ФПЛ.мк лига, состојба по осмо коло

Ситни промени на врвот во нашата ФПЛ.мк лига, но и двајца новодојденци во Топ 10 – и едниот и другиот добро познати од ланската сезона: Александар Тасевски и Крсте Танчевски. Што би рекле Англичаните, формата е менлива, ама класата си останува класа.

Кога сме веќе кај класа, на врвот и натаму стабилен е Виктор Џамто. Прехрабар двоен трансфер (Зијеч и Кресвел место Рашфорд и Лампти) на кој потрошил 4 и од кој, кога сè ќе се земе и одземе, на крајот заработил само 2 поени. Така што и без трансфери Виктор би имал одлични 75 поени. Вака има 77 (81-4) – страшни 24 над просекот! Прв е во повеќето лиги и втор во Македонија – на само 10 поени зад лидерот Мики Попоски. Уште пофасцинантно, Виктор е 895-ти менаџер во светот! Само така нека продолжи до крај!

Зад него, на втората позиција, се проби Ервин Папранику. И него го знаеме од лани. Ервин имал практично изнуден трансфер (Вернер место повредениот Ингс) од кој заработил 7 поени. Многу побитно, Ервин го имал и играчот на колото, Бруно Фернандеш, во својот тим. Со негова помош – и помошта на Кејн, Калверт-Луин, Грилиш, Мингс и Патрисио – Ервин собрал 77 поени, па сега е 31-ви во Македонија и многу блиску до Топ 20.000 во светот.

На само 2 бода зад Ервин е Александар Димовски кој немал нешто особено лошо коло но сепак паднал една позиција во однос на минатата недела. Александар го немал Кејн, но сепак се одлучил за еден неинтуитивен трансфер (Бамфорд место Хименез) кој, реално, требаше да му донесе повеќе од петте поени што му ги донел: необјасливо е зошто на Бамфорд му беше поништен првиот гол против Кристал Палас. Александар собрал 65 поени колово (10 поени над просекот) и сега е 34-ти во Македонија.

Остатокот од Топ 10 во табелата подолу (застанете со курсорот над насловите на колоните за да ги одгатнете симболите).