Анализи на минатата сезона: Челзи

Френк Лампард и Челзи, совршена комбинација. Би рекле дека им се исполни желбата на голем дел од челзиевите навивачи, кога „Супер Френки“ заплива во тренерските води. А нештата можеше да бидат многу поинакви, доколку Дерби Каунти успееше да победи во плејофот на Чемпионшип лигата и да влезе во Премиер, или доколку Јувентус не затропаше на сината врата во западен Лондон барајќи го нивниот менаџер. Маурицио Сари по само една сезона замина назад во Италија, сега во клубот кој долг период сонуваше да го победи. Но во Лондон го постигна реалниот максимум. Трета позиција во Премиер лигата и директен пласман во Лигата на шампионите, загубено финале во ЕФЛ лига купот на пенали од Манчестер Сити (се сеќавате на случката со Кепа), и слатка победа за крај, во Баку против Арсенал од 4:1, за титула во Европа лигата. И се ќе беше во ред, доколку Еден Азар на крајот на сезоната не објави дека заминува во Реал Мадрид.

За нештата да бидат покомплицирани за тимот на Роман Абрамович, Челзи доби суспензија од ФИФА поради неправилности при ангажман на странски фудбалери под 18 години, и во следните два трансфер периоди нема да смее да регистрира нови фудбалери. За нивна среќа, пред тоа беше договорен Кристијан Пулишиќ (7,5) од Борусија Дортмунд, а беше откупен и договорот на Матео Ковачиќ (5,5) од Реал Мадрид. Освен тоа беа вратени од позајмица и неколку млади играчи. Со нив во тимот, но без нивната најголема ѕвезда, Лампард ќе оди на подобрување на ланските достигнувања. Третата позиција, со 72 бода, 16 помалку од шампионот, со 63 дадени и 39 примени голови.

Клучни статистики

Иако доста оспоруван, Кепа Аризабалага (5,5) мораше да се носи со етикетата најскап голман во светот. Имаше свои успони и падови, и она фамозно одбивање да излезе од игра во финалето на лига купот, но сепак на крајот успеа 14 пати да остане со празна мрежа, од вкупно 16 клиншита на целиот тим. Во просек Челзи примаше по 1,03 голови по натпревар. Што се однесува до средината, или како популарно се нарекуваше „Сари-бол“ стилот на играта на сините, тимот остваруваше 63% посед на топката, и високи 92% кратки проигрувања. Тоа придонесуваше за 15,9 шутови по натпревар (5,2 во гол) што реализираше со 1,66 голови по натпревар.

Статистика по играч

Подготовка за прво коло

Лампард ќе има огнено крштевање, доколку се изразиме со традиционален коментаторски речник. Во првото коло Челзи гостува на Олд Трафорд, каде што лани двете екипи ги поделија бодовите. Потоа го пречекуваат Лестер и некогашниот нивни младински тренер Брендан Роџерс, за да следуваат два двобоја со новите премиерлигаши – Норич на гости и Шефилд јунајтед дома, за првите пет кола да се заокружат со гостувањето на Молинју кај најпријатното изненадување минатата сезона – Вулверхемптон Вондерерс. Челзи, во последните свои пресметки со Лестер и Вулвс доживеа два порази.

Пик #1: Цезар Аспиликуета (6,0)

Капитенот на тимот, кој може да игра буквално на секоја позиција во одбранбената линија, несомнено ќе биде еден од столбовите на кои ќе се гради и новиот Челзи. Популарниот „Дејв“ минатата сезона освои 158 (11 поени) вкупно 16 клиншита, 1 гол, 6 асистенции и 27 креирани шанси за гол. Интересно е што тој е изборот на ФПЛ.мк, иако Давид Луиз (6,0) и Маркос Алонсо (6,5) минатата сезона донесоа за нијанса повеќе поени од капитенот, 164 односно 161. Сепак во тимот се врати Курт Зума (5,0), а за левата бековска позиција сега освен Емерсон (5,5), сега ќе конкурира уште еден повратник во екипата – Кенеди (5,5).

Пик #2: Кристијан Пулишиќ (7,5)

Најскапиот американски фудбалер во историјата, кој за 58 милиони фунти премина од редовите на Борусија Дортмунд, несомнено ќе биде главно засилување на лондонскиот тим. Младиот американец дојде со добро резиме, иако минатата сезона имаше проблеми со повреди, па само три пати се запиша во листата на стрелците за германскиот гигант. Сепак, иако новајлија во лигата, на кој можеби ќе му треба одреден период за адаптација, според неговите технички карактеристики, несомнено ќе биде еден од носителите на играта на Челзи, особено во фазата на нападот.

Пик #3: Оливие Жиру (7,0)

Долго размислувавме кој да ни биде третиот пик, и сепак изборот падна на искусниот француски напаѓач. Некогашниот предводник на нападот на ривалот Арсенал, иако доста критикуван и оспоруван, сепак остварува резиме со кое може да се пофали. Минатата сезона беше во втор план поради присуството во тимот на позајмениот Игуаин, но и тоа како добро ја искористи укажаната шанса во Европа лигата. Прв на листата стрелци со 11 гола, од кои еден беше воведниот во финалето против својот бивши тим, надополнет и со две асистенции.

Жиру со Вилијан во тимот

Жиру со Педро во тимот

Во домашното првенство имаше скромна статистика од 55 (2 бонус) поени вкупно – но 4,1 по натпревар со оглед на времето кое го помина на теренот, со 2 гола, 4 асистенции и 17 креирани шанса за гол, со 33 шутови кон противничкиот гол од кои 18 биле од опасната зона. Сезонава можеби ќе добие позбилна минутажа, со оглед на тоа дека во неговата конкуренција се Мичи Батшуаи (7,0) и Тами Абрахам (7,0), но сепак, сега кога го нема Азар, позицијата на Жиру најмногу ќе зависи од досегашните напаѓачи од втор план, Вилијан (7,0) и Педро (7,0).

Заклучок

За жал, го нема повеќе Азар. Веќе втора година ќе го нема и Диего Коста. Тоа беа играчите кон кои најмногу гледавме при составувањето на нашите ФПЛ тимови, од челзиев офанзивен аспект. Но кога се во прашање лондонските сини, во последните две сезони некако навикнавме повеќе да им гледаме во одбраната. Разбирливо, кога најмногу поени лани донесоа тројцата одбранбени, и голманот. Така и сезонава. Додека чекате Пулишиќ да ја превземе диригентската палка во нападот, можете да одите со проверена варијанта – некој од четворицата најпродуктивни, но и за тоа можеме да почекате да помине првото коло. Сепак Челзи има нов менаџер.