ФПЛ.мк најава за седумнаесетто коло

Последното коло за 2020-та испадна лика и прилика на целата година: непредвидливо, хаотично и натежнато од неколку „што ако?“ Прашањата ќе си ги влечкаме и низ јануари: ќе останат ли 18-то и 19-то коло како што си се моментно или ќе презакажат некои од откажаните натпревари тука? Ако второво, треба ли да се вадат КДБ и Диас сега или да се остават на клупа? Ако Сити и Тотенхем добијат двојно коло, треба ли да се активира втората вајлдкарта? Најпосле, не ги градевме досега тимовите за да го земеме ова предвид; особено не тие што ја дочуваа вајлдкартата до последно коло. Најстрашното од сè е фактот што тешко дека овие одложувања ќе бидат последни. За разлика од ФПЛ менаџерите, коронавирусот не работи со план. Штета што си дозволивме ние да зависиме од него, а не тој од нас. Ама белки 2021-ва ќе биде подобра. На секаков план. Среќна Нова, ФПЛ менаџери! Многу здравје, љубов и успеси нареднава година – а богами и погоден троен капитен!

петок, 1 јануари 2021, 18:30h

Евертон
2 1 Вест Хем
ФПЛ опции
ДКЛ
ФПЛ опции
Соучек
Најава

Дејвид Мојс одмори половина тим во шеснаесетто коло, непријатно изненадувајќи ги оние на WC со двојна, па и тројна одбрана од Вест Хем. Но, за натпреварот против Евертон, очекувањата се дека во тимот мора да се вратат и Цуфал и Балбуена – а и Бауен и Бенрама за оние пооптимистичните за двојното коло. Анчелоти, не сакајќи, го одмори цел тим: наместо тежок натпревар против Сити (без Ричарлисон) доби неколку дена повеќе тренинг и подготовка за средба со Вест Хем. Чеканите паднаа на напаѓачки план последен период, а Евертон – после неколкуколовниот пад – врза неколку одлични резултати и, со победа, ќе се доближи на само еден бод од својот градски ривал и лидер Ливерпул. Мислиме дека Анчелоти нема да ја пропушти шансата. Особено не со релативно комплетен и одморен тим. И особено не наспроти традицијата: Вест Хем има победено само 3 пати на последните 28 натпревари со Евертон и само еднаш во последните 5 посети на Гудисон.

Додатни ФПЛ белешки

ФПЛ менаџери, Антонио се врати. Тоа менува многу нешта. Ете ви одма differential за двојното коло – особено наспроти оние што играа WC во 16-то и нема да можат да се прилагодат така лесно. Ако почне, Англичанецот би можел да им прави проблеми на одбранбените играчи на Евертон – којзнае, може и да изнуди црвен картон од Мина. Соучек – видовме и со Саутемптон – е напаст при секоја нафрлена топка, така што (во моментов) нема подобар петти средњак од него. Нема многу подобри напаѓачи сезонава од Калверт-Луин кој некако се стиши на план на голови – ама може да изненади каде и да е. Особено што на првиот ден од 2021-ва како партнер во нападот ќе го има и Ричарлисон. Сите сме во исчекување на регресијата во статистиката на Бразилецот: ако се случи, тогаш некаде ќе експлодира. Во соодносот со големите шанси во кои се нашол, веќе ни должи 3 гола.

