ФПЛ.мк најава за трето коло

Второто коло нѝ донесе многу ефикасен фудбал, со многу голови. Вкупно 44 на десетте одиграни мечеви, или во просек од 4,4 голови по натпревар. Тоа само по себе значи дека имавме расположени стрелци, и многу ФПЛ поени. Особено од ударното дуо на Спарси, што веќе во следното коло ќе стане и трио. А третото коло ни следува токму викендов, во кое, по минатонеделното прво дерби во сезоната меѓу Челзи и Ливерпул, вторите ќе одиграат уште едно. На Енфилд доаѓа Арсенал. Ќе биде возбудливо на сите десет натпревари, особено што во текот наделата се играа натпревари и од Лига ЕФЛ купот. Затоа, бидете внимателни во вашите ФПЛ избори, а ние сме тука да ви помогнеме.

сабота, 26 септември 2020, 13:30h

Брајтон
1 2 МЈУ
ФПЛ опции
Мопе
Тросар
ФПЛ опции
Рашфорд
Гринвуд
Марсијал
Бруно
Најава

Брајтон одигра одлично, и сепак загуби на отворањето од Челзи, но сето тоа го наплати во второто коло, со изненадувачки високата победа на Сент Џејмс Парк против Њукасл. Сега, повторно тежок домашен натпревар, гостува Манчестер Јунајтед. Црвените ѓаволи неславно ја отворија сезоната, одиграа очајно и сосема заслужено беа поразени на својот терен од Кристал Палас. Затоа, со сите сили ќе тргнат по први сезонски бодови, против Галебите. Јунајтед имаше успешна премиера во лига купот, каде со комбиниран тим го поминаа Лутон. Сепак, не беше така едноставно, бидејќи Хендерсон ја вадеше топката од самата гол линија, при резултат 0:1. Потоа влезе „тешката артилерија“ Рашфорд-Бруно-Гринвуд, и веднаш сѐ беше полесно. Во сабота нема да биде лесно, но како и лани на овој терен, очекуваме гостинска победа на момците на Солскјер.

Додатни ФПЛ белешки

Мопе има два гола во воведните две кола, и несомнено ќе биде најистурен во нападот на Потер. Французинот, најголема помош добива од Тросар, кој веќе е на гол и асистенција. Доколку барате пристојна опција од Галебите, дефинитивно тие двајца. Сепак ние сметаме дека е подобро инвестирањето во гостите, односно во некој од напаѓачката четворка. Во првото коло, Бруно имаше подефанзивна улога од порано, па затоа сметаме дека Рашфорд/Гринвуд, или одморениот Марсијал би биле попримамливи ФПЛ понуди за ова коло.

сабота, 26 септември 2020, 16:00h

КПА
1 1 Евертон
ФПЛ опции
Заха
ФПЛ опции
Калверт-Луин
Хамес Р.
Најава

Палас е непоразен по првите две кола, и има максимални 6 бода. Очекувавте? Ние не. Но тие 5-ти натпревар со ред се враќаат непоразени од градот Манчестер. Иако болница во одбраната, сепак тимот ги користи своите шанси во нападот, и доаѓа до бодови. Сега, за противник ќе има уште една екипа со максимални шест, по првите два натпревари. Евертон на Анчелоти отвори одлично, и најави особено ефикасни натпревари, со голови на двете страни. Тоа е поради одбраната, во која крилните бекови често се на противничката половина, па стоперите се доста изложени, особено на противнапади. Тоа ни го покажа Диангана во минатото коло. Затоа Карло и ги донесе Дукуре и Алан. Сепак очекуваме натпревар без многу голови, можеби по еден на двете страни, и поделба на бодовите.

