Анализи на минатата сезона: Арсенал

Пост-Венгеровата ера донесе многу поделени мислења. Првата сезона по повеќе од 20 годишното владеење, можеби беше дочекана со одушевување на оние кои едвај чекаа да му го видат грбот на французинот. Бордот на директори одлучи за негов заменик да биде поставен Унаи Емери. Човекот кој претходно беше донесен во Париз како специјалист за европски трофеи, за волја на вистината во второто по ранг европско натпреварување, но тогаш како главен спојувач на мозаикот наречен – тим за освојување на Лигата на шампионите. Но тоа заврши неславно, се сеќавате на неверојатниот пресврт од 6:1 на реваншот на Камп Ноу, иако од дома однесоа чисти четири, па по крајот на сезоната баскиецот се пресели во северен Лондон.

Главната амбиција на Арсенал беше влез во топ 4, и одење по добро познатата патека на Емери – титула во Европа лигата. Но, и на двата фронта, не беше испорачан посакуваниот резултат. Арсенал заврши петти со 70 бодови, 18 бодови зад шампионот, но што е најболно, само еден помалку од нивниот најомразен градски ривал Тотенхем, кој го зграби последното место што води во најелитното европско натпреварување. Тимот постигна 73 гола а прими 51, што е само за еден даден гол повеќе во однос на последната сезона на Венгер. Најголемиот проблем на Арсенал и понатаму беше одбраната, и секако гостинската форма. На гости освоија само 25 бодови наспроти домашните 45, и примија 35 гола наспроти само 16 на Емирати. Доказ за нивото на одбраната на топџиите е само едниот гостински клиншит во текот на целата сезона 2018/19.

Клучни статистики

Веќе го спомнавме едниот гостински клиншит. Севкупно беа 8, што дава просек од 1,34 примени голови по натпревар. Емери го промени стилот на кој играше Арсенал со Венгер, па играта со голем посед на топката не беше толку изразен како што бевме навикнати порано. Сеуште добар процент 58%, со изразени кратки проигрувања од 90%. Напаѓачите беа подобриот дел од тимот, и во просек постигнуваа по 1,9 голови по натпревар. Арсенал просечно шутираше по 12,3 пати, од кои во просек 4,5 одеа директно кон противничкиот гол.

Статистика по играч

Подготовка за прво коло

Топџиите имаат незгодно отворање на новата сезона: прво му гостуваат на Њукасл и новиот менеџер Стив Брус, па го пречекуваат Барнли, за во третото коло да гостуваат на Енфилд каде лани добија петарда. Веднаш по првото дерби, следува и второто, за нив најголемото и најзначајното, кога на Емирати против Тотенхем ќе биде одредувана бојата на северен Лондон. Првите пет кола ги затвораат со уште едно тешко гостување против минатогодишниот финалист во ФА купот – Вотфорд. Интересно, минатата сезона Арсенал успеа да ги добие сите овие противници, освен споменатиот висок пораз од 5:1 во Ливерпул.

Пик #1: Бернд Лено (5,0)

Во отсуство на квалитетен и константен дефанзивец, ФПЛ.мк одлучи да го пикира германскиот голман како најстабилна одбранбена алка во тимот. Минатата сезона освои 106 (5 бонус) поени вкупно – или 5,8 по натпревар и 6 клиншита, што го направи и трет најпродуктивен ФПЛ играч во тимот, веднаш зад напаѓачкиот тандем Обамејанг-Лаказет. Сепак тоа беше доволно да се најде само на 12-то место меѓу голманите по бројот на освоените поени, но бројот на одбрани го донесе на 4-та позиција, нешто што им дава надеж на ФПЛ менаџерите при неговиот избор оваа сезона.

Пик #2: Пјер-Емерик Обамејанг (11,0)

Најуспешниот и најпрецизниот топџија минатата сезона, и еден од трите имиња што ја поделија златната копачка (заедно со Садио Мане (11,5) и Мохамед Салах (12,5) од Ливерпул). Габонецот постигна скор од 205 (32 бонус) поени вкупно – или 5,8 по натпревар – 22 гола, 7 асистенции и 33 креирани шанси за гол, со 93 шутови кон противничкиот гол од кои 42 биле од опасната зона. Со тоа беше и најпродуктивен ФПЛ напаѓач, во неговата прва целосна сезона за тимот кој му го додели дресот со број 14, со надеж дека може да повтори дел од перформансите на големиот Тјери Анри.

Пик #3: Александре Лаказет (9,5)

Лаказет со Обамејанг во тимот

Лаказет без Обамејанг во тимот

Вториот бомбардер во тимот. Французинот како да беше во немилост на новиот менаџер, па често беше заменуван рано во вторите полувремиња, особено во првиот дел од сезоната. Како што таа одминуваше, Емери како да сфати дека Арсенал е поубоит со двајца напаѓачи на теренот, иако во тој случај Обамејанг делуваше повеќе како странична поддршка за Лаказет. Тие двајца обожуваат да играат заедно, и тоа не го кријат, бидејќи се големи пријатели и вон теренот. Арсеналовата „деветка“ минатата сезона заврши со 166 (20 бонус) поени вкупно – или 5,4 по натпревар – 14 гола, 12 асистенции и 31 креирана шанса за гол, со 82 шутови кон противничкиот гол од кои 38 биле од опасната зона.

Заклучок

Одбегнувајте ја одбраната на Арсенал. Самиот факт дека немаат ниту еден дефанзивец кој вреди повеќе од 5,5 кажува многу. Можете да се обидете единствено со Лено, кој е квалитетен голман и на таква одбрана сигурно ќе има доста одбрани по натпревар. Исто и за средината. Почекајте да видите дали Даниел Себаљос (5,5) и Никола Пепе (9,5) добро ќе се вклопат во новата средина. Но, кога е нападот во прашање, слободно пукајте. Обамејанг и Лаказет гарантираат голови, но дали тие ќе дојдат уште на самиот старт, останува да видиме.