Анализи на минатата сезона: Ливерпул

Малку е да се рече дека Ливерпул имаше фантастична ланска сезона во Премиер лига: 97 бода, 7 ремија и само 1 пораз, 89 дадени гола и 22 примени. Ја имаше најдобрата одбрана во цела лига, двајца од тројцата најдобри стрелци (како и Обамејанг, Салах и Мане дадоа по 22 гола) и четвртиот и петтиот асистент во лига (Трент Александер-Арнолд и Енди Робертсон). Па, сепак, на крајот заврши втор, еден бод зад Манчестер Сити, единствената екипа што успеа да ги однесе сите три бода во директен дуел со нив. Како за утеха, сезоната ја завршија со титула, и тоа најголемата во Европа: Лигата на шампиони. Годинава за очекување е уште една успешна сезона во која премиерлигашкиот трофеј веројатно ќе биде и најпосакуваниот.

Клучни статистики

Со 2,34 гола по натпревар, Ливерпул беше втората најефикасна екипа во Премиер лига: Сити на крајот завршија со 2,5 гола по натпревар. Како и овде, така и во повеќето напаѓачки категории, Ливерпул беше подобар од сите освен од шампионите:

  • 15,1 шута по натпревар – наспроти 18 шута на играчите на Сити;
  • 5,9 шута во рамки на голот по натпревар – наспроти 6,8 на Сити;
  • 5,8 шута од опасната зона – наспроти 6,3 на Сити;
  • 62% просечен посед на топка – наспроти 68% посед на Сити;
  • 90% кратки додавања – наспроти 93% на Сити.

Единствената напаѓачка статистика во која Ливерпул предничи пред Сити е, до некаде и очекувано, шутовите по контра-напад: Ливерпул има 0,7 по натпревар, за разлика од Сити кој има 0,6.

На другиот крај од теренот, статистиката оди повеќе во прилог на Ливерпул: иако Сити им дозволи на противниците помалку шутови од опасната зона (3,8 наспроти 5,1 на Ливерпул), Ливерпул дозволи помалку шутови на сопствениот гол воопшто (0,58 по натпревар наспроти 0,61 на Сити) и извлече еден клиншит повеќе од својот директен ривал за титулата (21 наспроти 20 на Сити), благодарение на голот на Мари во последното минатосезонско коло што го ускрати Едерсон (6,0) од делба на наградата „Златна ракавица“ што Премиер лигата традиционално ја доделува на голманот што најмногу пати ја зачувал сопствената мрежа.

Статистика по играч

Подготовка за прво коло

Ливерпул ја почнува сезоната на Енфилд против новиот прволигаш Норич, а потоа му гостува на Саутемптон, кој заврши на шеснаесеттото место минатата сезона. После дербито со Арсенал дома, следуваат уште два релативно лесни натпревари: Барнли на гости и Њукасл пак на Енфилд. Имајќи предвид дека букмејкерите очекуваат барем 4 клиншита на Ливерпул во овие пет натпревари и предвидуваат дека Ливерпул ќе постигне двоцифрен број голови во периодот, тешко е да се замисли ФПЛ менаџер што не би сакал да ја почне сезоната со тројца Ливерпулци. Не е ни чудно што Ван Дајк, Робертсон и Трент Александар-Арнолд (по тој редослед) се тројца од четворицата најбирани дефанзивци засега – Ван-Бисака (5,5) е третиот – а Салах, веќе традиционално, е најбираниот играч од средината на теренот.

Пик #1: Трент Александер-Арнолд (7,0)

Трент Александер-Арнолд заостануваше зад Робертсон по бројот на асистенции 37 кола – двајцата, патем, имаа и интерен натпревар кој ќе заврши со повеќе асистенции на крајот – но во последното коло нештата се сменија, па ТАА сега може да се пофали како дефанзивецот со најмногу асистенции во ланската премиерлигашка сезона. Вкупно 12, една повеќе од својот соиграч на другата страна (11), но ФПЛ (во согласност со правилата на играта) и на двајцата им има регистрирано по една повеќе. Уште позачудувачки е што ниту еден дефанзивец пред бековите на Ливерпул немаше остварено двоцифрен број на асистенции во Премиер лигата досега. И другите бројки на ТАА се за восхит: 48 обиди за асистенција, 10 креирани големи шанси и 29 шута од кои 9 во рамки на голот. Лани донесе помалку клиншитови (12) од своите соиграчи, но годинава бројките се очекува да бидат многу поизрамнети и на овој план. Поради ова, како што анализираме овде, ТАА би требало да добие предност пред Робертсон и Ван Дајк во Фантази тимовите за првите неколку кола.

Пик #2: Мохамед Салах (12,5)

Мохамед Салах и онака беше првиот играч во повеќето скици за првото коло, но по неочекуваното рано испаѓање на Египет од Африканскиот куп на нации, тешко е да се замисли тим без него. Веќе две години Салах е играчот што донесува најмногу бодови на Фантази и единствената причина што неговиот скор од 259 поени (18 бонус) не изгледа фантастична е зашто во сезоната пред неа, Салах донесе 303 бода и така стана првиот играч што донесе повеќе од 300 бода на ФПЛ, надминувајќи со тоа уште еден Ливерпулец (Суарез во 2013/14 донесе 295 бода). Иако лани постигна 10 гола помалку од сезоната пред тоа (22 вкупно), веќе две сезони Салах е најдобар стрелец во Премиер лигата и водечки во повеќе статистики. Покрај дваесет и двата гола, лани Салах имаше и 68 обиди за асистенција и 12 ФПЛ асистенции (8 реални), а беше и прв по бројот на вкупно упатени шутови кон противничките голови во целата лига – 137 (64 од кои беа во рамки на голот). До некаде токму како последица на ова – исто така тој промаши и 16 големи шанси (повеќе од него промашија само пет играчи) – Салах донесе само 18 бонус поени (или 0,5 по натпревар) лани. И без нив е толку незаобиколив што дури и анализава се чини излишна.

Пик #3: Садио Мане (11,5)

Иако во речиси сите статистички категории Садио Мане беше послаб од Салах во текот на ланската сезона, се чини дека тој помина исклучително добро на можеби и најбитниот тест: тестот на окото. За многумина беше поживиот и пооопасниот од двајцата во многу од натпреварите, а тоа што е и поевтин за 1 милион од својот соиграч го прави веројатно уште попримамлив за почетокот на сезоната. Па, сепак, за разлика од Салах, Мане остана до финалето на Африканскиот куп на нации и, според Клоп, ќе се врати на тренинзи дури на 5-ти август, 1 ден после Комјунити шилдот и само 4 дена пред Норич. Ако се изземе тој натпревар (на кој сосема е возможно Мане да не ги изигра сите 90 минути), статистиката вели дека, барем во последно време, Саутемптон и Арсенал не му лежат најмногу како противници. Лани, во четирите натпревари против овие два тима, Салах донесе 28 поени (2 бонус), благодарение на 3 постигнати гола (од 10 шутови) и 1 асистенција (од 8 обиди за асистенција). Мане собра двојно помалку (само 13 поени) постигнувајќи само 1 гол во 332 одиграни минути. Згора на сето тоа, имаше одвај 2 обиди за асистенција и ниту една креирана шанса (Салах имаше 3). Па, барем на хартија, можеби и не е најлошата идеја на светот да се почне без Мане.

Заклучок

Да не беа прескапи, сите скици за тимовите за прво коло ќе почнуваа со двајца дефанзивци од Ливерпул и Салах (или можеби еден дефанзивец и Салах и Мане). И вака, првите двајца во тимот мора да ви бидат Мо и еден дефанзивец на Ливерпул. Сè друго би било безмалку бесмислено ако сакате да се борите за висок пласман во вашата мини-лига.