ФПЛ лекции: Дваесет и осмо коло

Рекордот на Арсенал од сезоната 2003/2004 остана несрушен. Ливерпул и Клоп запрени на 44 натпревари без пораз.

Норич 1:0 Лестер

Фенерџијата се фаќа за сламката за спасот. Голема победа над фаворитот Лестер, иако во поголем дел од мечот не делуваше дека ќе добиеме таков епилог. Лисиците доминираа во првиот дел, и имаа свои шанси преку Прат (5,3) и Перез (6,2), а во вториот дел замената за Варди – Ихеначо (5,7) постигна ефектен гол, но истиот беше поништен поради офсајд. Тогаш почна да игра и Норич, најзабележлива улога имаше Дуда (4,8) кој ги имаше и најдобрите обиди за гол, но тој толку посакуван гол за победа беше дело на Луис (4,4), негов прв сезонава.

Брајтон 0:1 Кристал Палас

Доминацијата, поседот и шансите за Брајтон, но трите бода за гостите од Лондон. Брајтон осум меча не знае за победа, и тоа му донесе само бод предност од опасната зона. Нападот им е неутрализиран, а напаѓачите не успеваат да го реализираат ниту она што другите го создаваат за нив. Мопе (5,8) има само еден гол на последните 11 меча. Кога тие не знаеја, знаеше гостинот. Тандемот Бентеке (5,7)Ају (5,1) се врза за седми гол сезонава за Ганецот, а одбраната предводена од Гуаита (5,1) со 8 интервенции успеа да запише втор клиншит по ред.

Борнмут 2:2 Челзи

Челзи не успеа да ја награди со победа одличната форма на Алонсо (6,0). Шпанецот повторно игра одличен фудбал, и повторно е убиствен пред противничкиот гол. Овој пат два гола на еден натпревар, или три на последните два меча. Првиот гол беше за водство кое траеше дваесетина минути. Тогаш пукна одбраната на Сините, која е најслаба алка во нивната игра сезонава. Кинг (6,1) и Лерма (4,8) за целосен престврт, но Шпанецот со својот втор гол ги постави конечните 2:2. Добар натпревар за Педро (6,8) кој ја забележа првата асистенција сезонава.

Њукасл 0:0 Барнли

Единствениот натпревар без голови ова коло. Клиншит и за двете одбрани, што можеби им одговараше на гол дел од фпл менаџерите. Шансите беа сепак за домашните, двете најубави ги пропушти Гејл (5,0), а најзабележани поединци во домашниот тим беа Алмирон (5,8) и Ричи (5,3) кои создадоа но и се најдоа во една шанса за гол. На крајот најнепопуларниот резултат, но некако и беше за очекување.

Вест Хем 3:1 Саутемптон

Првичен шок за фпл менаџерите беше оставањето на Ингс (7,2) на клупата за резерви. Тој доби голем дел од второто полувреме, но сепак остана без ефект. Три различни стрелци за Чеканите, Алер (6,8), Боувен (6,5) и Антонио (6,9), но одличен со две асистенции беше Форналс (6,0). Светците го имаа поседот на топката за кој најзаслужен беше и асистентот Ворд-Праус (5,7) за единствениот гол на Обефеми (4,9). По двата порази, ова беше многу важна победа за лондонскиот тим.

Вотфорд 3:0 Ливерпул

Изненадувањето на колото, и можеби на сезоната. Главна ѕвезда на натпреварот – Сар (6,3)! Уште во првиот дел делуваше дека ова ќе биде тежок натпревар за Ливерпул, но она што се случи во продолжени тешко кој го очекуваше. Освен Сар и Дини (6,2) се запиша во листата на стрелците, Дукуре (5,6) повторно одличен на средината на теренот, но што да се каже за одбраната која го остави идниот шампион на нула. Клиншит за Стршлените, феноменална партија на целокупната одбрана во жолто-црвени дресови, особено Масина (4,3) и Кико (4,2) по страничните позиции.

Евертон 1:1 Манчестер Јунајтед

Доста тежок и груб натпревар, но разбирливо бидејќи беше од голема важност за двата тима, кои бркаат ЛШ догодина. На 7-те жолти картони му се придодаде црвениот на Анчелоти по крајот на мечот. Глупоста на Де Хеа (5,4) го чинеше Јунајтед негатива. Тринаесетти гол за Калверт-Луин (6,4), трет по ред. Сепак гостите сега го имаат Фернандес (8,3), кој навестува дека ќе биде голем играч. Иако кумуваше Пикфорд (5,3), сепак Португалецот одлично стрелаше. Добар натпревар за Матиќ (4,8), а изненадувачки лош за Сидибе (5,1). Се чини фер реми, иако ВАР ја заплетка работата на крајот поништувајќи еден гол за домашните. Оправдано или не, па да речеме дека се поделени мислењата.

Тотенхем 2:3 Вулверхемптон

Тотенхем на двапати водеше, на крајот огромни три бода за Вулвси. Доерти (6,2) почна да игра во минатогодишната форма, па по минатонеделната асистенција, сега забележа нова асистенција, но и гол. Истото може да се каже и за Жота (6,3), кој на последните два меча има 3 гола и 2 асистенции. Оваа го заслужи и приматот – играч на натпреварот. На листата на стрелците се запиша и Хименез (8,0), за кого ова исто е втор врзан гол на последните две средби. Во тимот на Мурињо најдобар поединец беше новото засилување Бергвајн (7,5), но еден располежен играч не е доволен за победи на Спарси, кои очигледно се во криза без главните напаѓачи.

Заклучок

Ник Поуп и Бруно Фернандес беа единствените двајца играчи, поседувано од повеќе од 10% од фпл менаџери, кои забележаа двоцифрени бројки ова коло. Голот на Бруно беше 900-ти гостински гол на Манчестер Јунајтед во Премиер лигата.
Вотфорд е херојот на Арсенал. Имено тие со победата над Ливерпул им одбранија 2 рекорда на Топџиите – остварување на цела сезона без пораз и низ од 49 натпревари без пораз.