петок, 1 јануари 2021, 21:00h

МЈУ
2 1 АВЛ
ФПЛ опции
Бруно
Рашфорд
ФПЛ опции
Грилиш
Воткинс
Најава

Еден од најинтересните натпревари за колово. Не само заради тоа што играат вториот и петтиот (Јунајтед со натпревар помалку, а Астон Вила со два), туку и заради тоа што ќе се сретнат, еден против друг, двајцата најкреативни играчи сезонава: Бруно Фернандеш и Џек Грилиш. Првиов покажа минатото коло дека дури и кога Јунајтед ништо не игра, тој може да извади асистенција. Вториот, пак, иако има само две асистенции во последниве пет кола, има статистички показатели што укажуваат дека не е негова вина што не собрал уште некој двоцифрен скор. Победувајќи со Вулвс во натпревар во кој не направија ниедна шанса, Црвените Ѓаволи покажаа и дека сезонава би можеле да се борат дури и за титула: со победа, ќе се израмнат со Ливерпул на врвот на табелата. Од времето на Ферги не сме ги виделе таму Јунајтед. На нивна страна е и фактот што се во одлична форма моментно и што немаат пораз од Вила на 16-те последни натпревари (од 2009-та наваму). Ама па и Вила ќе има што да каже: имаат дадено гол на секој гостински натпревар сезонава и уживаат да играат со фаворити (Ливерпул, Арсенал, Челзи). Сепак, ние прогнозираме домашна минимална победа.

Додатни ФПЛ белешки

Бруно Фернандеш има 10 гола и 8 асистенции – а уште не сме ни до половина сезона. Ако тоа не е показател дека Португалецот е „обавезен“ за секој ФПЛ тим, тогаш навистина не знаеме што е. Грилиш има исто толку асистенции како Бруно, ама и половина од неговите голови. Но, неговата цена го прави препривлечен – со кого и да игра. Рашфорд и Воткинс се разбудија последниве кола за двата тима, па би можеле да ви бидат добри втори опции од тимовите. Особено Раш: после празното коло, Јунајтед има исклучително добар распоред сè до 25-тото коло. Па, прилагодувајте се колку што можете.

сабота, 2 јануари 2021, 13:30h

ТОТ
3 2 Лидс
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Бергвајн
ФПЛ опции
Бамфорд
Рафиња
Далас
Алиоски
Најава

Од сите натпревари во новогодишното коло, овој некако го чекаме најмногу. Во ниту една од нашите ментални верзии на мечот не можеме да видиме помалку од 3-4 гола. Како и би? Лидс игра фудбал на гол повеќе, а Тотенхем одвај чека некој да влезе толку отворено во меч со нив за да може да ги пробие на брзи контри. Згора на сето тоа, во натпреваров Тотенхем ќе влезе одморен откако му беше откажан мечот со Фулам, а Лидс со многу самодоверба – откако (како што предвидовме во минатата најава) го растури ВБА на гости. Биелса настрада против Јунајтед поради истиот mismatch, па ќе мора некако да се прилагоди за Мурињо. Ама не веруваме дека е тоа многу возможно: Лидс ќе игра како што знае најдобро и ќе се надева да не прими гол прв. Зашто ако даде прв, тогаш може да извојува и убедлива победа против тим како Тотенхем што не знае да се отвори. Така е секогаш со Лидс. Затоа и се гледаат со уживање.

Додатни ФПЛ белешки

Кејн беше еден од фаворитите за капитен минатото коло, а нема зошто да не е меѓу фаворитите и ова: очекуваме натпревар со многу голови, па ќе биде чудно тој да не е меѓу асистентите или голгетерите. Кога сме кај второво, истото важи и за Сон, а – според нас – за натпреваров и за Бергвајн: Холанѓанецот знае како да дојде во шанса во натпревари како овој. Кај Лидс можеме да ви ја пишеме и цела постава: Бамфорд е очигледната напаѓачка опција, ама – како што се виде со ВБА – кај нив не се концентрираат бодовите околу еден играч. Покрај тоа, Родриго, Рафиња и Херисон се сè подобри и поефикасни. Назад го имате Далас кој е со причина еден од најдобрите дефанзивци сезонава. Истото важи и за Алиоски кој (патем) има собрано повеќе бодови од Тејлор, Дијас, Цуфал… Капата до под за Џани – апсолутно уживање е да се гледа неговата пожртвуваност, брзина и решеност да игра со 120% и во 90-та!

