ФПЛ.мк најава за деветнаесетто коло

Фудбал се игра ден за ден во Англија и пак имаме доволно одложени и заостанати натпревари да можеме да се надеваме и на тројно коло за Астон Вила. Не знаеме за вас, ама нас сè повеќе нè уморува сезонава со сите непредвидливости и обрти. Преку ноќ се случи најпогодвотените за двојното 19-то коло (и оние спремните за BB) да имаат тим спремен за WC: Сити доби двојно коло, на Лидс и Вила им се откажа вториот натпревар, а Евертон, пак, нема ни да игра викендов. Да бидат нештата уште полоши, не сме ни сигурни во која состојба е Вила за натпреварот со Сити. Ама ајде, како Полониј во „Хамлет“, и ние да прочепкаме малку за да најдеме некаков метод во сето ова лудило.

сабота, 16 јануари 2021, 13:30h

Вулвс
1 0 ВБА
ФПЛ опции
Саис
Нето
ФПЛ опции
/
Најава

Спомнавме лудило? ВБА, во последниве пет кола, има три порази со вкупна гол-разлика 0:12 и две ремија од по 1:1. Од сите тимови – со Сити и Ливерпул. На хартија, тоа изгледа безмалку невозможно, ама, ете, во пракса го посведочивме сите. Два од трите најголеми претенденти за титулата во моментов (да, црвени Манчестеровци, го напишавме тоа) не можеа да направат сериозна шанса против аутсајдерот кому Астон Вила, Лидс и Арсенал му се изнадаваа голови. Но, Вулверхемптон не е екипа што може да му нанесе убедлив пораз никому, па ни на ВБА. Дури и напротив: Волците се мачат да создаваат шанси, камоли да даваат голови. Ама дека ќе дадат барем еден во сабота нам ни изгледа некако многу веројатно. Можеби и тоа ќе биде доволно – зашто не веруваме дека ВБА ќе возврати.

Додатни ФПЛ белешки

Од многу причини, натпреваров ни се чини речиси сигурен клиншит. Оттука, ако имате дефанзивци од Вулвс, не е страшно да ги ризикувате и покрај двојното коло. Особено ако меѓу нив е Саис. Во отсуство на Поденс и Траоре, на другата страна од теренот, барајте поени само од Нето. Од ВБА не барајте од никого. Дури ни од Аџаји.

сабота, 16 јануари 2021, 16:00h

Лидс
3 1 Брајтон
ФПЛ опции
Бамфорд
Рафиња
Далас
Алиоски
ФПЛ опции
/
Најава

Лидс, не премногу изненадувачки, изгуби 3:0 од Тотенхем минатото коло; и повеќе од изненадувачки, беше поразен исто толку од Кроли во ФА. Марсело Биелса сигурно нема да биде задоволен со второво и ќе бара инстантен одговор. На негова среќа, веројатно ќе може и лесно да го добие, зашто Лидс во сабота го пречекува тажниот Брајтон. Не само зашто е преполна листата на повредени во бележникот на Греам Потер, туку и зашто англискиот тренер има само една лигашка победа на последниве 16 натпревари. Не дека Галебите играат лошо – напротив, имаат повисок ОГ коефициент од Евертон, Арсенал, Вест Хем, Саутемптон… – ама не знаат ниту како да ги реализираат своите многу шанси ниту како да задржат предност. Да бидат нештата полоши, на Лидс им одговора нивниот стил на игра, па веројатно е да примат повеќе голови. И да дадат еден – ќе биде залудно.

Додатни ФПЛ белешки

Лидс беше омилениот тим за оние кои играа WC во 16-то коло и планираа BB во ова, па претпоставуваме има доста тимови што ја имаат во план тројката Далас, Рафиња и Бамфорд за ова коло. Макар сега само со еден натпревар, од нив сите очекуваме поени против Брајтон. Очекуваме и од неуморниот Алиоски, кому којзнае дали Биелса некогаш ќе му го даде заслужениот одмор (во отсуство на играчи за неговата позиција, баш и нема многу опции Аргентинецот). Меѓу Брајтоновците одново не можеме да препорачаме никого. Што и да ви кажеме – ќе згрешиме.

