ФПЛ.мк најава за ФА куп финале 2019/20

Минатиот викенд заврши Премиер лигата. Но, сезоната 2019/20 ќе ја комплетираме со финалето во ФА купот, кажано во излитена форма како „јаготка на шлагот“. Колку тоа ќе биде допадлив и интересен натпревар, допрва ќе видиме, но секако дека лондонското дерби ќе изобилува со голема борба и тактичко надмудрување на двете страни на теренот.

Микел Артета VS Френк Лампард

Двајца млади менаџери, за кои ова ќе биде прво големо финале. Едниот, како легенда на „Сините“ стана нивни предводник уште пред почетокот на сезоната, а другиот како капитен на „Топџиите“ во едни сушни времиња, на средина на декември му беше доделена задачата да ја спасува најлошата сезона на пост Венгеровата ера, секако во можеби најтурбулентниот период на трофејниот тим од северен Лондон.

Лампард, и покрај забраната за трансфери, успеа во намерата да избори ЛШ догодина, делејќи го третото место со Манчестер Јунајтед, или најточно освојувајќи го четвртото место поради послабата гол разлика со манчестерскиот тим. Артета пак, ја немаше таа „среќа“. Тој заврши осми, најлош пласман на Арсенал во премиерлигашката ера, а во меѓувреме изненадувачки испадна и од ЛЕ од Олимпијакос. Затоа, овој натпревар ќе биде со многу поголем влог за црвениот тим од Лондон. Како што знаеме, победникот на ФА купот добива место во ЛЕ догодина, а Арсенал тоа не го обезбеди преку Премиер.

Овие менаџери, на двапати се сретнаа сезонава во првенството. Ако се сеќавате, тоа беше трет натпревар по назначувањето на Артета за наследник на Емери (првиот, Шпанецот го проследи на трибините на Гудисон парк), па дебитираше на Виталити против Борнмут, и во дваесеттото коло се сретнаа на Емирејтс, на првиот домашен натпревар за Артета. Тогаш Арсенал долго водеше со 1:0, но Челзи го сврте натпреварот во своја полза, освојувајќи ги сите 3 бода. Се сеќавате, Лено испушти една навидум лесна топка, која во мрежата ја спроведе Жоржињо, кој пак среќно избегна чист црвен картон пред тоа. И додека Арсенал беше доле, следуваше и нокаут за нецели пет минути, Абрахам за конечни 1:2. Вториот нивни дуел изобилуваше со уште повеќе возбудувања. Давид Луиз направи пенал и доби црвен картон, по што Челзи имаше предност една третина од натпреварот, до оној прекрасен соло-пробив на Мартинели (кој го заменуваше казнетиот Обемејанг) и гол „а-ла“ Меси. Челзи, повторно со доцен гол на Аспиликуета навести слично сценарио од Емирејтс, но овојпат возврати и Арсенал, преку повратникот Белерин, кој погоди во првиот негов натпревар сезонава, за конечни, и заслужени 2:2.

Арсенал и Челзи во ФА купот

Арсенал е најтрофеен клуб во ФА купот, со 13 трофеи, а ова ќе биде и нивно 21 финале, што исто така е рекорд. Микел Артета двапати како играч (еднаш и како капитен) директно учествуваше во двата последни подиуми на Арсенал. Последен пат тоа се случи во 2017 година.

Челзи е осумкратен победник во ова нтапреварување, а нивниот сегашен менаџер Лампард дури половина од тие пехари (4) ги крена со свои раце, како играч на „Сините“. Челзи го наследи трофејот од Арсенал, освојувајќи го во наредната 2018 година, за последен пат.

Двете екипи имаат и еден заеднички рекорд, односно станува збор за играч кој намногу пати го освоил ФА купот. Тоа е Ешли Кол, кој седум пати го кренал пехарот, три пати со Арсенал и четири пати (по доаѓањето на Абрамович – исто како и Лампард) со Челзи.

Патот до Вембли, и значењето на победата

Во својот пат до финалето, Арсенал беше подобар од: Лидс (1:0), Борнмут (1:2), Портсмут (0:2), Шефилд Јунајтед (1:2) и Манчестер Сити (2:0); додека пак Челзи ги елиминираше: Нотингем Форест (2:0), Хал (1:2), Ливерпул (2:0), Лестер (0:1) и Манчестер Јунајтед (1:3).

Како што веќе спомнавме, овој натпревар ќе биде многу позначаен за Арсенал. Доколку успеат да победат, тоа ќе биде едно светло на крајот на тунелот што го „ископаа“ Газидис и Кроенке. Ублажување на оваа мизерна сезона, која нивните навивачи сакаат што побрзо да ја заборават. Но и покрај сите проблеми, ќе можат да обезбедат „silverware“, нешто што не им успева на нивните најомразени градски ривали Тотенхем ни во најдобрите сезони. Но, доколку загубат, тоа ќе биде за прв пат после 25 години, тимот од северен Лондон да не игра во европските натпреварувања.

Од друга страна, трофејот во ФА купот ќе биде само награда за одличната сезона на тимот од западен Лондон. Во сезоната во која не беше донесен ниту еден нов играч, сезоната во која замина Азар, Лампард обезбеди ЛШ догодина, натпреварувањето кое сезонава најверојатно ќе го завршат во осмина-финалето. Френки го постави темелот на новиот Челзи, а Роман му дава ветер во грб, носејќи ги Зијеч и Вернер уште пред официјализирање на преодниот рок, а можеби и Хаверц…

Интересен е податокот дека случувањата на Вембли во сабота ќе бидат интересни и важни и за Вулверхемптон. НЕС и момците ќе навиваат за Челзи, бидејќи со нивна победа тие ќе имаат повторно загарантирано место во ЛЕ догодина. Во спротивно, Арсенал со победа ќе го завземе нивното место во ЛЕ. Значи за европска иднина на Вулвси, ќе одлучуваат Арсенал и Челзи викендов.

ФА купот се сели во Лондон

Трофејот, од Манчестер (Сити на Пеп е актуелен освојувач) ќе се пресели во Лондон. Можеби ќе го крене Давид Луиз, можеби ќе го крене Жиру. Можеби освоениот трофеј ќе го убеди Вилијан да остане на Бриџ, или можеби победата ќе го задржи Обамејанг на Емирејтс. Пред околу една година, во Баку, Челзи доминантно и неочекувано лесно го победи Арсенал со 4:1 во финалето на ЛЕ. Претходно во 2017 во последното нивно финале во ФА купот, Челзи влезе како апсолутен фаворит и сакаше да освои двојна круна, но Арсенал покажа дека ова е нивно натпреварување, победувајќи со 2:1.

Претпоставени тимови

Арсенал нема да може да смета на повредените: Мартинели, Чемберс, Лено, Мари и Мустафи. Седрик Соарес нема право за настап во ФА купот, а Гуендузи и Озил се чини дека не се во плановите на Артета. Челзи ќе биде единствено без младиот Гилмор, а неизвесен е настапот на Н’голо Канте.

Арсенал е непоразен на 28 од последните 31 натпревари во ФА купот, додека Челзи има 9 победи на последните 10 ФА куп натпревари. Ние пак, се надеваме дека ова ќе биде последно големо ФА куп финале без присуство на публика, но иако ќе недостасува поделениот црвено-син амбиент, сепак посакуваме една одлична претстава на Вембли, каква што само Англичаните можат да ни приредат.