Најава на дваесет и седмо коло

Веднаш по крајот на најдолгото коло во историјата на Премиер лигата, нè очекува почетокот на уште едно редовно коло: дваесет и седмо по ред сезонава. А во него – две дербија од горната петка (Челзи-Тотенхем и Лестер-Манчестер Сити) и уште едно на две екипи кои претендираат за излез во Европа (Арсенал-Евертон). Честа да го најавиме си ја земаме ние: уредничкиот тим на ФПЛ.мк. Исто како и претходното коло што го најавивме (тринаесеттото) и ова ќе го отвори Тотенхем на Мурињо. И тогаш, а и сега, во сериозни проблеми.

Челзи – Тотенхем (Сабота)

Можеби само најверните навивачи на Тотенхем не се обземени од преовладувачкото чувство во моментов: сезоната за Спарси е безмалку завршена. Не заради тоа што вчера изгубија на домашен терен од РБ Лајпциг во Лигата на шампиони (и онака тешко дека ќе дотераа подалеку таму), туку заради тоа што во дваесет и шестото коло го изгубија Сон – и тоа откако веќе ги немаат ни Кејн ни Ериксен. Без напаѓачи, со исклучително порозна одбрана, тешко дека ќе може да се изборат за нешто повеќе на гости кај Челзи – и покрај тоа што Сините се ужасни на домашен терен и сезонава имаат гол разлика од 16:14. Ама, сепак, во последните 25 натпревари на Стемфорд Бриџ со Тотенхем, Челзи имаат изгубено само еднаш, постигнувајќи повеќе од 2 погодоци на 9 од последните 10. Со овој состав, не гледаме како Тотенхем би дале повеќе од еден: Му веројатно ќе мора да се соочи сезонава со двоен пораз од својот матичен англиски клуб.

ФПЛ.мк тип: 2:1

Кристал Палас – Њукасл

Дуел на двете најнеефикасни екипи сезонава во Премиер лигата. За среќа, и двете не се лоши одбранбено, па сè уште се држат некој бод над зоната за испаѓање. Формата не превагнува на ниту една страна: само Норич има освоено помалку бодови од Палас последниве десет кола (само 8), а Њукасл е одвај за еден бод подобар (9). Во истиот период, никој нема дадено помалку голови од Њукасл (7), а само тие и Норич имаат помалку од Палас (9). Оттука, тешко дека некој очекува забавен натпревар на Селхерст парк во сабота: ако евентуално падне некој гол на натпреварот, тоа ќе биде случајно и веројатно по нафрлена топка. Ама и двата тима ќе се чуваат од таков исход – па не само што прогнозираме реми, туку и прогнозираме две чисти мрежи за Дубравка и Хуаита.

ФПЛ.мк тип: 0:0

Барнли – Борнмут

Ако се иземат Манчестер Јунајтед и Арсенал, Барнли и Борнмут се веројатно двете најнеконзистентни екипи сезонава. Не само што главно или губат или победуваат – вон Топ 6, само Астон Вила и Саутемптон имаат помалку ремија од двата саботни противници – туку и губат убедливо од слаби екипи, а победуваат изненадно со јаки. Барнли пред некое коло беше во зоната за испаѓање, но во последниве четири кола ги победи и Лестер и Манчестер Јунајтед, а и изигра реми со Арсенал! Иако консолидиран по поразите од фенерџиите Норич и Вотфорд, Борнмут би требало да е далеку полесен противник за Барнли од овие три екипи, особено што 7 порази на 8-те последни гостувања (единствената победа им е против, пазете, Челзи). Цела сезона, Барнли дома има едно реми – исто колку Борнмут на гости. Па, очекувајте победник. Кларетсите се поочигледниот избор, ама имајќи предвид колку пати сезонава нè изненадија овие екипи, ние ќе одиме спроти текот и ќе им дадеме предност на Борнмут.

ФПЛ.мк тип: 1:2

Шефилд – Брајтон

На почетокот на сезоната, Шефилд беше еден од фаворитите за испаѓање, ама на единаесет кола пред крајот е една од екипите што се бори за Лигата на шампиони! Само замислете го тоа: Лорд Ландстрам го маркира Меси пред триесетина илјади гледачи на Брамал лејн! Шегата настрана, Шефилд играат фантастичен дефанзивен фудбал и ги заслужуваат сите пофалби: само Ливерпул има примено помалку голови од нив сезонава. Иако на гости играат подобро од дома, Сечилата во сабота пречекуваат една од најслабите гостински екипи во лигата: Брајтон. Само Астон Вила и Норич имаат собрано помалку бодови од Галебите на противнички терен – нешто што тешко може да се промени во Шефилд.

ФПЛ.мк тип: 2:0

Саутемптон – Астон Вила

Ако Шефилд може да се пофалат со втората најдобра одбрана во лигата, другите двајца новајлии може да бидат разочарани од спротивното: минатото коло, Астон Вила го надмина Норич по бројот на примени голови и сега е единствената екипа што има примено повеќе од 50 или речиси по 2 по натпревар. Совршена можност за Дени Ингс да додаде уште некој гол на своето конто и – којзнае – можеби и да избие на врвот на листата на најдобри стрелци: само Варди, Агуеро и Обамејанг имаат дадено повеќе голови од него, ама Англичанецот е прв по дадени голови од игра (кој го очекуваше тоа на почетокот на сезоната?) Откако едно време кокетираше со втората лига, Саутемптон изгледа многу подобар сега, па поразите од Вулвс, Ливерпул и Барнли последниве четири кола не би требало да влијаат на самодовербата. Астон Вила како веќе да ја немаат. Ама барем секогаш се способни да дадат гол.

ФПЛ.мк тип: 2:1

Лестер – Манчестер Сити

Освен премиерниот, ова ќе биде секако еден од најзанимливите натпревари колово. Вториот против третиот на листата, иако конечниот изглед на табелата можеби нема ништо да значи за Сити. Тие го надминаа поразот од Тотенхем со рутинирана победа над Вест Хем во заостанатиот натпревар, но по колово им следува натпреварот во Лигата на шампионите против Реал Мадрид, единствената и можеби последна шанса за Граѓаните да стигнат до најголемиот европски трофеј. Лестер врза два натпревари без победник, а Варди нема постигнато гол на 6 натпревари на кои играше, или вкупно 8 кола. Сега ќе се сретне со одбраната во која се врати Лапорт, и која сигурно ќе биде тешко скршлива. Сити може да комбинира, но мора и да внимава. Сигурно КДБ и Кун ќе бидат главните напаѓачки опции за Пеп, кој повторно може да биде без услугите на Стерлинг. Од друга страна Махрез доби заслужен одмор против Чеканите, па можеби повторно силно ќе нападне против својата поранешна екипа, како во првиот дел на сезоната кога постигна и гол за победата од 3:1.

ФПЛ.мк тип: 1:1

Манчестер Јунајтед – Вотфорд (Недела)

Можеби неочекувано за многумина, па и за многу свои навивачи, но Јунајтед забележа победа на Стенфорд Бриџ, и тоа со клиншит. Со тоа дојдоа само на 2 бода од петопласираниот Тотенхем, односно на 3 бода од четвртопласираниот Челзи. Борбата за топ 4, а можеби и топ 5 ќе биде феноменална. Иако многупати нѐ разочараа сезонава, сепак Манчестер во овој дуел го гледаме како голем фаворит, а домашен натпревар со Вотфорд е одлична можност да врзат две победи по ред. Веднаш се забележува присуството на Бруно Фернандес во екипата, особено во зачетокот на акциите, а во нападот многу работи ќе паднат врз рамената на Марсијал, но тој против Челзи ни докажа дека и тоа како е спремен за тресење противнички мрежи. Но и нема друга опција, Рашфорд ќе биде надвор од терените до крај на сезоната. Најџел Пирсон во својот прв натпревар на чело на Стршлените го победи токму Јунајтед, но сега немаат победа четири кола со ред, и повторно се во опасната зона, односно на претпоследната позиција на табелата. Дини и Деулофеу се играчите кои би можеле да го извадат својот тим, иако во последно време Дукуре е најдобриот поединец на Вотфорд.

ФПЛ.мк тип: 2:0

Вулверхемптон – Норич

Уште една од екипите која, како што рече Мурињо, до крајот ќе „гризе“ за местата кои ќе водат во Европа, секако попосакувано она за во ЛШ. Серија од две ремија по ред, против тешки противници – Манчестер Јунајтед и Лестер. Ова ќе биде првенствен натпревар само два дена по европскиот против Еспањол. Иако немаат патувања на овие две средби, сепак Волците се неискусна екипа за играње два пати неделно, на два важни фронта. Норич е фенерџија, и некако полека сите почнуваат да го гледаат како дел од Чемпионшип догодина, иако стартот на сезоната им беше одличен. Серија од два порази на последните три средби, рака на срце и со незгодни противници, но сепак резултати што ги влечат Канаринците кон втората лига. Ни гостувањето на Молињу нема да биде полесно, доколку повторно сѐ биде препуштено на Пуки. Очекуваме враќање на Буендија во стартните 11, кој сигурно ќе му биде најголема поддршка на Финецот.

ФПЛ.мк тип: 1:0

Арсенал – Евертон

По првата убедлива победа сезонава, над Њукасл, Арсенал влегува во серија од шест натпревари во кои ќе ја има фаворитската улога, а можеби најтежок од нив е токму овој со Евертон. Двете екипи се една до друга на табелата, деветто и десетто место, со само два бода предност во корист на Карамелите. И двете екипи се без пораз на последните 5 натпревари, па сигурно ќе настојуваат таа серија да продолжи. Со доаѓањето на Артета, Арсенал видливо ја поправи одбраната, па така таа врза два клиншита по ред. Во нападот Обамејанг повторно е во трката за златната копачка, но можеби најважно е што полека Пепе почнува да го прикажува она за што е донесен. Гостите немаат клиншит на последните 4 натпревари, но напаѓачкиот тандем Ричарлисон и Калверт-Луин и тоа како ќе му прават проблеми на Лено.

ФПЛ.мк тип: 1:0

Ливерпул – Вест Хем (Понеделник)

За Ливерпул тече мед и млеко во Премиер, но во Лигата на шампионите веќе во 1/8 финалето наидоа на доста незгоден противник. Атлетико ги победи на Ванда Метрополитано, но освен тоа не им дозволи шут во рамките на голот на Облак. Нешто што само втор пат му се случува на Клоп во неговото владение на Енфилд. Но ова ќе биде сосема поинаква приказна од тоа. Видовме во заостанатиот натпревар со Сити колку е порозна одбраната на Чеканите, сега додатно ослабена и со повредата на Фредерикс, можеби најдобриот поединец од неа. Кај Ливерпул има проблеми и замор, Мане излезе на полувреме, а Салах дваесетина минути пред крајот во ЛШ, но веројатно ќе бидат подготвени во понеделник, кога сигурно ќе сакаат да им се вратат на погодоците и победите. Сепак ќе мора да бидат претпазливи, им следува и реванш со „воините“ на Чоло.

ФПЛ.мк тип: 2:0