ФПЛ лекции: Дваесет и седмо коло

Френк Лампард е првиот менаџер кој успеал да го победи Жозе Мурињо на двата први премиерлигашки натпревари против него (22.12.2019: Тотенхем 0:2 Челзи; 22.02.2020: Челзи 2:1 Тотенхем).

Челзи 2:1 Тотенхем

Ученикот подобар од учителот. Жиру (6,5) докажа дека не е за фрлање, и дека секако е подобра опција од Батшуаји. Маунт (6,1) играше добар натпревар, за Алонсо (6,0) играше како во најдобрите денови. Абрахам (7,6) влезе од клупа, и делуваше остро и гладно за голови, а освен по левата страна, Челзи блескаше и по десната страна. Џејмс (5,0) со нов добар натпревар, сериозно се наметнува годинава. Кај белите, Мура (7,1) имаше добра шанса на стартот, Ламела (5,7) влезе од клупата и делуваше енергично, а право чудо е како Ло Селсо (7,3) се спаси од заработување на директен црвен картон.

Кристал Палас 1:0 Њукасл

Кристал Палас можеше да забележи и повисока победа, но расположениот Дубравка (5,0) спречи такво нешто. Најопасно по неговиот гол беа Ају (5,0), Заха (6,8) и Ван Анхолт (5,5), а токму последниот го постигна и единствениот гол, доволен за победа. Њукасл повторно беше доста лош, единствените обиди му беа од далечина, и се чини дека сеуште ќе водат тешка борба во долниот дел на табелата.

Барнли 3:0 Борнмут

Чуден натпревар во кој Борнмут имаше неколку убави шанси за гол, а сепак загуби со 3:0. Х.Вилсон (5,8) и К.Вилсон (7,4) беа во главните улоги, два поништени гола од кој еден посебно сомнителен, но сепак тоа не беше добар ден за Црешите, за среќа на Поуп (4,7). Мекнил (6,0) одличен, посебно во вториот дел, а Видра (5,3) продолжува да ги користи своите шанси и минути на теренот. Втор гол, на двата последни и нецелосно одиграни натпревари.

Шефилд 1:1 Брајтон

Фантастична завршница од Стивенс (5,1), кој потоа поради повреда не се врати во игра во вториот дел. Флек (5,1) имаше една шанса за гол, Мекбурни (5,7) на двапати се закани, а Норвуд (4,9) ги држеше конците во средината, која имаше поголем посед на топката. Сечилата се одлична екипа, која продолжува да живее во сонот за игра во Европа догодина. Голот за реми падна по прекин, дело на Мопе (5,8) кој погоди по пауза од 9 меча. Ландстрам (5,0) повторно почна од клупата, но по влегувањето лесно можеше да поцрвени по еден старт над Данк.

Саутемптон 2:0 Астон Вила

Едно од најлошите изданија на Вила сезонава. Светците доминираа, Ингс (7,1) промаши зицер, а еден и создаде за Џенепо (5,2) но Реина (4,5) беше поуспешен. Одличен во последно време е Армстронг (5,2), кој трет пат погоди на последните 6 натпревари. Грилиш (6,7) беше тотално неутрализиран, а во една таква ситуација и целиот тим на Астон Вила делува немоќен, и сериозно почнува да гори црвеното светло наречено – Чемпионшип.

Лестер 0:1 Манчестер Сити

Тесен меч, во смисла на шанси. Варди (9,7) ја погоди стативата излегувајќи 1 на 1 со Едерсон, а Лестер немаше среќа да добијат барем еден пенал на овој меч. Но пенал добија гостите, кој не успеа да го реализира Агуеро (12,0), па тешко е да се претпостави дали тој и понатаму ќе ги добива овие задолженија. Гол за Сити сепак стигна, дело на замената за Кун – Жезус (9,5), кој на асистенција на поранешниот Лисец Махрез (8,5), го постави конечниот резултат. Токму Махрез беше еден од подобрите на теренот, секогаш расположен против Лестер, кој му создаваше големи главоболки на Чилвел (5,6) по таа страна на теренот.

Манчестер Јунајтед 3:0 Вотфорд

Бруно Фернандес (8,2)! На јунајтед очајно им требаше ваков играч, на кого ќе се базира голем дел од својата игра, одличен плејмејкер, но и убиствен пред противничкиот гол. Вистински потег на Оле и управата. Првенец од пенал, и втора асистенција во третиот натпревар за Португалецот, доволно за да биде играч на натпреварот. Марсијал (8,0) исто така врза две кола со гол, од кој овој беше посебно мајсторски. Гол и за младиот бисер Гринвуд (4,3), петти сезонава. Манчестер Јунајтед влегува во добра серија, а врза и три натпревари со ред како забележува клиншит.

Вулверхемптон 3:0 Норич

Иако очекувавме заморот да биде видлив кај Волците по натпреварот во ЛЕ, сепак момците на НЕС го збришаа Норич, и полека станува јасно дека Канаринците се најголем фаворит за враќање во Чемпионшип. Иако поседот на топката беше во корист на гостите, головите беа за домашните. Жота (6,1) се разигра, па по хет-трикот во ЛЕ, сега придодаде уште два гола, и една асистенција. Гол и за Хименез (7,8), кој го постигна својот 12-ти сезонава, и дојде само на гол од својот минатогодишен скор.

Арсенал 3:2 Евертон

Можеби најинтересниот натпревар колово, но секако најефикасниот. Артета повторно изненади со стартиот состав, особено со Нкетиа (4,3), меѓутоа младиот напаѓач возврати со гол. Сака (4,5) рано влезе во игра место Колашинац, и веднаш ја запиша својата нова асистенција. Обамејанг (10,9) повторно ќе биде во најтесната борба за златната копачка, па со новите два гола (од кој еден во Анри стил) се израмни со Варди на врвот од листата на најдобри стрелци. Кај Карамелите ништо ново. Тие летаат на крилата на своето убиствено дуо Калверт-Луин (6,2) и Ричарлисон (8,2). По еден гол за двајцата, 12-ти односно 10-ти, но недоволно за бод од Емирејтс.

Ливерпул 3:2 Вест Хем

Неочекувани проблеми за Ливерпул, сепак на крајот нова победа. Раното водство преку Вајналдум (5,4) најави рутинска победа, но Диоп (4,3) и Форналс (6,0) донесоа пресврт и немир по подолго време на црвената клупа. Сепак, ужасниот ден на Фабијански (4,9), кој имаше вина и за првиот гол, се продолжи со катастрофална интервенција по шутот на Салах (12,8), за израмнување. Потоа некако очекувано, Мане (12,3) донесе водство, а зголемувањето на победата на истиот играч беше спречен од ВАР. Кај асистентите ништо ново, две нови асистенции за ТАА (7,7), и една за Робертсон (7,0).

Заклучок

Арсенал нема пораз во 2020 година, на 10 натпревари во сите конкуренции, со 6 победи и 4 нерешени средби. Артета продолжува да го крева лондонскиот гигант. Мејсон Гринвуд го постигна својот 11-ти гол во сите конкуренции сезонава, најмногу од сите тинејџери во Премиер лигата. Конор Коуди ја одиграл секоја минута на последните 100 натпревари за Вулвси, што датира од октомври 2017 година.