Анализи на минатата сезона: Манчестер Сити

Шампионите. Освојувачите на двата најважни домашни трофеи, иако апетитите на нивните навивачи, и на многуте симпатизери ширум светот можеби беа и поголеми. Па ако сакате, и очекувањата на целокупната спортска јавност го направија тој притисок. На почетокот на мај, Пеп Гвардиола беше запрашан за шансите за „quadruple“ (четири титули во една сезона), како да победувањето во трката со никогаш подобриот Ливерпул немаше да биде доволно. А трката беше страшна, се до последното коло. Тимот на Гвардиола успеа да го издржи притисокот, и во 38-то коло, иако губеше со 1:0 од Брајтон, сепак со пресверт, и на крајот сигурна победа од 1:4, ја одбрани титулата од минатата сезона, вкупно шеста во клупската историја. Сето тоа проследено со 32 победи и фантастични 98 бодови, само два помалку од неверојатниот премиерлигашки рекорд од 100 бодови, кој исто така е во нивна сопственост од сезоната 2017/18.

Пеп е роден победник, можеби најдобриот или подобро кажано најуспешниот менаџер во денешниот модерен фудбал. Осумте шампионски титули во последната деценија како што е тренер во Шпанија, Германија и сега Англија, се можеби најдобар доказ за тоа. Можеби и способноста да ги одржи гладни за нови одличја, многуте скапи ѕвезди во тимот. Па Манчестер Сити несомнено ќе оди на „хет-трик“ сезонава, па затоа се и повторно најголем фаворит за највисокото место на пиедесталот во мај 2020.

Клучни статистики

Минатата сезона ќе се памети по расчистувањето на Џон Стоунс (5,5) од самата гол линија, во директниот дуел со Ливерпул, што на крајот значеше титула за синиот дел од Манчестер. Меѓутоа и некои статистички показатели ја оправдуваат првата позиција за тимот на Пеп. Сити, односно Едерсон (6,0) кој ги изигра сите натпревари по 90 минути, прими само 23 гола, и дури 20 натпревари успеа да ја сочува празна својата мрежа (клиншита). Тоа се 0,61 примени голови по натпревар.

Тактиката на шпанецот, како што на сите им е познато, се базира на посед на топката. Тој низ бројки беше изразен со 68%, што пак им овозможи на стрелците да постигнат вкупно 95 голови, или 2,5 голови по натпревар. Сити просечно шутираше по 18 пати, од кои во просек 6,8 одеа директно кон противничкиот гол.

Статистика по играч

Подготовка за прво коло

Почетниот распоред за шампионите е прифатлив: прво одат на мегдан во западен Лондон кај нивниот поранешен менаџер Мануел Пелегрини. Вест Хем е првата пречка, кого лани го победија со 0:4. Потоа следува дерби со Тотенхем на свој терен, па гостување кај секогаш незгодниот Борнмут. Првите пет натпревари ќе се заокружат со Брајтон дома и нововлезениот Норич на гости. Интересно, Сити има победа со сите наведни пет противници во нивните последни соочувања, освен со новајлијата Норич, со кого одигра 0:0 последен пат кога се сретнаа.

Пик #1: Ајмерик Лапорт (6,5)

Иако до лани го имаа капитенот Компани, сепак младиот баскиец минатата сезона стана столб во одбраната на Сити, освојувајќи 177 (16 бонус) поени вкупно – или 5,2 по натпревар – 18 клиншита, 3 гола, 3 асистенции и 14 креирани шанси за гол, со што беше најпродуктивен ФПЛ дефанзивец во својот тим, и четврти вкупно, зад троецот Робертсон-Ван Дајк-ТАА на Ливерпул. Неговата скок игра го прави опасен по противничките голови, а и самата игра на Сити тоа го дозволува.

Пик #2: Рахим Стерлинг (12,0)

Вториот најскап и вториот најпродуктивен ФПЛ играч. Зад „египетскиот крал“ и во двата параметри.За него ќе се бара соодветна замена пред сè од КДБ (9,5) и Бернардо Силва (8,0), но сепак Стерлинг е најсигурната варијанта во средината на Сити.Прв асистент и втор стрелец на тимот, со 234 (25 бонус) поени вкупно – или 7,3 по натпревар – 17 гола, 15 асистенции и 64 креирани шанси за гол, кој несомнено ќе биде меѓу играчите кои ќе носат најмногу поени.

Пик #3: Серхио Кун Агуеро (12,0)

Кун со КДБ во тимот

Кун без КДБ во тимот

Според досегашниот развој на настаните, Кун изненадувачки не се наоѓа помеѓу првите 15 најселектирани играчи оваа предсезона. Можеби неуверливото издание на Копа Америка си го направи своето, или евентуалната опасност од поголема ротација со Габриел Жезус (9,5) кој пак имаше позабележително континентално натпреварување. Сепак, поради репрезентативните обрски, и двајцата подоцна се вратија на подготовките на својата екипа. Агуеро минатата сезона заврши со 201 (26 бонус) поени вкупно – или 6,3 по натпревар – 21 гол, 11 асистенции и 34 креирани шанси за гол, но и 118 шутови кон противничкиот гол од кои 57 биле од опасната зона. Можеби клучната улога во голгетерската форма на аргентинецот ќе ја има најверојатниот повратник во стартните единаесет на Сити – КДБ, чие присуство на теренот значително ја намалува слободата на движење на најдобриот стрелец во историјата на сините од Манчестер.

Заклучок

Едноставно е, не започнувајте ја сезоната без играч/и од Сити. Едерсон е втор најселектиран голман зад Алисон Бекер (6,0) (не рачунајќи го Дејвид Батон кој моментално е втор, само поради тоа што е 4,0). Бразилецот сигурно ќе носи клиншитови, но не и одбрани и бонуси. Кајл Вокер (6,0) и Лапорт се најсигурни одбранбени опции, иако и Олександар Зинченко (5,5) е интересна опција, барем првиот месец додека е повреден Бенџамин Менди (6,0). Офанзивно, секако Стерлинг и Кун ќе бидат неизоставен дел од многу тимови, а од минатата сезона им се придодава и Бернардо Силва. На голема врата се најавува и целосниот кам-бек на КДБ, но според првичните информации Пеп за него подготвува нешто поповлечена улога во средниот ред, така да не избрзувајте со белгијанецот.