ФПЛ лекции: Дваесет и шесто коло

Со победата над Норич која беше 17-та по ред, Јирген Клоп стигна до нов клупски рекорд, односно во првите 250 натпревари како менаџер на Црвените стигна до 153 победи. Со тоа го поправи досегашниот рекорд на Кени Далглиш кој броеше до 152 победи.

Евертон 3:1 Кристал Палас

Анчелоти го подобри Евертон, тоа е факт. Нова заслужена победа, која во прашање за момент ја доведе само лошата интервенција на Пикфорд (5,3). Гол за Бернар (6,4) по пауза од 16 кола, и како да подзаборавивме што овој играч може да понуди. Сепак знаеме што можат напаѓачите Ричарлисон (8,1) и Калверт-Луин (6,1) – секако најдобрите двајца под водство на Карло. Тие ја најавија и потврдија победата за Карамелите, со деветтиот односно единаесеттиот гол сезонава, откако претходно Бентеке (5,7) беше подарен со гол од Пикфорд. Сепак, заслужена единица.

Брајтон 1:1 Вотфорд

Дефиниција за реми. Вотфорд водеше и играше во првиот дел, но сосема друга екипа се појави во продолжение на натпреварот. Дукуре (5,7) важи за одличен играч, но со доаѓањето на Пирсон буквално експлодираше. Три гола и две асистенции во последните 7 натпревари за играчот кој доби поофанзивна улога со новиот менаџер. Играчите на Вотфорд постигнаа уште еден гол, но за нивна несреќа во сопствената мрежа, дело на Мариапа (4,2). Кај домашните добар натпревар имаше Пропер (4,8).

Шефилд Јунајтед 2:1 Борнмут

Лорд Ландстрам (5,0) is back! Гол по цели 14 кола пауза, и тоа победоносен. Само тој и асистентот Иган (4,6) забележаа повеќе од 2 поени во одбраната на Шефилд. Сечилата победија со пресврт, откако претходно К.Вилсон (7,4) на асистенција на Х.Вилсон (5,8) донесе предност за Црешите. Сепак ветеранот Шарп (5,6) со многу важен гол пред полувремето го израмни резултатот, за Ландстрам на 4 минути пред крајот да ги постави конечните 2:1.

Вулверхемптон 0:0 Лестер

Добар натпревар, за жал без голови. Рамноправност во поседот на топката, но шансите сепак на страната на Волците. Три шанси за гол (сите со глава, од кои една особено изгледна) пропушти Хименез (7,8), а по еднаш со заканија Жота (6,1) и Боли (4,7) кој постигна гол, но ВАР за милиметри го поништи поради недозволена позиција. Доерти половина натпревар играше со расекотина и крвава глава! Кај гостите не се издвои ниту еден, Варди (9,7) беше тивок, а Чадури (4,3) заработи два жолти картони.

Саутемптон 1:2 Барнли

Веќе навикнавме да го гледаме Ингс (7,1) во главната улога. Во овој случај тој прво „кумуваше“ за воведниот гол на Барнли, бидејќи ја остави топката која одеше во голот директно од корнер, а тоа го изненади Мекарти (4,4). Одличниот стрелец потоа брзо се поправи, и стрелаше за 1:1. Стивенс (4,4) пропушти шанса за целосен пресврт откако стрелаше во пречката, а сето тоа го искористи Видра (5,3) кој го постигна својот прв премиерлигашки гол по 18 месеци. Саутемптон заслужи реми, и за таквно нешто можеби беше спречен и од ВАР, кој не виде очигледна игра со рака од Ми (5,0).

