Буџет стратегии: Дефанзивци од 4,0

Секој фантази менаџер, при склопување на својот првично замислен тим, бара начини како тој да се вклопи во расположливите 100 парични единици (или како сакате наречете ги). Правилото „мора некаде да се скрати – за да се стават повеќе поскапи играчи“ најчесто паѓа на изнаоѓање на поевтини односно најевтини одбранбени играчи. Тоа, во споредба со минатата сезона, ќе биде значително потешко. Водејќи се според предсезонските натпревари, и според досегашните планови на менаџерите, ретко кој „4,0“ ќе биде сигурен стартер, или ќе има задоволителна минутажа.

Само за потсетување, лани го имавме Арон Ван-Бисака, сигурен десен бек на Палас кој во текот на минатата сезона пропушти само 286 минути, и кој до крајот на сезоната стигна до цена од 4,6, притоа освојувајќи 120 (18 бонус) поени, преку 3-те асистенции и 12-те сочувани мрежи – популарно наречени „клиншитови“. Во меѓувреме премина во Манчестер Јунајтед, и сезонава ќе стартува со цена од 5,5.

Тука ќе го спомнеме и Јан Беднарек од Саутемптон. Чехот имаше добра предсезона, но потоа беше во ротацијата на тогашниот менаџер Марк Хјуз, и најчесто на клупата за резерви. Со доаѓањето на новиот менаџер Ралф Хасенхутл на почетокот на декември минатата година, Беднарек се почесто беше во првите единаесет, и како сигурен стартер ја заврши сезоната, со 49 (3 бонус) поени, со 1 асистенција и 3 клиншита. Годинава стартува минимално поскап, со цена од 4,5.

Сезонава, дефанзивци со цена 4,0 има четиринаесет, и тоа:

  • Рико и Симпсон (Борнмут)
  • Гибсон (Барнли)
  • Кели (Кристал Палас)
  • Хенли и Хајс (Норич)
  • Стирман и Лaндстрам (Шефилд Јунајтед)
  • Ремзи (Саутемптон)
  • Наваро* и Продл (Ватфорд, Наваро позајмен во Леганес)
  • Рид и Џонсон (Вест Хем)
  • Килман (Вулверхемптон).

Најпривлечни опции во моментов изгледаат Мартин Кели и Џон Ландстрам, можеби и единствените двајца што се очекува да имаат поредовна улога во своите тимови во текот на сезоната.

#1. Мартин Кели (Кристал Палас)

Мартин Кели од Кристал Палас е најпримамлива опција. Со оглед на продажбата на Ван-Бисака, Кели се наметнува како најреална замена, секако доколку до крајот на преодниот рок не пристигне нов десен бек. Единствено таа позиција може да ја покрие и Џоел Ворд, но сепак Палас кубури со доволно одбранбени играчи (посериозно повредени се Џејмс Томкинс и Мамаду Сако) па Ворд може да добие шанса и на некоја од стоперските позиции.

#2. Џон Ландстрам (Шефилд Јунајтед)

Помалку неочекувано, но сè повеќе се споменува името на Џон Ландстрам. Централниот играч за врска на Шефилд Јунајтед, кого ФПЛ го смести помеѓу дефанзивците, добива сериозна шанса во предсезоната, која на најдобар начин ја искористува. Неговото име не го споменавме кога ги анализиравме новајлиите Шефилд Јунајтед, бидејќи лани одигра десет натпревари, од кои на пет беше стартер а на пет влезе од клупата за резервни. Со таква скромна минутажа успеа да запише само една асистенција. Но приказната е поинаква летово. Шефилдовата „седмица“ редовно игра на сите пријателските натпревари, стартувајќи на четири од вкупно пет (втор со најмногу одиграни предсезонски минути во својот тим), притоа придодавјќи три асистенции зад своето име.

#3. Диего Рико (Борнмут)

Со Кели и Ландстрам некако и завршуваат опциите од 4,0. Доколку би морале да издвоиме уште некој, тоа би бил Диего Рико од Борнмут. Шпанецот пристигна минатата сезона како засилување од Леганес за левата бековска позиција, но не успеа да се наметне кај Еди Хау. Сепак, првиот избор на таа позиција, Чарли Даниелс е повреден, па така Рико може да ја искористи настанатата ситуација, и во некоја комбинација да ја почне сезоната.