ФПЛ.мк најава за петто коло

Репрезентативната пауза можеби не донесе некои преинтересни резултати, ама донесе неколку новоповредени и новозаболени играчи; едновремено, неколку фудбалери што пред паузата можеа да се опишат така, треба да се подготвени за да го почнат петтото коло. А во него имаме две големи дербија: ливерпулското – во кое Клоп ќе се обиде да покаже дека поразот од Астон Вила беше само лош ден, а Анчелоти да го продолжи беспрекорниот старт на сезоната – и она меѓу Манчестер Сити и Арсенал, во кое учителот Пеп ќе се потруди да се извади за минатогодишниот ЕФЛ куп пораз од ученикот Микел.

сабота, 17 октомври 2020, 13:30h

Евертон
1 1 Ливерпул
ФПЛ опции
Калверт-Луин
ФПЛ опции
Салаx
Најава

Имајќи го предвид нерамномерниот однос на силите меѓу овие два тима во минативе неколку години – Евертон го нема победено Ливерпул 22 натпревари со ред – никој не би ве прекорил доколку, пред минатото коло, би прогнозирале на гостинска победа. Но, ете, на Ливерпул им се случи Астон Вила, па сега тоа изгледа помалку извесно од другите два исходи. Впрочем, и не е само тоа: од минатогодишниот рестарт па до минатото коло, одбраната на Клоп не е на нивото на кое сме навикнале да ја гледаме. Дали седумте гола примени од минатогодишниот фенерџија ќе послужат како конечно освестување, ќе видиме уште во првиот натпревар ова коло. Зашто Ливерпул сега не гостува кај тим кај којшто може да очекува да извлече клиншит – како што успеа да го направи тоа минативе две-три сезони (на последните 4 натпревари, Евертон му нема дадено гол на Ливерпул). Напротив, гостува кај можеби најстабилната премиерлигашка екипа сезонава. Тимот на Анчелоти е водечки во сите дефанзивни категории (имаат најнизок ОГП коефициент – 2,75 – т.е. имаат примено 2 гола повеќе отколку што требало), а е втор во офанзивните (ОГ коефициент, 10,04). Неизнедувачки, единствената екипа што е подобра напаѓачки од Евертон сезонава е токму Ливерпул. 7 од минатите 8 ливерпулски дербија на Гудисон (во сите натпреварувања) имаат завршено без победник во регуларниот дел од натпреварите, а последните 3 и 0:0. Поради живоста на двата тима, ќе прогнозираме реми со по еден гол на двете страни. Но – и ова е до неодамна апсолутно неочекувано „но“ – доколку Евертон успее да го победи Ливерпул во сабота, сериозно ќе треба да се подготвиме за збунувачка и непредвидлива сезона.

Додатни ФПЛ белешки

Калверт-Луин почна да дава голови од забава, па – доколку не се случи нешто непредвидено – очекувајте го во нашиве пописи на секој натпревар на Евертон. Имајќи ја предвид неговата форма и самодоверба, нема зошто Ливерпул да е исклучок. Истото важи и за Салах веќе три сезони: Египќанецот е како создаден за ФПЛ. Мане и Хамес не се далеку од слични описи, ама ова не изгледа како натпревар во кој тие двајца би можеле нешто особено да блеснат; Хамес може дури и да не игра поради доцно враќање од репрезентативната пауза. Без Алисон, Црвените редовно примаат гол, па од ТАА и Робертсон очекувајте повеќе напаѓачки отколку дефанзивни поени колово. Евертон, пак, со Пикфорд на гол е ризичен по дефиниција, па колку и да се прекрасни опции Дињ и Колман општо гледано, не се за ова коло.