Додатни ФПЛ белешки

Страшен Заха на почетокот. Три гола на два меча, и доминантни перформанси. Можеби ова се и негови последни натпревари во дресот на Палас, но за тоа ќе почекаме до крајот на преодниот рок. Дефинитивно го имаме во предвид во нашите ФПЛ тимови. Секогаш опасен, секогаш потенцијален стрелец, без разлика на противникот. Но таков станува и новото голгетерско чудо во Англија – Калверт-Луин. Англичанецот го постигна првиот премиерлигашки хет-трик, и постави високи цели за оваа сезона. Не се оставајте без него. Одлична поддршка има од Ричарлисон и Хамес, па нападот на Карамелите е поопасен и поразновиден од било кога во блиското минато.

сабота, 26 септември 2020, 18:30h

ВБА
1 2 Челзи
ФПЛ опции
Переира
Диангана
ФПЛ опции
Вернер
Најава

ВБА нанижа два порази, а веќе нареден противник е Челзи. Кошмарен почеток за Билиќ, кој по примерот на Гибс во минатиот натпревар, беше исклучен од Мајк Дин. Судијата, за кој, поранешниот репрезентативец Габриел Агбонлахор, изјави дека е убедливо најомразен судија и помеѓу играчите и помеѓу менаџерите. А ВБА во меѓувреме испадна и во лига купот, на пенали од Брентфорд. Меч на кој дебитираше Бане Ивановиќ. На спротивната страна е Челзи, кој иако голем фаворит на хартија, сепак е неубедлив на почетокот. Тешка и помалку среќна победа над Брајтон, и прелесно изгубено дерби од Ливерпул – но рака на срце, половина меч со играч помалку. Сигурно орасположувачки и одлично на самодовербата делуваше убедливата победа од 6:0 над Барнсли во купот, во која мала промена во позицијата на Хаверц резултираше со негов хет-трик (два гола по одлични асистенции од Абрахам). Одбранбено, за Челзи мора што побрзо да почне да брани Менди, зашто маалски кажано, Кепа не може да фати чаршав. А неопходно е што побрзо и Тијаго Силва да почне да игра и во Премиер, зашто несигурноста доаѓа и од Кристенсен и Зума. Како и да е, Челзи има големи амбиции и мора да победи овде.

Додатни ФПЛ белешки

Од ФПЛ аспект би го посочиле најопасниот Диангана, и играчот со опасен прекин кај домашната екипа, и околку кој се врти сѐ – Переира. Но ние не би препорачале да известирате во бирмингенскиот тим. Одете со Вернер кај гостите, кој е опасен во контранападите, и кој досега во два меча изнуди два пенала. Време е Германецот да се запише и во листата на стралците. Дефинитивно Вернер за ова коло, а за останатите лондончани, ќе почекаме да се вратат сите нови играчи, со кои мозаикот на Лампард (веруваме) ќе изгледа многу подобро и посериозно.

сабота, 26 септември 2020, 21:00h

Барнли
2 2 Саутемптон
ФПЛ опции
Вуд
ФПЛ опции
Ингс
Најава

Барнли беше слободен во првото коло, па прими 4 парчиња во второто. Проблематична е одбраната без главните играчи Ми и Тарковски. Првиот не се знае кога би се вратил на терените, а за вториот е неизвесна иднината во бордиот дрес. Тој е мета на неколку поголеми клубови, но проблем е сумата која Барнли ја бара за повремениот репрезентативец. На Турф Мор колово доаѓа Саутемптон, екипа која постојано напаѓа, но не знае да се брани. Одличното прво полувреме со Тотенхем за брзо беше уништено со катастрофалното второ, кое потсети на ланскиот дебакл од Лестер. Затоа и типуваме дека ова ќе биде натпревар со голови, а за победник тешко е да се каже.

Додатни ФПЛ белешки

Че Адамс е играчот кој влегол во најмногу големи шанси по првите две кола, но за жал на ФПЛ менаџерите кои го поседуваат, неговиот скор засега е само 3 поена. Затоа пак Ингс ја покажува целата негова голгетерска класа, и сигурно повторно се надева на повторување на бројките од минатата сезона. Кај домашните нешто слично е со Вуд, кој несомнено ќе биде најопасниот играч на Дајш и оваа година. Одлично стартуваше, со гол против Лестер, кој сепак беше недоволен за бодови од таа средба. Но Саутемптон е полесен и поранлив противник од Лестер. Ова би требало да биде ФПЛ дуел на Вуд и Ингс. Кој е вашиот пик?

