Анализи на минатата сезона: Тотенхем

Тешко е да се замисли од денешна перспектива, но по половина од ланската сезона, Тотенхем се наоѓаше на второто место на табелата. Иако на 2 декември беа поразени 4:2 (со пресврт во второто полувреме) од градскиот ривал Арсенал на Емирати, од почетокот на ноември па сè до самиот крај на 2018, тоа беше единствениот пат кога загубија бодови. Како последица, по деветнаесеттото коло – во кое го растурија Борнмут со 5:0 – Тотенхем ги раздели Ливерпул и Сити на врвот на табелата. Следеа два порази на домашен терен (од Вулверхемптон и Јунајтед), па Тотенхем мораше да се збогува со борбата за премиерлигашка титула (не дека многумина го сфатија тоа сериозно) веќе во дваесет и второто коло.

Да не беа чудесните победи против Сити и Ајакс во Лигата на шампионите, ќе можеше лесно сега да се напише дека Тотенхем тотално крахираше во 2019-та година. Во наредните 15 кола до крајот на сезоната, Спурси освоија само 20 бода (6 победи, 2 нерешени и дури 7 порази), примајќи 16 гола и постигнувајќи само 19! За да го ставите тоа во контекст: само фенерашите (Кардиф, Фулам и Хадерсфилд) и седумнаесеттопласираниот Брајтон постигнаа помалку голови во истиот период (15, 13, 10 и 9 редоследно)!

Сезонава Тотенхем влегува со истиот вид амбиции како и секоја друга од кога е Почетино тука: тешко одгатливите (или, барем, ретко кому јасните). Титулата им е редовно најдалеку кога се чини најблиску на дофат (бркајќи го Лестер, паднаа зад Арсенал; бркајќи ги Сити и Ливерпул ќе испаднеа од Топ 4), а тешко дека Почетино е во Лондон за уште една сезона да остане со празни раце. Па, сепак, тимот му има и стабилност и потенцијал, а тој е, според многумина, еден од најдобрите тренери на денешницата. Треба ли да се вложува во нив на почетокот од 2019/20?

Клучни статистики

И покрај ужасниот втор дел од сезоната, Тотенхем заврши со 13 клиншита на крајот, примајќи речиси точно 1 гол по натпревар (вкупно 39 во 38 кола) и дозволувајќи по нешто повеќе од 12 шута на голот на Лорис (7,9 од опасната зона и 4,3 надвор од неа).

Во просек, Тотенхем ја имал 59% од натпреварите топката во своите нозе што им дозволило 89% од нивните додавања да бидат кратки. Шутнаа по 14 пати на натпревар и точно 5 од овие шутови оделе во рамките на противничките голови. На крајот тоа резултираше со 67 гола, или 1,76 по натпревар.

Статистика по играч

Подготовка за прво коло

Тотенхем ја почнува сезоната со два лесни натпревари на домашен терен (против Астон Вила во прво и Њукасл во трето коло), меѓу кои е врамен можеби и најтешкиот во сезоната: гостување против Манчестер Сити на Етихад. Во четвртото коло му гостуваат на најлутиот ривал, Арсенал, а во петтото го пречекуваат Кристал Палас на сè повеќе одомаќениот Вембли. Со други зборови, токму онаков распоред каков што најмалку сакаат играчите на Фантази: една лесна, една тешка, една лесна… Прашањето за милион долари: да се стави ли Кејн во почетниот тим или да се гледа Астон Вила од зад каучот од страв дека против Сити не може да се очекува нешто повеќе дури ниту од него?

Кајл Вокер-Питерс (5,0)

Движење на Фојт ланската сезона (933 минути, 33 поени)

Движење на КВП ланската сезона (376 минути, 28 поени)

По релативно изненадното заминување на Трипие во Атлетико Мадрид за навистина смешна сума од 20 милиони фунти, се чини дека дваесет и двегодишниот лондончанец ќе добие многу поголема минутажа на десната бековска позиција. Иако единствен природен конкурент за местото му е Серж Орије, фановите на Тотенхем сè повеќе шпекулираат дека Поч планира целосно да го прекомандува Хуан Фојт на десната страна и дека токму поради ова, тој треба да биде главен фаворит за наследникот на Трипие. Па, сепак, нештата не се така едноставни. Во текот на првите три натпревари од предсезоната, Почетино ги ротираше двајцата по полувреме (Англичанецот одигра дваесетина минути повеќе на првиот натпревар) и не може да се рече дека некој од нив особено се издвои. Вокер-Питерс одигра одлични 70 минути против Јувентус (го чуваше често и Кристијано), едно добро полувреме против Манчестер Јунајтед и едно солидно против Реал (ако ви се чита повеќе, убава споредба на двајцава на последниов натпревар направи Би-би-си). Па, сепак, КВП има уште многу да се докажува: лани не само што имаше проблеми со Дембеле против Барселона во ЛШ, туку и не можеше да го запре ниту Антонио во Карабао купот. Сите 3 негови асистенции дојдоа во еден натпревар (најгореспоменатиот против Борнмут), но, во најмала рака, го открија неговиот потенцијал (многу поголем во споредба со Фојт) да донесе поени и на другата страна од теренот. Секако, она што е најпримамливо кај него е неговата цена. Ретки се дефанзивците од Топ 6 што воопшто може да се купат за 5,0, а дали ќе биде тоа Вокер-Питерс, Фојт или Орије, Тотенхем ќе има сигурно еден стартер за таа цена. Со оглед на фактот што Фојт е суспендиран до 25-ти август (доби директен црвен картон во последното ланско коло), а Орије се повреди на Африканскиот куп на нации, Вокер-Питерс речиси сигурно ќе ги почне првите два, а можеби и сите три натпревари на Тотенхем во август. Првиот и третиот звучат многу примамливо. [Апдејт од 4 август: Хуан Фојт се повреди на натпреварот од „Ауди купот“ против Баерн Минхен, а Почетино потврди дека повредата ќе го оддалечи Аргентинецот од терените значителен период. Ова го прави КВП уште попримамлива опција.]

Кристијан Ериксен (9,0)

Кристијан Ериксен е веќе со години еден од најдобрите играчи во Премиер лигата: како и минатите три сезони, и лани имаше двоцифрен број асистенции (12), а и завиден број на голови (8). Како последица, освои 161 поен, најмногу од сите играчи на Тотенхем, но и под очекувањата што се имаат обично од него. Впрочем, овој скор е вториот најлош на Ериксен откако почна да игра во Премиер лига: само првата сезона (2013/14) донесе помалку поени (132), но тогаш одигра и убедливо најмалку минути (1.976). Во споредба со останатите сезони, како последица на повреда и премор, Ериксен имаше мала минутажа и лани: само 2.770 одиграни минути, дури 448 минути помалку од 2017/18. Толку многу нешта зависат од Данецот во Тотенхем што навистина е тешко да се замисли како ќе изгледа играта на тимот во случај да си замине. За среќа, такво нешто изгледа нема да се случи ни сезонава, во која сигурно ќе ги израдува сопствениците во неколку наврати.

Хари Кејн (11,0)

Сигурно еден од најдобрите природни шпицови на светот, Кејн е во четвртина од Фантази тимовите за првото коло (24,3%): само Хименез (7,5) е во повеќе. Покрај високата цена, единствената причина што Кејн не е најбиран напаѓач е веројатно фактот што веднаш после Астон Вила го очекува натпревар против Сити, а лани немаше среќа со шампионите: во лигата одигра само еден од двата меча (2 поени), а во Лигата на шампиони на првиот натпревар возобнови стара повреда. И со Њукасл лани изигра само еден натпревар на кој донесе само 1 поен, а токму против нив игра Тотенхем во третото коло. Па, сепак, како да се нема Кејн на домашен терен против новолигаш? Лани беше првата сезона во која не ја надмина бројката од 20 гола (постигна 17), но, како и Ериксен, одигра и најмалку минути од 2014/15 наваму (2.423 вкупно). Не ни беше потребна предсезоната и лобот над Шчезни од половина терен за да нè убеди дека, во отсуство на повреди, Кејн ќе направи сè за да го врати приматот најдобар стрелец од Салах по две сезони. А тоа значи и многу Фантази поени.

Заклучок

Не кажуваме ништо што не е очигледно: ако можете да направите добар тим околу Кејн без да го жртвувате Салах за првото коло – ставете го и очекувајте најмалку гол против Астон Вила. Ако не, нема да ви биде воопшто удобно на 10 август во 18:30h. Тотенхем би требало да извади клиншит во прво коло, а КВП е речиси сигурен пат до него; но ако го ставате, внимавајте – во второ коло ќе игра против Сити, а од трето се враќа Фојт.