сабота, 17 октомври 2020, 16:00h

Челзи
2 1 САУ
ФПЛ опции
Пулишиќ
Хаверц
ФПЛ опции
Ингс
Најава

Веќе сме во петто коло, а уште чекаме вистински да проработат Сините на Лампард – кои засега не нè уверуваат дека би можеле да се борат за титулата годинава (ама, па и кој нè увери засега?) Да, дадоа четири гола минатото коло, но пак тоа не изгледаше течно и убаво за око. Сега ќе играат против тим кој, статистички, е еден од најдобрите дефанзивни во лигата: независно од петте примени гола од Тотенхем, Саутемптон е во Топ 5 најдобри тима сезонава по неколку дефанзивни параметри. Впрочем, токму поради тоа имаат примено само уште еден гол на останатите три средби. Лампард ќе може конечно да смета на Капетан Америка за средбата со Саутемптон, а се шпекулира дека и Зијеч конечно ќе дебитира. Но Челзи повторно ќе почне со Кепа на голот, па тоа ќе биде одлична можност за Ингс да покаже зошто е еден од напаѓачите во најдобра форма веќе сезона и пол. Имајте предвид дека Саутемптон често си оди со празна мрежа од Стемфорд Бриџ: така беше и на минатите два натпревари, а и на последниот кој заврши со гостинска победа од 0:2. Сепак, Челзи има поширок ростер и би требало да не им дозволи на Светците (кои веројатно ќе бидат без Армстронг) да си заминат со повеќе од еден бод – ако и со него. 2:1 за Сините.

Додатни ФПЛ белешки

Вернер изигра одлично за Германија против Швајцарија, ама во Челзи сè уште нема одиграно добар натпревар. Можеби е тоа бидејќи Лампард сè уште ја нема најдено својата најдобра единаесетка, а можеби и зашто неколку играчи се прилагодуваат на стилот. Еден од нив е и Хаверц кој изгледа сè посвежо и сè погладен за асистенции и голови. Така ја заврши ланската сезона Пулишиќ кој, искрено, ни се чини како најсигурната челзиевска опција во овој момент – и покрај тоа што нема многу изиграно сезонава. Од другата страна, на Че Адамс досега му фалеше само среќа за да биде еден од хитовите на оваа сезона, па не се чудете ако изненади против нестабилната одбрана на Челзи. Од Ингс би било изненадувачки да не даде гол.

сабота, 17 октомври 2020, 18:30h

МСИ
2 1 Арсенал
ФПЛ опции
Махрез
ФПЛ опции
Оба
Вилијан
Најава

Чудно е да се каже, но Манчестер Сити има само една победа од првите три натпревари сезонава. И таа дојде против тимот што требаше да им даде најмногу отпор (Вулверхемптон). Поразот од Лестер се чинеше како аномалија, ама малку го делеше Пеп и од втор пораз против Лидс. Да биде уште пострашно, постои голема веројатност саботното дерби со Арсенал Шпанецот да мора да го почне без својот талисман, Кевин де Брујне, кој се повреди на натпреварот против Англија. Реално, само Де Брујне и нешто организирано игра во Сити во моментов: сè останато изгледа разочарувачко. Всушност, ниту еден играч на Сити нема ОГ коефициент повисок од 1 – после цели три натпревари! Од другата страна, Арсенал почнува да заличува на голема екипа. Најмногу поради тоа што почна да не губи – а и да добива – натпревари во кој е индиспониран, па дури и послаб противник. И пред доаѓањето на Парти, Артета успеа да воведе ред во одбраната на Арсенал; со него, Арсенал може сериозно да предизвика за пласман во ЛШ, а – како тргнала сезонава – можеби и за нешто повеќе. Ако не игра КДБ, еве им шанса на Топџиите да ги најават своите претензии за највисок пласман уште во петтото коло со и не-толку-изненадувачка гостинска победа против Сити. Ако игра, Сити сепак би требало да победи, зашто дома секогаш изгледа доминантен против Арсенал. Впрочем, Арсенал нема извлечено ниту бод на Етихад од 2015-та наваму, а во последните 3 домашни меча, Сити им има дадено на Топџиите по минимум три гола на натпревар. Како што видовме од ЕФЛ Куп полуфиналето, овој натпревар ќе биде сигурно многу поблизок.

Додатни ФПЛ белешки

Кевин де Брујне е секогаш брилијантен против Арсенал па, пред повредата и можност за отсуство, изгледаше како сосема валиден пик за капитен колово. Ама, во моментов, изгледа малку извесно дека ќе стартува против Топџиите. Рахим Стерлинг е исто толку сомнителен: и тој ја прескокна репрезентативната пауза поради можна повреда на подколенската тетива. Имајќи предвиде дека веќе некое време се повредени и Кун и Жезус, Пеп може да има големи проблеми со составувањето на тимот (макар што последните вести велат дека Агуеро е конечно опоравен би можел да има некаков удел во мечот). Махрез, Фоден и Бернардо Силва би требало да ги преземат диригентските палки, а првиот од трите има највисок Фантази потенцијал. Од другата страна, Обамејанг и Вилијан обожаваат да играат против истурени бекови како Вокер и Менди, па можете да очекувате поени и од едниот и од другиот. Секако, многу ќе зависи и од тоа дали Тиерни ќе смее да игра: без него, Арсенал може да има проблеми лесно да ја префрла топката на другата страна од теренот.

сабота, 17 октомври 2020, 21:00h

Њукасл
1 1 МЈУ
ФПЛ опции
К. Вилсон
АСМ
ФПЛ опции
Рашфорд
Бруно
Најава

Манчестер Јунајтед е, засега, можеби и најголемото разочарување сезонава. Некои ги сметаа и за конкуренти за титулата, а тие не покажуваат ништо ниту на едната, ниту на другата страна на теренот. Имаат гол разлика 5:11, ама и таа не покажува колку лошо играат, зашто само новодојденците Фулам и ВБА – како и Барнли – се полоши од Јунајтед на план на креација. На дефанзивен план е уште пострашно: само ВБА има повисок ОГП коефициент од Манчестер Јунајтед. Не се ова само статистички параметри: и на теренот се гледа дека тимот на Солскјер е полуизгубен. Во апсолутно ниту еден миг од трите досега одиграни натпревари, Манчестер не изгледаше како подобар противник – ни од Кристал Палас ни од Брајтон ни од Тотенхем. Напротив, ги направи сите три тима да изгледаат како претенденти за шампионска титула. Со Њукасл, Оле ќе мора да почне без Марсијал – кој доби црвен картон по сопствена вина (независно од глумата на Ламела) – па тоа ќе ги направи нештата уште потешки. Особено ако се има предвид дека Њукасл игра сосема солидно (освен со Тотенхем кога, на среќа, извлече бод) и дека играчи како Калум Вилсон, Алан Сен-Максиман и Рајан Фрејзер и онака биле проблематични за Манчестер Јунајтед во минатото. Стив Брус има само една победа против својот поранешен тим како менаџер во 24 натпревари, ама таа дојде минатата година, во истиов натпревар. Дали ќе може да го повтори тоа.

Додатни ФПЛ белешки

Многу веројатно, Маркус Рашфорд ќе почне како најистурен напаѓач против Страчките во сабота, па од него може да очекувате и најмногу бодови. Бруно Фернандеш е секогаш во миксот, ама за тој да собере некој бод мора да чека поддршка и од оние околу него. Како што видовме и минатото коло, Сен-Максиман (еден од најуспешните дриблери во сите големи лиги неколку сезони наназад) е од оние играчи што не мораат да чекаат ничија поддршка, а против бавниот Мегваер и несмасниот Линделоф навистина може да има одличен ден ако АВБ му дозволи влез кон средината. Калум Вилсон, пак, лесно ќе може да се справи со Швеѓанецот во дуел-игра, па Брус стоотстотно ќе почне и со него и со Жоелингтон во нападот за добие игра еден на еден против Виктор. Нешто што навивачите на Јунајтед нема да сакаат да го гледаат.

недела, 18 октомври 2020, 13:00h

Шефилд
1 0 Фулам
ФПЛ опции
Ландстрам
Рамсдејл
Балдок
ФПЛ опции
/
Најава

Шефилд не се толку лоши колку што табелата покажува дека се: на дефанзивен план, само пет тима (Евертон, Астон Вила, Барнли, Вест Хем и Саутемптон) имаат подобри статистички параметри. Тоа што тимот на Вајлдер има 4 порази од исто толку натпревари се должи на неможноста на Шефилд да постигне гол. Највиновен за тоа е Лорд Ландстрам кој промши и пенал, а и една стоотстотна шанса во досегашниот дел од сезоната. Друга безмалку и нема креирано Шефилд засега. Не дека за Фулам може да се каже нешто подобро: впрочем, само Барнли и ВБА се полоши на напаѓачки план од овие два тима засега. Проблемот со тимот на Паркер е што не само што не создава шанси пред противничките голови, туку и дозволува пред својот. И покрај тоа, не очекуваме преинтересен натпревар на Брамал Лејн во раниот неделен термин. Нечија победа со еден даден гол е најреалниот исход. Поради досега прикажаното, би требало Шефилд да го даде тој гол.

Додатни ФПЛ белешки

Александар Митровиќ е фокусот на буквално секој напад на Фулам, па оттука и Фулам не може да направи ништо: Србинот го чуваат по двајца во секоја акција и, сепак, Паркер не може да изгради стратегија што би му овозможила да го искористи ова во негов прилог. Нафрлени топки нема да поминат лесно пред корпулентните дефанзивци на Шефилд, па оттука очекуваме клиншит за тимот на Вајлдер, прв сезонава. Бидејќи очекуваме и победа на Сечилата, Ландстрам и Болдок ни изгледаат како привлечни опции за колово. Имајте го предвид фактот што нападот на Шефилд, од овој натпревар па натаму, би можел да биде Брустер/Мекберни, напаѓач и средњак од 4,5. Она од што се направени ФПЛ сништата.

недела, 18 октомври 2020, 15:00h

КПА
1 0 Брајтон
ФПЛ опции
Заха
ФПЛ опции
Мопе
Тросар
Најава

По двете победи на стартот, избраниците на Хоџсон врзаа два порази во серија – рака на срце, од поквалитетни противници – па сега ќе сакаат да исчекорат од оваа „реми“ ситуација. Можеби во добро време им гостува Брајтон, кои се со една победа помалку од нив. Галебите играа добро на стартот, но сочувувањето на својот гол им беше проблем. Затоа, и покрај солидно прикажаното, освоија само 3 бода до сега. Претпоставуваме дека ќе следиме добар меч, кој секако нема да изобилува со погодоци, но и не очекуваме 0:0. Фаворит на хартија се домашните и очекуваме да го добијат овој меч – нешто што би требало да ги однесе во првата половина на табелата.

Додатни ФПЛ белешки

Палас сѐ уште мака мачат со повредени во одбраната, па веројатно Хоџсон нема да прави промени во оваа линија. Вредно е да ја спомнеме аквизицијата Клајн, но тој малку веројатно е дека веднаш ќе дебитира. Ван Анхолт се врати на тренинзите, но, сепак, можеби е рано за старт. Проблем за Палас е и недоволната ефикасност на напаѓачите (Ају, Бентеке и Батшуаји немаат постигнато гол), па затоа единствен наш предлог би бил секогаш опасниот Заха, кој пак трета година со ред е пред заминување, но сепак останува во Лондон. Кај Брајтон неизвесен е откритието Лампти (иако веројатно ќе игра), а како најопасни секако би ги издвоиле Тросар и Мопе. Ако решите да инвестирате во Галебите, сите погледи се на овие двајца, особено што во наредното коло на гости им доаѓа ВБА.

недела, 18 октомври 2020, 17:30h

Спарс
2 1 ВХЈ
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Региљон
ФПЛ опции
Боуен
Антонио
Најава

Хари Реднап скоро изјави дека не би требало да се изненадиме ако Спарси со Жозе се борат, па и ја освојат Премиер Лигата сезонава. Можеби тоа е малку преамбициозно за лондончани, но секако ќе бидат меѓу најсериозните кандидати за топ 4. Особено по онакви „сет“ победи, како онаа на дербито на Олд Трафорд. По првичниот пораз од Евертон, Спарси имаат две победи, и едно многу несреќно реми, кое требаше да биде 3 бода. Затоа се радуваме на претстојното лондонско дерби, со одличниот на почетокот Вест Хем на Мојс. Шкотот е познат дека тешко победува против топ 6 екипите, но никој не може да им ги одземе шансите и надежите по феноменалните победи над Вулвс и Лестер, со 7 дадени и ниту еден примен гол! Можеби поради домашниот терен, благ фаворит е Тотенхем. Жозе обично вакви натпревари знае да ги добие со 1:0, но ние мислиме дека на Вајт Харт Лејн ќе видиме повеќе погодоци.

Додатни ФПЛ белешки

Сон беше „отпишан“ од претходниот натпревар поради повреда што требаше да го оддалечи Кореанецот од терените дури до сега, до крајот на репрезентативната пауза, но се чини дека тоа беше само една „mind game“ на Мурињо. За жал на сите ФПЛ менаџери кои го извадија во пресрет на претходното коло, Сон буквално сите нѐ изненади со стартот, и со скорот од 2 гола и 1 асистенција на Театарот на соништата. Паралелно со него одлично игра и Кејн, кој на последните три меча има скор од 3 гола и 6 асистенции. Па зарем по ова ќе се оставите колово без барем еден од овој тандем? А, да, од ова коло на терените можеби ќе го видиме и Бејл, па дуото ќе се претвори во убиствено напаѓачко трио. Не би ве охрабриле да инвестирате во Вест Хем во овие три кола, но доколку го направите тоа, не одете подалеку од Боуен и Антонио, иако можеби и Кресвел ви изгледа како привлечно решение во одбраната.

недела, 18 октомври 2020, 20:15h

Лестер
2 1 АВЛ
ФПЛ опции
Варди
Барнс
ФПЛ опции
Воткинс
Грилиш
Најава

По трите воведни победи, меѓу кои и големата победа над Манчестер Сити, Лестер беше спуштен од облаци со висок домашен пораз од Вест Хем. Но, како што тие можеби го изненадија Пеп, така Мојс ги изненади нив. Затоа ќе бараат поправен против неочекувано одличната Астон Вила. Астон Вила, која има исто 9 бода како Лестер (но од три средби), е единствена покрај Евертон (кој има 4/4) со максимален учинок до сега. Момците од Бирмингем најавија понеизвесна сезона, па најнеочекувано го треснаа Клоп и Ливерпул со 7 парчиња. Затоа, иако Лестер е сѐ уште фаворит на хартија – а и наш фаворит во типувањето на конечниот исход – би можеле ли да ја отпишете Вила?

Додатни ФПЛ белешки

Новата аквизиција на Лисиците – Кастањ – моментално е најпродиктивен дефанзивец на ФПЛ со 28 поена, односно 1 гол, 3 асистенции и еден клиншит. Затоа и неговата цена забрзано расте, па од 5,5 сега е 5,8. Медисон е повторно неизвесен, па затоа Барнс, доколку ви треба средњак. Секогаш опасен, и одличен во уфрлувањата од втор план. Така постигна и гол на минатата средба, но поради ситен офсајд, истиот му беше поништен. И во нападот, се знае, Џејми Варди. Ветеранот е веќе на 5 гола, но истите ги дава „кампањски“ односно преку еден натпревар, па ете, на минатиот беше мирен и не запиша гол, што можеби значи дека овој е негов. На другата страна го имаме Воткинс, кој по одличната сезона во Чемпионшип, покажува дека е и премиерлигашки калап. Хет-трик против одбраната на Ливерпул, зачинет и со една асистенција. Сето ова диригирано од феноменалниот Грилиш, кој на трите меча за својот тим, има исто толку гола и исто толку асистенции. Дефинитивно „гол-гол“ на Кинг Пауер.

