Буџет стратегии: Напаѓачи од 4,5

Во потрагата по евтина клупа што нема да стои само за украсн, минатиот пат ви издвоивме тројца дефанзивци од 4,0 што се чини дека ќе имаат (барем некаков) удел во сезоните на своите тимови (можеби дури и значителен). Уште една можност за „штедење“ би бил најевтин (трет) напаѓач. Сезонава опциите се многу сиромашни:

  • Нкетиа (Арсенал)
  • Сариџ (Борнмут)
  • Викам (Кристал Палас)
  • Гринвуд (Манчестер Јунајтед)
  • Галагер* (Саутемптон, позајмен во Блекбурн)
  • Јансен* (Тотенхем, позајмен во Монтереј)
  • Силва (Вест Хем)
  • Брустер (Ливерпул).

Сепак единствени кои можат да се надеваат на некаква прифатлива минутажа би можеле да бидат младите напаѓачи на Манчестер Јунајтед, Арсенал и Ливерпул.

#1. Мејсон Гринвуд (Манчестер Јунајтед)

Мејсон Гринвуд и минатата сезона доби неколку минути, вкупно 115, без да запише гол, но на предсезонските натпревари на Јунајтед е еден од играчите за кои најмногу се зборува. Реална опција е да замине некаде на позајмица, но доколку дојде до продажба на Лукаку, не е исклучено и да остане и да добива шанса во првиот тим. И неговиот менаџер не криеше пофални зборови, по првите предсезонски голови:

„Малку ме потсеќа на приказната на Гигс. Не можеш да го пратиш на позајмица. Тој е спремен да биде во тимот. Тој е природен финишер и едноставно знае каде ќе заврши топката. Има само 17 години, но зошто да не се ужива во тоа. Мејсон ќе постигне неколку (голови) да бидеме искрени.“ – изјави Солскјер по натпреварот против Интер, каде голот за победа од 1:0 го постигна токму Гринвуд, а претходно погоди и против Лидс Јунајтед.

#2. Еди Нкетиа (Арсенал)

Слична е ситуацијата и во Арсенал. Едвард „Еди“ Нкетиа исто така се наметнува во предсезоната. Интересно е што по завршувањето на минатата сезона, си замина Дани Велбек, па во тимот од напаѓачките опции се само Обамејанг и Лаказет, а Емери има други приоритети за засилување на тимот. Така, исто како и Гринвуд, и Нкетиа може да биде испратен на позајмица по добивање на повеќе минути, но може и да остане како трета напаѓачка опција што секако му е потребна на тимот во многуте натпреварувања. Минатата сезона, во само 63 минути успеа да го запише својот прв премиерлигашки гол, а во првите 3 предсезонски натпревари успеа 3 пати успешно да стрела.

#3. Рајан Брустер (Ливерпул)

Уште еден млад Англичанец, исто така со слична приказна, овојпат во редовите на Ливерпул, Рајан Брустер, одлично се покажа во предсезоната. Постигнувајќи 4 гола во првите 3 пријателски натпревари, Брустер ги освои симпатиите, па сè позасилени беа шпекулациите дека иако замина Даниел Стариџ, сепак Ливерпул нема дополнително да се засилува на таа позиција. Со тоа се отвора можност за младиот напаѓач кој е повратник по долгата повреда на зглобот, да биде дел од тимот на Јирген Клоп во претстојната сезона.

#4. Конор Викам (Кристал Палас)

Последен би го спомнале „вечниот талент“ на Кристал Палас, Конор Викам. Играчот на кој секоја сезона му опаѓа почетната вредностза 0,5 па сега стигна меѓу најевтините. Играчот што не може глава да крене од повреди, и иако беше најавуван како големо засилување од Сандерленд пред четири години, сепак во последните три одигра вкупно 473 минути, од кои минатата сезона само 61, во кои забележа една асистенција и вкупно 9 ФПЛ поени.