сабота, 16 јануари 2021, 18:30h

Фулам
1 2 Челзи
ФПЛ опции
Лукман
ФПЛ опции
Вернер
Зијеч
Чилвел
Најава

До пред пет кола, Фулам имаше само едно реми. Сега има шест. Што значи дека пет кола со ред тимот на Скот Паркер игра нерешено. И тоа не со кого било: извлече 1:1 против Ливерпул и Тотенхем, а 0:0 против Саутемптон. Со оглед н фактот што другите две ремија беа против Брајтон и Њукасл, можеме да заклучиме дека на Фулам им е апсолутно сеедно протви кого играат – тие пак ќе одат на реми. Но, Челзи (а и Лампард) не смее да си дозволи ништо помалку од победа: има три порази на последните три гостувања, па сега е далеку дури и од местата што водат во Европа (а беше конкурент за титула пред некое коло). На нивна страна е и традицијата: немаат изгубено од Фулам последните 19 натпревари и им имаат дадено по барем 2 гола на последните 5. Добра вест за Сините е што играат добра одбрана, па би требало и да извлечат клиншит. Но, и да примат гол, пак ќе ги однесат сите три бода.

Додатни ФПЛ белешки

На почетокот на сезоната се прашувавме кои тројца играчи од Челзи ќе ги ставаме во нашите тимови. Сега можеме опуштено да ги гледаме нивните натпревари имајќи точно 0 играчи од нивниот тим. Колово ќе биде малку поразлично, зашто Челзи ќе игра два пати – еднаш со Фулам, а после и со Лестер. Одлична шанса за некој differential од видот на Зијеч или Вернер. Похрабрите може да пробаат и со некој дефанзивец, особено со Чилвел – како што веќе рековме, Челзи има низок ОГП (само Астон Вила и Сити имаат понизок) и имаат примено речиси 4 гола повеќе од што требало. Што значи, ќе почнат да доаѓаат клиншитови. Замислете како би ви било колово со два ако го имате Чилвел? Зашто тој секогаш може да донесе поени и на другата страна.

сабота, 16 јануари 2021, 16:00h

Вест Хем
1 1 Барнли
ФПЛ опции
Антонио
Соучек
ФПЛ опции
Вуд
Најава

Меѓу сабота и вторник, Вест Хем ќе одигра два привлечни ФПЛ натпревари: против Барнли и ВБА. Но – и тоа големо „но“ – тешко е да се очекуваат премногу голови од Чеканите. Особено не на првиот натпревар. Прво и основно, зашто на последниве пет меча пулените на Мојс имаат дадено само четири гола и створено сосема малку шанси. А второ и побитно, зашто Барнли се стабилизираше и упорно се качува нагоре на табелата ОГП. Беше пред неколку кола меѓу последните, а сега е веќе на средината. Згора на сето тоа, Кларетсите имаат извлечено 3 клиншита на последните 3 натпревари со Вест Хем – и секој од нив го имаат и добиено. Макар што наше е да ве предупредиме да не се изненадувате ниту со гостинска победа, ајде да не одиме толку далеку и да прогнозираме цврсто, скокачко реми. Со други зборови, два гола по нафрлени топки на двете страни и многу избиени од двата шеснаесетника.

Додатни ФПЛ белешки

Антонио се врати, а кога тој ја води напаѓачката линија на Вест Хем, различни изгледаат напаѓачките огледи на Чеканите. Сепак, сезонава хит-играч во нивната единаесетка е Соучек – тип на играч што никогаш не би го предложиле како паметна ФПЛ опција да не беше неговата висина и опасност при нафрлени топки. Привлечни се, поради двојното коло, и Цуфал и Кресвел, но нив ги наведуваме во другиот натпревар на Вест Хем. Кај Барнли нема препривлечни опции за колово (иако имаат и двојно коло: вториот натпревар им е со Ливерпул), ама Вуд и Барнс секогаш можат да дадат гол со глава.

