ФПЛ.мк најава за дваесет и трето коло

Нема време за чекање, веднаш продолжуваме со дваесет и третото коло. Само еден ден пауза помеѓу двете кола, во кое ние ја објавуваме нашата најава, и само еден ден за да се сумираат впечатоците од тоа што се случуваше од вторник до четврток. Вие што ги имавте Беднарек, Давид Луиз или Лено во своите тимови – не очајувајте. Сигурно следуваат и подобри денови и повеќе бодови на вашите конта. Или пак не?

сабота, 6 февруари 2021, 13:30h

АВЛ
1 2 Арсенал
ФПЛ опции
Грилиш
Воткинс
ФПЛ опции
Сака
Лака
Пепе
Најава

Големо разочарување за сите поврзани со Арсенал беше минатонеделниот пораз на Топџиите од Вулвси. И не толку поради рушењето на најоптимистичките надежи за обезбедување на Европа преку Премиер, туку поради тоа што момците на Артета во вторникот го одиграа можеби најдоброто полувреме сезонава. И место да биде 0:3 или 0:4 на полувреме, на паузата се отиде со 1:1, по неверојатното двојно оштетување од судијата Крег Поусон кога досуди пенал и му покажа директен црвен картон на Луиз. Потоа во вториот дел сѐ беше поинаку, и одеше од лошо полошо за гостите, па прво Мутињо го постигна еден од најубавите голови сезонава, а потоа глупост направи и Лено, за втор црвен картон на мечот. Ништо посреќни нe беа ни Астон Вила, бидејќи и тие доживеаја пораз, дома од Вест Хем, меч со многу шанси, и меч за заборав на голманот Мартинез. А токму тој сега ќе сака повторно да се докаже против својата поранешна екипа. Во првиот дел од сезоната, се врати на Емирејтс, и си замина со празна мрежа и три бода. Ќе можат ли бирмингемчани тоа да го повторат? Ние сметаме – не, време е за наплата на лондончани, особено ако играат слично како и на Молињу.

Додатни ФПЛ белешки

Помалку чудно, но Оба полека испаѓа од комбинација. И од стартниот тим на Микел, и од најпосакуваните ФПЛ опции. Габонецот моментално е во сенка на стартната напаѓачка тројка Пепе – Лака – Сака, која очекуваме да го започне и овој натпревар. Со ЕСР позади нив, тие се играчите со најдобра офанзивна форма во овој момент. Сака полека станува еден од најважните Топџии, па многу работи ќе зависат од него, и на теренот, и во вашите ФПЛ тимови. Слична е состојбата и на спротивната страна. Таму сезонава се издвојуваат секако Грилиш и Воткинс, а и Баркли е една од најважните алки во успесите на тимот. Дефанзивци ќе прескокнеме, и од едните и од другите – прво затоа што не очекуваме клиншите ни на двете страни, а второ затоа што најпосакуваниот бек Тирни повторно е неизвесен.

сабота, 6 февруари 2021, 16:00h

Барнли
0 0 Брајтон
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Данк
Тросар
Најава

Некако неприметно поминува фактот дека Брајтон веќе 4 натпревари не знае за пораз, а уште почудно е што на тие натпревари не примија ниту еден гол! Но сега ни е малку појасно, откако убаво ја проследивме феноменалната победа на Енфилд, каде момците на Потер одиграа докторски, и се чини по изјавите по натпреварот – го скршија шампионскиот дух на Клоп. Галебите ќе настојуваат да им продолжи оваа одлична серија и на Турф Мор, каде пак Барнли ќе мора да се вади по двата порази по ред, и падот на последната позиција која обезбедува опстанок во лигата. Само две места разлика на табелата се овие две екипи, и само два бода предност има Брајтон, но и натпревар повеќе. Ова е на некој начин и директен дуел за опстанок, и многу би рекле дека важи 6 бодови, па затоа преголема ќе биде претпазливоста од двата табора, и повеќе ќе се внимава на својот гол. Затоа ни е лесно да прогнозираме реми без голови.

Додатни ФПЛ белешки

Недоволен офанзивен ФПЛ потенцијал ни носи овој натпревар, па затоа ќе се насочиме кон одбраните на двете екипи. Тие викаат следново: Поуп, Ми или Тарковски кај домашните, и најмногу Данк кај гостите. Вреди да се потенцираат капитените на двата тима. Кај Брајтон има расположен и напаѓачки играч, а тоа е Тросар, кој статистички не е сјаен, но игра добро во последно време, а има гол и асистенција на последните два натпревари.

сабота, 6 февруари 2021, 16:00h

Њукасл
1 1 САУ
ФПЛ опции
Вилсон
ФПЛ опции
Ингс
Најава

Втор пат во две сезони им се случува натпревар за заборав на Саутемптон. Лани Светците примија 9 гола од Лестер, а во минатото коло оваа сезона примија 9 на Олд Трафорд од Манчестер Јунајтед. Лани секако беше поболно, и Хазенхутл беше под огромен притисок. Сега е малку поинаку и Германецот можеби има и изговор овојпат, поради тоа што безмалку сите 90 минути ги играа со играч помалку, а последните минути и со двајца помалку. А Јунајтед не застануваше и сакаше да постигне и двоцифрен број на погодоци. Тоа беше четврт пораз по ред за црвено-белите. По пораз се враќаат и Њукасл, односно по големата победа над Евертон на Гудисон, момците на Брус го расипаа впечатокот по домашниот пораз по пресврт од Палас, иако имаа водство уште од самиот старт на натпреварот. На овој меч ремито е некако најочекуван исход, па одиме со 1:1.

Додатни ФПЛ белешки

И двете екипи се со порозни одбрани, а и двете се помеѓу шесте најслаби според коефициентот на ОГ, но ако некој може да се издвои како ФПЛ опција во овој момент, тоа се двајцата најистурени напаѓачи во двете екипи. И додека Вилсон има два гола и две асистенции на последните три меча, Дани Ингс се нема запишано во листата на стрелците веќе четири натпревари, а тоа кај и да е ќе мора да се промени. Само едно известување: повлечен е црвениот картон на Беднарек за направениот пенал над Марсијал, па Пољакот ќе му биде на располагање на својот тренер на овој натпревар.

сабота, 6 февруари 2021, 18:30h

Фулам
0 2 ВХЈ
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Антонио
Соучек
Лингард
Цуфал
Кресвел
Најава

Скот Паркер нѐ убедуваше дека во Фулам има потенцијал за бодови, за победи и за опстанок, но тимот од Лондон повторно не може да победи никој, па ни Брајтон ни ВБА во директните дуели за тие места кои ќе значат опстанок сезонава. Затоа сѐ повеќе е извесно, дека Фулам, заедно со ВБА и Шефилд се патниците во Чемпионшип догодина. Во минатото коло беа поразени на домашен терен и од Лестер, а сега ќе угостат уште една одлична екипа сезонава – петтопласираниот Вест Хем. А таму Мојс продолжува со чудата. Прво од Соучек направи Јаја Туре, а сега ќе ја оживува кариерата на Џеси Лингард. А позајмениот играч од Манчестер Јунајтед имаше деби од соништата за Чеканите, па со два гола придонесе за големата победа на Вила Парк во Бирмингем. Во малото лондонско дерби, нешто што не бил случај порано, но сега Вест Хем е голем фаворит за трите бода.

Додатни ФПЛ белешки

Веднаш ќе кажеме дека од Фулам веќе и да нема ФПЛ потенцијал. Моментално не би ги препорачале ниту двајцата што ги издвојувавме во претходните кола – Лукман и Кавалеиро. Затоа пак широка лепеза на примамливи Чекани, било во одбраната, средината и нападот. Очекувате клиншит од Вест Хем? Тогаш Цуфал или Кресвел. Очекувате Соучек да продолжи да дава голови? Секако. Антонио, Бенрахма а сега и Лингард да комбинираат за голови и асистенции? Извесно. Не штедете на Вестхемовци, по Фулам ќе го пречекаат и Шефилд.

сабота, 6 февруари 2021, 21:00h

МЈУ
1 1 Евертон
ФПЛ опции
Бруно
Рашфорд
АВБ
ФПЛ опции
ДКЛ
Најава

Јунајтед го изедначи својот, и рекордот на Лестер по бројот на постигнати голови на еден премиерлигашки меч. Момците на Оле броеја до девет! Многумина им замерија на Црвените ѓаволи за изживувањето над Саутемптон, особено што Оле им довикнувал да продолжат да газат, дека имало уште 10 минути, или пак Мектоминеј што брзаше да ја врати топката на центарот за да постигнат уште некој гол во последните минути. Но на Јунајтед им беше олеснета работата уште на стартот, па само ја билдаа гол-разликата што можеби ќе биде важна на крај на сезоната. Сега ќе имаат многу посериозен предизвик – Евертон на Карло. А Карамелите доаѓаат осоколени по гостинската победа над Лидс, кога прикажаа одлична и зрела игра, и го поправија лошиот ден и домашниот пораз од Њукасл. Во нивниот прв дуел сезонава славеше Манчестер, и тоа со пресврт на Гудисон. И на овој натпревар момците на Солскјер ќе влезат како фаворити, секако сѐ уште се надеваат на титулата сезонава, и ќе сторат сѐ да бидат во чекор со другите ривали за насловот. Но и Евертон има свои математики, а тие викаат дека сините од Ливерпул се во игра за Европа, а зошто не и за пласман во ЛШ. Сепак само четири бода ги дели од четвртата позиција на нивниот градски ривал, а притоа имаат и два натпревари помалку.

Додатни ФПЛ белешки

Ван-Бисака и Шо играат во одлична форма, особено на последните два натпревари, каде заедно освоија 38 ФПЛ поени! Сепак, ние ќе одиме на посигурните и проверени варијанти, а тоа е напаѓачкото дуо Бруно и Рашфорд. И едниот и другиот постигнаа гол и асистираа во победата на Саутемптон, со што првиот го прекина двонеделниот а вториот четиринеделниот напаѓачки пост. Неизвесен е Кавани, но затоа пак својата шанса ја чека и Марсијал, во стартниот тим. На спротивната страна конечно погоди и ДКЛ, по пауза од дури 8 натпревари. Голот против Лидс беше дванаесетти за Англичанецот, а лесно можеше да постигне уште барем гол-два. Секако тој ќе биде најголемата опасност по голот на Де Хеа.

недела, 7 февруари 2021, 13:00h

ТОТ
1 1 ВБА
ФПЛ опции
Сон
ФПЛ опции
/
Најава

Ништо не им оди од рака ниту на Жозе ниту на Тотенхем. Со Челзи, лондончаните врзаа три порази со ред првпат по 1980-тите, а Португалецот воопшто за првпат во својата кариера изгуби два натпревари со ред на домашен терен. Тотенхем во моментов има 5 порази на последните 10 меча што значи е во многу, многу лоша форма. ВБА е во лоша форма откако почна сезонава, а ремито со Фулам и поразот од Шефилд веројатно се добар показател (како што пишавме погоре) дека токму тие три тима ќе ги гледаме наредната сезона во Чемпионшип. Па, сепак, ако Биг Сем би можел да бира кога да игра против Тотенхем, сигурно би го одбрал овој момент – кога и формата и нивото на самодоверба на севернолондончани е на најниско можно ниво. Згора на сето тоа, ВБА има само еден пораз на полседните 6 гостувања во северен Лондон и речиси и да не им дозволи шанса и на забревтаните Спарсовци во првиот дел од сезоната кога одвај тимот на Жозе извојува победа од 1:0. А тогаш изгледаа како сериозни конкуренти и за титула. Сега не изгледаат ниту како сериозни претенденти за ЛШ. Оттука нам ова ни личи на реми со малку голови.