сабота, 2 јануари 2021, 16:00h

КПА
1 0 Шефилд
ФПЛ опции
Ван Анхолт
Заха
ФПЛ опции
/
Најава

Искрено, не разбираме како Премиер решава кој тим може, а кој не може да игра поради КОВИД-19: Шефилд минатото коло имаше само седум измени, а сепак мораше да игра. Заедно со повредните, тимот на Вајлдер играше со ептен комбиниран состав – а се во сериозни, сериозни проблеми. И ќе бидат: Берге и О’Конел ќе отсуствуваат долго, а и Ландстрам и Мекберни нема да играат со Палас (поради црвен и поради повреда). А Палас како Палас: може да изгуби 7:0 од Ливерпул и после да жали за реми со Лестер. Нивната неконзистентност ќе беше зачудувачка да не беше нивна одлика со сезони. Лани Орлите – кои немаат победа на последните пет меча – изгубија два пати од Шефилд и, реално, не им одговара нивниот стил на игра. Ама на Шефилд сезонава ништо не им оди од рака, па сметаме дека и по ова коло ќе останат со 1 бод на самото дно на табелата. Треба чудо да се случи за да опстанат годинава.

Додатни ФПЛ белешки

Шефилд не може никако да даде гол, па Ван Анхолт изгледа како одлична опција за колово – Холанѓанецот има експлозивен напаѓачки потенцијал, па секоја веројатност за клиншит го прави ептен привлечна опција. Заха години со ред покажува дека не е играч што треба да игра за тим како Палас, ама – можеби поради неговиот карактер – секоја сезона ние не можеме да направиме ништо повеќе освен да го посочиме тоа. Годинава Брежанецот има 8 гола и 3 асистенции – и навистина е прашање како ќе изгледа Кристал Палас без него. Веруваме дека ни Хоџсон не сака да размислува на таа тема. Иако Шефилд колово може да извлече клиншит, бесмислено е да се предложува кој и да е од нивните редови сезонава.

сабота, 2 јануари 2021, 18:30h

Брајтон
0 1 Вулвс
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Нето
Саис
Најава

Знаеме дека Тотенхем ќе беше прв на тебелата натпреварите да завршуваа во 85-та минута, ама претпоставуваме дека Брајтон ќе изгледаше како тим за ЛШ да се играше само по едно полувреме. Галебите против Арсенал го направија она што сезонава го знаат најдобро: го издоминираа противникот цело полувреме без да дадат гол, па во второто примија без да создадат шанса за против-удар. Последично, Брајтон нема победа веќе седми натпревар со ред; на домашен терен, Галебите немаат ниедна победа цела сезона! Тешко дека ќе ја остварат со Вулверхемптон. Не дека Волците се во некоја добра форма, ама се бранат одлично. И реално, иако минативе неколку кола имаа тешки натпревари – Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Челзи – заслужија да победат на буквално секој од трите. На нивна жал (не дека е лошо) собраа само 4 бода од овие три меча, благодарение на многу лош полуавтогол во 94-та со Јунајтед и на неефикасноста против Ѓаволите и Спарси. Пак ќе бидат и двава тима нееефикасни во сабота, ама ни се чини дека Вулвси се постабилен тим и дека ќе си заминат со сите три бода од Амекс.

Додатни ФПЛ белешки

Лампти веројатно ќе го пропушти и овој меч, а без него Брајтон навистина игра многу послабо од обично. Исто така, без него тешко е да се наведе некоја привлечна ФПЛ опција. Кај Вулверхемптон не е така: Нето игра одлично, а тимот на НЕС сè повеќе ја стабилизира одбраната, па очекуваме чест посетител кај ФПЛ менаџерите да биде Саис. Мароканецот беше најдобар – ама убедливо – на мечот со Манчестер и само чудо го спречи да собере двоцифрен број поени. На крајот испадна и трагичар откако шутот на Рашфорд се одби од него за да влезе во гол, но тој е правен од цврст материјал, па тешко дека ќе му влијае тоа. Со Брајтон Вулвс може лесно да извлече клиншит, а Саис секогаш може да направи проблем при нафрлена топка во шеснаесетникот. Ете ви го, според нас, најдобриот новогодишен differential.