сабота, 16 јануари 2021, 21:00h

Лестер
1 1 САУ
ФПЛ опции
Медисон
Џастин
ФПЛ опции
/
Најава

Лестер е уште една екипа со двојно коло – и тоа една од оние превидените. Можеби заради тоа што нивното двојно коло е многу потешко од она на Сити и Вест Хем, па дури и од она на нивниот втор директен конкурент Челзи. Но, Лисиците играат стабилен и добар фудбал под Брендан Роџерс и во сабота пречекуваат веројатно ослабен Саутемптон – сигурно без Ингс, а можеби и без Че Адамс. Светците имаат победено 1:2 на своите две последни гостувања на Кинг Пауер, но без својата напаѓачка двојка, овде нам поверојатно ни изгледа клиншит за Лестер отколку реми, камоли победа за гостите. Сепак, ќе одиме со реми, зашто Саутемптон на своја страна ја има и далечната и блиска традиција: Светците немаат пораз на последните седум гостувања сезонава, а не си заминале со празни раце од Лестер на последните пет меѓусебни меча на овие две екипи. Оттука, 1:1.

Додатни ФПЛ белешки

Ингс и дефинитивно ќе отсуствува за натпреварот со Лестер, а Че Адамс е под знак прашалник. Би ви предложиле некој дефанзивец на Саутемптон (Беднарек, КВП), ама, пак, некако ни изгледа дека Лестер ќе даде гол. Верувале или не, ама тешко тој гол да биде дело на Варди: Англичанецот има дадено 5 против Саутемптон на 5 гостувања, но ниту еден на седумте натпревари кога Лестер бил домаќин. За среќа на Роџерс, има многу талент во неговата прва единаесетка, па закани може да барате и во Медисон и во Барнс. Ако се надевате на клиншит од Лестер, тогаш ич не се мислете за Џастин: тој, по сè изгледа, е вториот ЏВП и до крајот на сезонава, Европа или Англија, ќе ја изигра секоја можна минута. Досега Роџерс имаше многу шанси да го одмори и никогаш не го направи тоа.

недела, 17 јануари 2021, 15:00h

Шефилд
0 2 ТОТ
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Кејн
Сон
Региљон
Најава

Да, со судни маки и да, после црвен картон за Њукасл и пенал во нивна корист, но Шефилд конечно победи! На голема жал на Вајлдер, во моментов тоа не значи ништо зашто Сечилата, и со натпревар повеќе, се 3 поени зад ВБА. А тешко е човек да ги гледа ВБА без да си помисли дека не може послабо. И вистина, Шефилд изгледа како поорганизиран тим од оној на Биг Сем, ама каква полза од тоа кога ниту даваат голови, ниту знаат да си ја зачуваат чиста својата мрежа. Можеби ќе влезат сега малку охрабрени против Тотенхем, ама навистина ни изгледа невозможно да извлечат нешто повеќе од достоинствен пораз. Како по којзнае кој пат сезонава, тимот на Мурињо одново не успеа да затвори утакмица на време и изгуби поени во последните десетина минути против Фулам, па не смеат да си дозволат губење на нови бодови ако сакаат да го одржат чекорот со водечките. Веројатно и нема.

Додатни ФПЛ белешки

Шефилд се толку слаби сезонава што иако Тотенхем има еден натпревар во двојново коло, и Сон и Кејн се чинат како валидни опции за капитен. Кореецот, несвојствено за него сезонава, промаши две големи шанси против Фулам, па неговиот колега од нападот му се доближи на врвот на водечките ФПЛ поентери годинава. Можеби токму ова коло и ќе го надмине. Региљон, пак, би можел да заврши на самиот врв на листата на најдобри дефанзивци сезонава кога Спарси би почнале да вадат клиншитови: во 8 од 11-те натпревари што ги одигра Шпанецот сезонава има направено нешто. Ама иако секогаш на работ на двоцифрен повраток, досега ниеднаш не успеа да направи нешто такво. Ако игра против Шефилд, еве му и повеќе од мала шанса.

недела, 17 јануари 2021, 17:30h

ЛИВ
1 1 МЈУ
ФПЛ опции
ТАА
Робо
ФПЛ опции
Бруно
Рашфорд
Најава

Гледале вие Премиер или не, ако сте обожаватели на фудбал, во недела во 17:30h не е лошо да се сместите пред малите екрани: се игра најголемото англиско дерби. Не дека му треба, ама овој пат, после долго време, доаѓа и со додатен шмек: ќе играат во недела не само водечките два тима по бројот на освоени шампионски титула во историјата, туку и водечките два тима во моментов во Премиер. Јунајтед не сме го виделе таму од времето на Ферги. Ливерпул, пак, не сме навикнале да го гледаме на второ место едно две години. И двете нешта може да се сменат со домаќинска победа. Но, ако се случи, ќе треба да дојде со многу инспирација: Црвените, како никогаш претходно под Клоп, изгледаат тапи во нападот и организацијата. Резултат се две ремија и пораз на последните три натпревари. Во истиот тој период, двата Манчестери извојуваа по три победи, па му надоместија на Ливерпул цели седум поени. Минативе две сезони, за таков надоместок единствено можеше да се сонува сезонски. Со позитивен резултат, Манчестер има шанса да покаже дека е сериозен во намерите да се врати на старите патеки сезонава. Ама Ливерпул, што би рекол Пеп, немаат пораз на Енфилд со векови. Згора на сето тоа, имаат само 1 од Јунајтед воопшто на последните 11 натпревари (оној под Мурињо, кога Манчестер имаше 26% посед и 0:2 водство по една четвртина од мечот). Неблагодарно е да се предвидува и заради уште нешто: Манчестер имаат 11 победи на последните 12 гостувања. Толку спротивставени статистики обично се помируваат во реми. Ама овде е сè возможно. Затоа и одвај чекаме да го изгледаме натпреварот. Настрана ФПЛ, ова не се пропушта.

Додатни ФПЛ белешки

Ќе видите сликичка од Салах најдолу – зашто се чинеше посоодветно Египќанецот да го издвоиме како капитенски материјал на двобојот на Ливерпул со Барнли. Ама истото важи и овде, зашто, сепак, се работи за исто коло. Иако со Јунајтед Египќанецот нема предобра статистика. само 1 гол на 5 натпревари. Сосема иста е статистиката и на Мане против неделниот конкурент, а на Фирмињо е уште полоша (1 гол на 12 меча). Оттука, за чудо, ова не е натпревар на кој треба да се типува на напаѓачката тројка на Ливепрул: против Јунајтед, обично головите ги дава некој друг. Ама бидејќи сосема е возможен тврд натпревар и клиншит за домаќините, не ги превидувајте ТАА и Робо (видете и кај Барнли за повеќе). Кај Јунајтед, пак, не се ослонувајте премногу на одбраната, независно од клиншитот против Барнли. Но, можете секогаш да се ослоните на Бруно и Рашфорд. Особено вториов има претерано добра гостинска статистика. А има и 3 гола на 8 меча со Ливерпул.

недела, 17 јануари 2021, 20:15h

МСИ
2 0 КПА
ФПЛ опции
КДБ
Диас
Кансело
Едерсон
ФПЛ опции
Заха
Најава

Тимот на Пеп, потешко од очекувањата го доби жилавиот Брајтон, минимално со 1:0, резултат кој долго стоеше на семафорот на Итихад. Можеше да биде и 2:0, но изнудениот пенал од КДБ во судиското продолжение, беше предаден на нововлезениот Стерлинг, претпоставуваме за зголемување на голгетерската самодоверба и статистика, но истиот не го погоди ни голот на Санчез. Но со новите 3 бода, Сити и тоа како се приближува до самиот врв, и веќе осетно им дише во врат на Ливерпул и Јунајтед. Сигурно со исти намери ќе влезат и против Палас, а ние секако не очекуваме некој кикс сега на залетаниот Сити. Палас засега е сигурен, и ќе почека за бодови на некоја друга средба, иако на Емирејтс покажаа дека се многу цврста и компактна екипа.

Додатни ФПЛ белешки

Најпоставуваниот капитен во претходното коло, врати само со асистенција, а можеше да биде и доста повеќе, доколку Стерлинг го реализираше изнудениот пенал од Белгијанецот, или доколку тој самиот и го изведеше. Сеедно, КДБ сигурно ќе биде најпоставуван капитен и во ова двојно коло, особено што после Палас следува и Астон Вила, повторно на домашен терен. КДБ е едноставно must have! Освен него, можеби конечно ќе проработи и Стерлинг, а тука се секогаш опасните Фоден и Махрез, но кај вторите двајца никогаш не можеме да бидеме сигурни во нивниот првотимски статус. И секако, Диас и Кансело во одбраната. Вториот има креирано 20 шанси (4 големи шанси) во последните 10 натпревари за својот тим, втор зад КДБ, но нереално тој не регистрирал ниту една асистенција во овој период, и тоа е време сега да се смени.

понеделник, 18 јануари 2021, 21:00h

Арсенал
1 0 Њукасл
ФПЛ опции
Лака
Сака
ФПЛ опции
/
Најава

Арсенал ја заврши мини ренесансата против Палас. За жал на нивните навивачи, на начинот на кој најчесто играа оваа сезона. Тотално безидејна игра, безмалку без стопроцентна шанса, со јалов посед на топка, а да не беше Лено – Топџиите немаше да освојат ни бод. Се чини дека Мартинели, и пред сѐ Тирни беа играчите кои барем за кратко го поведоа тимот напред, но без нив воопшто не е исто. Можност за поправен ќе имаат против Њукасл, во единствениот натпревар за нив ова коло. А доказ дека нема да биде лесно, беше нивната ФА куп пресметка пред неколку дена, кога Арсенал ја покажа буквално истата игра како и против Палас, повторно не постигна гол (0:0 по 90 минути), и да беше поприсебен Керол, Њукасл ќе беше екипата што ќе поминеше понатаму. Но ајде, ќе речеме дека Арсенал фаворитот на овој меч, а тоа многу ќе зависи кој Арсенал ќе се појави на теренот: оној против Челзи и ВБА, или оној од поголемиот дел на сезоната.

Додатни ФПЛ белешки

Обамејанг игра очајна сезона. Време е да го кажеме тоа – очајна. Многумина веќе се запрашуваат дали ќе ги следи стапките на Озил, по потпишување на новиот огромен договор. И само еден натпревар е доволен од тоа да треба да препорачаме неколкумина ФПЛ потенцијали од Арсенал, од тоа да мислиме дека ниту еден не е нешто посебно вреден. Повторно ќе кажеме, многу од тоа зависи од Тирни. Доколку се опорави, тогаш – Тирни. Лака го прекина постот од три натпревари на кои постигна 4 гола, а Сака и пред сѐ ЕСР како полека да ги стига заморот. Добро за лондончани е враќањето на Парти, а против Њукасл можеби ќе може да го очекуваме и Мартинели. Њукасл има две тешки гостински натпревари ова коло, па затоа слободно заобиколете ги.

вторник, 19 јануари 2021, 19:00h

Вест Хем
1 0 ВБА
ФПЛ опции
Антонио
Соучек
Кресвел
ФПЛ опции
/
Најава

По пауза од четири натпревари Вест Хем конечно победи во премиер, и тоа ни помалку ни повеќе туку Евертон во гости. Во ова коло, ќе ги имаат едни од двете најпогодни двојни натпревари (после Сити), па така после Барнли на домашен терен, ќе гостува и очајниот ВБА. По првиот сензационален бод на Енфилд, Биг Сем не успева да ја стабилизира екипата, па доживеаја два високи порази со гол разлика од 0:9, а во меѓувреме испаднаа и од купот од многу послаборангирана екипа од нив. Во ова двојно коло, тие прво гостуваат кај Волците, а потоа и кај Чеканите, па лесно може да се случи да не освојат ни бод на овој двомеч. А ќе мораат, доколку барем малку се надеваат на гол премиерлигашки живот. Ние ќе типуваме на минимална победа за екипата на Мојс.

Додатни ФПЛ белешки

Секогаш опасниот Соучек донесе победа на Гудисон, што беше петти за Чехот, кој да потсетиме дека е дефанзивен играч за врска, но во исто време еден од најопасните скокачи во лигата. И тоа ќе остане така и во наредниот период. Сега Вест Хем ќе го има и Антонио, кој одигра 30-тина минути против Евертон, но внимавајте за него, сигурно Мојс ќе му ги дозира минутите, за да не го изгуби повторно на определен период. Од ВБА немаме предлог, но затоа пак ќе мора да ѕирнеме и во одбраната на Чеканите, особено што е извесен и клиншит, а таму – Кресвел и Цуфал.

вторник, 19 јануари 2021, 21:15h

Лестер
1 1 Челзи
ФПЛ опции
Варди
Џастин
ФПЛ опции
Вернер
Најава

Лестер има незгодно двојно коло, иако и двата ќе ги одигра на свој терен. Но по незгодниот Саутемптон, доаѓа Челзи. Нешто слично важи и за Челзи, иако првиот натпревар го играат на гости кај Фулам, но момците на Паркер покажаат на Вајт Харт Лејн дека се консолидирани, и спремни за борба за опстанок, иако до скоро тоа не изгледаше така. А во една ваква ситуација, и лаик би рекол реми. Зошто? Затоа што е најреално и можеби најбезболно за двете екипи, особено што не знаеме каков резултат ќе извадат од своите први натпревари ова коло. А голови, веруваме дека ќе има, барем по еден.

Додатни ФПЛ белешки

Проблем за Лестер, и тоа голем, е незвесноста на Медисон и пред сѐ Варди, иако барем вториот сме некако сигурни дека ќе се опорави навреме од повредата на колкот. За Медисон, не сме толку сигурни, иако десетката на Лестер се разигра во последно време. Варди моментално е трет стрелец во лигата, но и натаму со најголем коефициент на ОГ. И ако Варди и Медисон се неизвесни, тогаш сигурно нема промашување кај Џастин, кој буквално нема одморено сезонава. И можеби нема да има клиншит ова коло, но затоа тој е опасен и во нападот, а тоа убаво ни покажа со ефектниот гол во купот. Кај Сините од Лондон не знаеме што да препорачаме, па ајде ќе одиме со глава во ѕид, и ќе речеме дека е време конечно да проработи Вернер. Затресе мрежа во купот, па можеби тоа ќе испадне само почеток.

среда, 20 јануари 2021, 21:15h

Фулам
1 1 МЈУ
ФПЛ опции
Кавалеиро
ФПЛ опции
Бруно
Рашфорд
Најава

Откако прво се изедначи со Ливерпул, сега Јунајтед го превзема самостојно врвот на првенствената табела. Последен пат кога тоа беше случај (по Божиќ), Црвените ѓаволи и ја освоија титулата. Тоа беше времето на Руни, Ван Перси… сега газат некои други играчи, кои сезонава се подобруваат од натпревар во натпревар. Де Хеа вели дека ваква шанса мораат да искористат, Матиќ пак дека се зрели и имаат квалитет за титулата сезонава. Дали ќе бидат во право, останува да видиме. Но нивните навивачи мора да ги радува сѐ подобрата на форма на доста критикуваниот Погба. Волејот и голот против Барнли, беше нешто што ни Грем Сунес не може да го критикува. Колово нема да биде лесно, бидејќи по гостувањето на Енфилд, ќе мораат да го гостуваат кај сѐ подобриот Фулам. Тие пак претешко двојно коло, прво Челзи, па потоа Јунајтед. Но на Вајт Харт Лејн покажаат дека можат и против најдобрите, па ние нема да им ги одземеме шансите против барем еден од фаворитите.

Додатни ФПЛ белешки

Кавалеиро и Лукман беа единствените играчи кои сме ги посочувале сезонава кај Фулам, а првиот покажа дека можеби е и единствениот во овој момент. Кај Јунајтед тоа е малку пошироко, па секако Бруно и Рашфорд ќе бидат најпосакуваните од страна на ФПЛ менаџерите. Португалецот можеби нема да биде честа капитенска опција ова коло, највеќе поради дербито со Ливерпул, но тој е играч што секогаш и против секој може да донесе напаѓачки поени. Тука е и Марсијал, доколку очекувате голови од гостите, или Мегваер и Де Хеа за евентуален клиншит. Првиот требаше да го затресе голот на Поуп, а судиите престрого му го поништија неговиот гол, но останува впечатокот дека е многу опасен играч по прекините.

среда, 20 јануари 2021, 21:15h

МСИ
2 0 АВЛ
ФПЛ опции
КДБ
Диас
Кансело
Едерсон
ФПЛ опции
Грилиш
Најава

По Кристал Палас, следува Астон Вила. Два слични противника, против кои некако ќе типуваме исти исход. И ајде да не се повторуваме, одиме уште еднаш набрзина. Сити е фаворит и против Вила, а големи се шансите победата да биде придружена и со клиншит. Сити ќе јуриша кон врвот на табелата, а Вила ќе проба да се врати кон местата кои водат во Европа догодина, ако не на Итихад, тогаш барем на Вила Парк против Њукасл.

Додатни ФПЛ белешки

Одиме со истиот распоред на понудени играчи, иако е преизвесен Пеп рулетот, па немаме претстава кои играчи на кој натпревар ќе добијат поштеда, односно ќе бидат изротирани. Се разбира дека КДБ ќе биде најбараниот играч, а претпоставуваме и најбираниот капитен. Во одбраната и натаму најстандарни опции се Диас и Едерсон, па со нив нема да згрешите.

четврток, 21 јануари 2021, 21:00h

ЛИВ
3 0 Барнли
ФПЛ опции
Салах
Мане
Робертсон
ФПЛ опции
/
Најава

По најголемото дерби против Манчестер Јунајтед, Ливерпул во ова коло ќе го пречека и Барнли. И доколку не сме сигурно во епилогот од дербито, за овој меч сме и тоа како сигурни. Висока победа на Црвените, без разлика дали ќе биде резултат на лутина по евентуален неуспех против Јунајтед, или продолжување на моментумот по победата над најголемиот ривал. Ливерпул, и покрај можна поголема ротација, има доволно квалитетен ростер да го победи со Барнли со 2, 3 или повеќе разлика. Ние ќе одиме со 3:0, поради тоа што го видовме на Турф Мор против Јунајтед, кој многу јасно ја покажуваше разликата во квалитет, а се чини дека таа разлика е уште поголема кога се споредува со Ливерпул.

Додатни ФПЛ белешки

Да се потсетиме од погоре: Ливерпул е екипата со најмногу голови, и најголем коефициент на ОГ досега. Салах е играчот со најмногу голови, но падна на шестата позиција според коефициентот на ОГ. Да не беше дербито со Јунајтед, ќе беше можеби еден од најбараните капитени во ова коло. Вака, можеби дел од вас ќе се воздржат, но и покрај тоа, тој е најизгледниот играч од тимот на Клоп кој би ги затресувал противничките мрежи. Секако за ова средба неминовен е и клиншит, па затоа „локум“ избор би биле и Робо, ТАА и Едерсон, секако доколку не изротираат во овој забрзан распоред.