ФПЛ лекции: Дваесет и деветто коло

Ливерпул не го сруши рекордот на непобедливиот Арсенал, според континуран низ од натпревари (па и цела сезона) без пораз. Сепак во 29-то коло Црвените ја забележаа 27-мата победа сезонава, а Арсенал во таа 2003/04 имаше „само“ 26 победи.

Ливерпул 2:1 Борнмут

Ливерпул им се врати на победите, иако потешко од очекуваното. ВАР во центарот на вниманието, па по еден очигледен прекршок во напад, истиот не беше досуден, па Борнмут преку К.Вилсон (7,4) го шокираше Енфилд. Но овојпат нападот на Ливерпул не дозволи изненадување, па веќе до полувремето видовме пресврт. Салах (12,7) и Мане (12,4) со по гол, а вториот и асистенција, го свртеа мечот за Клоп. Во вториот дел постоеше само една екипа, но до крајот Црвените не постигнаат и трет гол за полесно дишење. Но три бода поблизу до титулата, и Атлетико Мадрид на репертоарот.

Арсенал 1:0 Вест Хем

Арсенал се мачеше 90 минути, но остана со надежи за топ 4. Вест Хем ги имаше своите две шанси во првиот дел, преку Боуен (6,5) и Антонио (6,9), но не успеа да ги искористи. Арсенал најсериозно се закани преку Сократис (4,8), кој ја погоди пречката. Пепе (9,2) не беше опасен, а Нкетиа (4,3) како да не постоеше покрај Диоп (4,3) и Огбона (4,5), па Артета му даде шанса на Лаказет (9,3). Французинот како џокер го реши мечот, преку ВАР признат гол, прв пат за Арсенал сезонава. Уште еднаш одличен Сака (4,6), но стабилноста во одбраната беше дело на сигурниот Лено (5,0) со 6 интервенции.

Кристал Палас 1:1 Вотфорд

Сосема изедначен натпревар, во кој беше извесно дека може да одлучи еден потег. Ају (5,1) постигна гол, и го реши победникот, што беше негов втор по ред, односно вкупно осми сезонава. Меѓу стативите повторно одличен Гуаита (5,1), кој како и целата одбрана на Палас, го забележа третиот клиншит по ред. Кај Вотфорд најдобрата шанса ја пропушти Дини (6,2), но се чини дека капитенот на Стршлените е примамлива опција во ситуација кога тимот грчевито се бори за опстанок.

Шефилд Јунајтед 1:0 Норич

Лорд Ландстрам (4,8) се враќа. 90 минути, асистенција, клиншит и 3 бонус поени (вкупно 12). Одличен потег за оние фпл менаџери кои сѐуште го задржаа во своите тимови. Освен голот, Ландстрам имаше уште еден добар шут од далечина, и една добра шанса која Крул (4,5) успеа да ја одбрани. Ветеранот Шарп (5,6) го реши мечот, со само третиот негов гол сезонава, но втор на последните три меча. Десетти клиншит за Хендерсон (5,2) и одбраната на Шефилд кои сѐуште се на „европска“ позиција, додека пак Норич сѐ поизвесно е дека се враќа во Чемпионшип.

Саутемптон 0:1 Њукасл

Мекарти (4,5) е херојот на овој меч, иако не забележа клиншит, ниту пак неговиот тим освои барем бод. Голманот на Светците брилираше со 7 интервенции, меѓу кои еден одбранет пенал на Ричи (5,3), и два неверојатни зицери. Саутемптон од 28-та минута играше со играч помалку, по невнимателниот старт на Џенепо (5,2). Сепак трите бода заминаа за Њукасл, а беа дело на Сен-Максиман (5,4) кој го постигна само вториот гол сезонава, но видлива беше неговата форма, и прашање на време беше кога ќе се запише во листата на стрелците. Одбраната на Њукасл беше на висина на задачата, за втор клиншит по ред, со Фернандез (4,5) како нејзин командант на овој натпревар.

Вулверхемптон 0:0 Брајтон

Би рекле неочекувано реми без голови, особено што Брајтон 8 кола не знаеше за клиншит. Малку шанси, или ако сакате добри одбрани на двете страни, иако голманите не беа многу вработени. Само по еден директен удар на голот, и на двете страни. Две шанси би издвоиле за Хименез (8,0) во домашниот тим, но пред сѐ вреди за издвојување настапот на Саис (4,6), кој е сѐ поинтересен и за фпл менаџерите, но се чини дека одбраната на Волците е многу постабилна кога во нејзе е Боли (4,8). Брајтон не прими гол на овој натпревар, но тоа треба да продолжи и во наредните кола, а следуваат Арсенал и Манчестер Јунајтед.

Барнли 1:1 Тотенхем

Се зголемуваат проблемите за Мурињо. По двата порази, следуваше извлечено реми на Турф Мор. Велиме извлечено, бидејќи Барнли беше подобар противникм особено во првиот дел. Мекнил (6,0) најистанкнат поединец по таа лева страна на нападот, а Вуд (6,1) најснаодлив пред противничкиот гол, за 11-ти првенствен гол. Кај Спарси Лорис (5,3) стандардно добар со 6 интервенции, Али (8,3) конечно погоди од пенал, но Бергвајн (7,5) изигра цели 90 минути, а тоа се покажа кобно, бидејќи се здоби со повреда која можеби ќе го оддалечи од теренот до крајот на сезоната.

Челзи 4:0 Евертон

Кога последен пат сте виделе една екипа на Анчелоти да биде вака згазена? А беше во западен Лондон. Тотална доминација на Сините на Лампард, надополнети со 4 парчиња во мрежата на репрезентативниот чувар Пикфорд (5,3), кој притоа забележа и одлични 7 интервенции. Одличен Баркли (5,6) со две асистенции, односно 4 на последните 3 натпревари. Одличен и Вилијан (6,9) со гол и аистенција. По еден гол на Маунт (6,1) и Жиру (6,5), но Гилмор (4,5) повторно еден од најстабилните поединци на теренот. Кај Карамелите една голема шанса за гол пропушти Калверт-Луин (6,4). Катастрофално издание на целосната екипа на Евертон.

Манчестер Јунајтед 2:0 Манчестер Сити

Каде беше овој Јунајтед во поголемиот дел од сезоната? Одлична игра и во двата правци, и сосема заслужена победа. Ван-Бисака (5,3) феноменален во одбраната, Де Хеа (5,4) стабилен на голот. Фернандес (8,4) движеше во средината, а Марсијал (7,9) искористи една од двете големи шанси за гол. На спротивната страна, едно од најлошите изданија на Едерсон (6,0), директен виновник за двата гола. Стерлинг (11,7) се обидуваше нешто – но неуспешно, а Кун (11,9) тотално невидлив, освен голот од офсајд. По влегувањето на Махрез (8,4), тој беше најопасниот поединец во гостинската екипа. Но Пеп се коцкаше. Ем без КДБ, ем со неочекувано голема ротација.

Лестер 4:0 Астон Вила

Лестер го задржува патот кон ЛШ догодина, а на Астон Вила ѝ се покажува патот кон Чемпионшип. Тотална доминација на Лисиците, со Барнс (6,1) во главната улога, два гола и една асистенција. Варди (9,6) почна од клупата, но се врати во тимот, постигнувајќи нови два гола, навистина еден од сомнителен пенал, но се бројат 19. Одбраната со клиншит, но би го истакнале и Еванс (5,2) со две убави шанси по прекин. Грилиш (6,5) неутрализиран, па со тоа и цела Астон Вила.

+ Манчестер Сити – Арсенал (одложена)

Заклучок

Ливерпул забележа интересен рекорд. Имено по 16-ти пат во Премиер лигата водел на полувреме, иако претходно прв примил гол, односно бил во негатива. Освен тоа Ливерпул врза 22 победи на својот стадион, а на 55 последни мечеви таму, не знае за пораз. Садио Мане е директно вклучен во 9 гола на последните 7 натпревари на Енфилд (5 гола и 4 асистенции). Мо Салах го постигна 70-от премиерлигашки гол за Ливерпул во 100-от натпревар, со што ги помина Фернандо Торес и Луис Суарез на таа листа. Арсенал за прв пат сезонава врза 3 првенствени победи по ред. Манчестер Јунајтед за прв пат по пензионирањето на Фергусон, два пати во иста сезона го победи градскиот ривал Сити. Бруно Фернандес 5 пати донел напаѓачки поени по неговото деби за Јунајтед, највеќе од сите играчи, а Ентони Марсијал стигна до бројката од 11 гола, со што го израмни досегашниот негов најдобар скор.