недела, 27 септември 2020, 13:00h

Шефилд Ј.
1 1 Лидс
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Бамфорд
Х. Коста
Најава

Втората сезона во Премиер, е традиционално потешка од првата. Во тој стил стартуваа Вајлдер и Шефилд Јунајтед. Домашен пораз од Вулвси, па гостински од Астон Вила. Притоа и црвен картон на Иган, а и промашен пенал на 0:0 од минатогодишниот ФПЛ крал Ландстрам. Резултат: 0 бодови за Сечилата, исто како и бројот на клиншитови. Нешто на што не нѐ навикнаа минатата сезона. Лидс пак, високо лета, и најавува дека ќе ја повтори ланската сезона на Шефилд. Победа и пораз, со два многу ефикасни натпревари. Можеби е време и двете екипи да го одиграат првото свое реми сезонава.

Додатни ФПЛ белешки

Ако е тешко да се предвиди резултатот од Брамал Лејн, уште потешко е да се изберат ФПЛ играчи од овој дуел. Доколку беше друг противникот, ќе речевме дека е време за првиот домашен клиншит на Ремсдејл. Но Лидс постигнува многу голови, па логично е да ги издвоиме Бамфорд и Хелдер Коста по првите две кола. Првиот со два гола и две асистенции, вториот со два гола и една асистенција. Затоа ќе застанеме тука, а ќе чекаме први добри минути и ФПЛ поени од скапото засилување Родриго.

недела, 27 септември 2020, 15:00h

Тотенхем
2 1 Њукасл
ФПЛ опции
Кејн
Сон
ФПЛ опции
К. Вилсон
Најава

Откако го растури Саутхемптон, Тотенхем потешко од очекувањата ја победи Шкендија во Скопје, а за да ја оствари победата на Мурињо му требаше поддршка и од Кејн и Лукас – првотимци кои не стартуваа во Скопје. Па, сепак, и покрај уморот, Спарси влегуваат како фаворити против Њукасл кој, пак, оствари (за нив) нереално висока гостинска победа во купот – и тоа со комбиниран состав. Џоелинтон постигна два гола (еден одличен), па можеби може да се надева и на место во првата постава во недела. Најпосле, Њукасл беше целосно надигран од Брајтон, и Брус ќе мора нешто да освежи ако сака да се спротивстави на одеднаш разиграниот Тотенхем. Но, премногу нешта – од историјата па до формата – одат на страната на Спарси, па иако не убедлива, мора да типуваме на победа за нив.

Додатни ФПЛ белешки

И со Шкендија се виде кои се единствените двајца играчи од прва класа кои ги поседува Мурињо: Сон и Кејн. Барем додека не започнат да играат Бејл и Региљон, само на нив ќе мора и да се ослонува Жозе. Ама тој полека-полека гради тим по негова мерка: дефанзивно постабилен, а офанзивен ориентиран на контри. Со Саутемптон тоа делуваше зачудувачки разорно. Веќе незачудувачки, пак, делува фактот што Кејн, под Мурињо, нема да биде веќе Кејн што го знаеме: ако на Бејл му тргне, не би нè чудело Хари сезонава да ја заврши со повеќе асистенции од голови (што до лани беше практично незамисливо и да се каже, камоли да се верува). Уште ова: нашата анкета вели дека Сон е најпопуларниот избор за капитен колово. И вистина, после четирите гола со Светците, Кореецот и со Шкендија даде и намести гол. Тешко дека некој има поголема самодоверба или е во подобра форма од него во моментов. Па, иако нам нè плаши да не е уморен, не можеме да го превидиме како капитен.