сабота, 2 јануари 2021, 21:00h

ВБА
0 2 Арсенал
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Лаказет
Сака
Мартинели
Тирни
Најава

Арсенал конечно врза две победи по ред, па против Брајтон ја валоризираше победата во дербито против Челзи. Лошо прво, но одлично второ полувреме, доволно за три бода. Топџиите бегаат од втората половина на табелата, и затоа ќе мора да продолжат да победуваат, а распоредот се чини дека конечно им е наклонет. Во првото коло од 2021 година му гостуваат на ВБА, кој под водство на Биг Сем прво му зема огромен бод на Клоп, а потоа и доби врел шамар од Биелса. Но Алардајс се чини знае како против фаворитите, а особено со својот некогашен Болтон, секогаш посебно го „малтретирал“ Арсенал. Дали ќе може тоа да го повтори и со ВБА, т.е. со овие играчи кои едно коло ги скротуваат напаѓачите на Ливерпул, а веќе следното можеа и двоцифрено да загубат од соиграчите на Алиоски. За нас, сепак, фаворит е Арсенал.

Додатни ФПЛ белешки

Од нула до четири ФПЛ опции од Арсенал, за само две кола. И сега, не дека Арсенал почна да игра маестрално, но секако се подобри, а има и некои играчи што се издвојуваат. Сака е главниот моментално, па за средината можете него или Мартинели. Вториот се врати по долга пауза, па можеби е поверојатен за ротација. Лаказет е најдобар стрелец кај Топџиите, а тој постигна гол против Брајтон неколку секунди откако влезе во игра, што беше негов петти, или втор по ред. Тирни е одличен по левата страна, и одлично се надополнува со Мартинели, а секако е погоден и за клиншит, кој можеби се очекува на овој натпревар.

недела, 3 јануари 2021, 13:00h

Барнли
1 1 Фулам
ФПЛ опции
Вуд
ФПЛ опции
/
Најава

Барнли е конечно оној Барнли кого сите го познаваме. Предвидлив, но тврд и дисциплиниран, кој често вакви натпревари ги добива со резултат од 1:0, нешто што конкретно беше случај во минатото коло против Шефилд Јунајтед. Момците на Дајш бегаат од опасната зона, каде сѐ уште е Фулам, кој е во слична приказна, и кој исто така грчевито ќе се бори за опстанок. Ова е натпревар, за кој нашите спортски колеги би кажале дека е вреден шест бода. Но кој, и дали некој ќе освои цели три, останува да почекаме. А иако Фулам научи да не губи, сепак Барнли такво нешто може да предава, па затоа Кларетси се можеби ептен благи фаворити. Многу важен натпревар за двете екипи, а ние некако сме сигурни дека ќе биде 0-2 гола.

Додатни ФПЛ белешки

Скоро па никакви ФПЛ опции. Тејлор се повреди, има повреда на мускулот, а тој беше еден од оние за пополнување на одбраните, особено со вајлд картите. Можете било кого од одбраната на Барнли, но не одете премногу скапо. Истото важи и за Поуп. Во нападот, единствена ФПЛ опција би била Вуд, но и тој досега е само на 3 гола, па… Што се однесува до Фулам, едноставно прескокнете ги.

недела, 3 јануари 2021, 15:15h

Њукасл
1 2 Лестер
ФПЛ опции
Вилсон
ФПЛ опции
Варди
Медисон
Најава

Њукасл влегува во непријатна позиција на табелата во Премиер, па сега ќе мора да бара бодови особено на домашните натпревари, ако не сака да се доближува до црвената црта. А тоа нема да биде лесно, бидејќи ќе го пречека Лестер, кој некако постојано е во топ 4 во последно време, и ќе настојува да остане таму, до крај. На Боксинг деј Роџерс излезе со малтене втор состав, нешто што го направи и минатата сезона. Неговата филозофија е подобро да ги нема играчите на еден натпревар, отколку во ова темпо „два натпревари во помалку од 48 часа“ да ги загуби на два или повеќе месеци. Но сега веројатно малку одморени, повторно ќе им се врати на своите стандардни стартери, а со нив е секако подобар тим од тој на Стив Брус, па за очекување е и победа од гостинскиот тим.

Додатни ФПЛ белешки

Варди и понатаму е прв според коефициентот на ОГ, а ние и понатаму очекуваме тој да стрела на било кој натпревар. Одбраната на Њукасл не навестува дека може да спречи такво нешто, особено што тој го добива препознатливиот Медисон да му биде главна поддршка, и да дава голови од втор план. Затоа би ги издвоиле само нив, бидејќи Барнс беше стартер и одигра 90 минути против Палас (каде постигна и гол) а Џастин навистина е време да одмори. Или пак не? Кај домашните, стандардно единствена опција останува само Вилсон.

