Анализи на минатата сезона: Вулверхемптон Вондерерс

Најпријатното изненадување минатата сезона. Ланскиот новајлија кој во сезоната 2017/18 доминантно успеа да влезе во елитата, докажа дека може многу повеќе од само борба за опстанок. Поддржан од новите стабилни сопственици, Вулвси импресионираа во Премиер лигата во која не беа уште од испаѓањето во 2011/12. Ангажманот на Нуно Еспирито Санто се покажа клучен. Португалецот по освојувањето на Чемпионшип, отиде неколку скалила погоре, освојувајќи го седмото место минатата сезона, што им овозможи и плејоф место за Европа лигата оваа сезона. Со стартен систем од 3-4-3 кој потоа се претвори во 3-5-2, Вулверхемптон не менуваа многу во својот воспоставен стил на игра, кој на крајот резултираше со 47 дадени голови и 57 бодови. Тимот беше многу блиску да игра и финале на ФА купот, но на крајот тоа место му припадна на Вотфорд. Сепак, останува фактот дека тимот кој се движи на португалски погон, беше вистинско освежување, како за фудбалските терени така и за ФПЛ менаџерите.

Клучни статистики

Еден од португалските асови, инаку актуелен португалски број 1, Руи Патрисио (5,0) беше донесен како звучен играч, со кого требаше да се појача одбраната. Тој тоа го спроведе со 8 клиншита, од вкупно 9 на својата екипа, па тимот во просек примаше по 1,21 голови по натпревар. Средниот ред ја имаше топката во свој посед 47% преку кој се создаваа шанси за 12,5 шутови по натпревар (4,0 во рамки на гол), односно за 1,24 голови по натпревар.

Статистика по играч

Подготовка за прво коло

Вулверхемптон има доста тежок распоред на стартот. Отвораат со Лестер на гости, па на нивниот стадион доаѓа Манчестер Јунајтед, и во третото коло им следува за нијанса полесен натпревар – дома со Барнли. Во четвртото и петтото коло, прво патуваат на Мерсисајд против Евертон, за потоа да го пречекаат Челзи. Тоа дава распоред да се сретнат со три екипи кои ќе претендираат за највисок пласман, во првите пет кола. Сепак, доколку се навратиме во минатата сезона, доказ за тоа колку добро играше тимот на НЕС, е фактот дека Вулвс победија четири од споменатите пет противници, а беа поразени само од екипата на Лестер.

Пик #1: Мет Доерти (6,0)

Десниот офанзивен бек на портокаловите, беше еден од најдрагоцените ФПЛ откритија минатата сезона. Ирската „двојка“ одигра одлична сезона, при што освои 144 (12 поени) вкупно 8 клиншита, 4 гола, 7 асистенции и 38 креирани шанси за гол. Со тоа беше втор најпродуктивен играч во својот тим, зад Раул Хименез (7,5) со 181 поен, додека пак на листата на сите одбранбени играчи пред него беа вкупно десет, но само двајца Лука Дињ (6,0) и Рикардо Переира (6,0) кои не доаѓаа од големата „шесторка“.

Пик #2: Диого Жота (6,5)

Брзоногиот португалец е еден од десетмината играчи, на кои ФПЛ им ги смени позициите оваа сезона. Минатата сезона, како ФПЛ средњак почна поповлечено, за како што сезоната се движеше кон крајот, така и неговата форма и статистика одеа во нагорна линија. НЕС му ја најде вистинската позиција, а таа беше во нападот како најголема поддршка за најистурениот Хименез. Така Жота стана втор асистент и втор стрелец на тимот, со 139 (13 бонус) поени вкупно – или 4,7 по натпревар – 9 гола, 8 асистенции и 26 креирани шанси за гол, со што беше трет најпродуктивен ФПЛ играч во својот тим. Годинава ќе настапува како напаѓач.

Пик #3: Раул Хименез (7,5)

Раул со Жота во тимот

Раул без Жота во тимот

Најефективниот „волк“ минатата сезона настапуваше во портокаловиот дрес како позајмен играч од Бенфика, но оваа сезона неговиот договор беше откупен за 30 милиони фунти. Мексиканскиот интернационалец стана вистински миленик на домашната публика, а тоа го потврдува и неговата статистика од 181 (31 бонус) поен вкупно – 5,2 по натпревар, со „дабл-дабл“ 13 гола и 10 асистенции, а згора на тоа беше и втор по бројот на креирани шанси за гол во својот тим (42) зад Жоао Мутињо (5,5) со 85, а придодаде и 111 шутови кон противничкиот гол (35 во рамки на голот) од кои 51 биле од опасната зона. Годинава повторно ќе биде прва виолина во нападот на тимот, но за неговата форма сигурно битен фактор ќе биде и улогата на Жота, со кого одлично соработуваа минатата сезона.

Заклучок

Сезонава некако нема логика да се троши (6,0) на Доерти. Моменталната повреда на коленото е надополнета и со тешкиот распоред на почетокот. Доколку сакате да имате играч од Вулверхемптон, подобро погледнете во офанзивните делови. Средњаците Мутињо и Невес како изведувачи на прекините, или евентуално Леандер Дендонкер (4,5) како петти средишен играч. Сепак сите пикови, очекувано ќе бидат на Жота и пред сè Хименез, кој е меѓу најселектираните играчи во овој момент.