Тим за дваесет и осмо коло

21 поен над просекот минатото коло – ама пак не сме најзадоволни. Како и би биле кога на клупа ни останаа 25, 6 од Тејлор и уште 16 од играчот на колото, Жота – кој погодивме дека ќе биде изненадување на колото, ама немавме храброст да го ставиме во првиот тим (да беше како лани, кога беше средњак, немаше да имаме ни дилеми).

Но, добро, и вака не поминавме лошо: од сите играчи (вклучително и оние од клупата) нè разочараа само Иган, Ласкелс, Траоре, Грилиш и Ингс. Па, не можеме премногу да се жалиме. А не можеме ниту да се жалиме со изборот што ни го нуди дваесет и осмото коло: бидејќи во него не играат четири тима (Манчестер Сити, Арсенал, Астон Вила, Шефилд Јунајтед), не беше тешко да составиме добар тим со добра клупа. А и не моравме да менуваме премногу во однос на составот од минатото коло.

Голман

На голот ни останува Ник Поуп (4,8): минатото коло ни донесе 9 поени – благодарение на клиншит, 4 интервенции и 2 бонус – но и 2 гола на Борнмут поништени со ВАР. Ова коло би требало да има уште полесна задача против напаѓачки исклучително сиромашниот состав на Њукасл.

Одбрана

https://i2-prod.leicestermercury.co.uk/sport/football/article3690072.ece/ALTERNATES/s1200b/0_Ricardo-Pereira-60.jpg

Трент Александер-Арнолд (7,7) направи уште 2 асистенции минатото коло и собра уште 10 поени. Па, сепак, иако беше во тимот на колото, оние што го имаа во своите состави може да бидат и незадоволни што не земаа уште некој поен: на ТАА му беше одземена една асистенција со ВАР, а можеше да даде уште барем 1 (ако не и 2) гола. Од цела лига, само Грилиш (16), Медисон (18) и КДБ (20) имаат повеќе обиди за асистенција од Александар-Арнолд (13) последниве 5 кола, а само Белгиецот има остварено повеќе успешни асистенции. Просекот на ТАА по коло од почеток на сезона? Страшни 6 поени по натпревар!

Тешко е да се најде начин да се покрие ТАА, но барем наредниве неколку кола, би можеле да погледнете во насока на Рикардо Переира (6,3) ако сакате да заштедите 1,5 милион. Против Норич, на гости, Переира би можел да биде повеќе од differential: Норич има дадено само 2 гола во последниве 6 натпревари, а во последните 4, Переира има повеќе допири во противничкиот шеснаесетник и шутови од гол од самиот Џејми Варди!

Многу се двоумевме околу инклузијата на дефанзивец на Њукасл во нашиот тим на колото, ама некако ни се чини дека Барнли ќе има проблем со начинот на кој играат Страчките. Оттука, ни се чини дека Џамал Ласкелс (4,3) би можел да извлече клиншит – за 4,3 ништо повеќе и не бараме.

Средина

https://www.foxsportsasia.com/tachyon/2020/02/brunofernandes-cropped_1d1b8facbxb1a10z8s0jub8mxz.jpg

Само КДБ (178) има собрано повеќе поени од Мохамед Салах (12,8) сезонава – 175. Само тој има и повеќе напаѓачки поврати (во смисла, голови + асистенции): КДБ има вкупно 24 (8 гола и 16 асистенции), а Салах, исто како и Варди, 21 (17 + 4). Во моментов се чини дека трката за најдобар ФПЛ играч на сезоната ќе биде меѓу овие двајца. Салах ќе има шанси со Вотфорд да создаде разлика во празното коло на Белгиецот. Затоа и ни е заменик-капитен – можеби и чисто колку за освежување.

На Евертон им почнува претежок период – натпревари против Топ 6 во наредни 7 кола – ама Ричарлисон (8,3) игра најдобро токму против овие тимови: дури 7 од неговите 10 гола се против Арсенал, Сити, Челзи, Ливерпул, Лестер и Вулвси. Во последниве 8 кола, Ричарлисон има 6 напаѓачки поврати (4 гола и 2 асистенции) и е втор по бројот на големи шанси (6) во кои се нашол (само Салах има повеќе: 7). Манчестер почна да игра постабилно во одбраната, ама, сепак, Ричарлисон игра толку добро под Анчелоти (во пар со Калверт-Луин) што ни изгледа вреден дури и за капитен.