Додатни ФПЛ белешки

И покрај нашата прогноза, не можеме овде да не го спомнеме Сон. Без Кејн, Кореецот изгледа како половина играч, ама и така против Челзи влезе во шанса во 90-та минута. Нему малку му треба, а тоа малку ВБА упорно го дозволува и со послаби екипи од Тотенхем. Ако Спарси дадат гол – а ќе мораат, да бидеме реални – Сон секако ќе биде вмешан, макар само како асистент. Бервајн, најпосле, не прави ништо, а Бејл изгледа беше големо промашување на Тотенхем, зашто Велшанецот не изгледаше заинтересиран на ниту еден натпревар после дебитантскиот со Вест Хем. Којзнае, можеби да дадеше тогаш гол, ќе имаше некаков ентузијазам. Вака, иако веројатно ќе почне со ВБА, пак тешко дека ќе направи нешто. Зошто премиерлигашките ѕвезди одат во Реал и после толку пропаднати кариери на таа релација – не ни е најјасно.

недела, 7 февруари 2021, 15:00h

Вулвс
0 1 Лестер
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Варди
Медисон
Барнс
Џастин
Најава

Вулверхемптон требаше да изгуби убедливо од Арсенал, но на крајот ги задржа сите три бода на Молињу. Сепак, претставата на Волците не треба да влее самодоверба во ниту еден нивен навивач: без лев бек и без Хименез во тимот едноставно ништо не чини. Впрочем, победата против Топџиите им беше прва во 2021-ва година. Тешко дека ќе придружат уште некој бод во недела, зашто ги пречекуваат Лестер. После изненадувачкиот пораз од Лидс пред сопствените гледачи, Лисиците се опоравија со многу лесна победа на гости кај Фулам и моментно се трети на табелата, со два поени пред Ливерпул. Иако никој не би прогнозирал таква состојба во 22-ро коло на почетокот од сезонава, никој не би ни ги отпишал Лестер од борбата за ЛШ. Лани несреќно изгубија место меѓу најдобрите во последните дваесет минути од сезонава – па, годинава сигурно ќе се трудат да го решат тој проблем порано. На нивна среќа, колово може да им се вратат и Варди и Ндиди. Оттука, очекуваме гостинска победа. Но, веројатно не со многу голови, зашто на последните три меча меѓу овие две екипи има паднато само 1.

Додатни ФПЛ белешки

Ако игра, тогаш Џејми Варди сигурно треба да се размисли и за капитен: Вулвс, едноставно кажано, немаат никаква стабилност во одбраната, ниту пак капацитет да се опорават после примен гол (она со Арсенал беше исклучок и благодарение на два црвени картони). Покрај Варди, тука се и Барнс и Медисон кои се во одлична форма периодов – особено првиот. Истото важи и за Џејмс Џастин кој е неуморен и кој конечно го направи тоа што го чекавме цела сезона од него: даде гол, извлече клиншит и собра три бонус поени. Секое второ коло Џастин изгледаше на работ на нешто вакво. Па, можеби сега го скрши малерот и ќе гледаме почесто двоцифрен број поени покрај неговото име? Потенцијал за тоа има и повеќе од потребно.

недела, 7 февруари 2021, 17:30h

ЛИВ
0 0 МСИ
ФПЛ опции
Робо
ТАА
ФПЛ опции
Диас
Стоунс
Кансело
Најава

Ако Биг Сем би одбрал токму сега да игра против Жозе и Тотенхем, што треба да рече Пеп? До пред две кола, Енфилд беше неосвоива тврдина, а сега падна два пати со ред. Всушност, уште полошо е: на домашен терен, Ливерпул има освоено само два бода на последните четири меча, на кои има дадено само еден, единствен гол. Ај, да го преформулираме ова вака: реми со ВБА и порази од Барнли и Брајтон пред сопствени гледачи во четири кола би биле разочарувачки исход и за Шефилд. Навистина, Ливерпул има сериозни проблеми со повреди (особено во дефанзивната линија), но нема оправдување за безживотниот фудбал што ни го нудат веќе неколку кола со ред. На добрата страна за Клоп, добрите резултати периодов доаѓаат со јаки екипи: реми со Манчестер и победи над Тотенхем и Вест Хем. На уште подобрата, Манчестер Сити е совршен тим за будење на инспирацијата и мотивацијата. Тоа често ја правело разликата меѓу добар Ливерпул и совршен Ливерпул, па сега можеби ќе ја направи меѓу слаб Ливерпул и добар Ливерпул. Да бидеме реални, и само добар Ливерпул е подобар од 99% од екипите во светот. Во тој 1% секако дека се наоѓа Манчестер Сити, па во натпреваров Граѓаните сигурно влегуваат како фаворити за победа. Не друго, Ливерпул не може да даде гол, а Сити никако не знае да прими. Единствено што треба да го плаши Пеп е што Клоп му е најнеомилениот тренер и Ливерпул најнеомилениот клуб. Сепак, со победа Сити целосно ќе ги отпише своите најголеми конкуренти од битката за титулата, па нема зошто да не се отвори Гвардиола. Бидејќи и реми би било супер исход за Сити (а лош за Ливерпул), Каталонецот сепак би можел да влезе претпазливо во дуелов и да нè ускрати од уживање. Ние сме подготвени најмногу за тоа: 0:0.

Додатни ФПЛ белешки

Би можеле овде да ги предложуваме Стерлинг, Гундоган, Салах, Мане и кој уште не, ама некако премногу нешта ни велат да очекуваме реми-исход со малку голови за да се концентрираме на напаѓачите. Особено кога дефанзивците на Сити носат по минимум 6 поени коло за коло, а Ливерпул ги има Робо и ТАА по двете бековски позиции. Нам ни се чини дека тука некаде треба да се бара проблемот на Црвените: како да научија другите тимови да не излегуваат на бековите, а тие уште како да не можат да се прилагодат на ограничените опции. Па, сега немаат така паметни додавања како порано во централниот дел од шеснаесетникот, зашто нема таму слободни играчи. Тие се слободните.  А на ТАА му одат малку нешта од рака. Ако нè прашувате нам, треба тој и Робо да почнат да шутираат повеќе за да внесат повеќе немир во згустените одбрани на противниците. Ама ај да не се занесуваме премногу: има причина зошто ние сме менаџери само на ФПЛ.

недела, 7 февруари 2021, 20:15h

Шефилд
0 1 Челзи
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Алонсо
Маунт
Најава

Против Тотенхем, Тухел стана првиот тренер на Челзи по неговиот вчерашен противник Жозе кој успеал да извлече три клиншита во првите три натпревари на клупата на Сините. Секој од тие три клиншита дојде и премногу убедливо – ниеден од противниците на Тухел не го ни загрози голот на Менди. Всушност, во мигов не се сеќаваме на ниедна одбрана на Сенегалецот откако е дојден Тухел. Како и би: Челзи има посед на топка од речиси 75% под негово менаџерство. Нема сигурно да се намали овој процент против Шефилд, но убаво за навивачите на Челзи би било да се зголемат шансите. Зашто (и тоа не го превидувајте) Челзиевци и ги немаат премногу под Тухел – победуваат лесно зашто не им дозволуваат шанси на противниците, а не зашто опсадата на туѓиот гол е нешто особено плодна. Најпосле, на сите тие нивни напаѓачи и креативци, и на сите шутови кон противничките голови, сепак дадоа само три гола во последниве три кола, а не е дека играа против јаки екипи во добра форма. Немаат јак противник ниту колово. Но, не можеме веќе да кажеме дека е во лоша форма тимот на Вајлдер. Напротив: само пет тима имаат освоено повеќе поени последниве пет кола од Шефилд! А Шефилд во истите играше со двата Манчестера и Тотенхем. И со Сити и со Јунајтед, Шефилд изигра над сите очекувања. Поразот од Граѓаните од 1:0 ни се чини како добар приказ на тоа што би можеле да очекуваме во недела. Зашто, исто како Сити, Челзи ќе има многу посед и многу обиди да искреира шанса – а Шефилд нема да го дозволува тоа често. Па, (по којзнае кој пат) ќе изгуби одново минимално и без некоја создадена шанса пред голот на Менди.

