ФПЛ.мк најава за дваесет и прво коло

Дваесеттото коло го предвидовме, фудбалски, како коло на едно добро дерби и, во ФПЛ рамки, како коло на двата Манчестера. Бевме само делумно во право: Тотенхем-Ливерпул ги оправда очекувањата (макар што гостите многу повеќе од домаќините), Ситиевците донесоа многу поени за многумина, но Манчестер Јунајтед, во веројатно најголемото изненадување за сезонава, изгуби дома од фенерџијата Шефилд – во натпревар кој и не заслужи да го добие. Сега тимот на Оле ќе треба да се опорвавува кај забревтаниот Арсенал кој игра сè подобро од коло во коло.

Во очекување на најголемото премиерлигашко дерби од доцните 90-ти и рани 2000-ти, ќе можеме да видиме како Евертон и Сити ќе се справат со Њукасл и Шефилд, што ќе излезе од пресметката за 6 поени меѓу Фулам и ВБА и дали Челзи под Тухел ќе заигра фудбал каков што очекувавме од него сезонава. Во недела, пак, Тотенхем ќе мора без Кејн да се вади за лошата игра со Ливерпул против Брајтон, Лестер ќе го пречека Лидс во натпревар што ветува напаѓачки фудбал, а Ливерпул ќе се обиде да ја подмачка уште малку својата разорна гол-машинерија на гости кај Вест Хем, кој сигурно нема да се предаде без борба. Но, ајде да одиме натпревар по натпревар.

сабота, 30 јануари 2021, 13:30h

ЕВЕ 3 1 ЊУК
ФПЛ опции
Хамес
Дињ
ДКЛ
ФПЛ опции
АСМ
Најава

Минатово коло, по долго време, и Анчелоти и Брус можеа да извадат состави блиску до нивните први единаесетки. Само што влезе во игра Алан Сен-Максиман, веднаш покажа колку само му недостасувал на Њукасл. Изненадувачката статистика вели дека Њукасл шутна 22 пати на голот на Лидс, а Лидс, пак, само 9 на нивниот гол. Дури половина од тие шутови дојдоа по влегувањето на Сен-Максиман што се случи безмалку во 70-та минута. Не знаеме дали Французинот е доволно подготвен за да стартува на Гудисон, но знаеме дека конечниот резултат од овој натпревар ќе зависи многу од него. Играта на Евертон, пак, зависи многу од достапноста и расположението на неговата напаѓачка тројка: Хамес, Ричарлисон, Калверт-Луин. Последниве двајца значително паднаа во форма после првиот дел од сезоната, но главно играа во отсуство на Колумбиецот. Тој сега е вратен во прва постава и жеден за асистенции и голови: веќе даде еден прекрасен против Лестер. Чудесно, и покрај отсуствата и навидум слабата напаѓачка форма, Евертон има само еден пораз на последните 8 меча и со две победи во заостанатите натпревари, би бил на само еден бод од Манчестер Јунајтед. Њукасл, пак, има 6 порази со ред и ниедна победа на последниве 11 меча. Оттука, очекуваме победа за домашните – но не баш лесна ако игра Сен-Максиман.

Додатни ФПЛ белешки

Со враќањето на Дињ и Хамес Родригез, нешто ни вели дека мора да очекуваме враќање и на Калверт-Луин во неговата стара форма. Всушност, нам ни се чини дека овој натпревар ќе биде пресвртен: предвидуваме доволно добар скор за Англичанецот за да ви го предложиме и за differential капитен. Евертон може лесно да извлече и клиншит со Њукасл, а секојпат кога постои таква можност за Карамелите, Дињ е и повеќе од привлечна ФПЛ опција поради неговиот страотен напаѓачки потенцијал. За квалитетите и потенцијалот на Хамес сме зборувале со суперлативи и претходно. Ама неговата кондиција уште не ќе да е на ниво на барањата на Премиер.

сабота, 30 јануари 2021, 16:00h

КПА 1 1 ВУЛ
ФПЛ опции
Заха
Мичел
ФПЛ опции
Нето
Килман
Најава

Минатото коло, Вулвс издржа 90 минути против Челзи со 25% од топката. Всушност, издржа е погрешен збор: Волците го пребродија натпреварот без некои поголеми стресови. Такви навикнавме да ги гледаме низ минативе неколку сезони, но оваа, што поради повреди што поради многу ротации, не се на потребното дефанзивно ниво. Уште пострашно, не се ниту на потребното напаѓачко: и во ОГ и во ОГП категориите се наоѓаат во долниот дел на табелата. Уште пониско од нив, и во двете категории, котираат Хоџсоновите Орли. Ако напаѓачкиот потенцијал на Њукасл зависи од Сен-Максиман, оној на Кристал Палас е целосно ослонет на Вилфрид Заха. Без него, Орлите имаат незамислив скор од само 2 победи во 18 меча. Среќа, Заха ќе игра со Вулверхемптон, па Палас може да се надева на реми. Не пишуваме победа, зашто Вулвс има три победи и три клиншита во последните три натпревари со Палас. Не би било чудно и ова да заврши 0:1. Ама зашто Вулверхемптон нема победа на последните седум премиерлигашки натпревари, ќе прогнозираме реми – без голови или само со по еден во двете мрежи.

Додатни ФПЛ белешки

Со исклучок на Вилфрид Заха и Педро Нето, нема многу играчи ниту кај домаќините ниту кај гостите што паѓаат во око на прво. Макар што, ако ги имате Мичел или Килман, ова е добро коло да ги стартувате: и двајцата би требало да почнат и и двајцата имаат ветувачки шанси за клиншит. За Вулсв би требало да почне и Жозе Вилијан, па внимателно ќе го скаутираме колово: минатово имаше малку време да ги покаже своите квалитет. И практично ниту една топка.

сабота, 30 јануари 2021, 16:00h

МСИ 1 0 ШЕФ
ФПЛ опции
Гундоган
Стерлинг
Кансело
Стоунс
Диас
ФПЛ опции
/
Најава

По 11 победи со ред низ сите натпреварувања и 8 клиншита во истиот тој период, Манчестер Сити веќе не изгледа само како стариот Сити, туку и како некој подновен и надграден. Немаше многу голови до неодамна за тимот на Пеп, ама деветте против Кристал Палас и ВБА ги доближаа Граѓаните до водечките по оваа статистичка категорија: сега имаат 36, исто колку Лестер, 1 помалку од Манчестер Јунајтед и само 3 помалку од Ливерпул (чудно е да се помисли дека Ливепрул не даде гол на четири натпревари со ред и уште се водечки по бројот на дадени голови). Па, сепак, ние не очекуваме потоп против Шефилд. Не заради тоа што Сечилата си отидоа со полн плен од соседниот терен во Манчестер, па сега нешто ќе имаат зголемена самодоверба; туку, заради тоа што 11 од 16-те порази што ги имаат доживеано сезонава се со само еден гол разлика. Така заврши и првиот натпревар меѓу овие две екипи. Можеби на овој Сити ќе даде еден гол повеќе, но некако не очекуваме уште еден Палас или ВБА. И тоа како очекуваме уште еден клиншит на премиерлигашкиот лидер.

Додатни ФПЛ белешки

Дојде и тој ден: да го предложуваме Гундоган како примамлива ФПЛ опција за капитен. Знаете колку голови има Германецот дадено за Сити во цела кариера пред сезонава? 15. Сега, на полусезона, веќе има 7. И не само тоа: статистиките и термичките мапи на движење велат дека во моментов е подобра опција од Стерлинг и Махрез. Човек да биде искушен сезонава да направи средина од централни везни што вредат по 4,5-5,5 милиони и да игра со 10-15 милиони во банка! Како и да е, пораде погоренапишаното, сепак одбраната на Сити треба да ви привлече повеќе внимание од нападот за колово: Стоунс и Диас за стандардни шестки, Кансело за двоцифрен потенцијал.

сабота, 30 јануари 2021, 16:00h

ВБА 0 1 ФУЛ
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Лукман
Најава

Пред седум-осум кола, од нигде-никаде, Фулам одеднаш се свести дека ако се брани ќе прима помалку голови и ќе има некаква шанса да собира поени. И вистина, оттогаш редат ремија со малку голови; единствените два порази што ги доживеаја во меѓувреме беа од Челзи и Манчестер Јунајтед – но и тие беа со малку голови и и од нив можеа да извлечат нешто повеќе. Сепак, реми звучи поубаво од пораз, но во практика една победа е еднаква на три ремија. Па, така, иако Фулам има само два порази последниве пет меча, има освено исто толку поени колку и ВБА кој, во истиот период, има четири порази со вкупна гол-разлика од 1:16. Ама, ете, тој другиот натпревар беше гостинска победа против Вулвси од 2:3. Фудбалот не е секогаш фер. Може да биде нефер и во сабота и ВБА да извлече три бода од натпреварот против, моментно, многу подобриот Фулам, благодарение на искуството на Биг Сем. Сепак, нам ни се чини дека Фулам мора да го добие овој натпревар: на последните 10 меча нема пораз од ВБА, кој, пак, ги има изгубено последните пет натпревари пред своите гледачи и нема дадено гол на 6 од последните 8. Па, ако Фулам даде само 1, може да биде доволно.

Додатни ФПЛ белешки

Лукман е најдобриот играч на Фулам сезонава, но резултатите за тимот почнаа да доаѓаат откако се стабилизира нивната А4 одбрана: Ареола, Аина, Андерсен, Адарабиојо. Можете да очекувате клиншит од нив. Реално можете и од друг играч на А од спротивниот табор (Аџаји), ама поради нашата прогноза, ќе ги прескокнеме препораките од ВБА.

сабота, 30 јануари 2021, 18:30h

АРС 1 1 МЈУ
ФПЛ опции
Сака
Лака
ЕСР
ФПЛ опции
Бруно
Кавани
Раш
Најава

Дерби на колото и многу значаен натпревар за некогашните два водечки тима во Премиер. Но, тие години се одамна минати. Во овие кои моментно ги живееме – постфергусоновски, поственгеровски – Арсенал и Манчестер Јунајтед се одвај натпросечни екипи, вторите повеќе од првите. На секоја промена на тренер и на секој трансфер, и Топџиите и Црвените Ѓаволи очекуваат ренесанса и повеќе од цела деценија. И секогаш сè завршува со разочарување и „ајде, наредната сезона.“ За Јунајтед, таа сезона може навистина да е оваа: и покрај поразот од Шефилд, тимот на Оле навистина изгледа добро и (за разлика од минатите сезони) може да ги предизвика без страв и со отворен гард и соседите од синиот дел на Манчестер и вечните ривали од Ливерпул. За Арсенал, до пред 6-7 кола, изгледаше дека сезонава ќе биде долга и мачна – а и дека ќе заврши без Европа и без Артета. Сега веќе не изгледа така: откако го внесе Емил Смит-Роу во игра, Артета ја консолидираше играта на својот тим, па Арсенал имаат 5 победи на последниве 6 меча и во одлична форма ќе го пречекаат Јунајтед на Емирејтс. Згора на сето тоа, имаат 3 победи на последните меѓусебни пресметки, вклучително и онаа гостинска од првиот дел од сезонава. Јунајтед, пак, нема пораз на гостински терен повеќе од година – рекорд кој нема да смее да го наруши ако сака да го одржи чекорот со Сити. Голем е влогот и за двата тима за да очекуваме многу голови. Ама очекуваме добар фудбал – и реми.

Додатни ФПЛ белешки

Бруно Фернандеш разочара и фудбалски и на ФПЛ план во мечот против Шефилд. Уште повеќе разочара одбраната на Јунајтед и Марсијал. Оттука би требало со Арсенал да стартуваат Кавани и Рашфорд во нападот и кој и да е од Линделоф или Баји место Туанзебе во одбраната. Кај Арсенал под знак прашалник се и Оба и Тирни, ама со Саутемптон Топџиите покажаа дека можат да играат без двајцата. Друга е приказната со Парти и Смит-Роу – и двајцата излегоа со Светците со благи повреди, а и двајцата ќе бидат нужни за против Јунајтед. Сака и Лака секако ќе играат – и ветуваат поени.

сабота, 30 јануари 2021, 21:00h

САУ 2 1 АВЛ
ФПЛ опции
Ингс
Адамс
Армстронг
ФПЛ опции
Грилиш
Воткинс
Најава

Саутемптон го запиша и вториот пораз по ред, дома од Арсенал, со што падна малку на првенствената табела, и сега е единаесетти. Се чини, во голема мера недостасуваа двата бекови, со кои екипата на Хазенхутл е многу поопасна и во нападите, но и посигурна во одбраната. На овој натпревар ќе се врати едниот – Бертранд, а повторно неизвесен е Вокер-Питерс. И Астон Вила беше шокирана во претходното коло, иако на двапати водеше против Барнли. Но тие на овој натпревар имаат подобар здравствен билтен, па скоро и да немаат проблеми со повредени играчи. И двете екипи ја сакаат победата, и двете екипи сакаат да што побрзо да го заборават минатиот пораз. На хартија благ фаворит е можеби Саутемптон, најмногу поради домашниот терен. Па и ние така би типувале, 2:1 за Светците.

Додатни ФПЛ белешки

Проблем за германскиот стручњак е шо неговите напаѓачи не се во голгетерскиот ритам, како што тоа беше случај до пред извесен период. Че Адамс е во голгетерски пост 7 натпревари, на кои забележа само една асистенција, Волкот не знае за гол 6 натпревари, а и Ингс има само еден гол на последните седум. Затоа ова мора што побрзо да се промени, доколку остануваат високи апетитите на Светците. Од друга страна, Астон Вила игра препознатливо, и во голема мера зависно од Грилиш и Воткинс, кои перфектно се разбираат и функционираат. Зачудува минутажата на Ел Гази, кој се чини по враќањето на Баркли е малку подзаборавен на клупата на последните три меча, иако во претходниот период беше во извонреден голгетерски ритам.

недела, 31 декември 2021, 13:00h

ЧЕЛ 2 0 БАР
ФПЛ опции
Пулишиќ
ФПЛ опции
/
Најава

Челзи набрзина ја отпушти клубската легенда Лампард, и ја замени со Томас Тухел. Уште еден германски стручњак во Англија, за кој има многу несогласувања за тоа дали е врвен тренер, дали може да ја води екипата подобро од Лампард, и на крај кој е виновен за отказот на Френки – тој или играчите? Многумина му замеруваа дека не успеал да ги вклопи новите скапи засилувања во својата замисла. Клоп пак вели дека неговиот сонародник добил готов тим, на тацна. Па ајде да видиме што ќе понуди Тухел. На воведниот натпревар против Вулвси, Челзи имаше целосен посед, најголем по 2003 година на еден натпревар. Помалку чуден стартен тим, некои неочекувани стартери, и сето тоа резултираше со реми без голови. Сега ќе мораат подобро, бидејќи на хартија ќе бидат големи фаворити, но ќе гостува многу незгодна екипа. Барнли го доби Ливерпул на Енфилд, па Астон Вила дома, со што избега големи 9 бода од опасната зона. Затоа порастеретено можеби ќе му пристапи на овој натпревар, иако кај Дајш нема опуштање. Има дисциплинирана одбрана, и добро скенирање и проучување на секој противник. Така ќе пробаат и сега, што не е за изненадување, и ако очекуваме Челзи да ја запише првата победа со новиот предводник.

Додатни ФПЛ белешки

Уште не сме сигурни која ќе биде стартната постава на Тухел, а веруваме ни тој. Затоа не можеме да претпоставиме кој ќе биде главниот напаѓач на Сините, или пак офанзивната линија зад него. Знаеме дека тој обожува формација 4-2-3-1, и го обожува Канте, кој сигурно ќе се врати во стартната постава. Очекуваме да стартуваат и Вернер и Пулишиќ, иако тоа не беше случај против Вулвс. Па ајде да оставиме да помине и овој натпревар, пред да издвоиме ФПЛ потенцијали. Сега можеби Аспиликуета, кој се чини кај Тухел ќе биде стартер, па изберете го него, бидејќи е извесен и клиншит. Кај Барнли не би издвоиле ниту еден, бидејќи после Челзи им доаѓа и Манчестер Сити.

недела, 31 декември 2021, 15:00h

ЛЕС 2 2 ЛИД
ФПЛ опции
Медисон
Барнс
ФПЛ опции
Рафиња
Херисон
Бамфорд
Најава

Еден од најинтересните натпревари ова коло, несомнено. Две дисциплинирани екипи, кои многу трчаат, и располагаат со широк офанзивен капацитет. Права штета е што ова мало дерби ќе биде без одличниот Варди. Но Лисиците на Гудисон покажаа дека можат до поени и без него, иако спасуваа реми во второто полувреме. Сепак тимот на Лестер игра во одлична форма. И Лидс конечно победи, по двата врзани порази, со победата од 1:2 на Сент Џејмс Парк. Момците на Бјелса немаат проблеми со повреди кај клучните играчи, и сигурно ќе излезат да се надигруваат и да постигнат гол повеќе на Кингс Пауер. Роџерс размислува исто, иако нема да ги има сите на располагање, па затоа би оделе со реми, со повеќе голови.

Додатни ФПЛ белешки

Варди ќе изостанува, но нов голем проблем за Роџо може да биде и повредата на Ндиди, која го прави незивесен за овој натпревар, а видовме повеќепати колку е важен Вилфред за играта и резултатите на Лисиците. Напаѓачкиот потенцијал е сепак тука, и тој највеќе ќе доаѓа од Медисон и Барнс, кои се во одлична форма, и ќе мораат да го надополнат отсуството на Варди. За очекување е и Сојунчу да се врати во стартната постава. Кај Бјелса не би требало да има изненадувања во тимот, кој горе-доле сите го знаеме. Бамфорд е во голгетерски пост кој трае четири натпревари, па на последниот не одигра ни полни 60 минути. Мора повеќе да се истакне Родриго во овој случај, како што тоа одлично го прават крилата Рафиња и Херисон во последно време.

недела, 31 декември 2021, 17:30h

ВХЈ 1 2 ЛИВ
ФПЛ опции
Антонио
Соучек
ФПЛ опции
Салах
Мане
Фирмино
Најава

Вест хем е феноменален сезонава, не признава фаворити и на секој натпревар оди на победа. Мојс го препороди тимот, па така Чеканите се во топ 5 на табелата. А тоа е заслужено и не е случајно, бидејќи момците од Лондон врзаа 4 последователни победи! Сега ќе биде малку тешко тој низ да продолжи, бидејќи им доаѓа Ливерпул, кој веќе победи на едно тешко гостување во минатото коло. Клоп и неговата екипа веќе еднаш победоносно поминаа во Лондон, и го добија Тотенхем на Мурињо со 1:3, во натпревар на кои тие целосно ја контролираа играта и резултатот. Затоа со уште поголема мотивација и самодоверба ќе се вратат во главниот град. Несомнено ќе им биде тешко на Црвените, но барем на хартија остануваат фаворити. Затоа и ние ќе типуваме минимална гостинска победа.

Додатни ФПЛ белешки

Едни наши колеги, по претходната победа на Вест Хем над Кристал Палас, ставија слика од Соучек, и напишаа Патрик Вијера! Полн погодок! Токму така игра високиот Чех сезонава, на кој не му е работа да постигнува голови, тоа го прави и повеќе од одлично досега. Тој е на 7 гола во 20 кола, повеќе и од многу премиерлигашки напаѓачи. Многу важно беше и враќањето на Антонио во тимот, па така тој на секој од последните три натпревари учествува со гол или асистенција. Кај Ливерпул проработува убиственото напаѓачко трио Мане-Фирмино-Салах, а се чини дека е ТАА го најави својот офанзивен и напаѓачки продуктивен камбек. Остануваат само огромните проблеми за Клоп на централните одбранбени позиции.

недела, 31 декември 2021, 20:15h

БРА 1 2 ТОТ
ФПЛ опции
Мопе
ФПЛ опции
Сон
Дајер
Најава

Тотенхем загуби во дербито од Ливерпул, во натпревар во кој беше послаб противник. Со тоа Спарси имаат скор од реми-победа-пораз на последните три натпревари, и искочија од топ 5 на табелата. Време за тагување нема, па Жозе ќе мора да ја консолидира екипата, и да тргне во освојување на Брајтон. И Брајтон е во ист ритам на последните три натпревари, но неговата ситуација е многу покомпликувана, бидејќи се последна екипа што не испаѓа во моментов. Во претходното коло не успеаа да го добијат ни Фулам на домашен терен, а да не беше Данк да ја расчисти топката од гол линијата во последните минути, немаше да освојат ни бод. Затоа Тотенхем е голем фаворит на овој меч, иако најголемиот проблем за Жозе би било отсуството на Кејн, кој се повреди и сигурно ќе го пропушти барем овој натпревар.

Додатни ФПЛ белешки

Потер и натаму е без Лампти, и ќе мора да се моли во Тросар и Мопе да направат нешто пред противничкиот гол, бидејќи ќе отсуствува и Велбек. Ништо повеќе не би можеле да издвоиме кај Галебите. Кај Петлите, како што рековме, огромно ќе биде отсуството на Кејн, па сега Сон ќе мора да игра за двајца, и можеби конечно Бејл ќе ги добие стартните минути, иако Мурињо рече дека Вечшанецот ќе игра – кога ќе заслужи. Можеби португалскиот стручњак ќе нема избор на овој натпревар. Ако очекувате и клиншит тогаш најбезбедна опција е Дајер, бидејќи Региљон најверојатно ќе го пропушти и овој меч.