недела, 27 септември 2020, 17:30h

МСИ
2 1 Лестер
ФПЛ опции
КДБ
Стерлинг
Жезус
ФПЛ опции
Варди
Барнс
Најава

За разлика од нивните сограѓани, Манчестер Сити ја почна сезоната беспрекорно: со победа и убедлива игра против за нив стандардно незгодните Волци. Оттука, не е воопшто чудно што цената на Де Брујне веќе порасна, а и тоа што Фоден, Жезус и Стерлинг се дел од најомилените играчи на моментните вајлдкарташи. Сити во второто коло го пречекува Лестер кој испадна од купот со Арсенал и кој, многу поважно, го изгуби Ндиди за долго време. Многумина сметаат дека без Ндиди, Сити ќе си има лесна работа со Лисиците, ама наше е да ве потсетиме дека и лани Сити играше против Лестер без Ндиди, па победи само 1:0 со гол на Жезус во 80-та минута. Така што, не се занесувајте пребрзо: иако Сити треба да го добие овој натпревар, Лестер се, сепак, Лестер, па ќе пружат достатен отпор.

Додатни ФПЛ белешки

Дали Стерлинг или КДБ место Обамејанг е веројатно најчесто поставуваното ФПЛ прашање неделава. Одговорот не е задоволителен: КДБ за сигурност, Стерлинг за оние што бараат експлозивност; и двајцата фаворити за капитенска трака. Де Брујне мораше да изигра триесетина минути и во купот, ама не би требало тоа да му влијае; загрижува тоа што Фоден изигра 90 минути, па иако и даде гол и асистираше, е ризичен за во недела: можеме лесно да замислиме постава во која Махрез или Фернан Торес почнуваат на местото на Фоден (тие барем не изиграа 90 минути и против Вулвс). Кај Лисиците имате две многу интересни опции: Џејми Варди и Харви Барнс. Можеби ќе ве чуди, но ниту еден играч во цела Премиер нема повеќе шутови од просторот на шеснаесетникот кон противничките голови од Барнс. Неговите 10 шута се – верувале или не – двојно повеќе од кој и да е друг среднак во цела лига. Варди, статистички, не игра ништо засега, ама исто така статистички, ќе даде гол во недела: на Сити речиси секогаш им дава, па не смеете да го отпишете.

недела, 27 септември 2020, 20:00h

Вест Хем
0 2 Вулвс
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Хименез
Поденс
Најава

Вест Хем не играат лошо, ама имаат два порази и 1:4 гол-разлика. Со Арсенал можеа и да си заминат со цел плен, а го изгубија и едниот бод што некако им беше гарантиран во таа фаза од натпреварот. Вулверхемптон, пак, беше доминантен со Шефилд, но надигран од Сити, против кого се чинеше дека сè уште нема НЕС изградено игра без Доерти, Жота, Џони… Па, и не е малку да се навикнеш без тројца така клучни играчи. Сепак, Вулверхемптон има победи на секој од последните четири натпревари против Чеканите и на ниту еден од нив нема примено гол, а има дадено по најмалку два на секој од последните три. И овде очекуваме да продолжи традицијата.

Додатни ФПЛ белешки

Времето на Волците почнува од ова коло. Толку им е благонаклонет распоредот што мора да планирате двајца, ако не и тројца од нив. Нивната одбрана е секогаш стабилна, па не ја прескокнувајте: Саис е некако најпримамлив (конзистентност + опасност за гол), ама, по повредата на Марсал, се отвора можност пак и за Винагре (не знаеме во моментов колкава, ама со Вест Хем речиси сигурно ќе игра). Во средината, Поденс вреди за сите пари: како само го издрибла КДБ и му ја намести на Раул (втор пат во две кола)! Во нападот има само едно име: Раул Хименез. Нас уште нè чуди како Мексиканецот игра за Вулвс. Ама не нè чуди тоа што и натаму игра безмалку перфектно.