Норич 0:1 Ливерпул

Навидум нималку лесен натпревар за Ливерпул, но годинава Црвените победуваат како на норма. Отворен и интересен натпревар, кој ќе ги задоволеше вкусовите дури и да завршеше со најнепопуларниот резултат. Домашните ја имаа најголемата шанса во првиот дел, кога Руп (4,5) излезе сам пред Алисон (6,1), но сакајќи да биде несебичен и да асистира до Пуки (6,5), таа топка ја пресече феноменалниот гостински голман. Во вториот дел Клоп му даде минути на Мане (12,2) кој се врати по повредата, и секако овој му се оддолжи со гол. Домашните бараа фаул во напад, кој се чини за премиерлигашки стандарди дека го немаше, и Сенегалецот со својот дванаесетти гол ги освои сите три бода, за вкупно 76 бода по 26 кола. Нереално, зар не?

Астон Вила 2:3 Тотенхем

Победа на Тотенхем во Мурињо стил. Многупати сме биле сведоци на тоа да екипите кои ги води португалецот освојуваат три бода во последните моменти од натпреварот. Така беше и овој пат. Прво, Алдервајрелд (5,3) стрелаше на двете страни, а потоа и Сон (10,0) од одбиена топка по претходно промашен пенал донесе водство, а Енгелс (4,4) од прекин го израмни резултатот – секако на асистенција на Грилиш (6,7). И кога сите мислевме дека ќе бидат поделени бодовите, катастрофална грешка на Енгелс, за Сон да излезе сам со Реина, а Кореецот не греши од такви ситуации. Тешки но големи три бода за Спарси од Бирмингем, во борбата за Европа.

Арсенал 4:0 Њукасл

Меч со две полувремиња. Неквалитетно прво, но Арсенал каков што сакаме да гледаме во второто. Играч на натпреварот – Сака (4,5). Веднаш до него би го издвоиле Пепе (9,1) како најпродуктивен со две асистенции и гол. Конечно по подолго време погодија и Лаказет (9,3) и Озил (7,2) за убедлив триумф на Топџиите по враќањето од Дубаи. Гостите одиграа одлично прво полувреме, но се распаднаа во продолжението. Најопасен во нивниот табор беше Сен-Максиман (5,4), кој погоди и статива во вториот дел.

Челзи 0:2 Манчестер Јунајтед

Прво полувреме од типот „ништо:ништо“, и кога сите очекуваме свиреж за пауза, Ван-Бисака (5,3) одлично го пронајде Марсијал (7,9), а овој уште подобро донесе гостинско водство. Во вториот дел се играше подобар фудбал на двете страни, а по еден прекин на Фернандес (8,0), Мегваер (5,2) беше највисок во скокот за 0:2. Мораме да напоменеме дека ВАР го поддржа Јунајтед во три наврати, од кои барем еден беше доста дискутабилен. Сеедно, останува впечатокот дека во ситуација кога е отсутен Абрахам, сигурно Жиру (6,6) мора да добие повеќе минути, а во Манчестер некако полесно се игра кога има одличен плејмејкер во тимот. Несомнено Бруно ќе биде огромно засилување за Црвените ѓаволи.

Манчестер Сити 2:0 Вест Хем

По веста за казната од УЕФА, Сити како да се налути, па иако не резултатски, сепак Вест Хем беше збришан од Итихад. Под диригентската палка на маестро КДБ (10,8), Сити ја играше својата препознатлива игра, па Жезус (9,5) во неколку наврати да беше повнимателен – овој резултат можеше да биде и многу поголем. Клиншит број 11 за небесносините, а во последно време тоа е случај на секој втор натпревар. Иако е решен шампионот, сепак делува дека Сити ќе одигра силно до крај.

Заклучок

Ентони Марсијал е третиот играч на Манчестер Јунајтед што постигнал гол против Челзи и на Олд Трафорд и на Стенфорд, а пред него тоа им успеало уште на Кантона и Руни. Сон има четири напаѓачки учиноци на четирите последни премиерлигашки натпревари, остварувајќи во просек по 7,8 поени по натпревар.
Со последната победа, Ливерпул забележа уште еден интересен рекорд. Имено по 26 одиграни кола, во топ 5 лигите, рекордот го држеше Барен Минхен, кој со Пеп Гвардиола имаше 24 победи и 2 нерешени. Но Клоп и Црвените ова го поправија со 25 победи и само еден нерешен натпревар!