ФПЛ.мк лига, состојба по дваесет и деветто коло

Во моментов, во Топ 10 од нашата ФПЛ.мк лига, имаме тројца кои лани беа во Топ 10 и на крајот на сезоната. (Па, после некој ќе рече дека ФПЛ е игра на среќа…) Меѓу тие тројца е и минатогодишниот победник Даниел Стојановски кој мудро си го исчекал денот за Free Hit, па во коло во кое повеќето немаа 11 играчи, тој имал 11 поени на клупа (Бамфорд) и 68 од првата единаесетка. Даниел е и еден од четворицата во Топ 10 кои имаат искористено само три џокери: уште му се тука BB и TC. Два џокери (TC и FH) му стојат на располагање и на досегашниот лидер Александар Димовски кој, за жал, изгледа го пропуштил рокот колово. Последователно, ја препуштил и првата позиција.

Таму е сега Дарко Попоски кој имал фантастично коло и покрај тоа што, во основа, трансферите не му донеле речиси ништо (Бејл и Лукман место КДБ и Салах) и и покрај тоа што, во суштина, останал на само 8 играчи. Ама од тие осум, дури тројца се во тимот на колото: Бамфорд, Рафиња и Лингард. Додајте го на тоа капитенот Кејн и небитно е што Мартинез, Далас и Таргет собрале заедно 3 поени и што Бејл (на општо ФПЛ разочарување) не заигра ниту минутка против Астон Вила. Небитно е и што веројатно можело да биде и уште подобро за Дарко да ставел некој Брајтоновец. Битно е што Дарко е моментно осми во Македонија и 5.533-ти во светот.

Како што веќе спомнавме, Александар Димовски изгледа го пропуштил рокот. Само што ја напишавме реченицава и веќе чувствуваме некоја болка. Навистина, малку нешта болат како пропуштен Фантази рок, така што, Александар, длабоко сочувство. Уште подлабоко заради тоа што – веројатно – колово Александар ќе се одвоел уште повисоко на врво на табелата, зашто го зачувал FH џокерот до сега и зашто речиси сите од кои се очекуваше да направат нешто – и направија. Впрочем, речиси беше невозможно да се утне FH колово. Ама, ете, Александар утнал нешто пофундаментално: рокот. Барем да ја имал заменик-капитенската трака на раката на некој што играше. Ни тоа. За жал, вака Александар падна едно место подолу во нашата лига, на 17-то во Македонија и малку вон Топ 10.000 во светот. Добра вест за него може да биде тоа што ќе има уште едно двојно коло до крај. Па, можеби тогаш ќе наплати со FH џокерот за сè што пропушти сега.

По сосема солидното 29-то коло, на третото место и натаму останува Филип Митревски. Два трансфери за Филип (Далас и Антонио место Стоунс и ДКЛ) и плус 9 поени од нив. Покрај тоа, цела десетка од Велтман, двојна седумка од Кејн и осумка од Рафиња. Разочарување од Кресвел и Цуфал – исто како да не играа. Воткинс како да не игра неколку кола наназад, ама барем донесол 2 поена. Траоре ниту толку – и тоа само за 1 минута: излезе во 59-та. И покрај 45-те поени, Филип нема ниту една зелена стрелка во страничниот бар; ама барем црвените се ситни. Сега е 21-ви во Македонија и 13.923-ти во светот.

Остатокот од Топ 10 во табелата подолу (застанете со курсорот над насловите на колоните за да ги одгатнете симболите).

# Тим и менаџер ПР СР ПК ВП ПМ К ЗК Џ ПК ТК ТП
1 Дарко Попоски +1 5532 53 1950 0 Кејн Рафиња 0 2 5
2 Александар Димовски -1 10778 17 1933 17 Бруно Гундоган 0 0 0
3 Филип Митрески 0 13929 45 1926 24 Кејн Велтман 0 2 9
4 Стојче Гочев +1 30168 34 1902 48 Рафиња Кејн 0 1 8
5 Дане Србакоски +1 32424 36 1900 50 Кејн Бамфорд 0 1 0
6 Крсте Танчевски +1 33646 39 1899 51 Лукман Кејн 0 3 (-8) 11
7 Виктор Јованоски +2 47593 49 1887 63 Кејн Рафиња 0 2 7
8 Оливер Михајловски -4 48999 17 1886 64 Обамејанг Бамфорд 0 3 (-4) 1
9 Даниел Стојановски +7 51891 68 1884 66 Кејн Обамејанг FH 12 0 62
10 Александар Настовски -2 55424 38 1881 69 Кејн Dallas 0 2 0