Додатни ФПЛ белешки

Кога имате 75% посед на топка и нема потреба од стабилен дефанзивец, тогаш Алонсо е совршениот бек – и во реалноста и за ФПЛ. Под Тухел, очекуваме Шпанецот да игра многу почесто од Чилвел кој можеби Германецот ќе го активира на дербија. Што значи, Алонсо одма вметнете го во сите можни листи и планови: игра толку напред и изведува достатно многу прекини што секој клиншит на Челзи со него во екипа ќе доаѓа со потенцијал од 3 бонус и двоцифрен исход. Таков ни се чини веќе овој. Чудно е што го издвојуваме Алонсо на толку млад, напаѓачки талент меѓу Сините, ама само Маунт изгледа стандарден првотимец под Тухел. А Маунт не е ФПЛ материјал од највисок ков. Додека не се стабилизира првата единаесетка на Челзи, не се залетувајте премногу со Зијеч, Вернер, Хаверц, Пулишиќ, Абрахам, итн. Којзнае кој од нив воопшто и ќе игра.

понеделник, 8 февруари 2021, 21:00h

Лидс
3 1 КПА
ФПЛ опции
Бамфорд
Рафиња
Далас
Алиоски
ФПЛ опции
/
Најава

Реално, Лидс не заслужи да изгуби од Евертон: креираа повеќе шанси и само неверојатните одбрани на Олсен (на жалење на многу ФПЛ менаџери, само во еден напад Швеѓанецот спречи безмалку чисти голови на Далас, Рафиња и Херисон, последниве два на асистенција на Бамфорд) и рамката на голот (каков гол ќе дадеше само Алиоски!) им овозможија на Карамелите три поени. Ама така е секогаш со Лидс: тие креираат шанси на секој натпревар, но не ги искористуваат доволно за да воспостават некоја конзистентност. Со Лестер веќе видовме нешто што очекуваме да се случи и со Кристал Палас: Лидс беше поразен 1:4 дома од Лисиците, а победи 1:3 на гости кај нив. Првиот натпревар меѓу овие два тима заврши 4:1 за Кристал Палас. Ама, ако се сеќавате, тогаш на Бамфорд му беше поништен чист гол поради глупава интерпретација на ВАР (оттогаш и го сменија правилото за раката), а токму тој се најде во уште две стоотстотни шанси. И не беше само тој. Палас, од друга страна, ги искористи сите свои шанси, а Езе го одигра мечот на сезоната. Не веруваме дека ќе се повтори тоа. Напротив, ни се чини  дека сега сè ќе биде обратно. Ако не игра Заха за Палас, Орлите може и да не дадат гол. И вака и така, очекуваме убедлива победа на Лидс.

Додатни ФПЛ белешки

Ако имате тројца Лидсовци во тимот, веќе сте се соочиле со една слатка мака: има ли натпревар на кој треба да ги седнете? И ако да – кој? Ако ги гледате натпреварите во живо (или барем хајлајтсите кај нас) јасно ви е дека Далас, Рафиња и Бамфорд изгледаат како потенцијални двоцифраши на безмалку секој натпревар. На овој особено. Оттука, не се плашете и да ризикувате со капитенска трака на еден од нив. Може да ви испадне многу добар differential. Ако сакате супер differential и сте навивач на Лидс, зошто да не пробате и со Алиоски? Ако погодите, најпосле, ќе се радувате неколкукратно: и за Џани и за Лидс и за вашиот ФПЛ скор. Плус, не заборавајте: Лидс имаат одлично двојно коло во 25-то, против Саутемптон и Вулвс.