ФПЛ.мк најава за дваесет и второ коло

Без застанување, веднаш следува дваесет и второто коло, во кое ќе видиме нов дерби натпревар помеѓу Тотенхем и Челзи, а од друга страна Манчестер Сити ќе настојува да го продолжи својот победнички марш, и што побрзо да им се оддалечи на најголемите ривали за врвот. Јунајтед, Ливерпул и Лестер пак ќе направат сѐ што е во нивна моќ за борбата за титулата да ја прават интересна до самиот крај.

вторник, 2 февруари 2021, 19:00h

ШЕФ 1 1 ВБА
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
/
Најава

Колото ќе го отворат девете најслабопласирани екипи на табелата, кои се чини помалку или повеќе се второлигаши догодина. ВБА го донесе специјалистот за опстанок, но и Биг Сем тешко да го направи она што можеби нереално се бараше од Билиќ, и за што Хрватот ја загуби работата. ВБА не го доби Фулам на домашен терен во минатото коло, каде со победа можеби ќе живееја надежите за опстанок. Од друга страна Шефилд го завршува кошмарниот распоред, каде по ред ги имаше Тотенхем, Ман Ју па Сити, а каде запиша и една голема победа на Олд Трафорд. На Сити Граунд во Манчестер изигаа чесно, а можат и да жалат за одличниот волеј на Флек, кој за жал на Вајлдер само сантиметри го делеа од нов голем бод, кој можеби и не го заслужија. Но за разлика од ВБА, Шефилд иако фенерџија, и послабо пласиран од нивниот сегашен противник, се чини дека сезонава испуштија бодови на неколку наврати, бодови што можеа да значат нешто во продолжение на сезоната. Вака, победа ќе бараат и двете, иако и двете тешко да останат во Прениер.

Додатни ФПЛ белешки

Првиот е најсиромашен натпревар од ФПЛ аспект, па затоа и гледате цртки во колоните, и кај едните и кај другите. Ако мораме да спомнеме некој, нека биде Бурк кај домашните, играч што можете да го искористите како евтина петта опција од вашите средни редови, или пак Переира кај гостите – играч што единствен игра во добра форма, и ги има прекините во својот тим, па така постигна 4 гола на последните 5 натпревари.

вторник, 2 февруари 2021, 19:00h

ВУЛ 1 1 АРС
ФПЛ опции
Нето
ФПЛ опции
Лака
ЕСР
Пепе
Најава

Дуел на две екипи во сосема различни форми, и моментално движење во различен правец на табелата. Арсенал се искачува, иако не успеа да го добие Манчестер Јунајтед во претходното коло. Ако гостите жалат за промажувањата на Кавани, Арсенал може да тагува бидејќи Лака (пречка) и Пепе не успеаја да постигнат гол. А фалеа, и тоа како фалеа Тирни, Сака и Обамејанг. Со нив Арсенал е многу подобар, иако Артета наоѓа начини да може да го замени секој поединец во тимот. Дебитираше и Одегар. Арсенал секогаш тешко поминува против Вулвси на НЕС. Лани успеа да победи на Молињу, но сезонава загуби на Емирејтс. Можеби затоа што НЕС го има рецептот и тактиката за Топџиите. Дали тоа ќе биде случај и во вторник, останува да видиме. Со оглед на моменталната форма, ќе му дадеме блага предност на Арсенал, иако реми е можеби најочекуван епилог.

Додатни ФПЛ белешки

Арсенал сигурно ќе биде без својот капитен Оба, кој ќе мора да помине период на изолација бидејќи излегуваше надвор од Велика Британија (беше во посета на неговата болна мајка). Од друга страна очекуваме враќање на можеби најважниот Топџија во последно време – Сака, кој повеќе поради претпазливост беше поштеден во дербито со Ман Ју. Навивачите ќе го очекуваат и Тирни на левата бековска позиција, чија повреда чудно се оддолжи, па Шкотот пропушти 3 од последните 4 натпревари. Но подобро е потполно подготвен Тирни, отколку никаков Тирни. А информациите за Лака се позитивни по ударот на главата, па очекуваме тој повторно да го предводи нападот на Артета. Кај Вулвси се врати Поденс, кој конечно ќе може да му помогне на својот сонародник Нето, кој пак на последните 8 натпревари нема потсигнато гол, и има само 2 асистенции. За очекување е повторно старт и на новата аквизиција Вилијан Жозе, бидејќи Вулвс запнаа во делот на постигнување голови.

