ФПЛ.мк најава за осумнаесетто коло

Второ коло во новата година и веќе прв поголем проблем за ФПЛ менаџерите: само шест натпревари во текот на оваа работна недела. За оние што имаат помалку од пет-шест играчи, FH е единственото решение. За оние, пак, кои планираа нешто различно (FH сега и BB наредно или некој -4 сега за да се избегне употреба на џокер) сигурно ќе мораат да ги сменуваат плановите после одлуката да се откаже Астон Вила – Тотенхем и да се презакаже наместо неа Тотенхем – Фулам. Да бидеме реални, Мартинез и Грилиш се во премногу тимови за да нема илјадници разочарани ФПЛ менаџери. Но, затоа пак, парот Сон и Кејн е во речиси секој втор тим, па веројатно има и такви кои се израдуваа на веста. Наша задача е да споделиме статистики и сугестии кои ќе им бидат од полза и на едните и на другите.

вторник, 12 јануари 2021, 19:00h

Шефилд 1 1 Њукасл
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Вилсон
Најава

Иако практично сме откажани од идејата дека Шефилд може да обезбеди опстанок сезонава, сепак ова е еден од натпреварите каде што тие можат да се надеваат на бодови. Во текот на претходните денови, Шефилд ја продолжи својата авантура во ФА купот, потешко од очекувањата против Бристол, а Њукасл беше сопрен на Емирејтс, иако со затворената игра можеби беше и поблиску до пласман – се разбира доколу Керол ги искористеше своите шанси, и доколку Арсенал го немаше одличниот Лено на голот. Сепак, ова е Премиер лига, и тука нештата се посериозни. Шефилд е можеби отпишан, но и Њукасл се приближува кон опасната зона. На табелите за очекувани бодови и за очекувани голови се едни до други: на првата напред е Шефилд, а на втората Њукасл. Но и двете екип се помеѓу четирите статистички најслаби во лигата. Затоа, можеби ќе го видиме третиот бод сезонава за минатогодишно одличните Сечила.

Додатни ФПЛ белешки

Кружат шали по социјалните мрежи, дека толку е очајна состојбата ова коло, што тие кои ќе искористат Фри Хит, ќе имаат по тројца играчи од Шефилд, и тројца од Њукасл во своите тимови. Во таков случај, поради буџетското насочување кон скапите ситиевци или тотенхемовци, би се бирале евтините шефилдовци како Брустер, Бурк… Кај Њукасл и натаму единствена опција е Вилсон, особено откако Керол, иако ги доби сите воздушни дефанзивни и офанзивни дуели со Арсенал, не искористи ниедна од добрите шанси за гол што му се укажаа. Можно е и реми без голови, или победа со клиншит за една од екипите, но и одбранбениот потенцијал не е голем, со оглед на неизвесните Балдок и Стивенс кај домашните, или Луис кај гостите. Ласелс се врати во купот, но издржа само едно полувреме. Затоа, бидете внимателни во вашите потези, не е лесен изборот.

вторник, 12 јануари 2021, 21:15h

Барнли 0 1 МЈУ
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Бруно
Рашфорд
АВБ
Мегваер
Најава

Две екипи на сосема различна страна на табелата, но и две екипи кои се наоѓаат во добра премиерлигашка форма во моментов. Со враќање на својот препознатлив стил на игра, момците на Дајш избегаа од опасната зона, додека пак Црвените Ѓаволи на Оле се изедначија со Ливерпул на врвот од табелата, и имаат неодигран натпревар, на кој ќе можат и самостојно да го превземат лидерското место. Во меѓувреме и двете екипи имаа незгодно искушение во ФА купот, кое сепак на крајот успешно го поминаа. Кларетси излегоа скоро со прв состав против МК Донс, а им требаше дури 94 минути за Видра да донесе продолженија и дури пенали за да поминат понатаму. Манчестер, пак, со еден гол го реши Вотфорд, кој беше дело на манчестерското дете Мектоминеј, кој на тој натпревар ја носеше и капитенската лента. На овој натпревар е познат фаворитот, но никако тоа нема да биде лесна задача за гостите. Барнли знае да победува со минимален резултат, но овојпат таков резултат очекуваме во корист на сепак поквалитетниот Јунајтед.

Додатни ФПЛ белешки

Премал е ФПЛ потенцијалот на Кларетси, особено доколку не очекувате клиншит од Барнли, па да ги разгледувате Поуп, Ми и Тарковски. Затоа кај гостите е поголем: секогаш споменуваните Бруно и Рашфорд и овојпат нема да изостанат, а сега повторно ќе го додадеме и Марсијал, кој се врати со гол против Астон Вила. Внимавајте, Манчестер има проблеми со одбраната бидејќи се неизвесни Шо, Линделоф а „зачудувачки“ повторно се повреди и Баи, па затоа можеби најсигурна опција за потенцијалниот клиншит се Ван-Бисака и Мегваер. Првиот можеби опасен и поради центаршутеви од десната страна, а вториот од прекините. И во нормални услови, но особено во едно вакво коло, португалскиот плејмејкер ќе биде еден од главните фаворити за капитен во ФПЛ тимовите. Тој и натаму е топ 10 според ОГ и високо трето место според ОА.

вторник, 12 јануари 2021, 21:15h

Вулвс 1 1 Евертон
ФПЛ опции
Нето
ФПЛ опции
Ричарлисон
Најава

Волците на НЕС се во една лоша серија од четири натпревари без победа во Премиер, на кои забележаа по два порази и две нерешени. Со тоа паднаа во втората половина на првенствената табела, нешто што ќе мора побрзо да се поправа. Од друга страна, по четирите врзани победи во серија, Карамелите на Карло доживеаја домашен пораз во претходното коло, од Чеканите на некогашниот нивни долгогодишен предводник Мојс. Значи, и двете екипи ќе бараат поправање на впечатокот, а на нас најмногу ни изгледа дека ова е „печено“ реми. И двете екипи поминаа понатаму во ФА купот, Вулвси против Палас со (конечно) гол на Траоре по една година, а Евертон потешко од очекувањата го скршиот одличниот отпор на Ротерам, иако во стартните единаесет се врати и Хамес.

Додатни ФПЛ белешки

Вулверхемптон годинава тешко постигнуваше голови, дури и со Раул во екипата. Без него, уште потешко. Според ОГ, се меѓу последните 5 екипи на табелата. По повредата на Мексиканецот, товарот падна на Нето и Поденс, а сега втор натпревар со ред ќе го нема ни Поденс. Значи товарот уште повеќе ќе падне на Нето, а сега и на Траоре, кој конечно постигна гол. Проблем Вулвс има и во одбраната, бидејќи неизвесни се Боли и особено Марсал. Кај Евертон здравствениот билтен е значително подобар, па од клучните првотимски играчи би отсуствувал само Алан. По враќањето на капитенот Колман во претходното коло, сега се врати и Родригез, па повторно може да гледаме напаѓачка тројка Ричарлисон – ДКЛ – Хамес. Проблем за Анчелоти е тоа што ДКЛ влезе во голгетерски пост од 5 натпревари, иако на три од тие средби забележа по една асистенција (важен апдејт: ДКЛ нема да игра поради повреда на задна ложа).

среда, 13 јануари 2021, 19:00h

МСИ 3 0 Брајтон
ФПЛ опции
КДБ
Кансело
Диас
Махрез
ФПЛ опции
/
Најава

До пред некое коло, изгледаше дека ова нема да биде сезона на Пеп и на Сити. Ама, одеднаш, тие почнуваат да изгледаат како главни фаворити за титула. Не само поради тоа што со две победи во заостанатите два меча ќе излезат пред својот главен конкурент сезониве, Ливерпул, туку заради тоа што играат убедливо најдобра одбрана: нивниот ОГП коефициент од 12.89 е далеку најнизок во лигата. Да биде уште поинтересно за ФПЛ играчите, во среда ќе играат против екипа со која речиси редовно вадат клиншит и со која добиле 10 од последните 12 полувремиња и 6 од последните 6 натпревари. Брајтон не знаеше да извлече бодови од натпревари во кои ги имаше стоотстотно заслужено, па овде нема ни што да бара. Против нив оди и фактот што им е суспендиран Бисума, повредени Коноли и Лампти, а неизвесни Велбек и Лалана. Што е многу – многу е. Сè освен убедлива победа на Сити со чиста мрежа би било големо изненадување.

Додатни ФПЛ белешки

Можеме да ви ја наброиме цела постава на Сити како предлог и пак да не го погодиме играчот што ќе донесе најмногу поени. Вокер и Жезус се вратија во купот, ама Стерлинг, Лапорт и Аке се неизвесни за во среда. Барем двајца од овие пет (Стерлинг и Вокер) се одлични опции ако играте FH и бркате. Стерлинг би бил и една од најдобрите за капитен да бевме 100’ сигурно дека ќе игра. И тогаш веројатно би бил втора опција зад Де Брујне – за него знаеме со сигурност дека ќе игра (како ретко кога Пеп си кажа дека нема одмор за Белгиецот) па немајте го во тим за колово на ваш (огромен) ризик. Ризикувате и ако немате одбрана од Сити: Диас е најсигурната опција, Кансело со најголем потенцијал. Можете и двајцата ако играте FH – секако, ако преферирате план двајца дефанзивци со еден средњак од Сити, наместо еден дефанзивец со двајца напаѓачки ориентирани играчи. Да бидеме реални, ако имате таква опција, во ова коло морате да имате тројца Ситиевци.

среда, 13 јануари 2021, 21:15h

ТОТ 2 1 ФУЛ
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Региљон
ФПЛ опции
/
Најава

Во одлука што веројатно ја чинеше ФПЛ многу пцости и благодарности, натпреварот Астон Вила-Тотенхем беше одложен, а заостанатиот натпревар Тотенхем-Фулам преместен за ова коло. Пред недела-две беше прашање дали и воопшто ќе ви треба Тотенхемовец во тимот за 18-то коло; сега, прашањето е дали двајца се доволни. Но, не се залетувајте премногу: Фулам не извлече четири ремија со ред играјќи го фудбалот што нè натера да ги таргетираме во првиот дел од полусезоната.  Напротив, екипата на Стив Паркер игра многу поорганизирано од претходно и не дозволува премногу шанси: од претпоследни на ОГП табелата пред некое коло, сега се 13-ти. Од друга страна, пак, Тотенхем редовно дава по барем два гола пред своите гледачи. А и изгледаа Спарси против Лидс (ај ФА купот да не го рачунаме) како разбудени по краткиот пад во формата претходните неколку кола. Со Ливерпул и она што го изгубија на Енфилд заборавено, со одморот што не сакајќи го добија на сред густиов распоред, со Сон и Кејн на само гол од тоа да го срушат историскиот рекорд за најдобар тандем во Премиер – се чини дека Тотенхем е и повеќе од благ фаворит овде.

Додатни ФПЛ белешки

Не знаеме дали ќе има коло во кое Кејн и Сон ќе смееме да ги превидиме од нашите планови. Небитно со кого ќе играат Спарси. Да е еден играч (како ДКЛ) може да му падне полесно формата а со тоа и самодовербата. Но, кога двајца се надополнуваат, и да му падне формата на едниот, другиот може да го извади. Кај Спарси дури ни тоа не се случува често: и Кејн и Сон постојано играат добро, комбинираат одлично и изгледаат преопасно. Региљон би требало да се врати во прва постава тука – по казната и одморот во купот – а Тотенхем би можел да извлече и клиншит. Така што, Шпанецот нуди потенцијал за поени и на двете страни.

четврток, 14 јануари 2021, 21:00h

Арсенал 2 0 КПА
ФПЛ опции
Лаказет
Тирни
Сака
Смит-Роу
ФПЛ опции
/
Најава

Колку само малку може да смени коло-две – и на план на самодоверба и на план на очекување. На Боксинг деј, на Челзи гледавме како на еден од фаворитите за титулата, а Рој Кин се прашуваше дали Арсенал ќе се снајде во Чемпионшип. Петнаестина дена подоцна, во Челзи се зборува за смена на Лампард, а Арсенал врза четири победи со само еден примен гол. Не сме единствените што мислиме дека главни виновници за тоа се двајца доцни тинејџери: Букајо Сака и Емил Смит-Роу. Ај, првиот и онака знаевме дека е најдобар Топџија сезонава, ама каде досега Арсенал го криеше вториов (и, побогу, зошто?), барем од оваа позиција, не можеме да разбереме. Сè изгледа подобро на теренот за Арсенал откако игра Смит-Роу – го пополни она место што некогаш го пополнуваа играчи како Росицки, Рамзи, Озил… Навивале или не за Арсенал, сакаме да ги гледаме севернолондончани вакви. Нивните градски соседи од југот, Кристал Палас, сигурно не сакаат нешто такво. Особено не периодов во кој имаат само една победа на последните пет меча (и тоа со Шефилд). Но, Орлите отсекогаш биле неконзистентни под Хоџсон, а и си заминале непоразени од Емирејтс последните два пати. Така што, би можеле тие секогаш да изненадат. Сепак, ни се чини дека не се способни за нешто такво во овој момент, и против вакво разигран Арсенал.

Додатни ФПЛ белешки

Ако сте на FH, изненадувачки, можете да размислите дури и за тројца Арсеналовци. Во последниве две кола, Тирни собра повеќе од 40% од поените за сезонава. Сака и Смит-Роу се чини дека секогаш може да соберат нешто; а за парите за кои се нудат на ФПЛ, бесмислено е да немате барем еден од нив. Храбра опција за тие што бркаат (и особено за тие што играат FH) е Лаказет. Французинот цела сезона е под радар, но статистиката вели дека во моментов има повеќе голови од Мане, Фирмињо, Вернер, Марсијал, Ричарлисон… – и да не ги редиме натаму.