Тим за дваесет и седмо коло

Дваесет и шестото коло за нас беше прилично просечно: Редмонд и Махрез не ни одиграа ниту минута, ама за среќа Сон, Калверт-Луин, Ван Дајк и Иган нè покрија со поени. Како и сите други, и ние го утнавме капитенот (Салах) и третиот напаѓач (Агуеро). Сè на сè, 57 поени – или само 1 поен над просекот за колото.

Ова коло ќе играме со 3-5-2 формација – и релативно добра клупа.

Голман

https://www.burnleyfootballclub.com/siteassets/image/matches/2018-19/1st-team/manchester-city-a-fa-cup/pope.jpg/Large

Имавме голема дилема дали да комбинираме голман од Шефилд и играч од обрана на Барнли или обратно. Се одлучивме за второто – најмногу заради тоа што ни изгледа дека во случај на незачувани чисти мрежи, Ник Поуп (4,7) против Борнмут би можел да има повеќе одбрани од Хендерсон против Брајтон. Поуп е вториот најдобар голман сезонава, а Барнли не прими гол од Борнмут во првиот нивен меѓусебен натпревар сезонава (на гости).

Одбрана

https://img.bleacherreport.net/img/images/photos/003/847/866/hi-res-158d15ce7abfde85bc27afa4c0d47874_crop_north.jpg?1579279238&w=3072&h=2048

Што и да кажеме за Трент Александер-Арнолд (7,7) ќе биде излишно: Англичанецот има клиншит, гол или асистенција (или комбинација од две-три) од седумнаесетто коло наваму). Со други зборови, неговиот просек за последниве десет кола е застрашувачки 8,5 поени по коло! Друго нешто што нè плаши: колку ќе вреди ТАА на почетокот на наредната сезона?

Манчестер Јунајтед некако ја подобри одбраната последниве неколку кола, па, верувале или не, Хери Мегваер (5,2) – благодарени на четири клиншита и голот против Челзи – е петтиот најдобар дефанзивец во лигата последниве 6 кола. Да биде уште поинтересно: ако се изземат дефанзивците на Ливерпул (ТАА, Ван Дајк, Робертсон и Гомез), ниту еден одбранбен играч нема собрано повеќе поени од капитенот на Јунајтед од дваесетто коло па наваму (38), а само Аспиликуета (36) е меѓѕ него и неговиот соиграч Ван-Бисака (28). Со други зборови, иако се под радарот, дефанзивците на Црвените Ѓаволи ветуваат поени – сигурно против Вотфорд повеќе отколку против нивните наредни противници.

Нема многу нешта што ни оставија впечаток сезонава како квалитетот на одбраната на Шефилд Јунајтед, а Џон Иган (4,6) е еден од одговорните за тоа. Сечилата го пречекуваат Брајтон кој, како што пишавме во најавата за колото, има исклучително лош скор на гостински терен, па и покрај тоа што Шефилд игра полошо пред сопствените гледачи отколку на гости, би требало да нема проблем да ја зачува нечпепната својата мрежа уште еднаш.

Средина

Мохамед Салах (12,8) нè разочара минатото коло со Норич, а не покажа нешто особено ниту во ЛШ против Атлетико Мадрид. Ама колку пати сте го виделе Египѓанецот да не покаже ништо три натпревари со ред минативе три години? Не е без причина тоа што Мо беше најдобриот ФПЛ играч минатите две сезони и што и годинешнава се стреми кон истата привилегија. Против една од најлошите одбрани во лигата (Вест Хем) – згора на сето тоа и без Фредерикс – невозможно е да не му ја доделиме капитенската лента (C). Најпосле, пред само три кола, во двојното, Салах собра 14 поени против Чеканите – зошто би имал проблеми да го повтори скорот? Најпосле, има перфектен биланс против Вест Хем: вкупно 5 гола (по еден на секој од 5-те натпревари), плус уште 2 асистенции.

Заменик-капитенската трака (VC) оди на раката на неговиот соиграч, Садио Мане (12,2). Спасителот против Норич беше изваден на полувремето против Атлетико Мадрид, па не би требало да има пречки да изигра 90 минути против Вест Хем. Мане се повреди во првиот натпревар од двојното коло, па првиот натпревар со Вест Хем воопшто н не го одигра, а екипата на Дејвид Мојс и така имаше проблеми да се справи со непрестаните напади на Црвените од Енфилд. Со Мане во екипата, нема да знае ниту од каде да се чува попрво: Сенегалецот има 4 гола и 3 асистенции на 8 натпревари против Вест Хем. 3 од головите се на петте домашни натпревари.

Во отсуство на Маркус Рашфорд, Манчестер Јунајтед чека многу од Ентони Марсијал (7,9), а за нивна среќа, Французинот и дава доволно за да може да се надеваат на пласман во Лигата на шампионите наредна сезона. Вчера, против Бриж, изигра сосема солиден натпревар и постигна добро изработен соло-гол. Уште поубав беше оној со глава на Стемфорд бриџ. Со Вотфорд, Црвените Ѓаволи имаат нерасчистени сметки од првиот натпревар сезонава, а со Бруно Фернандеш во екипата, треба да имаат и доволна поддршка од средината за да можат да ја разбијат добрата одбрана на Стршлените без да се потпираат на контра-напад. Марсијал го мислевме и за капитен.

Адама Траоре (5,8) сезонава не се претвори само во кошмар за противничките одбрани, туку и во фокусна точка за тренерите на противничките екипи. Кога Вулвс го има Траоре во тимот, не можете да играте отворен фудбал – дури и Ливерпул играше со поповлечени бекови против нив, а Сити не можеше и така да ги спречи лавиринтските продори на Шпанецот. Норич ја има втората најлоша одбрана сезонава и, и покрај значителните подобрувања периодов, едноставно ја нема конституцијата да се брани против некој како Траоре.

По сета веројатност, Џек Грилиш (6,7) ќе одигра уште десетина натпревари за Астон Вила – наредната сезона нема да биде само во друг дрес, туку и многу поскапа ФПЛ инвестиција. Сега е доволно евтин и конзистентен за да биде во 52% од Топ 1000 тимовите во светот: само шест играчи имаат повисок сопственички процент (Салах, КДБ, ТАА, Ингс, Ландстрам и Варди). Два гола и две асистенции во последниве 6 кола за Англичанецот значат и 44% вмешаност во тимските голови во истиот период, во кој само Салах (25) и Сон (18) од сите средњаци шутнаа повеќе пати од опасната зона од Грилиш (11). Саутемптон е постабилна екипа од Астон Вила и би требало да ја победи – ама Астон Вила секогаш дава гол. А Грилиш, во половина од тие случаи, собира поени.

Напад

https://i.ytimg.com/vi/JertIO-cVJw/maxresdefault.jpg

Ако Грилиш е вмешан во 44% од головите на својот тим, Раул Хименез (7,8) е вмешан речиси 50%: има 11 гола и 6 асистенции (17 вкупно учества) во 35-те гола на Вулвси. Според нас, Мексиканецот е еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лига и навистина ни е чудно како нема некој поголем интерес од Топ 6 екипите. На гости, против Норич, Хименез постигна гол за победа (и собра 7 поени), а дома би можел да направи уште повеќе.

Ако се изземат пеналите, Дени Ингс (7,1) е најдобриот стрелец во овогодинешната премиерлигашка сезона. Запрепастувачки податок – ама само за оние што не ги гледаат Светците. Кога Ливерпул го купи Ингс од Барнли во 2015-та, веројатно очекуваа нешто вакво од Англичанецот. 3 гола на последниве 6 натпревари значат дека само Агуеро има подобар напаѓачки скор меѓу сите напаѓачи од Ингс (6); само тој (Кун), неговиот соиграч (Жезус) и Фирмино имаат повеќе шутови на гол од осумте на Ингс. Згора на сето тоа, Астон Вила има сериозни проблеми со одбраната: никој нема примено повеќе од нивните 14 гола последниве 6 кола.

Клупа

https://i.dailymail.co.uk/1s/2020/02/20/21/24996590-0-image-a-52_1582235383927.jpg

Во Лига Европа, Диого Жота (6,1) игра како оној Жота од минатата сезона: по вчерашниот хет-трик, има 7 гола на 5 натпревари. Во Англија, во 26 кола, има само 3. Ама по она што го видовме со Еспањол, ни се чини дека Жота би можел да биде изненадувањето на колото: Португалецот нè навикна минатата сезона на квалитетни пробиви и одлично партнерство со Хименез и ни се чини дека самодовербата е единственото што го спречува да почне да собира поени како лани. А ако вчерашниот натпревар не му врати некаква самодоверба – ништо нема.

Чарли Тејлор (4,2) ни е на клупа, зашто Поуп ни е на гол – а и зошто се плашиме дека непредвидливиот Борнмут (па и, да бидеме попрецизни, Калум Вилсон) би можеле да ги изненадат Кларетсите. Па, сепак, не ни е сеедно што го оставаме на клупа.

Истото важи и за Џамал Ласкелс (4,3) – и покрај многуте повреди во одбраната, Њукасл би требало да може да извлече клиншит со Кристал Палас на натпревар на кој и не очекуваме голови ни во спротивна насока.

Желби и белешки

https://i2-prod.leicestermercury.co.uk/sport/football/football-news/article3873906.ece/ALTERNATES/s1200b/0_Jamie-Vardy-154.jpg

Со оглед на фактот што Сити и Лестер играат едни против други – исто како и Челзи и Тотенхем – нема многу играчи што ни е криво што ги прескокнуваме. Статистиката – а и нашите чувства – велат дека оние што го извадија Џејми Варди (9,7) би можеле да се покајат: и по признание на Пеп, Сити игра совршен фудбал (40 метри пред гол) за Варди да даде гол, па ништо чудно што и често тоа го прави против Граѓаните (6 на 13 натпревари – или 4 на 7 домашни). А и не е Варди таков играч како Жота кој би имал проблеми со самодовербата – макар и имал 8 кола без гол (најдолга серија во 3 години). Истото важи и за Кевин де Брујне (10,8) – Белгиецот ни покажа сезонава дека за него не е важен противникот. Конечно, и Бруно Фернандеш (8,1) минатово коло ни покажа дека треба да сметаме на него: би можел да биде интересен differential за колово.