понеделник, 28 септември 2020, 19:00h

Фулам
2 1 Астон Вила
ФПЛ опции
Митровиќ
ФПЛ опции
Воткинс
Најава

Не нè прашувајте: и ние не знаеме што се случува со Астон Вила. Ако се земе и крајот на минатата сезона, имаат низ од 8 натпревари без пораз – и шест победи во истиот тој период. Ако се земе само септември, пак (подготвителен период + ЕФЛ куп + лига) имаат четири победи и гол разлика од 8:1. Да, баш тоа се случуваше периодов. Фулам, пак, до 60-та минута со Лидс, изгледаше како сигурен патник во втора лига – во тој момент имаше гол разлика од 7:1 и беззаб напад – ама оттогаш даде четири гола кои му ја спасија честа против колегата-новајлија и му овозможија напредок во наредната рунда во Лига купот. Иако Астон Вила изгледа неверојатно стабилна одбранбено овој септември, сè ни се чини дека ова ќе биде отворен натпревар меѓу стари познаници, не многу различен од оној меѓу Лидс и Фулам. Веројатно нема да има толку голови, но ќе ги има на двете страни. Па, ако некој победи, веројатно ќе победи со 2:1. Даваме блага предност на Фулам, зашто во последните пет натпревари, тој четири пати си одел со полн плен. А реми тимовиве немаат изиграно од 2013.

Додатни ФПЛ белешки

Александар Митровиќ одмори во купот, па би требало да стартува тука. Кај Астон Вила, пак, новото засилување Оли Воткинс влезе во 70-та минута во игра и три минути подоцна постигна гол против Шефилд Венсдеј. Сè вон овие двајца е тешко да се предложи во моментов.

понеделник, 28 септември 2020, 21:15h

Ливерпул
2 1 Арсенал
ФПЛ опции
Салах
Мане
ФПЛ опции
Оба
Најава

Арсенал обично не си поминува добро со Ливерпул: се сеќаваме и на оние 4:0 од пред две сезони и на оние 5:1 кога на Ливерпул му избега титулата за бод, а и на оние 3:1 од првиот дел од ланската сезона. Дури и повеќе од резултатите, се сеќаваме на доминацијата со која Ливепрул ги изборуваше овие резултати: речиси секој дуел имаа преку 20 шута на голот на Арсенал и – што би рекол еден наш драг Топџија – имаа слобода да играат со 5 напаѓачи: напаѓачката тројка и плус бековите кои ама баш ич не се враќаа на своја половина. Но, со Артета Арсенал е одеднаш подруг: на последните два натпревари има исто толку победи против Ливерпул. Навистина, првата од нив против пост-КОВИД Ливерпул, а другата на пенали во Комјунити шилд, но и во двата случаи Арсенал не изгледаше до толку подреден како противник. Дури и напротив: во Комјунити шилдот беше и рамноправен противник. Играта што ја игра Артета е ризична: една грешка при подавањата на дефанзивците во раниот дел од натпреварот и не би бил ни дебакл нереален исход. Ама, пак, само ризиците вистински се исплатат: голот што им го дадоа на Ливерпул во Комјунити шилд е доказ за тоа. Очекуваме многу поразличен натпревар од обично меѓу овие два тима, но и победа – макар тешко изборена – на домаќините од Ливерпул.

Додатни ФПЛ белешки

Мохамед Салах е еден од фаворитете за капитен на огромен број ФПЛ анкети. Има и зошто: историски ужива да игра против Арсенал – 6 гола на 8 натпревари, дури 5 на домашните четири (и плус 1 асистенција). Садио Мане ужива речиси еднакво толку: 4 гола на 6 домашни натпревари против Арсенал и 2 асистенции. И Египќанецот и Сенегалецот добро ја почнаа сезоната, па ќе има од кого да стравува Арсенал во понеделник. Но, и Ливерпул не би смеел да му дозволи многу простор на Обамејанг кој веќе почна редовно да ги казнува големите. Би ви рекле да го сочувате, ама е прескап, а и без тоа знаеме дека Обамејанг веќе го имате продадено за КДБ. Интересно, ако го имате и Салах покрај Белгиецот, тогаш имате многу уникатна комбинација: само 6-7% од ФПЛ менаџерите ги имаат и двајцата во екипа, па ете ви групен differential (макар бил и во коло во кое и Салах и КДБ имаат тешки противници).

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *