Анализи на минатата сезона: Евертон

Иако во еден момент се зборуваше дури и за отпуштање на Марко Силва, Евертон имаше одличен крај на ланската сезона. Само Сити, Ливерпул и – зачудувачки – Кристал Палас освоија повеќе бодови од нив во последните десет кола, период во кој Евертон загуби само од Њукасл (3:2) и Фулам (2:0), а изгуби само 4 бода во дуелите со екипите од Топ 5, ремизирајќи со Ливерпул (0:0) и Тотенхем (2:2) и победувајќи ги Челзи, Арсенал и Манчестер Јунајтед без примен гол (со вкупна гол разлика 7:0).

Благодарение на ваквите резултати, се очекува многу од Тофисите на почетокот од новата сезона, особено што имаат можеби и најдобар распоред од сите екипи во првите пет-шест кола. Ако навистина Силва успеа да најде победничка формула како што изгледаше на крајот на минатата сезоната, Евертон може да биде тимот каде што ќе се заштедуваат пари за премиум-опциите во средината и, особено, во нападот. Тосун (6,0) и Калверт-Луин (6,0) можеби не изгледаат примамливо сега дури и покрај нивните ниски цени (лани заедно постигнаа само 9 гола, Англичанецот два пати повеќе од Турчинот), но сè повеќе се шпекулира дека може да им се приклучи и Моизе Кен од Јувентус, а тоа би можело да смени многу нешта.

Колку што имаше проблеми во нападот, толку Евертон немаше во средината: Сигурдсон (8,0) на крајот заврши во тимот на сезоната, а Ричарлисон (8,0), во одредени делови од неа, беше неопходен за да го задржите чекорот со лидерите во вашите мини-лиги. Згора на сето тоа, Дињ (6,0) е моментно петтиот најбиран дефанзивец со причина. Да почнеме од неа.

Клучни статистики

Иако до некаде остана занемарено, Евертон дури 14 пати ја задржа нечепната својата мрежа во текот на ланската сезона, па Пикфорд (5,5), на крајот, заврши како третиот најдобар голман (зад Алисон и Едерсон), освојувајќи дури 161 поен – повеќе од, да речеме, Кејн. Радува и тоа што 6 од овие 14 клиншита дојдоа во последните 8 кола, па ако Евертон тргне во исто темпо на почетокот од оваа сезона (а, да повториме уште еднаш, распоредот ветува), има многу што да се очекува од неговите дефанзивци. Истото важи и за нивните најистурени играчи, кои лани упатија 13 шута по натпревар, 4,4 од кои одеа во рамките на голот, а 1,42 завршија во него.

Статистика по играч

Подготовка за прво коло

Евертон ја почнува сезоната на гости против Кристал Палас, а потоа ќе им гостува Вотфорд. До гостувањето на Сити во седмото коло, ќе играат и против Астон Вила (на гости), Вулвс (дома), Борнмут (на гости) и Шефилд Јунајтед (дома). Ниту еден од овие шест противници не е непобедлив, а дури три од нив (Астон Вила, Борнмут и Шефилд) се очекуваат да бидат меѓу тимовите со најслаби одбрани сезонава.

Лука Дињ (6,0)

Само тројцата Ливерпулци (Ван Дајк, Робертсон, ТАА), тројца Челзиевци (Давид Луиз, Алонсо и Аспиликуета) и Лапорт донесоа повеќе поени од Лука Дињ минатата сезона; од нив, само ТАА и Алонсо изиграа помалку минути. Доколку не биде повреден, оваа сезона Дињ се очекува да биде сигурен стартер, па оттука и би требало да донесе уште повеќе поени од лани (158, 22 бонус). Сезоната ја заврши со 4 гола (израмнет втор најдобар дефанзивец зад Шејн Дафи, 5,0, со 5) и 5 ФПЛ асистенции (4 реални; поделено петто место по оваа статистика), со, во просек, 1 шут и 2 клучни паса по натпревар. Следат најпривлечните статистички податоци: само Дафи и Патрик ван Анхолт (5,5) од дефанзивците имаа повеќе шутови во рамки на гол од Дињ (кој имаше вкупно 10 во текот на сезоната) и ниту еден одбранбен играч немаше повеќе обиди за асистенција од Дињ. Само за споредба, најдобрите лански дефанзивци, Робертсон и ТАА, имаа по 49 и 48 редоследно, а Дињ имаше дури 70! Додадете го на тоа и фактот што играше многу помалку од нив, како и исклучително добро изградениот удар од слободен и имате еден играч што не би смееле да го прескокнете. Четвртина од Фантази тимовите го имаат во првичните скици.

Гилфи Сигурдсон (8,0)

Гилфи Сигурдсон е седмиот најбиран играч од средината на теренот засега (присутен во една седмина од сите пријавени тимови на ФПЛ). Податокот е оправдан тројно: и од лесниот воведен распоред на Евертон и од неговиот потенцијал и од ланската статистика. Сигурдсон играше во секој од 38-те меча минатата сезона (вкупно 3.127 минути) и донесе 182 поени (20 бонус), благодарение на 13 гола и 6 асистенции. Имаше, во просек, 2,5 шута (по 1 во рамките на голот) и 2,2 клучни пасови по натпревар. Во рамки на неговиот ценовен опсег, Заха (7,0), Бернардо Силва (8,0) и Фрејзер (7,5) се поприсутни во тимовите за прво коло, но Сигурдсон, во најмала рака, би требало да ги покрие бодовно во текот на првите неколку кола. Имајќи им ги предвид цените, не би нè чудело да видиме многу тимови што би имале по двајца од оваа четворка на почетокот на сезоната – особено ако Фрејзер и Заха станат дел од некои поголеми клубови до крајот на трансфер рокот.

Ричарлисон (8,0)

Исто како и својот соиграч Сигурдсон, Ричарлисон постигна 13 гола лани, но заостанува зад Исланѓанецот во речиси секоја од останатите категории, па не е ни чудно што на крајот донесе дури 29 поени помалку (153 вкупно, 12 бонус). Марко Силва (кому Ричарлисон му е еден од омилените играчи) често експериментираше со неговата позиција, но сосема ретко идејата да го игра како најистурен напаѓач се исплатеше. Проблемот за почетокот на сезоната е што можеби Силва и нема да има некој голем избор доколку Евертон не донесат нов напаѓач. Ричарлисон е помалку ефективен кога игра напред, па често и не ги доигруваше овие натпревари: до крајот на сезоната, одигра дури 500 минути помалку од Сигурдсон (2,678 вкупно). И покрај тоа, малку играчи се поексплозивни од него, па не е воопшто чудно што фигурира во една десетина од Фантази тимовите засега.

Заклучок

Според нас, не е нималку паметно да ја почнете сезоната без Дињ: би требало да донесе бодови и на двата краја. А ако се двоумите меѓу Сигурдсон и Ричарлисон за средината, статистиката вели дека е попаметно да одите со првиот кога веќе цената им е иста.