недела, 3 јануари 2021, 17:30h

Челзи
1 1 МСИ
ФПЛ опции
Жиру
ФПЛ опции
КДБ
Најава

Ова е еден од најизвесните натпревари за одложување ова коло, особено што и минатото коло беше одложено поради поголем број на заразени со ковид, во редовите на Граѓаните. Не веруваме дека овој меч ќе се одигра, но доколку сепак се одигра, тогаш ќе биде дерби на колото. Челзи е во многу лоша серија од пет натпревари во кои забележаа само една победа, а дури три порази. Сити пак подолго време е без пораз, а со две последователни победи би гостувал на Стамфорд. Изразит фаворит нема, можеби тимот на Пеп – доколку се гледа формата, но пак Лампард од другата страна веќе на големо почнува да го чувствува притисокот, па сигурно ќе направи сѐ што е во негова моќ за да го добие, или барем да не го изгуби ова дерби. Во спротивно, Абрамович веќе ќе почне да ги контактира неговите потенцијални заменици, без разлика каква репутација има Френки како играч во синиот лондонски дрес.

Додатни ФПЛ белешки

Веруваме дека на Лампард му е тешко да ги избере најдобрите единаесет во својот тим, но нас ни е уште потешко. Зума и Силва конечно добија одмор, но нивните заменици не се прославија против Астон Вила. По крилните дефанзивни позиции извесен е само Чилвел (Џејмс е неизвесен) но колку може да се очекуваат поени од одбранбените играчи на Челзи? Од напаѓачките опции, се чини само Пулишиќ, и евентуално Жиру. Французинот е единствен константно добар офанзивен играч кај Сините оваа сезона, иронично, на толку потрошени пари за напаѓачи или офанзивни средњаци. Кај Сити, искрено не знаеме кој би бил на располагање, па така на слепо би оделе само со КДБ – од едноставна причина што Белгијанецот сезонава разочарува со својот ФПЛ ефект, па ова е можеби шанса за да се искупи, кога повеќето го продаваат. Од останатите, само Стерлинг од офанзивата и Диас од дефанзивата.

понеделник, 4 јануари 2021, 21:00h

САУ
1 2 ЛИВ
ФПЛ опции
Волкот
ФПЛ опции
Салах
Мане
Робертсон
Најава

Ливерпул ја дочека новата година како лидер, и останува со најголеми шанси да остане таму и на крајот на триесет и осмото коло. Но мора да оди чекор по чекор, и да биде претпазлив, особено во една ваква сезона, каде што екипата на Клоп може да го декласира Палас со 0:7, за веќе наредниот меч да одигра мизерни 1:1 дома со ВБА. Сега, ќе гостува на Сент Мерис, каде Светците во претходнот коло не успеаја да го скршат отпорот на Вест Хем, иако во стартните 11 на домашните се врати и Дани Ингс. Проблем е тоа што Саутемптон влегува во лоша серија, односно дури четири меча на знаат за победа (еден пораз и три ремија). Нема да биде воопшто лесно тоа да го подобрат против шампионот, а ние мислиме дека тоа нема да се случи на овој натпревар. Ливерпул е поквалитетен, и доколку добро ја анализира победата на Сити на овој стадион пред две кола, имаат добар рецепт за победа на стадионот на Светците.

Додатни ФПЛ белешки

Како што веќе спомнавме, Ингс се врати во стартниот тим, а Че Адамс доби еден незгоден удар во главата, па неочекувано рано беше заменет, уште пред 60-та минута. Но очекуваме Хазенхутл да нападне со своето најсилно трио Волкот – Ингс – Адамс, и да му се спротивстави на триото Салах – Фирмино – Мане на спротивната страна. Кај Црвените примамлива опција се и двата крилни бекови, особено Робертсон, кој сезонава е подобриот од тандемот Робо – ТАА, и веќе има 5 асистенции.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *