ФПЛ.мк најава за деветто коло

Последната меѓународна пауза за годинава е зад нас. Настрана евентуални повреди и ковид-случаи во вашите ФПЛ тимови, од оваа нема никогаш да се жалиме. Напротив, ќе ја запамтиме како најсветлиот миг во историјата на македонскиот фудбал. Можеше да биде и уште посветол да имавме малку повеќе среќа со Ерменија (или обратно, Ерменија да имаше помалку среќа со нас), но тоа е сега споредно и неважно. За жал или за среќа, ќе биде уште поспоредно и поневажно во месеците што следуваат, зашто – сакале вие или не – уште од викендов радоста за Европско ќе отстапи место на ФПЛ нервозите. Знаеме дека 99% од вас го имаат Салах, па оттука знаеме и дека 99% од вас веќе имаат голем менаџерски проблем за колово. Нашата најава можеби ќе ви помогне да го решите на пооптимален начин.

сабота, 21 ноември 2020, 13:30h

Њукасл
0 3 Челзи
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Зијеч
Абрахам
Вернер
Џејмс
Најава

Њукасл сезонава ја почна како и секоја друга последниве неколку години: неподносливо неконзистентно. Минатото коло во ниту еден момент не ја запрашаа победата на Саутемптон, а влетаа во тој натпревар после победа со Евертон и реми со Вулвси. Да не се враќаме наназад, шемата – или отсуството на шема – се протега сè до првото коло. Во првиот натпревар од деветтото го пречекуваат Челзи кој, веднаш по активирањето на Зијеч, почна да заличува на тимот кој очекувавме да биде годинава. Пред меѓународната пауза имаше серија од четири победи во сите натпреварувања – сите извојувани убедливо, со вкупна гол-разлика од 14:1. Благодарение на добрата напаѓачка игра, Челзи го надмина Тотенхем по бројот на голови и стана најефикасниот клуб во Премиер засега со 20. Иако го имаат победено Њукасл само еднаш на Сент Џејмс Парк во последните шест гостувања, реално да очекуваме победа и тука, веројатно со клиншит и со повеќе од еден гол во мрежата на Дарлоу.

Додатни ФПЛ белешки

Каи Хаверц и Кристијан Пулишиќ сигурно ќе го пропуштат гостувањето кај Њукасл, па тоа речиси сигурно значи дека ќе стартува Теми Абрахам во напаѓачката тројка. Многу нешта зависат и од тоа дали ќе стартуваат Чилвел и Зијеч – и двајцата поради умор – но последните извештаи велат дека и едниот и другиот би требало да се во стартната постава на Сините. Истото важи и за Вернер и за Џејмс – можете да очекувате бодови и од двајцата. Тешко е да очекувате бодови од кој и да е играч на Њукасл: Калум Вилсон е сомнителен, Рајан Фрејзер речиси сигурно нема да игра, а одбраната на Њукасл не е воопшто стабилна за да можете да се надевате на некој изненадувачки клиншит.

сабота, 21 ноември 2020, 16:00h

АВЛ
1 1 Брајтон
ФПЛ опции
Грилиш
Воткинс
ФПЛ опции
Мопе
Лампти
Најава

После двата убедливи порази од Лидс и Саутемптон, почнавме да размислуваме да не се залетавме со Астон Вила. Минатото коло, момците на Дин Смит како да вложија сè за да нè убедат во спротивното: не само што го победија, туку безамлку и го издоминираа Арсенал, реално дури и без многу напор. Брајтон игра сосема различно од Арсенал, па (не веруваме дека ќе го кажеме ова) веројатно нема да биде така лесен залак. Всушност, Брајтон не беше лесен залак за никого сезонава, а сепак е на шеснаесетто место, со само една победа засега. Статистиката вели дека заслужуваат многу, многу повеќе: верувале или не, Брајтон има и повисок ОГ коефициент (11,02) и понизок ОГП коефициент (9,06) од Манчестер Сити (10,74 / 9,14)! Всушност, по вторава статистика, само Тотенхем и Челзи се подобри од нив од сите тимови што изиграа 8 натпревари. Тоа мора да значи дека некои подобри денови за Брајтон следуваат во многу блиска иднина. Ама некако се сомневаме дека таа е баш оваа сабота. Уште едно речиси безначајно реми за Потер.

Додатни ФПЛ белешки

Да кажеме уште веднаш: независно од конечниот резултат на овој натпревар, безмалку ви гарантираме бодови од Грилиш. Брајтон му е омилена екипа и досега против Галебите има дадено 4 гола и асистирано 2 пати на 5 натпревари. Згора на сето тоа, на меѓународната пауза покажа во каква само форма се наоѓа годинава. Воткинс го покажа тоа против Ливерпул и Арсенал: веќе има новодојденецот 6 гола и 1 асистенција на 7 натпревари. Страшно. Кај Брајтон го имате Мопе со 4 гола и 1 асистенција сезонава и Тарик Лампти кој прераснува во навистина одличен, одличен бек – и за гледање и за ФПЛ. Не е битно што Брајтон не вади клиншитови (иако веројатно кај и да е ќе почне): Лампти изгледа како да ќе асистира или даде гол на секој натпревар по барем еднаш.

сабота, 21 ноември 2020, 18:30h

ТОТ
1 1 МСИ
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Бејл
ФПЛ опции
КДБ
Жезус
Фоден
Торес
Најава

Големо, големо дерби. Не само заради тоа што е меѓу два тима кои последниве сезони котираат за највисок пласман, туку и заради тоа што е меѓу два тима кои се наоѓаат во драстично различна форма. Спарси играат неочекувано добар и напаѓачки фудбал, а Сити, пак, како да заборавија да создаваат шанси. Во моментов Тотенхем има дадено 19 гола; Сити само 10. Згора на сето тоа, и двата тима имаат примено по 9 гола. ОГ/ОГП статистиката вели дека бројките се горе-долу реални – т.е., дека Сити навистина не створил доволно шанси за да даде повеќе гола и дека и двата тима играле слично одбранбени и примиле онолку колку што и би се очекувало. Посебен шмек на овој натпревар му дава фактот што од клупите ќе се соочат двајца од три-четворицата тренери што ги обележаа минативе две децении во светскиот фудбал: вечните конкуренти, Жозе Мурињо и Пеп Гвардиола. Досега имаат одиграно 23 меча: на 6 од нив излегол Португалецот како победник, на 11 Каталонецот; 6 завршиле нерешено. Нешто ни вика дека така ќе заврши и овој натпревар – ама само зашто влогот е преголем. Па, оттука ќе биде и тензичноста. Не очекуваме премногу убав фудбал. Иако Пеп потпиша нов договор со Сити, пораз би го оддалечил толку многу од врвот што сезоната безмалку би завршила тука. Па, веројатно ќе ја прилагоди играта за Тотенхем, затворајќи се доволно за да не ги дозволи убиствените контри на Сон и Кејн. Зашто ако не го направи тоа, тогаш се работи за класичен mismatch: независно од релативната јачина на тимовите, ако Пеп влезе со стандарден висок пресинг, би нè чекале овде многу голови. И многу веројатно, повеќето од нив би биле во мрежата на Едерсон.

Додатни ФПЛ белешки

И двата тима се полни со играчи што би можеле да направат разлика: Кејн, Сон и Бејл кај Тотенхем, КДБ, Жезус, Фоден и хет-трик херојот на Шпанија против Германија, Феран Торес. Секако, кога е во прашање Пеп, тешко е да се погоди дали Торес воопшто и би стартувал. Ама бидејќи Стерлинг се повреди на меѓународната пауза, има добри шанси да се случи нешто такво. За Мурињо голем проблем ќе биде неиграњето на Ндомбеле, а и Доерти се зарази со КОВИД-19 во меѓувреме. Тоа значи речиси сигурни стартови за Ло Селсо и Бејл. Вториов ни изгледа како да се враќа во кондиција, па и форма. А за играч од неговиот кадар, Сити и Гвардиола би можеле да бидат едновремено и предизвик и рутина.

сабота, 21 ноември 2020, 21:00h

МЈУ
2 0 ВБА
ФПЛ опции
Рашфорд
Бруно
Марсијал
ФПЛ опции
/
Најава

Деветто коло е, Манчестер Јунајтед по петти пат ќе игра на Олд Трафорд сезонава, а има освоено само еден единствен бод пред своите гледачи. Да биде уште полошо, тоа реми беше без голови (против Челзи), а во останатите три натпревари, Манчестер има гол-разлика од 2:10. Само Барнли – но со натпревар помалку – има полош скор на домашен терен. Натпревар против фенерџијата во лигата – и речиси сигурен патник во Чемпионшип догодина – е совршен момент да ја поправат таа статистика. Во вечерниот саботен дуел влегуваат како апсолутни фаворити. Каква што има статистика Јунајтед дома, таква има ВБА на гости. Ама речиси идентична: едно реми со Брајтон и три порази, со вкупна гол статистика 3:10. Еден од овие гостински порази на ВБА беше и против Фулам, па веројатно Манчестер Јунајтед не би требало да имаат проблем. Ама, од друга страна, тимот на Билиќ се држеше одлично против Тотенхем минатото коло и изгуби само поради грешка, не поради многу створени шанси на противникот. Па, сепак, ВБА не би требало да им ги замати сметките на Црвените Ѓаволи; ако натпреваров заврши со нешто различно од победа на Јунајтед, тогаш сигурно ќе биде тоа по вина на тимот од Манчестер.

Додатни ФПЛ белешки

Само што подзаборавивме на Бруно Фернандеш и Португалецот изигра феноменален натпревар против Евертон, освојуваќи дури 17 бода. ВБА изгледа како совршениот противник за продолжување на оваа форма – која, патем, Португалецот ја покажуваше и во Лигата на нации, каде заврши со најмногу клучни пасови од сите играчи низ циклусот (18). Од минатото коло во тимот се врати и Марсијал – откако ја одлежа казната од три натпревари поради црвениот картон со Тотенхем – а Бруно има кажано во два наврати дека им советува на ФПЛ играчите да го бираат него кога се двајцата во тимот. Ние, пак, би ве посоветувале да погледнето превосходно кон Рашфорд кој одмори во текот на меѓународната пауза, но кој и тренираше со тимот во меѓувреме, па би требало да е подготвен за игра во сабота. Исто така, со тимот тренираше и Гринвуд кој имаше незгоден период – полн со казни, пропусти и испуштања од состави – па, редно време е да се врати во првиот тим. Со него, Манчестер Јунајтед изгледаат многу поопасни отколку без него.

недела, 22 ноември 2020, 13:00h

Фулам
1 3 Евертон
ФПЛ опции
Митровиќ
ФПЛ опции
ДКЛ
Ричарлисон
Хамес
Најава

Пред четири кола, Евертон беше прв на табелата и имаше 2:2 пред крај на натпревар со фаворитот за шампионската титула и свој градски ривал, Ливерпул. И тогаш, сè тргна наопаку: Хамес се полуповреди, а Ричарлисон доби заслужен црвен картон по груб фаул врз Тијаго и заработи суспензија од три меча. Во тие три меча, Евертон не личеше на себеси: прими 7 гола и даде само 2, не создавајќи многу шанси ниту против Саутемптон, ниту против Њукасл; со Манчестер Јунајтед беше целосно надигран. Конечно, по три натпревари пауза, Карамелите се комплетни. И може веднаш да се вратат на победничките патеки зашто му гостуваат на релативно слабиот (макар стабилизиран) Фулам. Фулам е надвор од зоната на испаѓање, ама требаше да влезе во овој меч со 5 наместо со 4 бода. Виновник за разликата е Адемола Лукман, поранешен играч токму на Евертон кој сигурно ќе се обиде да ја исправи грешката. Има двојна причина за тоа. Мотивација во неодамнешна грешка има и Александар Митровиќ кој исто како Лукман промаши клучен пенал – во неговиот случај, за пласман на Европско на Србија. Ама Фулам не би требало да има сили да се носи со Евертон, кој, пак, со целосен состав би требало да одигра надмоќно на гостувањето на Крејвен котиџ.

Додатни ФПЛ белешки

Ако Марсијал му фалеше малку на Јунајтед, Ричарлисон очегледно му недостасуваше многу на Евертон. Бразилецот изигра одлично и за својата репрезентација за време на меѓународната пауза, ама и настрада по еден старт на Кавани (за кој Уругваецот заработи црвен картон). Би требало да е Ричарлисон во ред, исто како и Хамес кој од Јужна Америка се враќа после понижувачки пораз на Колумбија и шпекулација дека бил дел од тепачка со Џеферсон Лерма во соблекувалните. Хамес го демантираше второво, а првото сигурно ќе му послужи како мотивација: сепак, кариера во Баерн и Реал не те навикнува на неколку убедливи порази со ред. Кога сме кај навики, Доминик Калверт-Луин сезонава нè навикна на бодови. Кога и да игра Евертон, освен ако не се случи нешто ептен непредвидено, тој ќе биде меѓу нашите пикови. Кој може да нè обвини за такво нешто?

недела, 22 ноември 2020, 15:00h

Шефилд
1 1 ВХЈ
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Боуен
Форналс
Кресвел
Најава

Ни одблизу сезона како минатата за Вајлдер и момците во црвено-бело. Напротив, ужасен влез во сезоната, па од фенерџиското место Сечилата го дочекуваат дветтото коло, и со само еден единствен освоен бод. Врзани три последователни порази, кои сега ќе треба да се поправаат против Чеканите од Лондон. Мојс знае што значи да се биде во една таква ситуација, впрочем тие лани имаа еден тешок пат до опстанување во лигата, но сега доаѓаат на Брамал Лејн во едно поинакво расположение. Да, можеби сѐ уште во втората половина на табелата, но поминаа четири од шесте тимови од Топ 6. Сега имаат мала „пауза“, бидејќи по Шефилд ќе ја пречекаат Астон Вила, во два натпревари во кои сигурно лондончани се надеваат на бодови. Но ова несомнено ќе биде еден тежок меч, во кој и двете екипи ќе ги нападнат бодовите, па можеби реми би било очекувано, и по еден бод на двете страни.

Додатни ФПЛ белешки

Шефилд има проблеми со одбраната, па по долгорочно повредениот О’Конел, сега незивесни за настап се Стивенс и Иган. Сличен е билтенот и во нападот, каде освен Мусе, можеби и Брустер ќе го прескокне ова коло. Да знаеме дека сигурно ќе игра, можеби би оделе на картата дека е време младиот англиски напаѓач од 4,5 да ги заработи своите први голгетерски ФПЛ поени. Но, ајде за тоа да почекаме. На спротивната страна Мојс сѐ уште ќе го нема на располагање својот најдобар играч Антонио, а неизвесен за настап е Огбона. Затоа би ги препорачале Боуен и Форналс од средњаците, и доколку очекувате клиншит, тогаш дефинитивно Кресвел.

недела, 22 ноември 2020, 17:30h

Лидс
1 2 Арсенал
ФПЛ опции
Бамфорд
ФПЛ опции
Обамејанг
Најава

Полека но сигурно Артета ги искусува сите непријатности кои ги носи работната позиција менаџер на еден голем клуб, и целиот притисок за остварување на добри резултати. Неговото досегашно владение во Арсенал, некако ќе се подели на пред, и после ковид паузата. Ќе прашате зошто. Да, тој после паузата го освои рекордниот ФА куп за својата екипа, но нивото на фудбал кое го прикажуваат неговите избраници е драстично променето. На полошо. Возбудлив фудбал пред, и досаден, предефанзивен, ако сакате „барнлиевски“ фудбал во последно време. Капак на лошите игри беше треснувањето од земја во минатото коло против Астон Вила од 0:3, кое можеше резултатски да биде и повисоко. И сето тоа по големата дерби победа на Олд Трафорд. Затоа, Артета ќе мора да промени нешто во својата игра, и тоа брзо, затоа што незгодниот распоред продолжува, а најголемото севернолондонско дерби е само за две кола. Но ситуацијата не е бајка ни кај Бјелса и екипата, бидејќи Лидс врза два последователни порази, и притоа прими 8 голови. Ајде од Лестер, ама од Кристал Палас? Затоа и тие исто, брзо ќе мора да направаат промени во своите тактики, па затоа и мислиме дека ќе следиме возбудлив фудбал, со 3+ погодоци.

Додатни ФПЛ белешки

Алиоски се врати во Англија со повреда во големата и историска победа против Грузија, и не се знае дали ќе му биде на располагање на Бјелса за овој меч. Родриго сѐ уште е во самоизолација, и не се знае дали истата ќе заврши пред почетокот на ова коло. Затоа и би оделе само со Бамфорд од домашните. 7 гола во воведните 8 кола се повеќе од добра препорака. На спротивната страна нешто слично. Колашинац и Елнени „фатија“ ковид на репрезентативната пауза, а Парти сѐ уште се опоравува од повредата заработена против Астон Вила. И навистина Арсенал игра лошо, некреативно и ненапаѓачки, а излезе и статистика дека Хари Мегваер досега има повеќе удари во рамки на противничките голови од Лаказает и Обамејанг. Но време е вториот да ја добие онаа централна напаѓачка улога во формацијата на Артета (можеби на штета на Лаказет), и конечно да постигне гол од игра за својот тим (по пауза од дури 4 натпревари). Кога, ако не сега, против порозната одбрана на Лидс Јунајтед.

недела, 22 ноември 2020, 20:15h

ЛИВ
2 1 Лестер
ФПЛ опции
Мане
Фирмино
ФПЛ опции
Варди
Најава

Нереална ситуација на Енфилд. Дефиниција за болница, и несомнено огромни маки за Клоп при составувањето на тимот. Особено во одбраната. Буквално цела одбранбена линија е „аут“: ВВД, ТАА и Гомез сигурно, а и Роберстон се пожалил на болка во препоните по големата победа на Шкотска над Србија, и пласманот на ЕП. Повреден е и Фабињо кој може да помогне на стоперската позиција, а најтазе е повредата и на капитенот Хендерсон. Згора на тоа, Салах е позитивен на ковид, и сигурно ќе го рипне ова коло. Такви проблеми нема Роџерс, иако и кај него не е сјаен билтенот со повредени играчи. Последен е Фофана, кој експресно се етаблираше како дел од стартните 11 (иако е забележан на последните тренинзи, заедно со Переира, Кастањ и Ндиди). Но поголемиот дел од најважните се здрави, а оние што беа со своите репрезентации се вратија неповредени. Во нормални услови би типувале на единица. А сега, па веројатно и сега, и покрај сите проблеми на Црвените.

Додатни ФПЛ белешки

Алисон има само еден клиншит сезонава, веројатно за жал на многу ФПЛ менаџери кои стартуваа со одбрана од Ливерпул. Затоа, сега Бразилскиот чувар на мрежата ќе биде попотребен од било кога, против сестраниот напад на Лисиците. Ливерпул и покрај ограмните повреди, сепак има играчи од типот на Мане и Фирмино, кои веруваме дека се доволни за поволен резултат. Првиот, би го посочиле и како потенцијален капитен ова коло. Ако нешто научивме овие години, тоа е дека во Ливерпул игра системот. Но добар систем спроведе и Роџерс во својата екипа, па така Варди повторно е во борба за златната копачка, Медисон целосно се опорави од повредата, а во одлична форма игра и Тилеманс, кои на последните 4 натпревари за својата екипа и репрезентација, има 4 погодоци.

понеделник, 23 ноември 2020, 18:30h

Барнли
0 0 КПА
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Заха
Најава

Барнли е една од двете екипи кои сѐ уште немаат победа, и се наоѓаат на претпоследното место на табелата. Сепак, само една победа ги дели од бегство од опасната зона, со оглед на тоа што имаат еден натпревар помалку од своите ривали на дното. Кристал Палас пак се наоѓа на одличното осмо место, и на репрезентативната пауза замина со убедливата победа над Лидс од 4:1. Сега имаат една прифатлива низа од три „зелени“ натпревари со ред, на кои можат да се надеваат на победи. Секако, нема да биде лесто на Турф Мор. Особено што домашните мораат да почнат да освојуваат бодови. Дуел на две дисциплинирани одбрани, кои годинава не се прикажуваат во вистинско светло. Интересно, Барнли е втора најлоша екипа според индексот на очекувани голови, но и втора најдобра според индексот на очекувани голови против нив. Затоа, ние би оделе со реми, без голови.

Додатни ФПЛ белешки

Статистички, тимот на Дајш е најнеефикасната екипа во лигата, со само 3 постигнати погодоци до овој момент. Дополнителен проблем сега ќе биде и повредата на Гудмундсон. Затоа и не би препорачале некој играч од нападот на Кларетси. Можеби, доколку веќе поседувате, одете со некој од тројката Поуп – Ми – Тарковски, но не инвестирајте сега во нив, бидејќи по ова коло им следува Манчестер Сити. Кристал Палас полека се оправа од проблемите со повредените одбранбени играчи, па по подолг период Хоџсон ќе биде на слатки маки за тоа кој да одбере во последната линија. Неизвезен е сѐ подобриот Изи (иако најверојатно ќе биде во комбинација) во средниот ред, па затоа повторно Заха би бил најсигурната опција од лондончани.

понеделник, 23 ноември 2020, 21:00h

Вулвс
1 1 САУ
ФПЛ опции
Хименез
ФПЛ опции
Че Адамс
Најава

Одличен натпревар за затварање на ова деветто коло. Најпријатното изненадување од предминатата сезона, против најпријатното изненадување оваа сезона, досега. Вулвси играат променливо во последно време, па така имаат нерешено, победа па пораз на последните три средби. Голем проблем сезонава за Волците се головите. Досега постигнаа само 8, и се трета екипа одзади според индексот на постигнати голови. Од друга страна Светците ги поминуваат едни од најубавите моменти во последните години. Во минатото коло за момент се најдоа и на чело на табелата, се сеќавате на оној оригинален нивни твит, во стилот на Трамп “stop the count“. Без пораз на последните пет меча, од кои четири победи, и три во низа, за високото четврто место во овој момент. И двете екипи ќе сакаат да го задржат или поправат своето место на табелата, па несомнено ни претстои возбудлива фудбалска претстава, веруваме со барем по некој гол.

Додатни ФПЛ белешки

Нема да измислуваме топла вода, и доколку не очекувате клиншит од домашните, тогаш само Хименез е опцијата. И тоа доколку го имате. Никако не го купувајте сега, зошто потоа следуваат две исклучително тешки кола. Истото важи и за Поденс/Нето. Дајте им можеби последна шанса, и потоа нека одат на продажба, особено првиот. Нешто слично и кај гостите, само што таму го нема најефикасниот Ингс. Но, Адамс е тој кој достојно го заменува Ингс во тресењето на противничките мрежи, и носењето на ФПЛ поени – четири напаѓачки скорови во серија. Но внимавајте, Ворд-Праус е неизвесен, за тој исто така е еден од клучните играчи за Хазенхутл оваа сезона.