понеделник, 19 октомври 2020, 18:30h

ВБА
1 1 Барнли
ФПЛ опции
Переира
Диангана
ФПЛ опции
Вуд
Најава

Двете екипи заедно тежат еден бод. Очаен почеток и за Билиќ и за Дајш. И сега, можеби со излитената фраза дека и двајцата ќе сакаат токму на овој натпревар да го подобрат впечатокот, но навистина е така. Па, кого ќе победи ВБА дома, ако не Барнли? Освоија (единствен) бод со Челзи, беа близу и до сите три, но не успеаја до крај. Сега е моментот, нели? Но истото веројатно го мислат и во таборот на Барнли. Негативни три од три за момците во бордо, што ги прави една од трите екипи без освоен бод во Премиер. Па затоа, можеби најреално е да видиме едно тврдо реми, секако без многу голови.

Додатни ФПЛ белешки

Робсон-Кану се повреди, и можеби ќе отсуствува подолг период, а неизвесен е настапот и на Робинсон. Тоа се дополнителни проблеми за и така неефикасниот ВБА, па можеби е време Остин да го добие првите премиерлигашки минути сезонава. Најголемата напаѓачка опасност во сино-белиот дрес доаѓа од Диангана, иако тој не дејствува како класичен напаѓач. И повторно, главниот двигател во бирмингенскиот тим е Переира, па слободно размислете за Матеус, со оглед на распоредот на ВБА во овие три кола. На спротивната страна, освен Вуд, навистина не би знаеле што да препорачаме. Плус, им следуваат Тотенхем и Челзи во наредните две кола. Одбегнувајте Кларетси.

понеделник, 19 октомври 2020, 21:00h

Лидс
2 1 Вулвс
ФПЛ опции
Бамфорд
Коста
ФПЛ опции
Хименез
Најава

Го видовте она „меме“, каде што НЕС влегува дома, а тука е само Коуди, алудирајќи на потенцијалниот карантин на сите Вулвси што беа во таборот на Португалија? Шала на страна, такво нешто не се случи, па Волците ќе бидат во строј за тешкото гостување на Иланд роуд. Само еден бод разлика помеѓу нив, па Лидс на репрезентативна пауза отидоа со голем бод против Сити, кој можеше да биде и три, а Вулвси потешко од очекувањата на домашен терен го скршија отпорот на Фулам. Ни претстои тврд натпревар, и големо надмудрување помеѓу Бјелса и НЕС. Уморот од репрезентативната пауза веројатно повеќе ќе се чувствува кај гостите, а Лидс игра и на домашен терен, па затоа мала предност во типувањето му даваме на тимот на Алиоски, кој пак беше одличен и ги одигра трите натпревари по 90 минути во дресот на Македонија.

Додатни ФПЛ белешки

Навистина тежок натпревар од ФПЛ аспект, особено што никој освен Хименез не се издвојува премногу. На пример, дали Херисон или Коста во средината (за кого е опасност новодојдениот Рафиња)? Дали староседелецот Бамфорд или новодојденецот и сѐ подобар Родриго во нападот? Ако не морате, оставете овој натпревар да ви донесе одредени одговори. А слично е и кај Волците. Освен Раул, другите се голем знак прашалник. Повторно двоумење, Поденс или Нето? Каде ќе игра Траоре? Ќе стартува ли Семедо на десен бек? Најсигурни опции: Патрисио, Коуди/Боли и Хименез. Ние би оделе само со Мексиканецот.