ФПЛ.мк најава за десетто коло

Наместо расположен, Јирген Клоп беше растревожен и нималку милостив кон Скај и БТ Спорт после победата со Лестер. Го изгуби Кеита поради нова повреда, а очигледно и трпението. Го сакале вие него или не, тренерот на Ливерпул е во право. Доколку се продолжи со ова темпо, на крајот титулата ќе ја одлучат повредите, а не квалитетот на екипите. Се надевам во десетто коло дека ќе нема повреди – а дека ќе има многу голови. Покрај два натпревари привлечни само за ФПЛ ентузијасти (Кристал Палас – Њукасл и ВБА – Шефилд), колово ни носи и едно големо дерби на врвот: Челзи – Тотенхем. Тоа што на него уште еднаш ќе се сретнат Мурињо и Лампард дава додатен шмек на мечот. Верувале или не, Супер Френк влегува во натпреварот со предност: има 3 победи и само 1 пораз (и тоа на пенали) од својот поранешен учител. Во недела ќе дознаеме како ќе биде овојпат – а дотогаш веќе ќе имаме откриено дали Сити пак ќе го демолира Барнли и дали Жота ќе го оправда ценовниот раст од 0,2 меѓу двеве кола.

петок, 27 ноември 2020, 21:00h

КПА
0 0 Њукасл
ФПЛ опции
Ван Анхолт
ФПЛ опции
/
Најава

Можеби номинално десеттото коло почнува во петок, но, во пракса, воведниот натпревар е превосходно за ФПЛ фанови: на Селхурст Парк, Кристал Палас го пречекува Њукасл, во натпревар на два исклучително неконзистентни тима што се позаинтересирани да не примат отколку да дадат гол. Па, сепак, и двата тима имаат примено повеќе голови отколку дадено и и двата тима котираат ниско на табелата според нивниот ОГ коефициент. Да не беше Заха во самоизолација – каде веројатно ќе остане до петок, па ќе го пропушти овој натпревар – Кристал Палас ќе влезеше како благ фаворит и ќе прогнозиравме победа на Орлите од 1:0. Вака, и двата напади изгледаат многу некреативни за да ги пробијат одбраните на противникот. Не дека тоа е невозможно, но и да се случи – ќе се случи по некоја нафрлена топка или мешаница. Њукасл има само една победа на последните пет меча, а Кристал Палас две на последните седум. Очекуваме овие бројки да не се сменат и во петок за кога прогнозираме реми со малку голови – или, најверојатно, без ниту еден гол.

Додатни ФПЛ белешки

Доколку на Вилфрид Заха, сепак, му се дозволи да игра во петок, Кристал Палас ќе имаат предност. Оттука, ако го имате во вашите тимови Заха – почекајте ги последните вести. Доколку не а ви треба differential, обидете се со Ван Анхолт кој би можел да извлече клиншит – а секогаш може да донесе и некој бод на спротивната страна. Така беше за многу од дефанзивците на Њукасл лани, но не е оваа година. Калум Вилсон и Сен-Максиман се некако единствените светли точки во тимот на Стив Брус – но и подобри тимови не можеле да го пробијат Палас на Селхурст Парк, па зошто би можел Њукасл?

сабота, 28 ноември 2020, 13:30h

Брајтон
1 3 Ливерпул
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Жота
Салах
Мане
Робертсон
Најава

Во средата, Ливерпул беше поразен од Аталанта во натпревар во кој не упати ниту еден шут во рамките на противничкиот гол. На Енфилд. Под Клоп. (Да, првпат се случи и тоа нешто). Тоа покажува најмалку три нешта: 1) поради многуте несреќни повреди, Ливерпул годинава не може да ротира така лесно како лани; 2) толку многу зависи играта на Клоп од истурените бекови што, кога ги нема нив, и напаѓачката тројка има проблем во креација; и 3) таа напаѓачка тројка не ќе да е повеќе Салах/Фирмино/Мане, туку Салах/Мане/Жота. Кога и да игра Португалецот минативе неколку кола, Ливерпул изгледа страшно; без него, некако обично. Имајќи ги предвид проблемите во одбраната, повредата на Кеита во ЛШ и фактот дека Окс, Хендерсон и Тијаго се и натаму неизвесни – барем за во сабота, ова значи дека Ливерпул ќе почне со четворица офанзивни играчи напред: СМФ + Жота како најистурен. Тешко на Брајтон. Начинот на којшто тие играат фудбал е речиси како создаден за тимови кои преферираат висок пресинг. Предвидуваме дека Ливерпул ќе даде гол уште во првите петнаесетина минути – и тоа поради некоја грешка на одбранбените играчи на Брајтон. Ако тоа се повтори, тогаш може да биде и убедлива победата на Ливерпул. Но, Галебите, сепак, играат одличен напаѓачки фудбал (сè уште имаат повисок ОГ коефициент од двата Манчестеровци) и, сепак, редовно им предизвикуваат главоболки на Црвените на дефанзивен план. Оттука, не би очекувале клиншит за Ливерпул – но, би очекувале, секако, повеќе од еден гол од Црвените.

Додатни ФПЛ белешки

Тоа што Жота беше еден од оние што одмораа во ЛШ е доказ дека Португалецот стана дел од првата постава на Ливерпул по само неколку натпревари. Тоа што чини само 6,7 (веќе порасна за 0,2) значи дека ќе го гледате во многу тимови во вашите мини-лиги. Прашањето на усните на многумина е дали Жота може да ги покрие Салах и Мане. Според нас, тоа е погрешното прашање. Вистинското е двојно: 1) дали Салах/Мане вредат колку Жота и Грилиш или средновреден напаѓач (Бамфорд, Воткинс, Че Адамс, Абрахам…) заедно? и 2) дали сопствениците на Жота ќе бидат доволно храбри да му ја доделуваат капитенската трака на Португалецот? Ако одговорот на второво е да, тогаш еве ви еден совет: заборавете на Салах/Мане. На долги патеки, навистина изгледа претешко Салах/Мане да покријат толку многу поени. Но, на ниво на поединечни натпревари – тешко е да се предвидува што и да е. На пример, на овој – имаме чувство дека Салах ќе донесе повеќе поени од Жота. Ако згрешиме и за тоа, тогаш уште подлабоко сме уверени во претходно кажаното.

сабота, 28 ноември 2020, 16:00h

МСИ
4 0 Барнли
ФПЛ опции
Де Брујне
Агуеро
Стерлинг
Жезус
Кансело
ФПЛ опции
/
Најава

Верувале или не, натпревар од десеттото коло (додуша, за двете екипи е деветто) меѓу Манчестер Сити и Барнли е натпревар меѓу тринаесеттиот и седумнаесеттиот на табелата. Уште поинтересно, Сити влегува во овој меч со негативна гол-разлика: има дадено 10, а примено 11 гола. Чудните статистики не завршуваат тука: Барнли има понизок ОГП коефициент од Манчестер Сити – 9.28 vs. 9.90 (и двата меѓу најниските во лигата: само Челзи е подобар). На план на ОГ коефициент, само ВБА е полош од Барнли (4,49 vs. 6,83). Ама Сити се одвај на средината на табелата по оваа категорија: дури 9 тима создале повеќе шанси и имале повеќе можности за гол од машинеријата на Пеп. Како? Навистина не знаеме. Натпреварот против Олимпијакос од ЛШ можеби кажува доволно: Сити имаше тотална доминација (21 шут и 11 во рамки на гол наспроти 0 на Олимпијакос), па, сепак, ОГ коефициентот на Манчестер беше само 2. Дадоа уште помалку: само еден, единствен гол. Така некако изгледа приказната за тимот на Пеп сезонава: штура иницијатива, малку шанси и уште помалку голови. Барнли е моментот кога тоа ќе се смени. Зашто Барнли и тоа како им лежи: на последните десет натпревари (значи оние под Пеп), Сити има девет победи и едно реми, со вкупна гол-разлика од (пазете сега) – 33:3. Со други зборови, Сити упорно им дава, во просек, по три гола на Барнли, кои, пак даваат по еден на секој три натпревари. Ако не победат избраниците на Пеп убедливо овде, тогаш не знаеме кога ќе се случи тоа сезонава.

Додатни ФПЛ белешки

Нема што многу да се зборува овде: како знаете и умеете, ставете некој Ситиевец во вашиот тим, преферибилно Кевин Де Брујне. И доделете му ја капитенската трака. Агуеро беше на клупата против Спарси, па не се изненадувајте ако се врати и со двоцифрен број ФПЛ поени на првиот натпревар: има 9 гола на 10 натпревари против Кларетсите, 6 на шесте домашни. На Стерлинг не му лежи нешто особено Барнли, ама редно време е и тој да проработи. Жезус е веројатно најдобриот играч на Сити неколку кола наназад, па очекувајте поени и од него. Конечно, очекувајте и клиншит од одбраната која, разбирливо, во натпревар со многу голови, може да донесе и некоја асистенција. Од Кансело не би нè изненадило и нешто повеќе. Сè освен кецови и двојки низ тимот (ако не и минусни бодови) би нè изненадило кога е во прашање Барнли. Ним ќе им недостасува во сабота и Поуп – не дека нешто правеше разлика минатите три натпревари (на сите прими по пет гола). Ама, па, сезонава, бевме изненадени толку многу – и во толку многу наврати – што нема да биде ова ни приближно најголемото изненадување.

сабота, 28 ноември 2020, 18:30h

Евертон
2 3 Лидс
ФПЛ опции
ДКЛ
Ричарлисон
Хамес
ФПЛ опции
Бамфорд
Најава

Се врати Ричарлисон, се врати и Евертон на победничките патеки. За несреќа на Анчелоти, ниту тоа изгледаше особено убедливо против Фулам (можеше да заврши и реми натпреварот), ниту пак дојде победата без горчлив вкус во устата: Дињ се повреди на тренинг и ќе паузира најмалку наредниве два месеци. Без неговата креативност, на Карамелите ќе им биде многу потешко да создаваат шанси во нападот – а на тоа некако се базира нивната игра. Одбранбено, не се воопшто добри и навистина ни се чини дека Лидс на Биелса ќе знае добро да го искористи тоа. Најпосле – и покрај тоа што Арсенал играше со црвен картон – Лидс со Топџиите покажа уште еднаш дека против фаворитите игра подобро отколку против аутсајдерите. Извадија реми со Сити, ја растурија Вила, несреќно изгубија од Ливерпул, а, ете, со Арсенал изиграа 0:0 и покрај 25 шута кон противничкиот гол (и три пречки). Од сите наведени, играта на Евертон се чини најнеприлагодена на динамичната игра на Лидс. Карамелите примија два гола од еден од најлошите напади во лигата (Фулам), а Лидс го имаат еден од најдобрите. Бидејќи и Евертон игра напаѓачки, можете да очекувате многу голови на овој меч. Најпосле, на натпреварите на Евертон досега се дадени речиси 4 гола по натпревар (3,9), а на Лидс повеќе од 3 (3,2). Оттука, ГГ 3+ изгледа загарантирано. Сè друго е помалку предвидливо. Ние ќе прогнозираме (навидум) изненадувачка победа на гостите во натпревар со многу голови. (Патем, на последниот натпревар меѓу овие две екипи победил Евертон 2:0 со головите на Милнер и Руни… Ни недостасуваа Лидс.)

Додатни ФПЛ белешки

Како што пишавме погоре, Евертон прими два гола од Фулам, па сопствениците на Бамфорд може да очекуваат многу од овој натпревар. Отсуството на Дињ, за жал, веројатно ќе влијае на поените на Калверт-Луин. Англичанецот е во животна форма годинава, но помалку добро нафрлени топки ќе значат и помалку голови со глава – што е една од неговите најдобри страни. Сепак, Калверт-Луин сезонава дава голови и кога не сака, па не ни изгледа паметно да го заборавиме од која и да е препорака. Ричарлисон, пак, покажа уште против Фулам колку многу недостасуваше: веруваме дека тоа повторно ќе го покаже против Лидс. За Хамес сме малку воздржани: конечно почна да игра малку понапред по враќањето на Ричарлисон (кога и Анчелоти се премести на 3-4-3) и ете сега ќе го нема Дињ. Што ќе значи тоа за Ивоби – и дали ќе бара тоа враќање од Хамес – ќе дознаеме на натпреварот против Лидс. Како и да е, Колумбиецот е класа-играч што некогаш нервира ако го имате на ФПЛ: можеби покрај тоа да биде мозокот на екипата и асистентот за асистентот, ќе почне Хамес пак да асистира и дава голови. Најпосле, тој е изведувачот на многу прекини. Во отсуство на Дињ (и без Сигурдсон во првите единаесет) може да биде и единствен.

сабота, 28 ноември 2020, 21:00h

ВБА
1 1 Шефилд
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
/
Најава

Во последниот саботен натпревар се среќаваат последните два тима на табелата. За домаќините до некаде и очекувавме: ВБА е и статистички најлошата екипа по безмалку сите категории и ќе биде чудо ако остане во Премиер Лига. Но, како тоа Шефилд има и помалку од нивните три бода – само еден – е навистина нејасни. Лани момците на Крис Вајлдер (и тоа речиси истите) се бореа за Европа и покажаа способност да се одбранат и против најсилните тимови во лигата. Годинава, имаат примено 15 гола на 9 натпревари и само едно реми – против Фулам, на домашен терен, со пенал во 85-та минута откако гостите (Митровиќ) промашија еден претходно. Оттука, иако Шефилд влегува како фаворит за освојување на трите бода на гостувањето против ВБА, нам реми ни изгледа поизвесно. Може да биде и без голови и со по еден гол во двете мрежи, но сигурно нема да дојде во возбудлив натпревар со многу шанси.

Додатни ФПЛ белешки

Пред неколку кола, Вајлдер рече дека отсуството на Џек О’Конел за неговиот тим е пострашно отколку она на Ван Дајк за Ливерпул – и изгледа беше во право. Шефилд навистина не игра никаква одбрана, па дури и сега – кога клиншит би требало да е извесен – се плашиме дека Рамсдејл ќе прими некој гол. Згора на сето тоа, Шефилд не создава ниту многу шанси, па ВБА – кој прими само по еден гол од Тотенхем и Манчестер Јунајтед – можеби има и поголеми шанси да си отиде со празна мрежа отколку Шефилд. Не дека е потребно да се напомене, но навистина избегнувајте играчи од овие два тима во догледна иднина – ако не и до крајот на сезоната.

недела, 29 ноември 2020, 15:00h

САУ
1 2 МЈУ
ФПЛ опции
Адамс
Волкот
ФПЛ опции
Бруно
Рашфорд
Најава

Ова ќе биде можеби еден од највозбудливите натпревари ова коло. Саутемптон ужива во фудбалот сезонава, а секако немаат замерки и на моменталното високо петто место. Пет натпревари со ред без пораз, од кои дури три победи и два клиншита. За малку не успееја и на Молињу, но и тој резултат (1:1) беше добар за нив. Сега, на својот стадион, го пречекуваат Манчестер Јунајтед, кој конечно победи во една домашна средба (со далеку од добра игра) против ВБА, и – по поразот од Арсенал – нанижа три победи, меѓу кои и една европска, убедлива. Ова ќе биде дуел на два добри напада и двe не толку добри одбрани. И двете екипи се некаде на средина на табелите на ОГ и ОГП. Очекуваме голови, можеби не на претек, но сигурно нема да мируваат ни двете мрежи. Се мислевме дали да одиме со реми, но ајде ќе му дадеме предност на фаворитот. Сепак, тој е покомплетиран во нападот.

Додатни ФПЛ белешки

Светците повторно ќе бидат без Ингс, но затоа пак Че Адамс игра феноменално, а еве сега добра поддршка добива и од Волкот. Првиот е со напаѓачки учиноци пет натпревари со ред, на кои забележа 3 гола и 3 асистенции. Вториот, по врзаните 2 асистенции на двата претходни меча, на последниот и се запиша во листата на стрелците, што беше негов прв погодок за Саутемптон, по пауза од 15 години. Јунајтед има големи проблеми со повреди во одбраната, но затоа пак Бруно е еден од најсигурните избори сезонава, а статистиката вели 3 гола и асистенција на последните два меча. Полека во форма се враќа и Рашфорд (веќе презема еден пенал од Бруно во ЛШ), па токму тој може да биде вашиот differential ова коло.

недела, 29 ноември 2020, 17:30h

Челзи
2 1 ТОТ
ФПЛ опции
Вернер
Зијеч
Чилвел
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Најава

Таа фамозна, втора (шампионска) сезона на Мурињо во некој клуб: во неа ги постигнува најдобрите резултати. Затоа и е донесен од Ливи во северен Лондон. Да победува и да освојува. Па, може ли Жозе и со Тотенхем? Петлите влегуваат во ова десетто коло како лидери на табелата и го играат вториот натпревар од оние „тешки“ три, што можеби ќе бидат нивна одредница за сезонава. Првиот тест успешно го поминаа. Победена е можеби најозбилната екипа од овие три. Пеп и Сити потклекнаа пред „Специјалниот“. Тој им ја додели топката на Сините, но си ги задржа трите бода. Сега следува „неговиот“ Челзи. Лампард ќе го пречека неговиот тутор на нивниот Стамфорд Бриџ и во таа магија ќе недостигаат само фановите. За жал. Челзи е трет, со само два бода помалку од Спарси, и ова ќе биде шансата да ги престигнат на табелата. Ова ќе биде втор нивни дуел сезонава, по оној во Лига Купот кога Челзи беше подобар, но некако од никаде, Тотенхем со пресврт помина понатаму. Ни сега возбудливост нема да недостасува, а можеби и Челзи малку ќе го спушти Тотенхем на земја.

Додатни ФПЛ белешки

Тандемот Кејн – Сон е убиствен сезонава. Заедно постигнаа 16 голови и остварија 11 асистенции. Главно, проигрувајќи помеѓу себе. Кејн е трет на листата на ОГ, и внимавајте, прв на листата на ОА. Затоа, капитенот на Гордиот Албион сезонава е нешто повеќе од само убиствен шпиц. Но сега против себе ќе има и друг убиствен и комплетен напаѓач. Вернер почнува да ги оправдува средствата вложени за него, па по двата врзани голови, во минатото коло асистираше, притоа поминувајќи го безмалку целиот терен, во стилот на Марадона (намерно спомнат, за уште еднаш да напишеме да почива во мир – најголемиот!). Германецот е подеднакво опасен и како најистурен во нападот, но и како крилна соработка на Абрахам. Во Челзи полека се комплетираат сите, па од тешката артилерија ќе недостасува само Пулишиќ. Во ЛШ се врати и Хаверц, а Зијеч е седми на листата на најдобри асистенти според ОА.

недела, 29 ноември 2020, 20:15h

Арсенал
1 1 Вулвс
ФПЛ опции
Сака
ФПЛ опции
Хименез
Најава

Секое коло очекуваме дека Арсенал ќе „проигра“, но тоа никако да се случи. Болниот пораз од Астон Вила (која пак губи од кој стигне), никако не беше ублажен на гостувањето на Иланд Роуд против Лидс. И да, Арсенал беше скоро цело полувреме без исклучениот Пепе, но сепак и во тие први 50 минути, Лидс беше доминантната екипа, па само среќата (три погодени конструкции на голот) и одличниот Лено, не дозволија втор пораз во низа. Мала утеха е што сепак Арсенал преку Сака ја имаше шансата на натпреварот за сите 3 бода, и што одбраната „фати“ клиншит. Арсенал игра очајно лошо и некреативно, а доказ за тоа се головите, кои се еднакви со бројот на одиграни натпревари. Сега ќе ги пречекаат НЕС и момците. Волците се исто така два натпревари без победа, но ако истата не ја заслужија против Лестер, во минатото коло против Саутемптон можеби да. Беа подобар противник, имаа и повеќе шанси, но отсуството на Коуди во одбраната, и секако одличниот Мекарти на противничкиот гол, спречија сите трите бода да останат за Молињу. Напротив, Нето спасуваше пораз. Но НЕС нема комплекс од Арсенал, особено не на Емирејтс, па иако сакавме да типуваме на домашните, сепак, логиката кажува тврдо реми. Нормално, без фудбалско ужување и многу голови. Па ајде нека нѐ демантираат.

Додатни ФПЛ белешки

Во нормални околности, прво име во оваа најава би бил Обамејанг, но тоа годинава воопшто не е случај. Габонецот досега има само 2 гола, и САМО еден од игра (во првото коло). Уште една страшна информација е што тој немаше шут во рамки на противничките голови повеќе од три натпревари! Па како тогаш да го препорачаме Оба? Впрочем, како да посочиме било кој Топџија? Но ајде, ќе го спомнеме Сака, само затоа што е најконстантен играч оваа сезона во Арсенал, па ако сакате и најдобар. Нешто слично и на спротивната страна, каде можеби само Хименез е логичната опција, но и тоа на овој распоред е непрепорачливо.

понеделник, 30 ноември 2020, 18:30h

Лестер
3 0 Фулам
ФПЛ опции
Варди
Медисон
ФПЛ опции
/
Најава

Што би рекол еден наш другар и љубител на обложување – „најчист кец у билтен“. А што друго може да се каже кога ќе се погледне табелата, бодовите, формата, па и амбициите на двете екипи. Цели 14 бода разлика помеѓу нив по девет кола, па едните размислуваат на ЛШ или барем ЛЕ, а другите за евентуален опстанок. Лестер беше убаво треснат од земја во минатото коло од десеткуваниот Ливерпул, кој и таков можеше да постигне многу повеќе од само три гола. Па, сепак, ова не е добра информација за Фулам, бидејќи сега момците на Роџерс ќе сакаат да се „исперат“ за тој натпревар. Лондончани навистина не изгледаат добро – впрочем изгледаат токму како предминатата сезона – па само чудо ќе ги спаси од (убедлив) пораз на Кингс Пауер. Но чуда во фудбалот се возможни, па ајде да почекаме (иако не сме убедени во такво нешто овојпат).

Додатни ФПЛ белешки

По серијата од 3 гола, по еден на секој натпревар, Варди конечно не погоди во минатото коло против Ливерпул. Но сега на менито е Фулам, а потоа следуваат Шефилд и Брајтон, па како тогаш Варди да не биде едно од првите имиња за посочување. Сѐ уште лидер на листата на ОГ, и сигурно капитенска опција на многу ФПЛ менаџери. Нема да згрешите доколу тој биде и ваша опција. Веруваме дека е време и Медисон да донесе поени, па ајде тој да го ставиме во differential опциите. Во секој случај, all in на Лестер. Во Фулам, нема што да се разгледува.

понеделник, 30 ноември 2020, 21:00h

ВХЈ
1 1 АВЛ
ФПЛ опции
Форналс
Боуен
Кресвел
ФПЛ опции
Грилиш
Воткинс
Трезеге
Најава

Вест Хем врза две победи по ред, и двете минимални, со клиншит. Тоа ги става на одличното осмо место засега, иако поминаа доста тежок распоред на натпревари. Нивниот противник ова коло, на последните четири натпревари доживеа три порази, па неочекувано го доби само најтешкиот против Арсенал. Затоа мораат да почнат да освојуваат поени, за да не следи вртоглав пад од височините на табелата. Секако, тоа нема да зависи само од нив, затоа што екипата на Мојс игра добар фудбал. И двете екипи се во првата половина на табелата на ОГ, а во втората на табелата за ОГП. Тешко е да се предвиди дали, и која од двете екипи е поблизу до трите бода, па затоа реми е можеби најреален епилог.

Додатни ФПЛ белешки

Иако се „распославме“ со ФПЛ опции од ова средба, тоа е повеќе поради непредвидливоста. Грилиш беше помеѓу најбираните играчи минатото коло, но и покрај тоа што имаше поволен натпревар, капитенот остана без напаѓачки придонес. Истото важи и за Воткинс. Но Астон Вила продолжува во овој примамлив распоред, па затоа повторно паѓаат во очи нивните играчи, иако не играат во постојан ритам. Нешто слично и кај домашните: во отсуство на Антонио, повторно Форналс и Боуен ни делуваат најопасно. Кресвел е трет одбранбен играч според ФПЛ учинокот, а интересно Масуаку е во топ 10 играчи според индексот на ОА.