вторник, 2 февруари 2021, 21:15h

МЈУ 2 1 САУ
ФПЛ опции
Бруно
Раш
ФПЛ опции
Ингс
Најава

Манчестер Јунајтед се враќа непоразен од северен Лондон, во некогаш најголемото дерби во Англија. Нула на Емирејтс, во натпревар кој можеше да заврши на двете страни, и на кој двете екипи можеа да и се радуваат на победата. Реално реми, иако се чини останува горчината кај навивачите на Јунајтед од двете големи промашувања на Кавани. По поразот од Шефилд, следеше реми со Арсенал, па сега Оле и екипата ќе бараат победа против Саутемптон. Светците пак заборавија како тоа изгледа, бидејќи наредија 3 првенствени порази, два домашни, и постигнаа само еден единствен гол. Хазенхутл е во проблеми. Ќе мора да поправа форма на Олд Трафорд, а тоа нема да биде воопшто лесно. Јунајтед е фаворит, а ако одигра како на Емирејтс тогаш сигурно ќе ги освои трите бода. Проблем е што Црвените ѓаволи знаат да одиграат и како против Шефилд Јунајтед.

Додатни ФПЛ белешки

Секако Бруно е првото име кое ќе го напишеме, и тоа нема да изненади никој. Изненадува фактот дека Португалецот сепак против топ 6 екипите не е сјаен (како и Ман Ју) па во 6 досегашни натпревари сезонава тој имал само една асистенција. Но Саутемптон не е екипа од топ 6, а Бруно и натаму е во топ 10 според коефициентот на ОГ, и трет според тој на ОА. Редно време е да проработи и Рашфорд, кој има само една асистенција на последните 6 меча, а е без гол, нешто за што многу му се замерува на Марсијал на пример. Затоа и Французинот го изгуби местото во стартните 11 од Кавани.  Кај Саутемптон моментално делува дека само Ингс може да постигне гол.

вторник, 2 февруари 2021, 21:15h

ЊКЈ 1 1 КПА
ФПЛ опции
Вилсон
ФПЛ опции
Езе
Најава

Њукасл ја прекина црната серија порази, со тотално неочекуваната победа на Гудисон против Евертон, и тоа пазете – со клиншит! Со тоа тимот од Сент Џејмс Парк бар за момент престана да паѓа на првенствената табела, и барем за кратко Стив Брус го тргна притисокот од себе. Слично и Палас, по двата врзани порази, победи добра екипа во името на Вулверхемптон, исто така со клиншит. Двете екипи се преку едно место на табелата во Премиер, и ги делат само 4 бодови. Слично и за двете е дека не постигнуваат многу голови, а тоа најдобро се гледа и од табелата на ОГ, каде се помеѓу петте најлоши екипи во таа категорија. Затоа и очекуваме неефикасно реми, можеби и без голови, но ајде, се надеваме дека ќе видиме барем по еден.

Додатни ФПЛ белешки

Никаков посебен избор и од ФПЛ аспект. Калум Вилсон е единствениот расположен играч од Њукасл, а тој со двата гола во претходното коло стигна до двоцифрен број погодоци сезонава. Повторно, слично и на спротивната страна. Таму за очекување е сите погледи да бидат кон Заха, но во последно време Езе го покажува раскошниот потенцијал со кој располага, затоа и ние би го посочиле како добар ФПЛ потенцијал и диференшл, особено што е прифатлив распоредот за Орлите во наредниот период.

среда, 3 февруари 2021, 19:00h

БАР 0 2 МСИ
ФПЛ опции
/
ФПЛ опции
Гундоган
Диас
Најава

Среќа што Барнли направи опиплива предност во однос на екипите во опасната зона, бидејќи му дојдоа врзани два исклучително тешки натпревари. Во првиот поминаа многу лошо. Ајде, не толку поразот на Бриџ од 2:0, но Челзи победи со повеќе од 70% посед на топка, а притоа тимот на Дајш скоро и да не шутна на голот на Менди (само еден шут, и тоа не во рамки на гол). Сега ќе бидат домаќини, па можеби на најдобрата екипа во моментов. Сити дојде до врвот, а сега сериозно граби кон тоа да ја зголемува разликата во однос на ривалите. Секако Граѓаните во овој момент се најсериозен кандидат за титулата. Затоа, со микроскопска доза на сомневање ќе кажеме дека нивната победничка серија ќе продолжи, и на Турф Мор. Сепак Сити е огромен фаворит.

Додатни ФПЛ белешки

Го видовме познатиот „Пеп рулет“ во претходното коло, што е кошмар за ФПЛ менаџерите, нели? Да да, знаеме… Стерлинг, Махрез, Стоунс и Кансело. Сите беа на клупата против Шефилд. Во нивно отсуство, Сити не беше толку фуриозен во нападот, но сепак рутински го доби натпреварот со 1:0, иако на крајот Сечилата имаа одлична шанса за да го шокираат фаворитот. Нешто слично очекуваме и на оваа средба, со тоа што голем дел од играчите што добија поштеда во саботата, очекуваме да бидат стартери во среда. А доколку стартува Стерлинг, ние од него очекуваме да им се раваншира на многу ФПЛ менаџери кои веруваат во него сезонава, а тој често ги разочаруваше. Па ајде, иако Гундоган игра во животна форма, ние ќе одиме со предлог Стерлинг за капитен.

среда, 3 февруари 2021, 19:00h

ФУЛ 1 1 ЛЕС
ФПЛ опции
Митровиќ
Лукман
ФПЛ опции
Медисон
Барнс
Најава

Наспроти сите очекувања, Лестер беше поразен од Лидс на домашен терен во натпревар кој, пак, во согласност со очекувањата, беше прекрасен за гледање. Две нешта беа очигледни: 1) дека Лестер може да креира шанси и кога го нема Варди и 2) дека без Варди нема кој да ги даде оние валкани голови што ќе го свртат натпреварот во нечија полза. Но, ете, на првиот натпревар меѓу овие два тима сезонава, Варди играше 90 минути, а Фулам – повеќе од изненадувачки – ги однесе сите три бода од Кинг Пауер. И тоа, ако се сеќавате, водеше 0:2 на полувреме, па Барнс дури во 86-та минута даде почесен гол (даде и уште еден со звукот на судиското свирче ама беше поништен поради офсајд). Лестер не изгледаше особено добро ниту против Евертон минатото коло, а Фулам, напротив, не изгледа особено слабо против никого веќе десетина кола наназад. Нивен проблем е што и кога играат со ВБА и со Ливерпул – пак играат ист фудбал и пак најмногу што можат да извлечат е реми. И овде ќе очекуваме нешто слично: малку голови и нерешен исход.

Додатни ФПЛ белешки

Малку играчи се во подобра форма во моментов од Харви Барнс кој на последниве седум натпревари не вратил некој поен повеќе од задолжителните два само еднаш: на останатите 6 има 4 гола и 2 асистенции. Медисон има само еден гол помалку во истиот период, па од овие двајца Лестер треба да очекува најмногу. (Секако, сè додека едно коло Ајозе не го даде својот задолжителен хет-трик за сезоната.) Кај Фулам Митровиќ се врати и ќе предизвикува сигурно проблеми во одбраната на Лестер – која не беше воопшто добра против Лидс (затоа и толку рано Кастањ беше седнат на клупа). Лукман не смееме да го превидиме: веројатно најдобриот играч на Фулам сезоанва и инвестицијата која им дава за право на момците на Паркер да се надеваат на опстанок.

среда, 3 февруари 2021, 20:30h

ЛИД 2 2 ЕВЕ
ФПЛ опции
Бамфорд
Далас
ФПЛ опции
Рича
ДКЛ
Хамес
Најава

Малку тимови заслужуваат да бидат гледани како Лидс, кој, под Биелса, игра практично старовремски фудбал за гол повеќе. Оттука, секој нивен натпревар може да изненади – пријатно или непријатно. Запрашајте се само следново: се сеќавате ли на некој ФПЛ тим со толку порозна одбрана од кој не би сте се плашеле да имате тројца играчи – вклучително и одбранбени? Најблиско нешто што ни текнува е Борнмут, во сезоната кога Вилсон и Фрејзер беа задолжителни опции; ама ни тоа не е како Лидс сезонава (и веројатно секоја друга што ќе биде под Биелса). И Евертон си има одличен кормилар – еден од најдобрите, впрочем. Затоа е и високо на табелата: со две победи во заостанатите натпревари би бил и четврт. Предуслов за тоа е, секако, да игра подобро отколку последниве четири кола, во кои Карамелите имаат два порази и едно реми. Последниов беше и неочекуван и неоправдлив: не се губи дома од Њукасл ако планираш излез во Европа. Оттука, Евертон ќе мора да оди на победа против Лидс. А тоа обично значи доста растрчаност по теренот и многу голови. Ние ќе прогнозираме реми од 2:2 – иако Лидс не игра ремија и иако навистина не знаеме што да очекуваме. Реално, не би нè изненадило ниту некој резултат од видот 1:3  – ама, па, ни 3:1.

Додатни ФПЛ белешки

Иако само ВБА има примено повеќе голови од Лидс сезонава, само седум дефанзивци имаат собрано повеќе поени од Далас. Како и би било поинаку, кога Северноирецот игра сè освен дефанзива – а и дефанзива. Колку е добар и битен играч за Биелса се виде не само од голот против Лестер, туку и од предасистенцијата за голот на Херисон – можеби клучниот момент на натпреварот. Бамфорд би требало да игра (веројатно само грч беше тоа на крајот), ама Рафиња навистина не знаеме дали ќе се опорави за Евертон. Бидејќи и Родриго сигурно ќе го нема, тоа може да биде удар врз креативноста на Лидс. Кај Евертон нема недостаток од креативци, ама има недостаток во форма – и кај ДКЛ и кај Хамес и кај Ричарлисон. Мора сите да се разбудат порано или подоцна, а Лидс е веројатно совршен натпревар за тоа. Поради стилот на Биелса, очекуваме најмногу поени од Ричарлисон.

среда, 3 февруари 2021, 21:15h

АВЛ 1 1 ВХЈ
ФПЛ опции
Грилиш
Баркли
Мартинез
ФПЛ опции
Антонио
Кресвел
Соучек
Најава

Астон Вила не направи многу промени во однос на минатата сезона, ама тоа што го задржа Грилиш и што ги донесе Баркли и Еми Мартинез се чини дека прави многу разлика. Особено со Баркли во тим, Астон Вила игра фудбал за место во ЛШ – и не претеруваме нималку. Кога Воткинс би бил малку поконзистентен, тоа и во моментов не изгледа далеку. Слична е и приказната на Вест Хем: од борба за опстанок до стабилен тим што губи само од Топ 6. И кај нив, кога Антонио би бил помалку склон на повреди, потенцијалот е таков што оправдува и некои навидум нереални сништа. Со други зборови, во среда ќе се сретнат две прилично слични екипи – а и израмнети во многу параметри. Со победа на Астон Вила, ќе се израмнат и бодовно – и покрај тоа што Чеканите имаат два натпревари повеќе. Што значи, со нивна победа, Астон Вила најмногу што ќе може е да се израмни ако победи во двата заостанати меча. Тежок натпревар за предвидување, а и таков во кој не можеме да очекуваме многу голови. Но, веројатно можеме да очекуваме реми, зашто така завршиле 5 од последните шест меча на Вила парк, каде Астон Вила нема пораз од Вест Хем на 9 од последните 10 меча. Но, и Вест Хем има само 3 во истиот тој период.

Додатни ФПЛ белешки

Погоре го спомнавме Далас, па овде мораме Кресвел, најдобриот ФПЛ дефанзивец во моментов. Англичанецот нè потсетува (на радост на многумина) на своите најдобри ФПЛ денови. Па, и повеќе од тоа: во моментов, Кресвел има 8 ФПЛ асистенции, повеќе од која и да е сезона во неговата кариера. Има и 7 клиншита, па му требаат само 4 на останатите 17 меча за да го израмни и тој скор (од неговата најдобра сезона, 2015/16). Најдобра сезона за Антонио беше ланската, но тој конзистентно си дава по околу 10 гола уште од првата во Вест Хем. Годинава е на 5 – а има уште доста. Соучек има два повеќе, па има повеќе поени од КДБ, а исто колку Стерлинг. Со други зборови – не го ставајте на клупа никогаш. Истото важи и за Грилиш, а ако сакате да ризикувате малку Воткинс и Баркли изгледаат како навистина привлечни опции периодов. Што ако игра Вила со Вест Хем? Прашањето е реторско и кгоа зборуваме за дефанзивните опции: како што нè убедија многупати сезонава, Мартинез и Таргет можат до двоцифрен скор и кога најмалку очекувате.

среда, 3 февруари 2021, 21:15h

ЛИВ 3 1 БРА
ФПЛ опции
Салах
ТАА
Робо
ФПЛ опции
Тросар
Најава

Во дваесет и првото коло Брајтон му нанесе тежок пораз на Мурињовиот Тотенхем и покажа дека, сериозно, не е тим за во втора лига. За жал, местото на кое се наоѓа во моментов – седумнаесетто, со само 7 бода повеќе пред Фулам (и со натпревар повеќе) не е вистински одраз ниту на квалитетот на играчите на Галебите, ниту, пак, на нивниот стил на игра. Најпосле, Тросар има дури и стартови за Белгија, прворангираната репрезентација во светот. Само во англиска лига го имате тоа: исклучително квалитетен репрезентативен играч да биде дел од тим што се бори за опстанок. Само за потсетување: летото 2016-та, Муса Сисоко стартуваше за Франција во финалето со Португалија на Европското, иако неговиот тогашен тим Њукасл веќе беше второлигаш. Но, да се вратиме на мечов: да играше Брајтон против Ливерпул пред две-три кола, можеби ќе можеше да извлече и еден бод. Најпосле, ако се сеќавате на првиот дуел на овие два тима сезонава, Брајтон извади поен со пенал во 93-та минута, но не само што не беше подреден противник, туку неколку пати создаде и стоотстотни шанси за гол. Сепак, Ливерпул се врати во гол-форма и постигна осум гола на последниве три меча – сигурно не планира да запре против екипа што речиси никогаш не ја зачувува неначната сопствената мрежа. Ама, па, и Ливерпул речиси секогаш примаат по точно еден гол од Брајтон.

Додатни ФПЛ белешки

На Ливерпул ќе му недостасува Мане и на мечот со Брајтон, но статистиката вели дека за Салах тоа не прави некоја голема разлика. Истото го вели и искуството: веќе четврта сезона со ред, правилото „ако не знаеш кој да ти биде капитен, стави го Салах“ се покажува како суштинско ФПЛ правило. Ете, Мо пак стана најдобар ФПЛ играч надминувајќи го Бруно за еден поен и Тотенхемовците за три. Ако Ливерпул извлече клиншит со Брајтон, тогаш ТАА и Робо изгледаат како супер опции зашто би требало да донесат и некој напаѓачки поен против Галебите. Па, ако ги имате…

четврток, 4 февруари 2021, 21:00h

ТОТ 0 2 ЧЕЛ
ФПЛ опции
Сон
ФПЛ опции
Маунт
Алонсо
Аспи
Најава

Изгледа формата на Тотенхем се движи од Ливепрул до Ливерпул. Првиот пат кога играа против Црвените на Клоп, Тотенхем отиде на Енфилд по серија од десет натпревари без пораз во сите натпреварувања и беше во самиот врв. Изгуби со гол во 90-та, а после беше поразен дома и од Лестер. Оттогаш Спарси почнаа нова серија – осум натпревари без пораз (и со само две ремија). Пак се сретнаа со Ливерпул и пак изгубија. Веднаш по тој пораз, изгубија и од Брајтон. Традицијата би велела дека сега не би требало да изгубат, ама традицијата исто така вели дека Тотенхем не е Тотенхем без својот талисман, Хари Кејн. Од друга страна, макар и само поради ефектот на нов тренер, Челзи изгледа значително подобро под Томас Тухел. Да, играа против Барнли и Вулвс и собраа само 4 поени, ама, пак, и имаа Сините ненормално високи поседи и многу удари на противничкиот гол, без да дозволат ниту еден на својот. Тотенхем со Брајтон изгледаше премлитаво и пренкреативно за да може да очекува против организиран Челзи нешто повеќе од гол. Дури и тој ни се чини многу во моментов. Челзи, против несредената одбрана на Спарси и својот стар тренер, би требало пак да извлече многу, многу удари – па, веројатно и некој гол.

Додатни ФПЛ белешки

Лампард им даваше шанса на новите и млади кадри во Челзи, ама после мечот со Барнли тешко дека Џејмс ќе добие шанса во блиска иднина. И Аспиликуета и Алонсо веднаш покажаа зошто толку долго беа омилени ФПЛ опции. Реално, на секој натпревар против послаба екипа, тие би можеле да донесат двоцифрен број поени, бидејќи ако судиме по овие со Барнли и Вулвс, Челзи под Тухел нема ниту да дозволува голот да им биде загрозен, камоли начнат. Ние очекуваме клиншит за Челзи и против Тотенхем, па ете ви differentials. И покрај сите новодонесени ѕвезди во Челзи, Маунт изгледа сè уште доволно добар за да не му биде загрозено местото ни под Тухел. Ама дури и тоа го ставаме под знак прашалник: Тухел изротира многу во своите први два натпревари и очигледно ја бара својата постава. Кога ќе ја најде, тогаш веројатно сите ќе ставаме играчи од Челзи. Сепак, Сините имаат преголем потенцијал за да ги превидуваме толку многу.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *