиме на дербито за ова коло. На хартија, Манчестер треба да е фаворит и би морал да извлече три бода од овој натпревар, но во пракса, Мурињо игра фудбал каков што не им одговара на Црвените Ѓаволи. Со други зборови, Тотенхем веројатно ќе се повлече и ќе чека шанса од контра, што значи Манчестер ќе мора да го направи спротивното: да биде креативен и да ја разбие одбранбената линија на Спарси. Засега не покажува такви квалитети. Оттука, не можеме да видиме многу голови во ваква поставеност, па ќе прогнозираме реми од 1:1.

Додатни ФПЛ белешки

Хари Кејн игра одлично сезонава – голови даваше и претходните, ама под Мурињо одеднаш почна и да асистира како никогаш претходно. Ако Сон и Бејл се здрави најголем дел од сезоната, можете да очекувате некоја анриевска сезона од Англичанецот: може не 20/20, ама дека ќе биде двоцифрен бројот и на голови и на асистенции веќе изгледа извесно – Кејн има 5 асистенции по само 3 кола. И покрај грешката за голот на Челзи во Купот, Региљон изигра одлично а и беше одморен против Макаби Хаифа, па очекувајте да стартува со Јунајтед (значи, ако го имате Дејвис планирајте да имате и замена). Со Региљон или без него, одбраната на Тотенхем не е стабилна, па се отвора шанса за напаѓачката тројка на Јунајтед: Марсијал, Рашфорд и Гринвуд. Бруно ќе биде од огромна важност за овој натпревар, а ако Тотенхем е повлечен во шеснаесетник, Манчестер е тимот што најлесно добива пенали. Бруно, не мора да ве потсетуваме, е многу сигурен реализатор.

недела, 04 октомври 2020, 22:15h

АВЛ 1 2 Ливерпул
ФПЛ опции
Мартинез
ФПЛ опции
Салах
ТАА
Робертсон
Најава

Кој би рекол дека по три кола (нивни две, додуша) единствениот тим сезонава што ќе нема примено гол ќе биде Астон Вила! Би можеле да речете дека Емилијано Мартинез е виновник за тоа – одличен, одличен трансфер! – ама што да кажеме за ОГП коефициент на тимот на Дин Смит: 1,38! Најнизок во лигата – и покрај пенал досуден против нив (и одбранет од Еми). Обично вакви бројки би очекувале од Ливерпул кој, за волја на вистината, има примено многу повеќе голови од потребно: статистички, покрај Астон Вила, само уште Барнли и Евертон имаат подобри одбрани од тимот на Клоп. Или, кажано појасно, од тимовите со три одиграни натпревари, само Евертон (1,58) има понизок ОГП коефициент од Ливерпул (2,37) (какво дерби ќе биде градското годинава!) Црвените ќе влезат во натпреварот со Вила после отпаѓањето од купот – каде изгубија на пенали од Арсенал – но тешко дека тоа ќе им делува демотивирачки. Во овој натпревар целосно одморија многу првотимци, а и Салах и Ван Дајк излегоа по две третини од натпреварот. А со целосно подготвен Ливерпул, колку добро и да се брани Вила, нема да се одбрани. Но и лани, кога играа Вила многу послабо, пак Ливерпул со маки го кршеше нивниот отпор (победи 1:2 со голови во последните десет минути на истиов натпревар изминатата сезона). Па, ајде да бидеме коректни кон традицијата и сè што прави Вила и да прогнозираме минимална победа на, реално, еден од трите најдобри тимови во Европа.

Додатни ФПЛ белешки

Настрана нашето предвидување, ова не е коло да останете без Ливерпулец; дури и би оделе чекор понапред: ова не е коло да не ја ставите капитенската трака на раката на некој од Црвените. Салах е очигледниот избор, ама лани даде само 4 гола на гостински терен; оттука, можеби Мане (кој целосно одмори во купот) е посигурна опција – иако има шпекулации дека е еден од шесте играчи на Ливерпул заразени со КОВИД-19. До некаде ризична – ама со можност и за експлозивна – е опцијата ТАА/Робертсон: од двајцата, Робо се чини во подобра форма во моментот, но ТАА е секогаш оној кој има поголем потенцијал. Колово би можеле Ливерпул да извлечат и клиншит, па ако сте храбри, одете со ТАА/Робо.