Во директен дуел, од другата страна на теренот Ричарлисон ќе го пречека уште еден од играчите во форма периодов: Бруно Фернандеш (8,2). Манчестер Јунајтед е драстично подобар со Португалецот во своите редови, па навивачите на Црвените Ѓаволи можат само да жалат што Бруно Фернадеш нема да заигра заедно со Рашфорд до крајот на сезонава. Од вчера, повреден е и Марсијал, па уште поголем товар ќе има Бруно на своите рамена. Но, ако може некој да го износи, тоа е тој.

Во последниве 5 кола, Медисон и Варди немаат направено ништо, но затоа, пак, Харви Барнс (6,0) има 3 гола и 1 асистенција. Затоа и се одлучивме да го преферираме него од средината на Лестер за натпреварот против очајниот Норич. Страв ни е дека може да не почне, ама затоа имаме и петти средњак на клупа.

Напад

Џејми Варди (9,7) можеше да ја прекине лошата серија без гол против Сити, но имаше несреќа да ја погоди стативата. Со Норич веруваме дека ќе цели поточно – и очекуваме тоа да го направи повеќе од еднаш. Затоа и се одлучивме нему да му ја доделиме капитенската трака (C) во дваесет и осмото коло.

Како и минатото коло, и ова ќе го преферираме Раул Хименез (7,9) пред неговиот соиграч од нападот, Диого Жота. Ако вториов продолжи да игра во иста форма, тогаш треба да се размислат и двајцата за колата што следуваат. И двајцата одморија во Европа Лига (Хименез одигра некоја минута), па нема зошто да не играат со Тотенхем. А тимот на Жозе, пак, е во ужасни проблеми – да не спомнуваме дека и без нив имаше проблем да ја зачува сопствената мрежа.

Дени Ингс (7,1) нè разочара минатото коло, но со Вест Хем заслужува да му дадеме поправен испит. Чеканите имаат освоено само 5 поени во последниве 10 кола (најмалку во лигата), во кои имаат примено неверојатни 20 гола (втори во Премиер, зад Астон Вила – 22). Од друга страна, пак, Светците имаат дадено 9 гола во последниве 6 кола – само Ливерпул (15), Сити (12), Евертон (12) и Арсенал (11) имаат повеќе.

Клупа

https://cdn.vox-cdn.com/thumbor/KzWD7w_NY_3MzmcyTKrJeFHfExc=/0x0:3414x2276/1200x800/filters:focal(1507x412:2053x958)/cdn.vox-cdn.com/uploads/chorus_image/image/66357723/1208000524.jpg.0.jpg

Составот на Челзи во моментов е тешко да се предвиди – исто како и нивната самодоверба. А како што нè потсети нашиот најавувач, и немаат баш пријатно минато со Борнмут. Па, сепак, нешто нè влече кон Мејсон Маунт (6,1) – кој и против Баерн Минхен ни изгледаше најживо и најопасно кон противничките голови. Статистиката не е на негова страна, ама ни се чини дека вреди да се ризикува на Англичанецот.

Чарли Тејлор (4,2) пак го оставаме на клупа од страв некој случаен гол на Њукасл да не ни одземе двоен клиншит. А, искрено, очекуваме такво нешто.

Очекуваме и нов старт за Езекиел Скелото (4,0) – кој не само што може да собере некој поен од клиншит против напаѓачки слабиот Кристал Палас, туку и може да направи нешто на другата страна. На Брајтон ќе им треба и едното и другото.

Желби и белешки

https://www.thesun.co.uk/wp-content/uploads/2019/10/NINTCHDBPICT000527850741-e1570351560850.jpg

Многу ги размислувавме Волците – и тоа речиси целата нивна одбрана. Мет Доерти (6,1) и Вили Боли (4,7) нè привлекуваат најмногу, зашто има во нив и напаѓачки потенцијал. Исто таков има и во Адама Траоре (5,9) и Диого Жота (6,2) против слабиот Тотенхем, ама ајде, си рековме, да не претеруваме со потценувањето на Тотенхем. Исто така, сакавме да ставиме и некој плус играч од Челзи, како, на пример, Сесар Аспиликуета (5,8), Рис Џејмс (5,0) или (зашто би требало да почне со Борнмут), Теми Абрахам (7,6). Против волја, се откажавме од услугите на Доминик Калверт-Луин (6,2) – кој изгледа како да може да даде гол на секој натпревар – а, исто така, и од Садио Мане (12,3) – кого моравме да го жртвуваме во име на балансот. Конечно, да имавме малку повеќе пари, на местото од Ласкелс, ќе го ставевме Фабијан Шер (5,0) во одбраната: од него можеме да очекуваме и напаѓачки поени.