ФПЛ.мк лига, состојба по триесет и трето коло

Фантази не дозволува никаква оддишка: ќе планираш внимателно недела за недела, ама едно коло ќе го утнеш рокот и ќе изгубиш доволно поени за да ти требаат неколку да се опоравиш. Лидерите во нашата ФПЛ.мк лига, сезонава, ептен немаат среќа на овој план: веќе два пати пишувавме за вакви незгоди, па еве сега и трет пат. Имено, донеодамнешниот лидер Дарко Попоски по 33-тото коло испадна и од водечката тројка како резултат на (веруваме) пропуштен рок. За да бидат нештата понепријатни, втор пат се случува нешто вакво кај играч со џокер: Дарко сè уште ја има кај себе втората вајлдкарта. Па, ајде, можеби таа ќе го врати во игра. (Во првата верзија на овој текст, направивме грешка – види подолу коментар за објаснување; фала, Дарко, на поправката!)

Најпосле, само пред неколку кола (во празното 29-то), тогашниот лидер Александар Димовски не го одигра својот Free Hit и падна неколку места. Веќе минатото, 32-ро коло, пак беше лидер. Останува и ова. Одлично коло за Александар со голови од капитенот Салах и напаѓачот Ихеаначо, како и асистенции токму од Нигериецот и Воткинс. Од одбраната потрфлиле сите освен Ридигер и Страук – кој, за жал, на Александар му останал на клупа. Ама, сепак, во коло со просек од 36 поени, 56-те на Александар звучат навистина страшно. Оттука, иако и онака високопласиран, пак можел да се искачува нагоре: четири места во Македонија (од 11-то до 7-мо) и 400 во светот (од 5.473-то до 5.074-то). Покрај тоа, да не заборавиме дека Александар сè уште го има оној непотрошен FH џокер. А за 36-тото коло, многу веројатно, на сите ќе ни треба нешто такво.

Филип Митревски можеби нема џокер, но има одличен тим – во кого го има и диференцијалот на колото. Ако вие се прашувавте во неделата пред ручек кој се радува на хет-трикот на Вуд (плус и асистенцијата), Филип немал потреба да се прашува: убаво изгледаат 20-те поени на Вуд и сами по себе, ама уште поубави се во друштов на партнерот од нападот, Ихеаначо. Само тие двајца се одговорни за повеќе од половина од 62-та поени на Филип. Огромен дел од останатите 30 покрил капитенот Салах – заради тоа што сите останати 8 играчи од првата единаесетка на Филип не направиле ништо. И навистина Филип можеби згрешил со трансферот Филипс – Велтман, зашто да не го направел, прва постава ќе му играл Ридигер. Па, ќе имал 6 поени повеќе. И вака има доста зелени стрелки во неговата странична лента. Сега Филип е 15-ти во Македонија и 8.326-ти во светот.

На третото место колово се проби еден стар гостин во водечката тројка: Стојче Гочев. Не само благодарение на лошото коло на Александар, туку и на добрата трансфер политика на Стојче. Навистина, не било тешко да се извадат КДБ, Дијас и Филипс во коло кое заедно истите тројца би собрале 0 поени, но Кастањ, ТАА и Гринвуд, ќе се согласите, е одлична заменска тројка. Сите тројца можеа да донесат повеќе поени од оние кои ги донесоа (ТАА изгуби клиншит и бонус во 94-та, а Гринвуд беше постојано опасен), ама и без тоа голот на Кастањ го покрил оној -8 за трансферите. Заедно со головите на Салах и Ихеаначо и асистенциите на вториов и Воткинс – како и неочекуваниот клиншит на Далас – Стојче собрал 52 поени (60-8) што му донело комбинација на зелени и црвени стрелки. Во нашата лига и во македонската зборуваме за поубавата боја. Стојче е сега во Топ 30 во Македонија и (сè уште) во Топ 20.000 во светот.

Остатокот од Топ 10 во табелата подолу (застанете со курсорот над насловите на колоните за да ги одгатнете симболите).

One comment

  • Дарко Попоски

    Дечки во право сте дека го пропуштив рокот, премногу обврски и баш на крајот паднав од врвот. Но, во однос на wildcard не е точно дека уште ја имам, за жал по грешка ја потрошив околу Нова година без да забележам дека е втората.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *